Текстот е објавен во неделникот ,,Фокус”, на 24 јуни 2020 година, во број 1290.
Пишувала: Валентина ВУРМО
Од анонимен обвинител во Гевгелија, преку ноќ стана најмоќната жена во државата, која, пак, сонуваше еден ден да стане градоначалник или пратеник, а заврши со лисици на рацете. Ова во една реченица е подемот и падот на „специјалната“ Катица Јанева.
Како гром од ведро небо одекна нејзиниот избор во 2015 година за специјален јавен обвинител. Покрај многутемина, кои уверуваа дека Јанева достојно ќе си ја заврши задачата, имаше и такви кои го критикуваа нејзиниот избор. Коментираа дека е далеку од она што се најавува, односно дека ќе биде личност со интегритет и дигнитет, еминентен правник со големо искуство зад себе. Личност која ќе биде спремна главата да ја стави во торба. Од архивите се извади и нејзината факултетска диплома, со просек од 6,2, со забелешка дека за седум години го завршила Правниот факултет.
Но, покрај изборот, на уште пошокантен начин дојде до нејзиното разрешување. Сама поднесе оставка, иако само неколку дена претходно, тврдеше дека неа никој не може да ја смени, убедувајќи дека ќе раководи со обвинителството уште еден мандат.
Зад решетки, пак, ја стави „криминалецот“ што таа го ловеше. И наместо да остане запаметена по нејзиното легендарно и бестрашно „отвори, отвори“, тропајќи на капијата на УБК, ќе остане запаметена како единствениот обвинител за кој се отворила затворската ќелија.
ЈАНЕВА БИЛА ПРЕДЛОГ НА ЗВРЛЕВСКИ
Како што до крај не се расчисти улогата на Јанева во аферата „Рекет“, бидејќи обвинителката Вилма Русковска првенствено ја гонеше водејќи се по сопствено убедување, а тоа не му пречеше на судот да ја осуди на 7 години затвор, така низ годините како енигма се провлекува и начинот на кој таа беше избрана за специјален јавен обвинител. Поточно, кому му текна дека во Гевгелија има една обвинителка што треба да застане на чело на најмоќната обвинителска институција?
Јанева тврдеше дека таа самата се пријавила за специјален обвинител, односно го испратила своето сиви до тогашните партиски лидери, но ретко кој поверува во оваа приказна. Вистината, според нашите извори, е поинаква. Таа била предлог на ВМРО-ДПМНЕ, односно на Никола Груевски, а кој бил прифатлив и за лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Поточно, името на Јанева се нашло на потесната заедничка листа на партиите, на која имало десетина имиња, меѓу кои имало и истакнати правници и познати адвокати.
Тоа што Груевски ја ставил на листата не значи дека и лично ја познавал Јанева, туку како што дознаваме, влегла во игра по идеја на тогашниот републички јавен обвинител Марко Зврлевски, кој наводно лично ја препорачал, но и добро ја познавал. Од партијата ја провериле, па биле охрабрени од наклонетоста на нејзиното семејство кон ВМРО-ДПМНЕ, но во прилог им одело и тоа што обвинителката никогаш не работела големи предмети поврзани со сериозен и организиран криминал. Се понадевале дека таа ќе им биде маша во рацете, па така нема да се изгорат од огнот.
Заев, пак, тогаш и немаше некој голем избор, туку клучно му беше Груевски да се кандиса, и конечно СЈО да почне со работа.
Легендата вели дека двајцата лидери неколкупати излегувале од клучната средба, по што последниот пат влегле со насмевка на лицата, соопштувајќи дека изборот е направен и си подале рака. Дека не е точна верзијата дека Јанева била предлог на странците, нашиот извор кој беше учесник во преговорите, вели дека кога го изговориле името, претставникот на меѓународниот фактор, целиот во прашалници рекол: „Who is Katica Janeva?“
Од друга страна, пак, дотогаш најмоќните обвинители Зврлевски и шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Јово Илиевски, наводно наздравиле со шампањ, како да знаеле дека еден ден партијата ќе им биде бескрајно благодарна за предлогот. Но, освен заслугата на Зврлевски, факт е дека поголем дел од признанието оди на контото на бизнисменот Орце Камчев, кој на крајот успеа да ја симне од тронот, „бомбардирајќи“ го целото СЈО.
ДОБАР МЕНАЏЕР, НО СЛАБ ПРАВНИК
Прашањето што си го поставил меѓународниот посредник: „Која е Катица Јанева?“, долго време си го поставуваше и јавноста. Во потрага по позначајни предмети што ја обележале нејзината обвинителска кариера, која стартувала во 2009 година, новинарите единствено го ископаа случајот со старателството на гевгеличанката Спаска Митрова. Затоа од старт се доведуваше во прашање нејзиниот капацитет да води сложени случаи од висока корупција, во која беа вмешани тогашните најмоќните луѓе во државата.
Сомнежите за нејзиниот интегритет дополнително се зголемуваа и при нејзиниот крајно неубедлив настап пред камера. На сите веднаш им беше јасно дека не е вешт оратор, но под прашање се доведуваше и нејзиното правно знаење, нешто во што требаше да биде најспретна. За да биде уште полош првиот впечаток се погрижи самата при првото интервју, каде што сите ја запаметија по нејзината блуза од чипка, а не по нејзините скромни ораторски способности.
Но, за нејзина среќа, првиот впечаток набргу избледе, кога на прес-конференцијата беше обелоденета првата истрага за „Титаник“. Нејзините вербални слабости ги пополнија помладите колешки Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи, на кои мудро им ја остави комуникацијата со јавноста.
И покрај изразената амбиција, Јанева несебично дозволи на исто рамниште со неа да застанат Ленче и Фатиме, создавајќи нова слика за СЈО, за кое синоним беа трите моќни жени обвинителки или Чарлиевите ангели, кои имаа храброст да му се спротивстават на режимот на Груевски. Па така, од избор прифатен со резерва, наеднаш беше обожавана, за што говореше високиот рејтинг, на кој ѝ позавидуваа сите политички лидери.
Иако самата верувала и била убедена дека е одличен обвинител, правните работи, пак, им ги доверувала на колегите што ги спремале обвиненијата, а честопати знаела да побара со прости зборови да ѝ се објаснат комплицираните финансиски трансакции и врски што ги откривале истрагите.
Иако и дел од нејзините доскорашни колеги откриваат дека шефицата не се истакнува како добар познавач на правото, сепак, посочуваат дека не можат да се занемарат нејзините менаџерски способности околу организирање на материјалните услови потребни за работа.
Јанева се избори за доволно финансиски средства и создаде пристојни просторни услови за работа, без некому да положува сметка, нешто што не им одеше од рака на дотогашните челни луѓе на обвинителствата. Оттука нејзиниот тим оценува дека би била одличен економски директор на некоја институција, но признаваат дека не била правникот што го очекувале.
БИЛА СТРАВ И ТРЕПЕТ ЗА КОЛЕГИТЕ
Но, од друга страна, пак, велат дека не можат да ја споредат со ниту една личност што ја познаваат, во однос на нејзиниот карактер, односно кога станува збор за нејзиниот однос со колегите, или помошниците, како што милуваше да ги нарекува. Нејзиниот избувлив карактер и краток фитиљ ги оставал без зборови. Па така, зад вратите на СЈО не било ни малку идилично и различно од сликата што јавноста си ја создаде.
На работа се одело со страв. Велат, ако утрото ја видиш и ти се насмее, тогаш можеш да се опуштиш и денот врвел добро, а во спротивно, посакуваш да не си стапнал на работа. Трескањето на вратите, компјутерите, урлањето, викањето и навредите по колегите било секојдневие, кое на почетокот ги шокирало останатите обвинители, но потоа, како што велат, „заради големата слика“ се навикнале и молчеле. Се раскажува случката кога на еден од состаноците фрлила пепелник кон еден од нив, а имало и пошокантни инциденти со физички напад и давење.
Неретко ги ставала обвинителите и под казна, па наместо во своите канцеларии, работеле во онаа на стручните соработници, а нив, пак, знаела да ги избрка од работа „на клоци“, а потоа, пак, ги враќала.
И откако ќе минела бурата, за краток период ѝ минувала лутината, па дури и се однесувала како ништо да не се случило.
Нејзината избувливост, во поблага форма, можеше да ја види и јавноста кога еднаш реши да се појави во судница. Наместо умереност и речник што доликува на еден обвинител, судењето го претворила во улична расправија како пред гранапче, со навреди кон судијката, порачувајќи ѝ дека не знаела да води записник и требало да се срами што го носи звањето судија (без разлика што критиката ѝ беше на место).
Сепак, една од поголемите мани што ја посочуваат нејзините поранешни соработници е дека во клучните моменти, кога станувало тесно и требало да се носат одлуки, не пресекувала, туку знаела и да се повлече и да ја снема на ден или два. Потоа, кога се враќала, одговорноста, онака бурно како што само таа знаела, ја барала од другите.
Од друга страна, пак, секојдневно со своите постапки им нагласувала дека таа е шефицата, дека целата моќ е во нејзини раце, а тие се само нејзини помошници. И ова не е далеку од вистината. Законот за СЈО ја направи Јанева единствената со право на глас и потпис, но поради тоа и целата одговорност е само на нејзините плеќи.
ДОВОЛНО ХРАБРА, НО НЕ И ИСТРАЈНА
Клучниот пресврт кај Јанева, видлив и надвор од затворените врати на СЈО, се случува со отворањето на истрагата „Империја“. На стартот е доволно храбра да ги уапси моќниците Сашо Мијалков и Орце Камчев, а набргу потоа да попушти и да носи одлуки, кои во тоа време ѝ оделе на штета на истрагата.
Односно, додека сѐ уште траеше еуфоријата на јавноста, Јанева намерно или ненамерно повторно ја наметна својата доминантна улога, презентирајќи дека таа е СЈО. Тука е и впечатокот дека таа политички го инструментализираше СЈО во корист на уставните измени за промена на државното име.
Во тој период, самата ја подгази дотогаш воспоставената пракса и принципи на СЈО, внимателно да се информира за истрагите и предистрагите, земајќи им ја улогата на Фатиме и Ленче, па самата одбра на Канал 5 да ги презентира новите истраги, читајќи ги по име и презиме осомничените.
По бегството на Груевски нејзиниот рејтинг и на СЈО почна да се топи, а таа сѐ повеќе ја интензивираше дружбата со сопственикот на 1ТВ, Бојан Јовановски. Пред да биде уапсена во „Рекет“, во нејзиното последно обраќање пред јавноста од просториите во СЈО, обвини дека Боки 13 ја злоупотребил, безмалку пресудувајќи му дека е виновен во штотуку отворената истрага против него. Но, кога подоцна заедно ги седнаа на обвинителна клупа, ја смени тактиката, односно запре со нападот и се држеше до одбраната.
Атмосферата што често владеела во СЈО, пак, ја долови на едно од рочиштата, кога со зборови од типот на ороспија ја навредуваше колешката Лиле Стефанова. И кога сите помислија дека тоа ѝ е последниот испад, следуваше најголемиот шок, кога неодамна беше повикана на состанок во ДЗР. Во моментот кога се почувствувала дека е загрозена и не гледала излез, почнала да се соблекува.
Сепак, тие што добро ја познаваат, велат дека не се шокирани од тоа што ја соблекла блузата, бидејќи очекувале невообичаена реакција кога е ставена во тесно, но она што ги запрепастило биле зборовите што ѝ ги упатила на присутната обвинителка. Таков излив на навреди и вулгарности немале можност да чујат, иако навредите биле нејзин својствен начин на комуникација.
Шокантна реакција се очекуваше и при објавата на пресудата за „Рекет“, но Јанева, сепак, реши да не се појави во судница, што е добар чекор, со оглед на нејзиниот темперамент.
Сума-сумарум, за неполни 4 години, Јанева доби неколку улоги и епитети. Беше оспорувана, па обожавана, за на крајот да заврши како едно големо разочарување. Но, тоа не е сѐ. На пат е да стане и жртва, бидејќи, и покрај сомнежите за нејзина вмешаност во „Рекет“, таа беше осудена на рекла-казала.
И на крајот, по сето ова, повторно се наметнува прашањето „Who is Katica Janeva?
СО САМО 7-ГОДИШНО ИСКУСТВО Е ИЗБРАНА ЗА „СПЕЦИЈАЛНА“
Катица Јанева е родена на 9.2.1965 година. Студирала на Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од 1983 до 1989 година, а правосудниот испит го положила во 1996 година. Во 1998 година, таа се вработила како стручен соработник во Судот во Гевгелија.
Својата кариера во Обвинителството во Гевгелија ја започнала во 2003 година, како помошник обвинител, по што 2009 е именувана за обвинител. Во 2010 година е избрана од Советот на јавни обвинители за шеф на Основното јавно обвинителство Гевгелија.
Јанева беше и едукатор во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, а има завршено повеќе обуки, меѓу кои висока обука за борба против мафијата, корупцијата и организираниот криминал во Италија. Во 2013 година била на студиски престој во САД, на обука за закони за кривична постапка.
Како член на управните ограни на Здружението на јавни обвинители учествувала во повеќе активности, меѓу кои и на подготвување на Законот за јавно обвинителство. Во 2014 година, нејзиниот проект со наслов „Алтернативи на затворските осуди, општествено корисна работа и други мерки“ е прифатен од американската амбасада во Скопје.
КОГА ЗАСТАНА НА ЧЕЛО НА СЈО, „ТЕЖЕШЕ“ 250.000 ЕВРА
Според анкетниот лист, Јанева, кога застана на чело на СЈО, „тежеше“ над 250.000 евра. Од личен имот имала пријавено само возило „рено 5 кампус“ вредно 4.000 евра, и две трансакциски сметки на кој вкупно има околу 500 евра.
Како имот на нејзиниот починат сопруг, Јанева пријавила плац од 263 квадратни метри во Конско, вреден 1.000 евра и земјоделско земјиште од 20.000 евра, моторно возило „ровер 45“, кое е проценето на 20.000 евра, девизен депозит од 80.000 евра и 20.000 евра од продадени акции. Како имот, пак, на родителите, обвинителката има наведено две куќи со двор, во вкупна вредност од 105.000 евра.
За време на својот мандат, пак, покрај својата редовна плата, Јанева заработила дополнителни 157.000 евра како дополнителен бонус.