(АРХИВА) На Детска хирургија и на Абдоменална се расипал компресорот за време на операција на дете и на заболен од карцином

by Fokus

Избрана е фирмата што треба во рок од четири месеци да ги инсталира и монтира компресорските станици во хируршките сали во Клиничкиот центар во Скопје. Оваа денеска го соопштија од Министерството за здравство (МЗ) посочувајќи дека „Винора“ ДООЛ Скопје, како единствена пријавена фирма е избрана како најповолен понудувач на вториот тендер за набавка, монтажа и пуштање во употреба на системот на компресорските станици.

Министерот за здравство Арбен Таравари вчера рече оти се надева дека на почетокот на идната година ќе има нова компресорска станица во хируршките сали во Клиничкиот центар во Скопје. „Фокус“ на оваа тема пишуваше пред неколку месеци, кога во детали објаснивме со ккви проблеми се соочија пациентите и на колку од нив животот им беше ставен во опасност. 

Текстот е објавен на 19 јуни, 2024 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1498

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Повеќе од еден месец владее тотален хаос на скопските клиники, откако инсталацијата за кислород, поточно старата компресорска станица предизвика крах на здравствениот систем.

Наталожените проблеми доведоа до одложување на операциите и до зголемување на листите на чекање, со што на пациентите животот им е ставен на коцка.

Додека не се санираат системот за довод на кислород до салите и компресорската станица – ситуацијата останува статус кво. Тогашниот министер за здравство, Илир Демири побара да бидат направени и анализи во Германија за квалитетот на кислородот.

Германската лабораторија треба да утврди што ги затвори хируршките сали во Клиничкиот центар, најголемиот медицински комплекс во државата. Веќе се испратени мостри, иако проверките од две независни институции во земјата покажале дека тој е со задоволителен квалитет.

Но, поради чудната миризба што била почувствувана пред неколку недели во дистрибуцијата на кислород, одлучено е повеќето операции да бидат ставени на чекање, а итните случаи се оперираат со надворешни компресори, кои биле набавени.

Хируршките сали на 32 скопски клиники се стари околу 30 години и во моментов се користат надворешни компресори додека не се добие валиден документ за исправност. Станува збор за шест надворешни компресори, кои ќе се користат за неодложни и покомплицирани интервенции.

Работата е дојдена до таму што скопските клиники се претворија во класични селски амбуланти, во кои повеќе од три децении ништо не е променето.

Ситуацијата на Клиничкиот центар веќе е ставена на маса кај јавен обвинител. Се вршат проверки и се разговара со надлежните во здравствените институции околу настанатиот проблем.

Но, и по цел месец, сѐ уште никој не сноси никаква одговорност за крахот во здравствениот систем. Сите креваат раце и топката ја префрлаат едни на други, но затоа, пак, пациентите на 40 степени се шетаат од клиника на клиника, се враќаат, се бара од нив да имаат трпение…

Зошто надлежните институции дозволија ова да се случи и зошто уште за време на ковид-пандемијата не е сменета компресорската станица? Кој ќе понесе одговорност за тоа?

Дали воопшто некој ќе одговара ако пациенти починат, затоа што не стигнале на операција? Бројни прашања на кои нормално нема одговори.

ХАВАРИЈА НА СКОПСКИТЕ КЛИНИКИ

Само на годишно ниво, фреквенцијата на пациенти на скопските клиники се движи околу 800.000 болни, кои доаѓаат од сите краеви во државата. Маката и болката ги принудува спасот да го бараат таму, а повеќето од нив на крај завршуваат во приватните болници, каде што плаќаат вртоглави суми на пари.

Пациенти што не се итни, но имале закажани операции, земаат кредити и бараат чаре во приватните клиники. Дел од хируршките сали во Клинички центар работат со надворешни компресори, но тоа не го намалува драстично напливот од пациенти во болниците „8 Септември“ и „Св. Наум Охридски“.

По направена колоноскопија, требаше да отидам да ми се направат дополнителни испитувања, но ме прошетаа низ неколку клиники и не успеав да завршам работа. Дијагнозата ми е лоша и мора побргу да се реагира.

Никој не ми излезе во пресрет, сите ме упатија на различни места и моравме да отидеме приватно, каде што платив 4.000 евра. Животот и така ми е загрозен, па уште да ризикувам и да чекам да го средат хаосот – реагира 61-годишниот Б.И.

Листата на пациенти е долга, но очигледно тоа никој не го гледа. Никој не знае што точно се случува зад затворени врати во хируршките сали и колку болни биле жртви на крахот на здравствениот систем.

Веќе еден месец, речиси сите операции се одложени, граѓаните плаќаат по неколку илјади евра во приватните болници, не можејќи да чекаат да се среди хаосот на клиниките.

Ова што се случува не е нормално. Како можеме да постигнеме со неколку надворешни компресори, кога има многу луѓе што чекаат. Верувајте дека за овој месец, еден куп пациенти се вратени. И тоа што е најжално, не се знае ни кога ќе заврши оваа агонија.

Жално и за лекарите што работат, жално и за пациентите, кои на 40 степени се шетаат и доаѓаат од други градови, за да бидат вратени или да си платат во приватните болници. Што сме дозволиле да се случува во 21 век – вели за „Фокус“, директор на една од клиниките, кој сакаше да остане анонимен.

Од друга страна, хирурзите објаснуваат дека компримираниот воздух се користи како еден погон за работа на машините. Надлежни за компресорите се Заедничките служби на клиничкиот центар, но сега директорите на секоја клиника каде што се извршуваат хируршки интервенции се снаоѓаат како знаат и умеат, со цел да се продолжи со работа – преку обезбедување надворешни компресори, кои не се трајно и конечно решение.

Но, сепак, да објасниме кои се, всушност, Заеднички служби и според досегашната пракса, колкава штета нанесоа на 32-те скопски клиники?

Оваа институција постои речиси 16 години, а со неа цели 12 години управуваше Шкодране Дардишта од редовите на ДУИ.

Оваа јавна установа со години е во долгови, а, според податоците на Бирото за јавни набавки, од 2008 година досега склучила над 2.300 тендери.

За многумина во јавноста не е познато дека плаќањето на сметките за ЕВН, „Водовод и канализација“, греењето, храната, сервисирањето, одржувањето, дел од набавката на лековите, како и перењето на чаршафите и на пижамите, на дел од клиниките оди преку јавната установа Заеднички служби.

Тие цело време се во заднина, односно претставуваат главен линк меѓу скопските клиники и јавните претпријатија, како и набавувачите со лекови. Поточно, сѐ што треба да се плати оди преку оваа Служба, која за целото време додека постои е под раководство на кадри на ДУИ.

Иако не е позната многу во јавноста и не се знае која е точно нејзината улога, сепак, пред одреден период, оваа установа беше во центарот на вниманието со натрупани долгови и блокирана сметка, со што пред свршен чин беше ставена и работата на скопските клиники.

Тие можеа да бидат оставени без вода и струја, со оглед на тоа што јавната установа Заеднички работи не ги имаше подмирено долговите кон јавните претпријатија.

Досега, никој од надлежните институции не излезе во јавност да каже колкави се долговите и дали некој ќе понесе одговорност, но затоа, пак, многу од лекарите тврдат дека под итно треба да ѝ се стави клуч на врата, бидејќи преку неа наводно години наназад се прават разни злоупотреби на штета, и на клиниките, и на болните.

Во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, исто така е наведено дека е планирано укинување на оваа јавна установа, со оглед на тоа што нанела повеќе штета, отколку што придонела, како и укинување на економските директори и повторно спојување на Клиничкиот центар.

СТРАШНИ СЛУЧУВАЊА ВО ХИРУРШКИТЕ САЛИ

Сепак, тоа што е најстрашно во моментов на дел од скопските клиники е начинот на кој се одвиваат итните операции, кои реално се единствените што се прават во најголемиот медицински комплекс во државата.

Доволно е да објасниме дека еден надворешен компресор, кој се користи за време на операции изгледа како поголем апарат, кој има кабел и се влече од една сала во друга, каде што има потреба од операција.

Еден таков апарат нема доволно капацитет за да постигне за бројните операции, па од тие причини, сѐ додека не се реши целокупниот проблем со компресорската станица, хаваријата на скопските клиники ќе продолжи.

Според информациите на „Фокус“, неколку инциденти веќе се случиле на дел од клиниките, и тоа на Детска хирургија, Дигестивна хирургија, Торакална и Неврохирургија, каде што операциите траат од еден до седум часа, а со тоа самиот живот на пациентите бил ставен во опасност.

Нашите извори тврдат дека пред десетина дена, на Детска хирургија се расипал компресорот за време на операција на дете, со што настанал хаос и паника дека здравствената состојба на детето може да се влоши, па било шетано од една во друга операциона сала, но, за среќа, сѐ завршило добро.

– Беше страшно да се гледа тоа што се случува. Секој ден поминуваме страшни трауми, а замислете да се расипе компресорот за време на операција на дете, чии родители умираат од страв додека го чекаат исходот.

Тоа беше страшна ситуација, и за нас, и за самите нив. Па, моравме да го префрламе од сала во сала. Настана страшен хаос и паника. Чиста среќа што сѐ заврши како што треба. Но, со тоа ли треба да се соочуваме секојдневно и да го ставаме животот на пациентите на коцка – го раскажува случајот вработена на Детска хирургија, која сакаше да остане анонимна.

Ништо поразлично не поминал и пациент на скопската Клиника за абдоменална хирургија. Тој имал карцином и требало итно да биде опериран. Но, за време на операцијата, компресорот се расипал.

Тоа се операции што траат по неколку часа. Во 21 век, да се расипе компресор и да се дозволи да дојде до ваква хаварија е повеќе од очајно. Не знам кога воопшто и дали ќе се среди тоа, но тоа е тотален хаос. Во оваа држава, за сѐ се има пари, само за болниците не. Скопските клиники ги претворија во селски амбуланти – вели абдоменален хирург од клиниката.

И додека листите на чекање растат, надлежните и по речиси месец и пол откако престанаа да работат салите на Клинички, проблемот не го решија. Сѐ уште не е детектирана причината што ги затвори салите во најголемиот медицински комплекс во земјава и нема информации дали се готови и што утврдиле испитувањата на германските експерти.

Според проценките на хирурзите, за целиот овој период додека оперативните сали беа затворени – околу 2.000 операции се откажани, а стравуваат и дека летниот период дополнително ќе ја пролонгира листата на чекање.

РАМКА 1

ЗДРУЖЕНИЈАТА НА НОЗЕ

Од Националната алијанса на пациентски здруженија, во неколку наврати алармираа дека надлежните институции мора проблемот што побрзо да го решат за да не трпат пациентите.

Дојде летниот период, знаеме дека одредени оперативни зафати за време на летниот период се одложуваат и сега веќе се наоѓаме во еден, да речам, транзициски период, каде што голем дел од тие интервенции би требало да завршат така што одложувањето кај оваа група пациенти ќе предизвикува голема загриженост.

Уште еднаш ќе се обидеме да апелираме, здравствените власти да дадат подетални објаснувања и колку време планираат да бидат затворени салите бидејќи добиваме само минимални информации, кои, за жал, не ги смируваат вознемирените пациенти,  кои треба да направат одредена интервенција“, истакнаа од Националната алијанса на пациентски здруженија.

РАМКА 2

ТАРАВАРИ НОВ МИНИСТЕР ЗА ЗДРАВСТВО

За време на викендот, во Собранието ќе се изгласа новата влада предводена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Од партијата, неколкупати досега излегоа на прес-конференции, тврдејќи дека никој од досегашната власт не се грижи за пациентите и дека со затворањето на повеќето хируршки сали, животот на пациентите е во опасност.

За неколку дена ќе има нова влада, а раководната палка во секторот здравство повторно ќе ја преземе неврологот Арбен Таравари, кој доаѓа од коалицијата ВРЕДИ.

Поврзани новости