(АРХИВА) Можна ли е дестабилизација на пензиските столбови? Линеарно покачување ќе влијае врз пензиите на следните генерации!

by Fokus

 

Денеска ќе биде исплатена септемвриската пензија која ќе биде зголемена за 2.500 денари за сите пензионери линеарно.

Секоја година од буџетот се покрива дупката на ПИОМ и таа никогаш не се намалила под една третина од вкупната сума за исплата на пензиите. Дури и кога во 2022 година се зголемиле придонесите за 11,63 отсто  и изнесувале 890 милиони евра, ПИОМ имал расходи од 1,4 милијарди евра за пензии. Разликата од 530 милиони евра е покриена од џебот на сите граѓани. Притисокот врз буџетот на Фондот ќе се зголеми откако ќе почне реализацијата на линеарното зголемување од 2.500 денари на септемвриските пензии, бидејќи за само три месеци, државата ќе треба да издвои дополнителни 40 милиони евра за да го покрие покачувањето.

Текстот е објавен на 12 септември 2024 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.510.

Пишува: Орце КОСТОВ

На почетокот на октомври, пензионерите ќе подигнат повисоки септемвриски пензии зголемени за 2.500 денари, а уште едно линеарно зголемување од уште 2.500 денари ќе добијат кога ќе ја подигнат мартовската пензија во 2025 година.

Досега, пензиите се усогласуваа со растот на платите и трошоците на живот и колку-толку се одржуваше во кондиција Фондот на пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ). Сега, притисокот врз буџетот на Фондот ќе се зголеми откако ќе почне реализацијата на линеарното зголемување од 2.500 денари на септемвриските пензии.

За само 3 месеци, државата ќе треба да издвои дополнителни 40 милиони евра за да го покрие покачувањето. Со второто зголемување од 2.500 денари или вкупно 5.000 денари, кои беа предизборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ, државата ќе ја чини дополнителни 200 милиони евра годишно, заедно со усогласувањето на растот со трошоците на живот.

Изворните приходи на ФПИОМ растат со зголемувањето на платите и со растот на вработеноста. Зголемувањето на платите е инпут во формулата за редовното усогласување на пензиите, заедно со порастот на цените.

Сѐ што е пораст над таквото усогласување не е во линија со порастот на изворните приходи на ФПИОМ и ќе мора од некаде да се покрие. Тоа вообичаено се прави од централниот буџет, а овојпат беше направено преку ребаланс и ново задолжување, за што се обезбедија дополнителни 2,5 милијарди денари само за порастот од 2.500 денари.

Социјалните придонеси како изворни приходи на фондовите за пензискo и здравствено осигурување и на Агенцијата за вработување се планирани во износ од 105,2 милијарди денари или за 4,2 проценти на повисоко ниво во однос на придонесите планирани со буџетот за 2024 година.

Исплата на пензии за кои се обезбедени дополнителни средства од 5,1 милијарда денари, од кои 2,5 милијарди денари ќе бидат наменети за дополнителен пораст од 2.500 денари, односно со редистрибуцијата нетоефектот е само 3 милиони евра заради промена на методологијатa – рече министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, при образложувањето на ребалансот на Буџетот и при најавата за обезбедените средства за околу 340.000 пензионери во земјава.

Во моментов се трошат нешто над 140 милиони евра месечно за исплата на пензиите. Со редовното усогласување, кое почна да се применува во 2018 година како правило за раст на пензиите согласно просечна плата и трошоци на живот, трошоците за исплата на пензиите се зголемуваат за околу 6 милиони евра или помалку од 70 милиони евра годишно.

Ако се примени само линеарен метод со покачување од 2.500 денари месечно, се креираат дополнителни 13,5 милиони евра трошоци месечно, или 160 милиони евра годишно. Моменталните пресметки говорат дека тој дефицит кај ФПИОМ ќе се зголеми од сегашните една третина на близу 40 проценти.

ПРИДОНЕСИТЕ НЕДОВОЛНИ ДА ГИ ПОКРИЈАТ ПЕНЗИИТЕ

Основен извор за покривање на расходите за пензии се придонесите од пензиско и инвалидско осигурување. А тие и сега, во висина од 18,8 отсто од бруто-платата на секој вработен, се недоволни да ги покријат пензиските расходи. Па, околу една третина од износот се обезбедува од централниот буџет.

Од тие 18 проценти, околу 11 одат во Фондот за ПИОМ, а останатите во вториот приватен задолжителен столб. Овој модел е наречен солидарен модел според кој моментално вработените лица ги финансираат сегашните пензионери.

Од 2012 година, учеството на буџетски средства во Фондот за ПИОМ е секогаш поголемо од една третина, но се бележи мал пад во последните 3 години поради зголемувањето на буџетот и растот на вработеноста.

Во 2012 година, учеството на буџетски средства во Фондот за ПИОМ било 37,26 отсто, во 2013 година 41,24 отсто, а во 2017 година рекордни 43,57 отсто. Во 2019 година паднало на 37,02 отсто, во 2021 година изнесувало 37,52 отсто, а во 2022 година од централниот буџет кон ПИОМ се слеало учество од 33,58 отсто од вкупната сума за исплата на пензиите.

Она што може да се забележи е дека, и покрај малиот пад, Министерството за финансии, секоја година ја покрива дупката на ПИОМ и таа никогаш не се намалила под една третина од вкупната сума за исплата на пензиите.

Дури и кога во 2022 година се зголемиле придонесите за 11,63 проценти во однос на 2021 и изнесувале 890 милиони евра, сепак, ПИОМ имал расходи од над 87 милијарди денари или 1,4 милијарди евра за пензии. Разликата од 530 милиони евра ја покриле сите граѓани од државниот буџет.

Од Фондот за ПИОМ за „Фокус“ велат дека не се очекуваат проблеми со ликвидноста на Фондот, но дека дефицитот поради зголемување на пензиите ќе значи и поголем трансфер на пари од централниот буџет и за 2024 година.

„Зголемувањето на дефицитот по основ на зголемување на пензиите за 2024 година, за Фондот би значел поголем трансфер од Буџетот на државата за истата година. Планираните приходи и расходи за 2024 година се избалансирани и не се очекуваат ликвидносни проблеми, односно Фондот ќе продолжи стабилно и редовно да ги исплаќа пензиите“, гласи одговорот на ПИОМ до „Фокус“.

Финансиската дупка меѓу приходите и расходите на Фондот за пензиско осигурување е 33,58 отсто, или речиси за секој трет пензионер било неопходно да се црпат пари од државниот буџет за да му се исплати пензија.

Поранешната директорка на ФПИОМ, Билјана Јовановска смета дека Фондот ќе биде зависен од централниот буџет до 2035 година, сѐ додека не почнат со исплата на пензии приватните фондови и додека владата води политики за ослободување од придонеси за одредени категории вработени и компании.

Ваквата распределба значи дека сегашните осигуреници ќе земаат пензија од две места: од ПИОМ и од приватните фондови. Некаде околу 60 отсто од пензијата ќе треба да ја обезбедат приватните фондови, а останатото државниот фонд – рече Јовановска за „Локално“.

На прашањето дали Фондот може да го издржи овој товар самостојно и дали Фондот е неодржлив на долг рок, економистите од институтот „Фајненс тинк“ велат дека, не само на долг рок, туку и на краток рок.

Ако му речете на ФПИОМ, не се надевајте на трансфер од буџетот и покривајте пензии само од изворните приходи од придонеси, тој ќе банкротира денес. Но, за среќа, тоа не функционира така, бидејќи ФПИОМ е државен фонд, значи е дел од вкупните јавни финансии на земјата.

Затоа дефицитот во ФПИОМ што не може да се обезбеди од изворните приходи, се покрива од општите приходи на буџетот. Во таа смисла, ФПИОМ не може да банкротира – посочуваат од „Фајненс тинк“ за порталот „Пари.мк“.

ЗНАЧЕЊЕ НА ВЛАДИНАТА АД ХОК МЕРКА

Дефицитот кај пензискиот систем ќе се зголеми од сегашните една третина на близу 40 отсто со новото линеарно покачување на пензиите. Но, што значи ова за капиталното пензиско осигурување и за состојбата на пензиските столбови?

Одговор побаравме од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување. Оттаму сметаат дека линеарното покачување на пензиите отвора прашања за влијание брз состојбата на пензиските столбови.

Во контекст на актуелните економски, социјални и демографски промени, прашањето за одржливоста на пензискиот систем станува сè поактуелно. Најавеното линеарно покачување на пензиите отвора прашања за неговото влијание врз капитално финансираното пензиско осигурување и состојбата на пензиските столбови. Капитално финансираното пензиско осигурување во однос на пензиското осигурување врз основа на генерациска солидарност се разликува токму во основата на функционирањето на столбовите.

Ако пензиското осигурување, врз основа на генерациска солидарност, функционира на принципот на дефинирани пензии, каде што главни параметри се висината на платите во минатото и годините на работен стаж, капитално финансираното пензиско осигурување функционира на принципот на дефинирани придонеси и неговите главни параметри се висината на придонесот и остварениот принос на индивидуалната сметка во работниот стаж“, велат од МАПАС за „Фокус“.

Супервизорот на пензиските столбови смета дека мерката за покачување на пензиите може да има влијание врз праведноста на пензиите на идните генерации пензионери во тростолбниот пензиски систем.

Имајќи ги предвид овие принципи на функционирање на столбовите, МАПАС смета дека оваа мерка за линеарно зголемување на пензиите се однесува на промена на параметрите за стабилен тристолбен пензиски систем само за моменталните пензионери. Воедно, линеарното зголемување на пензиите на моменталните пензионери може да има влијание врз праведноста на пензиите на идните генерации пензионери во тростолбниот пензиски систем.

Секоја промена на некој од параметрите за пресметка на пензиите од прв столб наметнува потреба од промена на параметрите и во останатите пензиски столбови во капитално финансираното пензиско осигурување. Само на тој начин може да се обезбеди материјална сигурност на граѓаните во деновите на старост, притоа е потребно задолжително воспоставување баланс на интересите на сегашните и идните генерации“, образложија од МАПАС.

САМО КОСОВО ИМА ПОНИСКА СТАПКА ВО РЕГИОНОТ

Во услови на раст на инфлација и кога системските решенија не се доволни, претстојното линеарно зголемување на пензиите е оправдана мерка, сметаат експертите, но истовремено нагласуваат дека ваквата мерка претставува притисок врз Буџетот и апелираат ад хок решенија да се избегнуваат.

Марјан Петрески, коосновач на Институтот за економски анализи „Фајнанс тинк“ и професор по економија на универзитетот „Американ колеџ“, оценува дека зголемувањето на пензиите претставува сериозен притисок врз буџетот. Планираните пари за таа намена, вели Петрески, треба од некаде да се најдат.

Од зголемувањето на пензиите, според него, нема да банкротираат буџетот и државата, меѓутоа тие пари треба од некаде да се најдат.

Гледаме дека при прв ребаланс на буџетот страдаат капиталните инвестиции. Со тековниот ребаланс, за волја на вистината, немаше големо кратење таму, меѓутоа настана голем пораст на буџетскиот дефицит од 3,4 проценти на 4,9 проценти од БДП.

Точно е дека тоа не е главно генерирано од порастот на трошокот за пензии: имало заостанати обврски, чија исплата не била предвидена, имало непропорционално поголемо трошење во првата половина од годината итн.

Меѓутоа, да забележиме дека порастот на трошокот за пензии сега се однесува само за три или четири месеци, и тоа половина од ветениот износ. Сметано со целиот износ од 5000 денари, на годишно ниво, тоа е значаен притисок – оценува Петрески за МИА.

Даночните експерти се согласни и за уште еден аспект на пензиските реформи: во иднина ќе мора да се зголеми придонесот за пензиско осигурување бидејќи сегашната стапка од 18,8 отсто е меѓу најниските во Европа, пониска и од оние 21 отсто кои Македонија ги собираше од бруто платата во 2008 година.

Според статистичките податоци, како што старее населението, така ќе расте и стапката на придонеси. Тоа се случува во сите земји и нема да ја одмине и Македонија, која, пак, треба да се откаже и од уште една пракса: ослободување на компании од придонеси бидејќи така се намалува приходот на ПИОМ за пензии без притоа да се има некаков бенефит од тоа.

Стапката на придонес за пензиско и инвалидско осигурување во регионот е повисока од нашата. Во Албанија се издвојува 24,5, во Србија е 24, во Црна Гора е 20,5 отсто а единствено во Косово се издвојува помалку од нашата стапка, односно е 10 проценти.

ВРЗУВАЊЕ НА МИНИМАЛНАТА ПЕНЗИЈА И ПЛАТА

Во листата со ветувања за пензионерите во програмата на ВМРО-ДПМНЕ е и воведувањето минимална пензија.

„Наместо досегашното решение на девет групи на минимални пензии, ќе воведеме еден единствен износ на минимална пензија. Со зголемувањето од 5.000 денари, овие пензии значајно ќе се придвижат кон моменталната просечната исплатена пензија во Македонија. Ќе креираме политики за континуирано подобрување на финансиската состојба на сите пензионери“, стои во програмата.

Според професорот Петрески, треба да се размислува во насока минималната пензија да се врзе со минималната или просечната плата, во смисла на одреден процент од неа.

– Претходно провејуваа идеи за поставување минимална пензија и тие идеи требаше да се разработат понатамошно. Со претходните зголемувања на пензиите, минималната пензија се зголеми на нешто над 13.000 денари. Треба да се размислува во насока минималната пензија да се врзе со минималната или просечната плата, во смисла на одреден процент од неа.

Сѐ друго е непринципиелен однос кон ова прашање, бидејќи пензијата што ќе ја прима едно лице зависи од работниот стаж и висината на платата што ја примал во работниот век. Ако целиме кон каква било еднаквост во пензиите под назнаката солидарност, тогаш зошто некој би работел долг работен век, на пример? Тоа се релевантни прашања за кои е потребен и општествен консензус наместо да фрламе, како општество, анатеми кон примателите на повисоки пензии – вели тој.

Идејата и на пензионерските здруженија и на економските аналитичари, минималната пензија да се врзе со минималната или просечната плата се разгледува и во Министерството за труд и социјална политика. Се работи на воведување еден единствен износ на минимална пензија и измени во Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Во делот ПОСВЕТЕНА ГРИЖА ЗА ПЕНЗИОНЕРИТЕ, е наведено зголемувањето на пензиите за 5.000 денари во првата година од мандатот. Во таа насока, со септемвриската пензија, пензионерите ќе добијат покачени пензии, со што минималната пензија ќе изнесува 15.692 денари, а со покачувањето во март ќе изнесува 18.192 денари.

Средства за септемвриското линеарно покачување на пензиите се обезбедија со ребалансот на буџетот, а тоа во месец март ќе биде предвидено со новиот буџет за следната година.

Во владината програма, предвидено е и, наместо актуелниот систем со девет групи минимална пензија, да се воведе еден единствен износ на минимална пензија, на што се работи.

Во програмата на владата предвидени се и измени во Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кои ќе се овозможи на оние лица на кои им недостасуваат до 24 месеци пензиски стаж, истиот да го откупат и да остварат право на старосна пензија согласно со условот од минимум 15 години пензиско осигурување“, информираат од МТСП за „Фокус“.

Сојузот на здруженија на пензионери ја застапува тезата за зголемување на најниските пензии, но, како што велат оттаму, зголемувањето мора да биде на разумно ниво. Велат дека имаат доставени неколку предлози за зголемување на најнискиот износ на пензиите што го користи голема група корисници на пензии.

ПЕНЗИИТЕ ДА СЕ УСОГЛАСУВААТ 2 ПАТИ ГОДИШНО

Во пресрет на реализацијата на мерката, пензионерските здруженија потсетуваат на нивните барања – усогласувањето на пензиите да биде на 1 јануари и на 1 јули, со што на пензионерите нема да им се ускратуваат четири месеци од нивното тековно усогласување.

При рапиден раст на трошоците на живот, нивниот предлог е од вкупното усогласување на пензиите да се одвои еден дел и да им се даде на пензионерите со пониски пензии, посочуваат од Сојузот на пензионери.

Усогласувањето на пензиите е добредојдено за корисниците на пензија бидејќи преку пензијата се обезбедува материјална егзистенција на пензионерката популација. Најавеното усогласување од 2.500, односно 5.000 денари е значајно за пензионерот, но притоа мора да се има предвид и финансиската одржливост на пензискиот фонд, бидејќи тоа е многу значајно за редовна исплата на пензиите.

Исто така, во контекст на ова усогласување е и прашањето на осигурениците вклучени во капитално финансирано пензиско осигурување како идни пензионери. За да се реализира споменатото усогласување, ќе мора да се направат соодветни измени и дополнувања на ЗПИО и во нив законодавецот ќе мора да го утврди карактерот, односно да го дефинира ова усогласување дали тоа ќе претставува само нивелирање на пензиите или ќе има друго значење во формулата за усогласување на пензиите.

Тука, се наметнува и прашањето за системското усогласување на пензиите и кои параметри ќе се користат како и периодот на усогласување на пензиите. Кога станува збор за пензиите Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија веќе подолг период го истакнува барањето на пензионерите.

Пензиите да се усогласуваат двапати во годината и тоа: од 1 јануари и од 1 јули во тековната година, за да не им се скратуваат 4 месеци од тековното усогласување, кое им следува за цели 12 месеци. Верувам дека оваа неправда ќе се исправи со следните измени и дополнувања на Законот за пензиското и инвалидското осигурување – истакна Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на пензионери.

ПЕНЗИЈА ДО 13.192 ДЕНАРИ ИМААТ 24.794 ПЕНЗИОНЕРИ

Податоците на Државниот завод за статистика, според Лаеканските индикатори за сиромаштија објавени во мај 2022 година, кои се однесуваат за 2020 година, покажуваат дека стапката на сиромашни пензионери во државава е само 7 проценти.

Просечната пензија, според статистиката на Фондот за ПИОМ, во јуни изнесувала 21.241 денар, што е 51,5 отсто од просечната нето-плата, која изнесува 41.252 денари.

Од вкупниот број пензионери, најголемиот дел месецот го туркаат со примања од 13.192 денари до 22.500 денари.

Просечниот износ на старосните пензии, според статистиката на Фондот, изнесува 22.884 денари, кај семејните пензии тој износ е 16.709 денари, а кај инвалидските 18.830 денари.

Поврзани новости