(Архива) Министерот за образование бил доцент кај Мерко без признаена диплома

Министерот за образование, Јетон Шаќири денеска беше единствен функционер од ДУИ кој излезе во јавноста откако струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко беше ставен на црната листа на САД. Кажа дека секогаш се залагале за ветинг, а за другото ги упати новинарите во партијата. Тој е министер кој никогаш не работел друго, освен директор и функционер. Нему над глава му стои спорно именување за доцент на универзитетот на Мерко во Струга. Токму овој министер треба да го среди образованието, кое одвреме навреме, оти јавноста повеќе ја интересира политиката од образованието, ќе нѐ шокира и освести колку сме неписмени

by fokus

Текстот е објавен во јули 2022 во неделникот „Фокус“ со број 1396

Пишува: Фросина ФАКОВА – СЕРАФИНОВИЌ

Министерот за образование, Јетон Шаќири беше разочаран од резултатите што основците ги покажаа на приемниот испит во гимназијата „Орце Николов“, и, според кои, од вкупно 292 ученици, само 11 добија петка. Рече дека ова ја покажува реалната слика на образовниот систем и побара да се испитаат педагошките и психолошките причини за ваквите резултати.

-Ако сакаме да се изгради здрав образовен систем што ќе функционира и ќе дава резултати, треба сериозно да се поработи, а ќе работиме и ќе придонесуваме сите заедно за конкретните состојби, не само со последните случувања во гимназијата „Орце Николов“, туку воопшто во образованието, рече министерот.

Шаќири дојде на функцијата министер за образование на почетокот на 2022 година, од ресорот Министерство за информатичко општество, а ја наследи Мила Царовска.

Менувањето ресори се случи откако Алтернатива влезе во Владата и го доби Министерството за информатичко општество, Образование му припадна на ДУИ, а Царовска од СДСМ не стана дел од новата влада на чело со Димитар Ковачевски.

Ако Царовска беше секојдневно по медиумите со своите нови и нови идеи, Шаќири речиси и да го нема во јавноста, а тешко одговара и на новинарските прашања.

Според биографијата објавена на веб-страницата на владата, Јетон Шаќири е роден во 1987 година во Струга, каде што завршил основно и средно гимназиско образование.

Во 2005 година се запишува на Економскиот факултет при Државниот универзитетот на Тетово, каде што дипломира во 2008 година.

 НАУЧНА КАРИЕРА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ НА МЕРКО

Во 2008 година се запишува на постдипломски студии на Економскиот факултет на Меѓународниот универзитет во Струга, каде што сопственик е сопартиецот на Шаќири, актуелниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко. Таму во 2010 година, со одбраната на магистерскиот труд се стекнал со научен степен магистер по економски науки.

Во 2010 година се запишува на докторски студии на Економскиот факултет на Универзитетот во Тирана и на 16 септември 2016 година ја одбранил докторската дисертација.

Искуството како предавач на група предмети по економски науки го почнува многу млад.

Од 2008 до 2010 година како помлад асистент е соработник по група предмети од областа на економските науки на Факултетот за економски науки на струшкиот универзитет. Потоа станува асистент, а од 2013 до 2016 е асистент докторанд на овој факултет.

Цело ова време бил раководител на додипломските и постдипломските студии на универзитетот на Мерко и е директор на „Проаква“ Струга, а потоа го води и  „Водовод и канализација“ – Струга. Во 2020 година станува министер за информатичко општество во владата предводена од Зоран Заев.

 ОД РАЃАЊЕ МИНИСТЕР И ДИРЕКТОР

 Богатата биографија на младиот министер открива дека тој бил толку успешен и талентиран, што, освен директор и министер, не работел ништо друго.

Во годините што се изнаредени на страницата има една спорна година, а тоа е 2016 година. Според биографијата, од 29 ноември 2016 година, тој како доцент е наставник по група предмети од областа на економските науки на универзитетот каде што ја градел својата научна кариера.

Доцент е првиот од четирите универзитетски рангови, пред вонреден професор и редовен професор, а за да се добие оваа титула, кандидатот треба да има завршено докторски студии.

Но, „Фокус“ поседува решение што го добил вишиот инспектор во пензија Ѓорѓи Илиевски по слободен пристап на информации од јавен карактер, во кое се гледа дека неговата диплома е признаена, односно нострифицирана во 2017 година, кога веќе тој бил именуван за доцент на струшкиот универзитет. Односно бил именуван за доцент без признаени докторски студии.

Според решението, дипломата за завршени докторски студии во Тирана, Албанија, е издадена на 3 февруари 2017 година, додека Министерството за образование и наука му ја признава дипломата за завршен трет циклус докторски студии и стекнат научен степен Доктор од областа на економијата, во мај 2017 година.

-Сите што имаат завршено, односно докторирано во странство, како Шаќири, не може да биде унапреден во доцент, повисоко наставно- научно звање, бидејќи докторската не му е нострифицирана, односно признаена тука во Македонија, објаснува за „Фокус“, инспекторот Илиевски.

Аферата со дипломите на струшкиот универзитет пукна кога во 2018 година, Илиевски заедно со уште еден инспектор беа избркани од универзитетот каде што требало да извршат повторен инспекциски надзор за утврдување на спроведувањето судска одлука донесена во 2015 година по пријавата од МВР за постоење фалсификувани дипломи на универзитетот.

По пријавата на МВР од 2015 година, инспекторите извршиле надзор и констатирале дека има стотици студенти од странство (од Турција), кои студираа на МУС, а кои биле запишани без да им бидат нострифицирани дипломите во Македонија, од претходното образование што го стекнале во нивната земја.

Во меѓувреме универзитетот вложил жалба на записникот од инспекцискиот надзор до второстепената комисија при МОН и до Управниот суд, кои ја одбиле нивната жалба како неоснована.

ИНСПЕКТОРИТЕ НЕ СЕ ДОБРЕДОЈДЕНИ ВО МУС

Но, подоцна Вишиот управен суд ја уважува нивната жалба, поведувајќи се од законската одредба дека сите студенти (и странски, и домашни) ги имаат истите права.

Сепак, според членот 159 од Законот за високото образование, странските студенти можат да бидат запишани на студии на македонските универзитети, откако ќе им бидат нострифицирани дипломите за претходно стекнатото образование во странство

При друг инспекциски надзор, извршен во 2016 година, било констатирано дека е направен избор за доцент и вонреден професор на МУС, без да биде нострифицирана неговата докторска диплома од универзитетот во Нови Пазар (Србија). Тој доцент и вонреден професор е градоначалникот Мерко, чија сопруга официјално е всушност сопственик на Меѓународниот универзитет во Струга.

И претходникот на Шаќири во образование од матичната партија, Арбер Адеми беше под лупа на институциите откако Илиевски при редовен инспекциски надзор утврди дека Адеми незаконски е избран во наставно-научно звање доцент. Имено, во периодот на изборот, неговото работно место на ДУТ било во мирување.

-На 13 април 2016 година, Државниот универзитет во Тетово донел решение за мирување на работниот однос на Адеми како асистент на Правниот факултет сѐ додека ја врши функцијата министер без ресор во Владата, согласно Законот за работни односи.

Но, во периодот на мирување Универзитетот поведува постапка за избор на еден наставник. Ректорската управа на 3 февруари 2017 година донесува одлука со која асистентот м-р Арбер Адеми се избира во наставно-научно звање доцент по предметите меѓународно приватно право и арбитражно право, утврдил Илиевски.

СПОРНИ ЗВАЊА ИМАА И АДЕМИ И НУХИУ

Освен Адеми, со иста шема, вонреден професор станал и тогашниот заменик-министер за внатрешни работи, Агим Нухиу.

-Постапката за избор на д-р Агим Нухиу во наставно-научно звање вонреден професор е незаконита, од причина што неговиот работен однос е во мирување како заменик-министер во Министерството за внатрешни работи во Владата на Република Македонија, се вели во претставката на Илиевски до институциите.

Предмети за ова отворија и Антикорупциската комисија, но и тетовското обвинителство. Обвинителството истражуваше како овие функционери добивале хонорари од Тетовскиот универзитет за настава додека работните места им биле во мирување.

За нив досега нема поведено никаква постапка. Нухиу сега е заменик во Министерството за правда, а Адеми пратеник, кој кога ќе се изнервира фрла по своите колеги со филџани и шишиња.

Скандал со дипломата имаше и за уште еден поранешен министер за образование од редовите на ДУИ, кој сега е веќе покоен, па нема да го споменуваме ниту скандалот, ниту неговото име.

Но, факт е дека за нешто повеќе од 30 години независност, земјава имала 19 министри за образование.

Во изминативе 30,5 години, министер за образование во просек се менувал на секои 1,6 години. Само еден министер истерал цел четиригодишен мандат. Во текот на целиот период од 1991 година досега просечната старост на министрите за образование во моментот кога стапувале на функција била 40,4 години.

Од 2000 година наваму немало министер за образование кој имал повеќе од 45 години кога ја презел функцијата, а 8 од нив биле во своите 30-ти години од животот.

Додека образованието тоне и сѐ повеќе и повеќе се шокираме од тестирањата и од резултатите на учениците, овој сектор им служи на партиите за политичко пазарење, односно распределба на владиниот колач.

МИНИСТЕРОТ „МУВА НЕ ГО ЛАЗИ“!

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири не одговори на нашите прашања што му ги пративме навремено, како го коментира решението што го поседуваме дека неговата диплома за завршени докторски студии била признаена во 2017 година, а тој работел како доцент од 2016 година.

Шаќири во телефонски разговор ни рече дека бил во странство и бил многу зафатен, а потоа нѐ упати прашањата да ги поставиме на Меѓународниот универзитет во Струга, бидејќи тој не сакал да ги коментира.

На универзитетот никој не одговори на нашите телефонски повици. Освен прашањата за тоа како министерот бил доцент без нострифицирана, односно признаена диплома за завршени докторски студии, „Фокус“ испрати прашања и за неправилностите што беа регистрирани на струшкиот универзитет, за квалитетот на студиите.

-Во 2018 година, инспектори од Државниот просветен инспекторат беа нападнати на Меѓународниот универзитет во Струга, а беа таму под сомнение дека стотици студенти и професори на Универзитетот се без нострифицирани дипломи, меѓу кои и градоначалникот Рамиз Мерко.

Што случи со овој случај, дали има некаква завршница? Кое е Вашето мислење за квалитетот на студиите во Македонија?

Последно беше обелоденето дека во средно училиште се запишуваат ученици со сите петки, без реално знаење. Имате ли некаков план како да се подобри образованието?, беа дел од прашањата што му ги испративме.

До затворањето на бројот не добивме одговор.

 

Поврзани новости