Текстот е објавен на 21 октомври, 2021 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1359
Деновиве во јавноста актуелно е истражувањето на ИРЛ „Нечиста крв“ за случувањата во приватната болница „Жан Митрев“ од каде што излегоа со шокантни сознанија, особено во периодот за време на ковид пандемијата. Од таму дојдоа до ексклузивни информации дека дел од пациентите, кои се лекувале таму фатиле и по неколку бактерии, кои никогаш не биле пријавени во надлежните институции, а во меѓувреме испадна дека целиот процес на хемофилтрација е експеримент.
Своевремено, „Фокус“ уште лани објави цел серијал на текстови, како дел од пациентите кои починаа во приватните и државните болници биле лекувани од ковид и колку од нив се жртви на несоодветно лекување, интрахоспитални инфекции и предозираност со кислород.
„Фокус“ располага со документи, имиња, презимиња и болнички истории на повеќе од 20 пациенти, кои починале од ковид 19. Нивните семејства обвинуваат за несоодветно лекување и тврдат дека правдата ќе ја бараат по судски пат. Од друга страна, дел од лекарите ги наведуваат и причините за алармантните бројки на смртност во земјава, која влезе во првите пет црни рекордери во светот
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Полека се доближуваме до бројката од околу 7.000 починати пациенти од опасниот вирус корона, откако повеќе од година и пол, Македонија ја тресе корона пандемијата. Според последните официјални податоци објавени на страната на ворлдометер, земјава е една од црните рекордери по смртност, поточно 3.343 починати пациенти на еден милион жители, со што влезе во првите пет држави во светот.
Иако бројката на заразени пациенти повторно почна да се намалува, сепак, бројот на починати редовно останува над 20 на дневно ниво. Во овие црни статистики не влегуваат пациентите што одлучиле да се лекуваат дома на своја рака, или ги „лекувале“ матични лекари по телефон. Тоа се само дополнителни бројки, кои воопшто не влегле во дневните извештаи.
Досега се бараа мал милион причини за да се оправдаат алармантните бројки, но како што поминува времето, така сѐ повеќе во вода паѓаат оправдувањата дека главниот проблем е само вирусот, кој коси низ целиот свет. Дури и самите лекари и медицинскиот персонал што работат во ковид-центрите го вклучија црвениот аларм – што всушност се случува?
Сепак, тоа што е уште пострашно во целата приказна е што дел од роднините на починатите пациенти излегуваат со страшни обвинувања за наводно несоодветно лекување, кое на крај довело до фатален исход. Па, да почнеме од почеток.
ТРАОРНИ КОВИД ПРИКАЗНИ
Заплетот на приказната почнува пред повеќе од една година, откако секојдневно извештаите на Министерството за здравство почнаа да се полнат со пациенти, жртви на корона вирусот. Тие бројки на дневно ниво стигнаа и до 45 починати пациенти, како вкупна бројка собрана од сите болници, и приватни и државни во земјава.
Редовно може да се прочита и за млади пациенти од 15 до 45 години, за кои како главно оправдување за фаталниот исход во 90 посто од случаите беше наведена дебелината.
Но, со текот на времето, атмосферата почна да врие, па повеќето од роднините на починатите пациенти почнаа да ги споделуваат своите траорни приказни.
Наша работа не е да бидеме суд, да обвинуваме и донесуваме судски пресуди, само наша граѓанска должност е на овие неколку страни да ја раскажеме трагичната судбина на пациентите.
„Фокус“ располага со документи, имиња, презимиња и болнички истории на повеќе од 20 пациенти, кои починале од ковид 19. Нивните семејства обвинуваат за несоодветно лекување и тврдат дека правдата ќе ја бараат по судски пат. Тоа што може да се забележи на повеќето документи се различните терапии што секојдневно им се давани, како и несовпаѓањата со тоа што биле информирани семејствата во однос на тоа што е наведено во болничките истории.
Некои од нив располагаат со целосна документација, а други, и месеци по трагичната смрт, не успеале да ги добијат документите на кои треба да е наведен патот на лекување на пациентот.
Една од жртвите на заразниот вирус е 51-годишната скопјанка Соња Ц. Цветановска, која починала во ковид-центарот во Градската болница „8 Септември“. Таа е мајка на две полнолетни деца. Нашата редакција располага со целата нејзина документација од почетокот на лекувањето, па сѐ до моментот кога починала, од тоа какви терапии примала, па сѐ до тоа како била лекувана.
Нејзината сестра Лидија Цаковиќ, и покрај огромната болка, ни ги раскажа во детали сите случувања и целото патешествие по здравствените лавиринти, кое почнало на 7 април годинава.
„Лекувањето на сестра ми беше како од хорор-филм. Од болница првично беше вратена во тешка состојба, со бронхопневмонија, ковид позитивна, со 38 температура, повраќање, главоболка, малаксаност. И беше дадена инфузија и антибиотици и беше пуштена дома.
По 4 дена викнав Брза помош и кога ѝ ја измерија сатурацијата, ѝ беше 55 и веднаш ја хоспитализираа. Но, нормално ни рекоа дека доцна сме ја донеле, иако тие претходно сами ја вратија дома. Првиот ден во болницата, на 12 април добила кислород на цевче и урбазон и имала минимално подобрување – раскажува Лидија.
Според неа, веќе следниот ден состојбата ѝ се влошила, а веќе два дена подоцна починала од срцев удар.
„Ковид-протоколот ја умре сестра ми. Вирусна бронхопневмонија лечеа со антибиотици, комбинирана антибиотска, кортикостероидна, антикоагулантна, диуретска, озоно терапија, бронходилаторна, витаминска и антивирусна терапија, како и инфузии на кристалоиди, хепатопротективна и коавалесцентна плазма.
Терапиите што ги добиваше направија хаос во нејзиниот организам. Претходно немаше никакви болести, а крвната слика ѝ беше релативно добра. Откако почнаа со ковид протоколот, здравствената состојба ѝ се влоши уште повеќе. На 15 април ѝ даваат 21 лек и ја ставаат на респиратор и за кратко почина од срцев удар. Ја спакуваа сестра ми во ќеса и толку беше. На крај ми рекоа, па таков страшен е вирусот – додава револтирано нејзината сестра.
Таа се обратила и до надлежните институции за да го проверат начинот на лекување на 51-годишната Соња, од каде што добила одговор дека секој лекар е самостоен во носењето одлуки за лекување на пациентите.
„Нашиот здравствен систем треба да се реконструира од корен. Некој треба да одговара за огромниот број починати пациенти. Додека сум жива ќе се борам за вистината и за тоа што ѝ се случи на сестра ми. Нема правда, нема мир“, додава Лидија.
НА НОЗЕ ОТИДЕ, А МИ ГО ПРАТИЈА ВО КОВЧЕГ ЗА 8 ДЕНА
Но, таа не е единствената која во нашата редакција ги раскажа своите сомнежи околу лекувањето од ковид 19.
Со повеќе од 60 документи во раце се обрати и струмичанката Клаудија Сакаова, која тврди дека нејзиниот сопруг со сопствено возило сам отишол во приватната болница „Жан Митрев“, а го вратиле во лимен сандак. Таа, лани во ноември го загубила сопругот како последица на корона вирусот.
„На 23 октомври лани, сопругот имаше треска. По 25-ти почувствува малаксаност и остана дома на боледување за да оди на лекар и да испита сѐ. Направи крвна слика, д-димери, рендген снимка и сѐ беше во ред, па остана само да земеме брис за да се види дали е ковид.
На 30 октомври се потврди дека е позитивен, а во периодот од 23 до 30-ти немаше никакви проблеми, освен малаксаност и блага температура. Тогаш, ние одлучивме превентивно да отиде во приватна болница да се лекува, имаше 46 години. Сѐ беше нормално, а сатурацијата му беше од 93 до 98. Тој отиде и на 30 октомври уплативме 12.000 евра депозит. Се слушнавме и ми рече дека му ставиле кислород, а кога го прашав зошто кога нема падната сатурација, рече дека не знае“, раскажува Сакаова за „Фокус“.
Таа додава дека не останала мирна и почнала да прашува по други доктори зошто го ставиле на 2 литра кислород. Според кажувањата, тие ѝ рекле дека животот не му е во опасност.
„Се слушавме редовно и ми вика овде е лудница, на секој саат умираат. На 3 ноември, јас и син ми отидовме во истата болница да ни земат и на нас брисеви и се договоривме со сопругот да излезе на прозорец да се видиме. Ние тргнавме на пат и се слушнавме десетина пати во меѓувреме. Кога му се јавив, ми вика не можам да станам, имам треска и температура 39. Не се видовме.
Ние се тестиравме и се вративме. Уште не стигната до патарина, ми ѕвонат од болницата и ми кажуваат дека е сѐ во ред и дека тој не качил температура, откако дошол кај нив. Кога ја прашав зошто ме лаже, ми вика мене докторот така ми кажа, јас не знам – објаснува револтираната сопруга.
Но, страшното допрва доаѓа. Истиот ден, подоцна ѝ се јавиле од болницата „Жани Митрев“ и ја информирале дека нејзиниот сопруг е во кома, по што, како што вели таа, шокирана прашала како тоа наеднаш се случило.
„Следниот ден пак ми вртат и ми кажуваат дека е ставен на респиратор. Јас ќе се онесвестам, па викам нели синоќа беше во кома. И така секој ден по двапати ми ѕвонат, сабајле е во кома, поручек на респиратор и сето тоа трае до 7 ноември.
Вечерта ми ѕвонат и ми бараат уште 5.000 евра за некоја нова метода, која ќе го подигнела на нозе. Викам, правете сѐ што треба. За цело време јас му пишувам на сопругот на вибер, се гледа дека пораките се прочитани, а одговор нема. Цело време лажат.
Прво ми рекоа дека првата хемофилтрација не е успешна, за подоцна да ми кажат дека воопшто немаат правено хемофилтрација. И кога викам како нема, ми викаат само 12 часа траело. Ми бараат само уште 1.000 евра“, вели Сакаова.
Веќе наредниот ден ја контактирал докторот, кој ѝ кажал дека има подобрување од методата и дека очекува да му се стабилизира состојбата.
„Не знаете колку бев среќна. Подоцна ми се јави сопругот, но ништо не го разбрав што зборува, освен што ми кажа дека се тресе. Тоа беше последен пат кога го слушнав. На 8 ноември ми ѕвонат за да ми кажат дека е стабилен, за само неколку часа подоцна, во три наутро да ми кажат дека е на респиратор. Во пет изутрина веќе ми изразија сочувство и дека ќе го пратат телото.
Јас целата шокирана. Цело време ја барам медицинската историја и успеав да ја земам по десет и пол месеци. Едно со друго не се совпаѓа. И како може еднаш да е во кома, па на респиратор. И како јаде појадок, ручек и вечера, ако е во кома – револтирано прашува сопругата, која додава дека додека дише ќе се бори и правдата ќе ја истера на виделина.
„Значи ќе одам до крај. Јас сега живеам за син ми и да докажам дека на мојот сопруг, тие му го скратија животот. Не почина од корона – вели Сакаова.
Со сомнежи за смртта на својот сопруг Зоран излезе и кумановката Сунчица Трендафилова, која со нашата редакција ги сподели и документите, но и смс пораките за периодот додека нејзиниот маж сѐ уште можел да комуницира.
Во самите пораки може да се забележи дека тој се жали на условите во болницата, дека два дена немало кој да му даде вода да се напие, му го украле мобилниот телефон. Тој починал на 58-годишна возраст на скопската Клиника за инфективни болести.
„Никакво човечко однесување, никаква грижа. Само нас во црно нѐ завија – вели Трендафиловска.
ПРИЧИНИ ЗА АЛАРМАНТНАТА СМРТНОСТ
Сепак, со текот на времето, како што се пролонгира ковид пандемијата, така и дел од лекарите почнаа да алармираат за страшната смртност од ковид 19 во земјава.
„Фокус“ поразговара со некои од нив, кои со нас ги споделија своите согледувања, односно кои, според нив, се главните причини за црните статистики, кои ја тресат земјава 18 месеци наназад.
Епидемиологот Драган Даниловски вели дека причините се комплексни, со оглед на тоа што здравствениот систем веќе подолг период е изложен на страшен притисок, кој едноставно веќе не беше во состојба да се издржи.
„Капацитетите на инфективните одделенија се преполнија. Почнаа да се прогласуваат за ковид центри одделни интернистички клиники. Се изградија модуларни болници. А, сето тоа проширување, без доволно персонал.
Едноставно, бројот на здравствени работници во нашиот здравствен систем беше димензиониран за нормални услови на функционирање. Се покажа дека тој не е доволен за вонредни состојби, каква што е пандемијава.
Неизбежно беше голем дел од здравствените работници да почнат да прегоруваат (феномен на „burn out”). Зашто, имаше случаи во одредени ковид центри за 50-60 тешки пациенти да се грижат само двајца доктори, две сестри, двајца болничари. Одделите за интензивна нега беа, исто така, преполни. Неизбежно беше нивото на квалитетот на медицинските услуги во државното здравство да не може да се одржи“, вели доктор Даниловски.
Според него, на преоптовареноста на здравствениот систем како дополнителна отежнувачка околност се надоврзало отсуството на протоколи за лекување што ќе имаат сила на законска обврска.
„Што значи, ако не се применуваат, кривично да се одговара. Зашто тоа го бара Законот за здравствена заштита (член 27, став 1:
„Здравствената дејност во здравствените установи од страна на здравствените работници и здравствените соработници задолжително се врши согласно со стручни упатства за медицина заснована на докази кои согласно со современата светска медицинска практика, ги утврдува министерот за здравство“).
Во отсуство на такви упатства, но и задолжителен надзор (член 27, став (3): „Надзор над вршењето на здравствена дејност согласно со стручните упатства од ставот (1) на овој член вршат Министерството за здравство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат…“) – додава епидемиологот.
Доктор Даниловски тврди дека секој доктор си давал терапија по свое, при што огромно мнозинство давале антибиотици сосема непотребно.
„Антибиотик не убива вируси. Ама ги убива бактериите на цревната флора – која го регулира имуниот одговор на пациентите. Без регулација, вирусот се однесува како во „авлија без кучиња“… со сите негативни ефекти врз исходот на болеста.
Од друга страна, свој удел имаше и огромната застапеност на хронични болести кај најголемиот дел од постарите ковид болни, што дополнително ја зголемуваше веројатноста за неповолни исходи“, додава Даниловски.
Од друга страна, доктор Владимир Ристовски од Градската болница „8 Септември“ вели дека и неквалитетното лекување игра голема улога за алармантните бројки.
„Мислам дека немањето протокол не е толку голем проблем. Можеш да го отвориш американскиот здравствен систем и да ги следиш нивните протоколи. Но, проблеми се лошо организираното здравство, немањето квалитет, недостигот од кадар. На пример, на интензивна нега во свет, во една соба има 12 кревети, кај нас има 28 кревети. Тоа е недозволиво – вели Ристовски.
Тој додава дека се треба да почне од примарното здравство, каде што дел од матичните лекари не ги ни гледаат своите пациенти, а не, пак, да ги лекуваат.
„Им се дава терапија преку телефон. Како може тоа? Дел од нив се кријат и со голи раце и слушалки само лекуваат. Мора да постои квалитет. За време на целата пандемија има лекари, кои воопшто не видоа ковид пациент“, додава Ристовски.
Според нашите информации, до Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Лекарската комора се поднесени претставки од куп граѓани, кои ги изгубиле своите најблиски од корона вирусот. На дел се извршени вонредни надзори, додека дел се во тек.
Рамка1:
СЕМЕЈСТВАТА НА ПОЧИНАТИТЕ ГИ ТУЖАТ ПРЕМИЕРИТЕ ВО ИТАЛИЈА И БРИТАНИЈА
Околу 2.000 семејства кои изгубиле еден или повеќе членови како последица на корона вирусот го тужат премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон со цел да спроведе јавна истрага за начинот на кој се лекувани починатите пациенти.
Исто така, членови на семејства на починати во Италија поднеле граѓанска тужба против првите луѓе во државата поради небрежност со справувањето со ковид пандемијата.
Рамка2:
Драган ДАНАИЛОВСКИ
ПРИВАТНИТЕ НАТРУПАА ОГРОМНИ ПРОФИТИ
Доктор Драган Даниловски вели дека за време на ковид пандемијата, ФЗО требало да воведе единствени цени за тестовите во сите лаборатории – државни и приватни.
„Не им ги признаваа трошоците за направените тестови во приватни лаборатории на граѓаните. Не можеа сите граѓани да си дозволат да платат од џеб тестирање во приватни лаборатории. И за многумина беше предоцна за лекување, кога ќе дојдеа на ред за тестирање во државните лаборатории – понекогаш чекајќи и по десетина дена…
Во услови на пандемија, мораше државното и приватното здравство да бидат ставени под иста капа – на државата! Лекувањето на пациентите со ковид 19 да биде на товар на ФЗО, независно дали пациентот се лекува во државно или приватно здравство – вели Даниловски.
Според него, приватните болници останаа надвор од контролата на државата.
„Се соочивме со ситуација на нееднаква достапност на здравствената заштита за сите граѓани. Се издиференцираа два паралелни здравствени система – државен и приватен, кој ја искористи шансата да натрупа огромен профит“, додава Даниловски.
Рамка3:
СЗО: КВАЛИТЕТНОТО ЛЕКУВАЊЕ Е КЛУЧЕН ФАКТОР
Клучен фактор што може да ја намали смртноста е високата стапка на вакцинација, но како важен фактор е и квалитетот на лекување и медицинската нега на пациентите со ковид, вели доктор Кејти Смолвуд од СЗО за ТВ 24.
–Работата која СЗО ја врши со колегите од Македонија е да се подобри квалитетот на нега во одделенијата за интензивна нега и во болниците, да се осигури дека кислородната поддршка се дава навремено и луѓе кои не мора да се стават на механичка вентилација, да не бидат ставени на механичка вентилација.
Но, постојат и многу други работи и во моментов имаме многу моќна алатка. Вакцинираните ќе бидат заштитени од хоспитализација и во најголем дел од смрт. И тоа ќе изврши драматично влијание врз смртноста од ковид, вели Смолвуд.