(Архива) Набавка на „камери“ со европски пари за „сензори“: ДЗС купи противпожарен систем од фирма стара неколку дена

Иако не беше многу одамна кога пожарите пеплосаа 450.000 кубни метри шуми, пред неколку месеци ревизорите констатираа дека стратегија за борба со пожари нема. Единствено што се споменува е каков европски проект е земен за инсталирање современи системи за рана детекција на пожарите. Со европски пари од речиси милион евра, ваков систем набавила и Дирекцијата за заштита и спасување, но, според документацијата што ја обезбеди „Фокус“, избраниот конзорциум гравитирал околу фирма формирана 5 дена по објавувањето на тендерот додека партнерските општини побарале поништување на постапката

by fokus

Текстот е објавен на 20 мај 2023 година во неделникот Фокус со број 1441

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Владата во 2018 година донела Уредба за знаците за тревожење и постапките на населението, преку инсталирани сирени од системите за тревожење.

Но, оваа уредба не е применлива, бидејќи овој систем датира од 1980 година и не е функционален, констатирал Државниот завод за ревизија во најновиот извештај за функционирањето на системот за управување со пожари.

Во минатото низ целата територија на државата и преку акустична студија било предвидено да се покријат сите населени места. Но, последните набавки на сирени биле во 1990-тите и преку нив по далечински пат можело да се пренесе говор.

Во исправна состојба се околу 80 отсто од сирените, но поради новите комуникациски технологии и ограничените можности за далечинско управување, сирените не функционираат, освен со поединечно вклучување конкретна сирена.

Нема сознанија за точниот датум кога сирените последен пат биле вклучени, но, како што кажуваат одговорните лица, тоа било пред повеќе од 20 години.

Во Националната платформа е наведено дека е неопходна обнова на целокупниот систем за тревожење, негова функционалност и модернизација, со вклучување современи методи на комуникација преку користење телефони, интернет и социјалните мрежи.

Сега, при пожар на отворено или шумски пожар, треба веднаш да се известат надлежните служби на бесплатните телефонски броеви за итни повици 193 (Бригадата за противпожарна заштита) или 195 (ЦУК).

Од февруари 2022 година, во рамките на ЦУК е воспоставен единствен комуникациско-информативен систем со единствен број на повик-јавување во случај на ризици, опасности и други несреќи на целата територија на Републиката – 112, која работи 24 часа, секој ден во неделата.

Но, денес во земјите низ светот, операторите не чекаат повици и пријави за пожари, туку сѐ им е пред очите во видеособата, од каде што гледаат каде има чад или оган, односно каде гори. Ваков систем инсталираше Хрватска и тврди дека пожарите и штетите се сведени на минимум.

Станува збор за напреден компјутерски алгоритам што ги следи подрачјата преку надзорни камери поставени на предаватели на високи места. Функционира деноноќно, денски се лоцира чадот, а навечер отворен оган.

Пред две години, околу 150 шумски пожари изгореа речиси 450.000 кубни метри шума. Проценката е дека штетата надмина 30 милиони евра, а за ова единствено обвинителството отвори постапка за сервисирањето на противпожарните авиони.

Воздухопловните канадери наречени „ер трактор“, кои имаат капацитет да наполнат три тони вода и кои од небо требаше да ги гаснат пожарите, останаа приземјени кога гореше речиси цела Македонија.

СИСТЕМ ЗА ПОЖАРИ

Тогаш, од Дирекцијата за заштита и спасување открија дека канадерите не биле во функција две години зашто немало кој да ги сервисира, односно немало фирма што е овластена за да им направи сервис.

И додека ревизорите во февруари објавија дека системот за управување со пожари не функционира и дека не се обезбедени целосни услови за превенција и рано предупредување во случај на пожар на отворен простор, навремено оперативно дејствување при нивно гаснење, ДЗС спровела меѓународен тендер за инсталација на систем за рано предупредување од пожари.

Во јавноста воопшто не се знае дека е спроведен ваков тендер и немало никаква информација за овој систем за превенција.

На барање од „Фокус“, Дирекцијата за заштита и спасување објаснува дека на 3 декември 2021 година потпишале договор со Европската комисија претставувана од Амбасадата на ЕУ во Скопје за имплементација на проектот „Development and implementation of a smart and sustainable integrated forest fire management system in the cross-border area (DISSIWMS)“.

За овој проект, аплицирала Дирекцијата, а нејзини партнери се општината Струга и Либражд. Вредноста на проектот е 946.285 евра.

Најголем дел од парите ги дава ЕУ, речиси 85 проценти, а остатокот го покриваат институциите што го имплементираат проектот, кој треба да се спроведе од 1 јануари 2022 година до крајот на 2024 година.

На 15 април минатата година, Дирекцијата објавила меѓународна постапка за избор на најповолен понудувач за набавка и инсталација на потребниот систем, односно „Систем за рано предупредување од шумски пожари“.

Постапката е доследно водена по препораките што произлегуваат од PRAG (practical guide on contract procedures for European Union external action). Во рамките на објавата, документацијата не беше обжалена од никого.

Постапката е објавена по насоките дадени во PRAG и во фаза на подготовка е консолидирана со нашите партнери, ЈС Струга и ЕУ Делегација – Скопје“, ни посочија од ДЗС.

Според информациите на „Фокус“, на јавниот повик учествувале две фирми, едната што нуди германски систем со сензори и камери и другата што нуди полски систем со камери.

Тендерот го добива конзорциум групиран околу фирмата „Смарт Д систем“ од Кавадарци, која, според податоците од Централниот регистар, е формирана 5 дена откако е распишан тендерот.

На прашањето на „Фокус“ зошто е избрана оваа фирма, од Дирекцијата објаснуваат дека таа е дел од македонско-полски конзорциум заедно со фирмите „Манта мониторинг“ и „СомкеД“, кои, како што велат, се еминентни производители на ваков тип опрема и софтвер со повеќе од 10 години искуство и добиени меѓународни признанија.

Оттука, за нив не е ништо спорно тоа што договорот го добива наменска фирма отворена 5 дена по тендерот, бидејќи законски тоа било дозволено.

Фирмата очигледно е отворена по добиените информации од ТЕД Европа дека има објавено повик за набавка на опрема и е од логистичка потреба за спроведување на проектот.

Конзорциум е дозволен инструмент во која било набавка со цел да се обезбедат сите услови што се побаруваат во тендерското досие“, велат од ДЗС.

ТЕНДЕР ЗА НОВА ФИРМА

Другата фирма што нудела поскап систем за превенција била компанијата Велком ДООЕЛ“ Скопје. Според информациите од Дирекцијата, оваа компанија не го добила тендерот затоа што немала писмен документ дека е официјално во конзорциум со германската компанија  IQ„Firewatch“.

Компанијата имала поскапа понуда, но нудела сензори. Според информациите на „Фокус“, скопската компанија имала писмо за поддршка од германската компанија, која, според ЕУ документацијата, било прифатливо.

Но, сепак, на 16 јуни минатата година, кога биле отворани понудите и кога бил избран македонско-полскиот конзорциум немалa никакви забелешки.

Воедно, „Фокус“ дојде до документи, според кои општините Струга и Либражд, кои се копартнери во проектот, имале низа забелешки за тендерот и барале дури и негово поништување.

Според забелешките што ги имале општините, направени биле битни пропусти при изготвувањето на тендерската документација, конкретно при дефинирањето на параметрите, односно карактеристиките на предметот на набавка во техничката спецификација.

Според нив, техничката спецификација била сменета, со што се сменила основната идеја на проектот, односно апликацијата со која е добиен овој проект.

Тендерската документација во оваа јавна набавка се базира на „Камери“, а не на сензори, сензорски единици, сензорски софтвер за откривање пожари на долг дострел во погранична зона. Зборот сензор не е евидентиран во техничката документација.

До Дирекцијата упативме прашање зошто во тендерската документација недостасува техничка спецификација, и тоа:

Wildfire Detection Workplace Based Control System со компоненти на хардвер и софтвер за работа на системот;
– Wildfire Detection Optical Sensor Unit со Компоненти за рано откривање шумски пожари, со употреба на оптички и ротирачки сензори;
– Tower Control Unit со компоненти за работа на системот во сите временски услови?

Притоа, од Дирекцијата не одговараат конкретно, но во неформалните разговори објаснуваат дека овие камери функционираат исто како сензори.

Дирекцијата за заштита и спасување е најодговорна за набавката, одржувањето и одржливоста на системот. ДЗС несебично со својот персонал се залагаше системот да добие непрекинато напојување од сончеви колектори, безбедни локации за поставување и обезбеди договори и Меморандуми за разбирање со МВР, ОнеТелеком – Албанија и Националната Агенција за Цивилна заштита на Албанија“, велат од ДЗС.

Од таму додаваат дека сензорите се набавени и се пуштени во функција, а моменталниот сет опрема, како што посочуваат, е нешто што широко се употребува во други земји.

На прашањето зошто тендерската документација во оваа јавна набавка се базира на камери, а не на сензори, сензорски единици, сензорски софтвер за откривање пожари на долг дострел во погранична зона, од Дирекцијата ни одговорија:

Најклучен детаљ е следното. Чувствителноста на системот да е на минимум растојание од 15 километри и да се покријат 4 точки (по две од страна). Техничката спецификација не ја обжали ниту една од 480-те фирми што ја прегледаа тендерската документација“.

ПЛАНОТ Е ДЕКА НЕМА ПЛАН

Според изработениот план за набавки, засега монтирана е опрема на четири точки, две во Албанија, две во Македонија, а се планира реновирање четири контролни соби, во Либражд, Тирана, Струга и Скопје.

Струга ја има отпочнато процедурата, додека Либражд и Тирана сакаат постапката да ја спроведе ДЗС. Сите тренинзи се во текот на втората година и ги менаџира Општина Струга, само експертите ги ангажира ДЗС.

Системот за комуникација е добиен од МВР на користење бесплатно, што значи дека на територијата на Македонија ќе се набавуваат само тетра радиостаници, а МВР ќе асистира со нагодување на истите – бесплатно.

Системот за комуникација во Албанија ќе се набави во третата година, со оглед на динамиката на исплата од ЕУ. Досега потрошени се 510 илјади евра од добиените пари.

Ниту една институција, ниту Центарот за управување со кризи, ниту Дирекцијата за заштита и спасување, ниту Министерството за земјоделство, иако побаравме, не ни доставија информација каде сѐ има инсталирано вакви современи системи за рана превенција од пожари.

И од „Македонски шуми“ по пожарите изјавуваа дека е потребно обезбедување смарт-системи со сензори за рано детектирање пожари. Но, од сирените наваму нема никаков план како државата би се справила со пожари ако почнат да се шират неконтролирано како летото 2021 година.

Според ревизорите, од 2018 година не е донесена Национална стратегија за заштита и спасување за период од пет години и годишни програми за заштита и спасување.

Во 2019 година, владата има усвоено Национална платформа за намалување ризици од катастрофи, но за периодот од 2019 до 2021 година не е донесен Акциски план.

Со Законот за шумите предвидена е обврска да се донесе Национален план за управување со пожарите на отворен простор, кој и по 9 години  од востановувањето на обврската за негово носење, сѐ уште не е донесен.

За спроведување на Националниот план, во 2013 година требалo да се формира Национален комитет. Сепак, тој не е формиран, а во нацрт-верзијата на новиот Закон за шумите, кој е во подготовка, ова тело не е предвидено.

Ревизорите истакнуваат дека важечката Методологија за содржината и начинот на проценување на опасностите и планирање на заштитата и спасувањето е донесена во 2006 година.

Според нив, таа не посветува внимание на делот за разработување за начинот и постапката на процесот на мапирање, анализирање и проценување на ризиците, како и не содржи временска рамка во која е потребно да се изврши ажурирање на процената.

Што значи дека државата планира да нема пожари веќе низ Македонија.

ЈАСЕН“ СО ГЕРМАНСКИ СИСТЕМ ПРОТИВ ПОЖАРИ

Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменската област „Јасен“, во јули 2021 година го пушти во употреба најсовремениот европски систем за рано откривање чад и оган за заштита на животната средина во заштитеното подрачје. Овој систем беше инсталиран во 2020 година.

Се работи за современ германски систем вреден 100.000 евра, за што јавното претпријатие обезбедило пари од европските ИПА-фондови. Овој систем го спровела германска компанија претставувана од скопската компанија „Велком“, која не е избрана на меѓународен тендер, туку во поедноставена постапка, јавна набавка со поканети понудувачи за учество, согласно претходно истражување на пазарот во Македонија.

Оваа компанија е одбиена од Дирекцијата за заштита и спасување, а наводно е регионален партнер на германската IQ „Fire watch“.

Од „Јасен“ објаснуваат дека во рамките оваа програма се набавил најсовремен систем за рана детекција на пожари преку

Беспилотни летала за спречување пожар, хардвер и софтвер за безжичен оптички сензор, систем за управување со сервери и бази на податоци, софтвер за рано откривање шумски пожари и управување и контрола на УВВ флота, веб-услуги со ГИС.

Јасен успешно го користи и применува новиот најсовремен систем за рана детекција на чад и пожари. Системот на оптички сензори со ротирачки механизам обезбедува поефикасна технологија за систем за детекција на пожар, која е насочена кон оптички надзор на шумските области со помош на специјализирани оптички сензори и автоматска анализа на слики, кои се генерираат од специјализирани алгоритми за анализа на податоци“, објаснуваат од таму за „Фокус“.

По реализацијата на овој проект, има и продолжение, за набавка на теренско возило за полесен пристап и навремена реакција при превенција на пожари со вграден противпожарен систем, специјална заштитна опрема за вработените и специјална опрема од тримери и моторни пили.

Фото: Илустрација

Поврзани новости