(АРХИВА) Мицкоски и 23-те соработници: Министри по сечиј вкус!

by Фокус

Текстот е објавен на 20 јуни 2024 година во неделникот Фокус со број 1.498.

Идната влада, вклучувајќи го и премиерот Мицкоски, ќе брои 24 члена, од кои само 3 се жени. Повеќето од новите министри се со искуство во политиката, но има и четворица „падобранци“. Според националноста, најмногубројни во првиот ешалон се Македонци и Албанци, а има и функционери од српската и од ромската заедница. Меѓу новите функционери има и такви што имале соработка и со „озлогласениот“ поранешен лидер на партијата, Груевски, но, сепак, во првите редови се и најблиските соработници на сегашниот лидер Мицкоски.

Пишувала: Валентина ВУРМО

Новата влада веќе е спремна за традиционалната „фамилијарна“ фотографија. В недела пред полноќ, откако ќе добие зелено светло од пратениците, новите министри ќе застанат на скалите во Собранието за да се овековечи стартот на нивниот мандат.

Идниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека при изборот на новите кадри се водел од принципите за чесност и посветеност.

– Го немаме луксузот да не се успее, ниту, пак, да се прават репризи на минати владеења, каде што ќе се загуби врската со единствениот суверен народот.

Во овие луѓе што ги предлагам имам голема надеж и заедно нѐ чека многу работа, мора да ги засукаме ракавите од првиот ден. Состојбите се очајни и потребни се најпрвин стабилизирање на состојбата, а потоа и брзи резултати – рече мандатарот Мицкоски и порача дека имаат амбициозен план за реформи и проекти, чија реализација ќе почне од првиот ден.

Дали биле вистинскиот избор и колку се чесни и работни ќе покаже времето. Она што на прва е видливо е дека ќе имаме гломазна влада, во која поголемиот дел од фотелјите се резервирани за мажи.

МАШКА ВЛАДА

Идната влада, вклучувајќи го и премиерот Мицкоски, ќе брои 24 члена, од кои само три се жени. Колку за споредба, многу поразлична не беше ниту сликата од претходниот владин состав, во која, сепак, имаше една жена повеќе.

Владата ќе има прв вицепремиер и уште четворица заменик-премиери. Повеќето од новите министри се со искуство во извршната и во законодавната власт, но има и четворица „падобранци“.

Според националноста, најмногубројни во првиот ешалон се Македонци и Албанци, а има и функционери од српската и од ромската заедница.

Меѓу новите функционери има и такви што имале соработка и со „озлогласениот“ поранешен лидер на партијата, Никола Груевски, но, сепак, во првите редови се најблиските соработници на сегашниот лидер Мицкоски.

Па така, сите четворица потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ ќе седнат во министерски фотелји.

Александар Николовски, кој е десна рака на Мицкоски, но беше близок и со претходното раководство, ќе биде новиот министер за транспорт и врски. Овој 40-годишен охриѓанец, дипломиран политиколог, од дете е во политиката. Бил претседател на Унијата на млади сили, а потоа, во неколку мандати, е избиран за пратеник.

Владо Мисајловски, една година помлад од Николоски и, исто така, дипломиран политиколог, ќе биде министер за одбрана. Тој, во минатото работел во кабинетот на претседателот на Собранието, бил државен секретар во МНР и во Министерството за транспорт и врски, а потоа еден период беше и министер во овој ресор. Тој беше и директор на ЈП за државни патишта, како и пратеник.

Од градоначалничката фотелја, пак, на министерското столче во МНР ќе седне Тимчо Муцунски (35 годишен) по потекло од Берово. Доктор е по правни науки и професор на Правниот факултет, а претходно беше и заменик-министер и пратеник.

Муцунски има богато искуство во меѓународните односи, бил меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Негова задача ќе биде промоција на стратешките цели на Македонија на меѓународен план, како и привлекување на македонските компании со потенцијални партнери и зголемување на надворешната трговија – рече Мицкоски, претставувајќи го пред јавноста.

ТРИТЕ МИНИСТЕРКИ

Гордана Димитриеска-Кочоска е една од ретките жени, блиски соработнички на Мицкоски. Таа ќе менаџира со државниот буџет, односно ќе биде министерка за финансии. По професија е економист, а работела во неколку компании. Беше и директорка за финансии во ЕЛЕМ, во времето кога Мицкоски беше генерален директор.

Универзитетската професорка Весна Јаневска, пак, ќе раководи со ресорот образование. Таа, во еден период беше претседателка на ВМРО Народна, ама потоа се врати во матичната партија. Јаневска е и поранешна пратеничка и претседателка на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ.

Сања Божиновска е третата жена, која рамо до рамо ќе им парира на машките колеги. Таа ќе раководи со новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Таа е една од ретките што досега не била на државна функција. Мицкоски ја претстави како експерт во енергетиката.

– Има огромно работно искуство во најголемите компании од пазарот на енергетиката и економските системи – рече Мицкоски.

Еден од новите министри, кој ќе биде и вицепремиер, гаи пријателска врска со Русија, присуствувајќи на настани кои ги организира руската амбасада. Тоа е Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија.

Тој ќе биде нов министер за односи меѓу заедниците, место кое досега беше резервирано за функционер од албанската етничка заедница. Освен со Русија, Стоилковиќ одржува пријателска врска и со Србија и Република Српска, односно важи за близок со претседателите Александар Вучиќ и Милорад Додик.

МИНИСТРИ И ОД ВЛАДАТА НА ГРУЕВСКИ

Иако во новиот состав на владата нема од поранешните најблиски соработници на екс лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, сепак и во новиот ешалон ќе има министер од неговата влада, односно коалицискиот партнер Љупчо Димовски, претседател на Социјалистичката партија.

Тој ќе биде и вицепремиер и министер за политички систем. Во тимот на Груевски, пак, беше задолжен за ресорот земјоделство, а потоа беше и пратеник. Во негово време се најавуваа проектите на индискиот бизнисмен и измамник Субрата Рој.

Тој, во јавноста е познат и како еден од амнестираните пратеници, кој беше обвинет за упадот во Собранието на 27 април. Му се судеше и во предметот на СЈО „Продуцент“, но и од овој случај се спаси со политичка помош, бидејќи по измените на Кривичниот законик, делото му застаре.

Од времето на Груевски е и неговиот политички соработник од Демократските сили на Ромите, Шабан Салиу. Тој беше директор на Дирекцијата за заштита и спасување, а сега ќе добие камбек на политичката сцена, како министер задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите.

Од НСДП веќе обвинија дека Мицкоски предложил влада со кадри на Груевски.

Мандатарот Мицкоски предлага состав на влада со кадри на Груевски, во најголем дел тоа се луѓе кои во минатото служеа на режимот на ВМРО-ДПМНЕ и ги пратат многу скандали.

Граѓаните за брзо ќе ги видат на дело кадрите на „рециклираниот режим“ и „заробената држава“, која ја инсталираа во десетгодишното претходно владеење.

Кадри што служеле на режимот на Груевски, почнувајќи од Мицкоски, не може да донесат и спроведат реформи, матрицата од претходното нивно владеење останува иста“, велат од НСДП.

Со слично обвинување излегоа и од СДСМ.

– Ова е влада што е составена од една страна со кадри што креираа политики во еден период на владеењето на режимот на ВМРО-ДПМНЕ до 2017 година, кои не може да понудат ништо ново или подобро од тоа што било во тој период. Од друга страна, кадри што не биле на позиции и за кои не можеме да кажеме како ќе постапуваат – посочи пратеникот Оливер Спасовски.

Двајца од новите министри, пак, на граѓаните им се познати повеќе по нивните успешни кариери, неповрзани со политиката.

Спортистот, или како што на времето го нарекуваа, поради неговата одлична игра во ракометот, министерот за одбрана, Борко Ристовски, ќе биде министер за спорт.

Актерот Зоран Љутков, пак, ќе биде министер за култура и туризам. Тој има искуство и во политиката, бидејќи е претседавач на Советот во Општина Велес.

НАЈМЛАДИОТ МИНИСТЕР ИМА 33 ГОДИНИ

Адвокатот Панче Тошковски, кој во техничката влада се проба како министер за внатрешни работи, останува на чело на МВР. Тој има искуство и како државен службеник, а членуваше и во комисии во Министерството за транспорт и врски. На јавноста му е познат како еден од бранителите на обвинетите во „27 април“.

На министерската фотелја во Министерството за информатичко општество и дигитална трансформација ќе седне досегашниот дополнителен министер Стефан Андоновски.

На возраст од 33 години, тој е најмладиот од ова друштво. По професија е правник, а има запишано и докторски студии. Андоновски е член на Советот на Град Скопје.

Прв човек во Министерството за земјоделство ќе стане Цветан Трипуновски. Тој е земјоделски инженер, а и во минатото работел во овој сектор. Во времето на Груевски, од 2008 до 2012 година беше пратеник.

Златко Перински, кој е магистер за човечки ресурси, ќе застане на чело на Министерството за локална самоуправа. Тој е поранешен директор на СЦ „Борис Трајковски“ и екс шеф на кабинет на Мицкоски.

Името на Перински одекна во јавноста кога „пукна тиквата“ меѓу ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Градоначалничката го разреши од директорската позиција во „Водовод“. Таа го прозва Мицкоски дека го фатила директорот со „рачињата во медот“ во врска со тендерот за пречистителната станица.

И ВНУКОТ НА АХМЕТИ ДЕЛ ОД ВЛАДАТА

Во владиниот тим, две места ќе добијат и луѓе на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, од движењето ЗНАМ. Горан Минчев е со партиска биографија, бидејќи неколку години беше пратеник од СДСМ, а во еден период беше и генерален секретар на партијата.

Игор Филков, пак, за разлика од Минчев, е без политичко искуство. Тој ќе раководи со Министерството за правда, а по професија е правник. Филков е бизнисмен и досега работел во сопствена компанија.

Прв вицепремиер од петтемина со оваа титула ќе биде Изет Меџити од албанската коалиција Вреди. Меџити, кој е поранешен функционер на ДУИ и градоначалник на Чаир, ќе биде и министер за животна средина.

Министерското место во здравството е резервирано за лидерот на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари. Познатиот лекар, сепак, одлучи да се откаже од градоначалничката функција и да стане министер.

Нов лик во новата влада ќе биде и блискиот соработник на Таравари, Арбен Фетаи. Тој ќе ја заземе позицијата премиер за добро владеење. Карактеристично за него е што тој досега немал професионален ангажман во Македонија, туку живее и работи во Брисел, а кариера градел и во Косово.

Од неговата партија се пофалија дека Фетаи е експерт за европски политики и меѓународен развој, со 20-годишно искуство со меѓународни институции и фондации на повеќе континенти во светот. Од 1989 година живее во Белгија, а бил ангажиран и во регионот, работејќи како надворешен советник во кабинетот на премиерот на Косово во периодот 2004-2008 година.

Од редовите на Алтернатива, пак, ќе биде новиот министер за европски прашања, Орхан Муртезани. Тој е поранешен директор на МЕПСО и портпарол на партијата, а по професија е економист.

Од партијата Беса, пак, ќе дојдат двајцата министри Фатмир Лимани, за социјална политика, демографија и млади, и Бесар Дурмиши, за економија и труд.

Лимани беше заменик-директор на ЕЛЕМ како кадар на ДУИ, но се разиде со матичната партија, па на последните локални избори истрча како независен кандидат за градоначалник на Кичево по што направи трансфер во Беса. Тој на јавноста ѝ е познат како внук на Али Ахмети, но сега стојат на различна страна на политиката и се жестоки противници.

Идната влада се очекува да биде изгласана до крајот на неделата, па веќе од понеделник, првиот меѓу нему нееднаквите во владата, премиерот Мицкоски ќе го стартува своето владеење. Дали ќе испише режим или слобода, ќе покаже времето.

Поврзани новости