(АРХИВА) На Таравари никогаш не му пречела коалиција со ДУИ, тој нѐ напушти единствено заради лични интереси!

Новиот министер од Алијанса за Албанците успеа да влезе во решавање на предизвиците со медиумите, а декларативно е одлучен и да се соочи со преобемниот државен апарат, за кој признава дека е на грбот на работникот предолго време. Тој смета дека личните суети на Таравари биле пресудни за неодамнешните поголеми турбуленции, но задоволен е што не се остварило „пророштвото на Мицкоски“. Според него, најголемиот дел од партијата, сепак, останал со Села.

by Fokus

Интервјуто е објавено во неделникот „Фокус“ во бројот 1485

Разговараше: Дејан АЗЕСКИ

ФОКУС: Пред неколку дена беа донесени измени и дополнувања на Законот за медиуми, со кои се озакони субвенционирањето на печатените медиуми. Што точно ќе значат измените за печатените медиуми и новинарите што работат во нив?

БАЈРАМИ: Неодамнешните измени и дополнувања на Законот за медиуми, особено во однос на субвенционирањето на печатените медиуми, значат значаен чекор кон справување со предизвиците со кои се соочуваат националните весници во Република Северна Македонија.

Оваа законска измена, на предлог на Министерството за информатичко општество и администрација, и мене како министер, има за цел да се справи со прашања, како што се зголемените трошоци за печатење и дистрибуција, кои во голема мера им се припишуваат на ескалирачките цени на хартијата.

Со измените се воведува структурирана рамка за обезбедување финансиска помош за субјектите на печатените медиуми. Тоа вклучува разграничување на критериумите за подобност, процесот за аплицирање и формирање надлежна комисија задолжена да одлучува за барањата.

Понатаму, со измените се прецизира начинот на објавување јавни повици и се наведува процентот на трошоците што владата ќе ги покрие за трошоците за печатење и дистрибуција.

Со усвојување на овие одредби во Законот за медиуми, владата има за цел да ги институционализира механизмите за поддршка, со што ќе обезбеди долгорочна одржливост и на печатените медиуми.

Во суштина, овие измени најавуваат нова ера за печатените медиуми во Северна Македонија, карактеризирана со засилена финансиска стабилност и етичко новинарство.

ФОКУС: Субвенции за весниците има неколку години, но тие досега зависеа од волјата на владата. Со ова законско решение, за првпат се озаконува субвенционирањето на печатените медиуми. Зошто било потребно толку време за да се озакони ова решение?

БАЈРАМИ: Јас како министер сум нов, но МИОА не е ново! Процесите во МИОА ниту почнуваат со мене, ниту ќе завршат со мене! Сите проекти, кои имаат за цел зајакнување на демократијата и ефикасноста во функционирањето на институциите, ќе продолжат без никаков застој.

Во Министерството, а и во Владата, подолго време биле свесни за проблемите со кои се соочуваат печатените медиуми и важноста што ја имаат во медиумскиот простор и потребата да се поддржат во овие тешки времиња, а истовремено оваа поддршка да биде транспарентна и да им овозможи предвидливост во нивните напори за преструктурирање. Јас само ги озаконив овие практики.

ФОКУС: Дали наидовте на пречки против ова законско решение и од кои политички партии ова законско решение доби поддршка?

БАЈРАМИ: При носењето на овие законски измени немаше некое поголемо противење, имајќи го предвид фактот дека состојбата е добро позната и мерките што ги предлагаме се во рамките на тоа што е практика во многу држави со поразвиени медиуми. Конструктивниот дијалог беше од суштинско значење за надминување на пречките на кои се соочивме при формулирањето на ова законско решение.

КАМПАЊИ ОД ЈАВЕН ИНТЕРЕС

ФОКУС: Претходно во Собранието беа донесени и измени на Законот за аудиовизуелни медиумски услуги, со кој се враќаат кампањите во телевизиите. За овој закон имаше противници дека ова ќе значи поткуп на телевизиите. Кој е вашиот став?

БАЈРАМИ: Така е, со измените се враќаат рекламите и кампањите од јавен интерес во приватните аудиовизуелни медиуми. Вистина е дека против измените на овој закон беа сите новинарски организации, (ЗНМ, ССНМ, СЕММ, МИМ, ИКС, РЕСИС), кои сметаат дека тоа ќе значи политичко влијание и зависност на медиумите.

Сепак, не се во право, како прво постапката е исклучително транспарентна и утврдена со закон. Критериумите се однапред познати и подеднакво важат за сите. Законот го определува износот што ќе се издвојува, во висина од 0,1 отсто од државниот буџет од даночните приходи утврдени во последната усвоена завршна сметка на Буџетот, врз основа на однапред утврдени критериуми, како што се износот на платените даноци, придонесите и другите јавни давачки за претходната година, како и бројот на вработени.

Предвидените средства ќе се делат во сооднос, 40 отсто за националните телевизии, 40 отсто за кабелските и сателитските телевизии, 15 отсто за регионалните и локалните телевизии и 5 отсто за радијата. Како што може да се види, не се исклучува ниеден медиум и правилата важат за сите.

Противниците на овие законски решенија имаат поинакви видувања и бараат да се формира фонд за плурализам во медиумите, што како размислување има свои добри страни, но да почекаме да видиме како ќе се покаже оваа решение, а ние ќе бидеме отворени да разговараме за оваа прашање, ако времето покаже дека е проследено со одредени слабости.

ФОКУС: Реалноста е дека медиумите тешко опстануваа без државна помош, без финансии од бизнисите на нивните сопственици или, пак, пари од странските амбасади. Од друга страна, независните медиуми се потребни за здраво општество. Имате ли визија како медиумите да застанат на здрави нозе?

БАЈРАМИ: За жал, реалноста е таа и не е розова! Не само медиумите, на сите им е тешко во оваа држава!

Тешко им е на наставниците, на лекарите, на медицинскиот персонал, на административните работници, на уметниците и на многу други, да не продолжам да ги редам уште долго, но најтешко им е на бизнисите, работниците и на земјоделците, кои треба да ја издржуваат оваа огромна армија на луѓе, кои реално живеат од трудот на овие трудово-интензивни занимања!

Време е да признаеме дека во Република Северна Македонија не се остварува доволна додадена вредност за да се обезбеди пристоен живот за сите. Затоа и луѓето ни бегаат, работникот е изморен, влечејќи на свој грб неколку вработени во непродуктивни јавни институции.

И со медиумите е истата состојба, како и со универзитетите, уметниците, јавните институции и многу други сегменти, кои ги има премногу, а ни недостасува квалитетно образование, во служба на развојот, некорумпирани политичари, судии и службеници, мотивирани административци, висококвалификувани работници и многу други чинители, кои го комплетираат овој сив пејзаж, кој ни ја убива волјата, довербата и желбата секој од нас да го даде тоа што најдобро го знае!

Медиумите мора да се прашаат колку се самите виновни за оваа состојба во која се наоѓаат, колку се објективни и непристрасни, колку се професионални во својата работа? Колку самите се извор на дезинформации и лажни вести, колку самите се ставаат во служба на одредени политички или бизнис-интереси?

Со чесни исклучоци ги има многу, кои ја зголемуваат недовербата во медиумите, со што директно се ослабнува нивната положба и се губи довербата и поддршката.

Сепак, јас како функционер најмногу се залагам за следење на европскиот пат. Основна задача на Министерството за информатичко општество и администрација е да постигне целосно усогласување со правото на ЕУ, и од таму да ги преземам добрите практики.

Значи да заклучам, институциите на државата покажаа дека ја поддржуваат нивната работа, и покрај сите предизвици со кои се соочуваме, но доколку не ја искористат оваа шанса, отпорот и недовербата ќе растат, а поддршката ќе се концентрира само на поквалитетните, професионалните и независните новинари, другите кои се служат со дезинформации ќе останат на ниво на субјекти, кои профитираат од социјалните медиуми ширејќи дезинформации и лажни вести.

Сепак, и самите медиуми треба да бараат алтернативни начини на финансирање, како што се претплатите, рекламите и спонзорствата, како и финансирање од донатори, кои го ценат независното новинарство како јавно добро.

Во крајна инстанца, од суштинско значење е медиумите да ја задржат својата уредувачка независност и да обезбедат веродостојно новинарство засновано на факти, без оглед на моделот на финансирање.

РЕФОРМА НА АДМИНИСТРАЦИЈАТА

ФОКУС: Администрацијата е рак рана на нашата држава во сите овие триесет години. Како релативно нов на функцијата, како ја оценувате состојбата во овој сегмент?

БАЈРАМИ: На јавната администрација неминовно ѝ е потребна реформа. Но, притоа треба да се направи разлика меѓу целиот јавен сектор и органите на државната управа.

Ако се гледаат бројките на јавната администрација, секако дека се добива впечаток на превработеност и нефункционалност, но ако ги анализираме трендовите во министерствата и органите на државната управа, ќе се забележи намалување на бројот на вработени, односно одлив на стручен кадар, а тоа е моторот на државата и потребно е да се направат коренити реформи во насока на ефикасност и ефективност на државниот апарат.

Повторно и во оваа област треба да ги следиме европските препораки и нашата администрација да може да одговори на реформската агенда и планот за раст на државата.

ФОКУС: Дали постои реално одржлив начин на среден рок да добиеме функционален државен апарат со адекватен број вработени согласно големината на државата?

БАЈРАМИ: Се разбира дека постои. Првиот чекор треба да се случи со реформите, кои треба да се случат со законските измени, кои се во собраниска процедура.

Со нивно усвојување ќе се направи првиот чекор, кој би требало да овозможи ослободување на администрацијата од политичко влијание, напредување во службата базирано на резултатите од работењето, елиминирање на несоодветните кадри изгубени во лавиринтите на администрацијата, соодветна обука и дообразование, предвидливост во службата и мотивирање на успешните, како и демотивирање на неуспешните.

Неприфатливо е да се третираат исто работниците што се носители на работите во рамките на институциите со неработниците што се заталкани и кои не се во состојба да извршуваат најелементарни задачи.

Овие реформи ќе продолжат со воведување е-дигитализација, процес кој ќе се одвива под менторство и финансиска асистенција од Европската комисија, која треба да биде од помош за да зачекориме во новата ера на дигитализација.

ФОКУС: Опозицијата најавува поделба на вашето министерство ако дојде на власт. Дали е тоа практична идеја?

БАЈРАМИ: Имајќи предвид дека Министерството за информатичко општество и администрација има три големи области за кое е надлежно, а притоа станува збор за институција што е поддршка за работата на целата јавна администрација, како во областа на администрацијата, така и во областа на дигитализацијата на процесите и медиумите, лично сметам дека се потребни реформи за да може институцијата да одговори на предизвикот – усогласување со правото на ЕУ, поглавје 10 и целосна имплементација на препораките.

Реформските процеси генерално во државата секогаш се поврзуваат со автоматизација на процесите, ослободување од политичко влијание и реформирање на администрацијата, па од тука и јас лично сметам дека е потребно да се реорганизира институцијата и да се насочи кон создавање ефикасна администрација, која е во служба на граѓаните и стопанството.

Но, не сум сигурен дека поделбата и создавањето нови институции ќе биде во насока на исполнување на целите.

ПРИЧИНИ ЗА РАСКОЛОТ

ФОКУС: Вашата партија помина турбулентен период во последниот месец. Како дојде до тоа и каква е сега состојбата?

БАЈРАМИ: Политичката организација Алијанса за Албанците поминала низ доста политички предизвици, но ова последното беше една од потешките затоа што беше удар однатре, од луѓето за кои сметавме дека можеме да им веруваме.

Да бидам искрен, не дека немавме сознанија за девијантните појави предводени од Арбен Таравари, бидејќи во периодот кога со партијата раководеше Таравари, партијата изгуби кауза, почна да ги губи и идеолошките вредности за кои бевме создадени како политичка партија.

ФОКУС: На што поточно мислите?

БАЈРАМИ: Прво, Таравари со неговите луѓе, и додека беше секретар на партијата, сакаше и настојуваше измени, па дури и програмски и идеолошки, што наиде на голем отпор од претседателот Зијадин Села и од целото раководство на партијата.

Моментот кога тој стана претседател на партијата, почна со кампања за елиминација на луѓето на Села, луѓето што ја создадоа и донесоа партијата на ниво да биде партија претставена со ограноци и подограноци на сите населени места каде што живеат Албанци.

Второ, моментот кога АА стана дел од парламентарното мнозинство, Таравари настојуваше како дел од извршната власт да бидат негови луѓе, а тие претежно беа негови лични познаници, а не луѓе што придонеле за партиските процеси, а и општо за политичките процеси низ кои помина државата.

Затоа, кога вели дека тој не напуштил поради што наводно некој сакал да оди со ДУИ е ноторна лага, нему не му пречеше ДУИ кога владееше заедно, немаше да му пречи ни коалиција со ДУИ, туку едноставно сакаше на листите за следните парламентарни избори да ги нема луѓето што најмногу придонесоа за партијата, а тие беа гласните и вредни пратеници на АА, кои и за време на опозиција придонесоа многу за политичкиот концепт на Алијанса за Албанците да се истакне, и се изборија тие наши политики да добијат конкретни решенија, како на пример Законот за државјанство.

Трето, симптоматично е што лидерот на македонската опозиција, претседателот на ДПМНЕ, неколку недели пред Таравари да избега од партијата, најави дека тоа може да се случи. Симптоматично е тоа навистина, и создава сомнеж дека неговото бегање било однапред испланирано, изгледа Таравари цело време се координирал со Белата палата и со Христијан Мицкоски, ова уште повеќе ги разочара членовите и симпатизерите на АА, и видовте дека мал дел од членството избега со него, и не му се исполни „пророштвото“ на Мицкоски дека „мал дека ќе остане од Алијанса“, напротив најголемиот дел од членството, симпатизерите, раководството и пратениците останаа во Алијанса на Албанците, а тоа можевте да го видите и со масовните собири на партијата, во Скопје, Куманово, Тетово, Дебар, Кичево, Струга, Врапчиште и во други помали ограноци.

Алијанса ќе продолжи силно и победнички во идните политички збиднувања во земјата.

ФОКУС: Како го оценувате чинот на доаѓање на првиот Албанец на функцијата претседател на Владата и како првично ја оценувате неговата работа?

БАЈРАМИ: Уште кога како кампања ДУИ го промовираше како идеја за време на изборите 2020 година, ни начелно не бевме против, само што ги изразувавме нашите сомнежи и забелешки за искреноста на идејата и можноста да се имплементира.

Видовме дека по изборите на таа идеја се заборави и дека по тие избори премиер стана Зоран Заев, за потоа да разбереме за конкретниот дил меѓу СДСМ и ДУИ за премиер Албанец во преодната влада или како некој ја нарекува и техничка, за која јас лично не се согласувам така да биде наречена, бидејќи сите ние што сме дел од овој владин состав сме политички претставници.

Доаѓањето на г. Талат Џафери на чело на Владата, лично и како партија, сметам дека е чин на голема демократска зрелост, а, пак, неговата работа, лично јас ја оценувам како високопрофесионална и одговорна.  Џафери има долг стаж во политиката, и верувам дека до крај на неговиот мандат ќе покаже ефикасност, транспарентност и одговорност.

ФОКУС: Какви се Вашите предвидувања околу изборните резултати и како вашата партија ќе влијае на претстојните избори?

БАЈРАМИ: Алијанса за Албанците има одлука што сѐ уште е во сила, а тоа дека сама ќе настапи на претстојните парламентарни избори. Оваа недела ќе заседава и централното собрание и ќе се одлучи дали ќе биде потврдена првичната одлука или, пак, ќе биде прифатен некој друг предлог што може да произлезе во меѓувреме.

Поврзани новости