Текстот е објавен во неделникот „Фокус“, во број 1214, на 9 декември 2020 година.
Пишува: Валентина ВУРМО
Според прогнозите на ЈП„Македонија пат, или по ново, Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, зимава буквално ќе бидеме претрупани со снег, односно ќе имаме големи и интензивни снежни врнежи, иако изминатите години сме сведоци дека зимите се се поблаги, а врнежите од снег се поретки.
Но, од јавното претпријатие очигледно имале поинаква пресметка, бидејќи за претстојната зимска сезона набавиле (резервирале) рекордна количина на индустриска сол за автопатите, поточно дури 60.000 тони, вредни речиси 7 милиони евра. Со оваа сол ЈП „Македонија пат“ планира да ги истопи снеговите на магистралните и регионалните патишта под територијата на Скопје, како и автопатите Велес, Штип и Битола.
Иако, набавката е направена за две години, сепак, количината и цената ги надминуваат набавките од изминатите години. Затоа е нејасно од каде е процената дека ќе ни треба толку многу индустриска сол, ако се знае дека во минатото се трошело трикратно помалку за оваа намена.
ГОДИНАВА НАБАВЕНИ РЕКОРДНИ 60.000 ТОНИ
„Оправдувањето“ на надлежните за огромната набавка на индустриска сол може да биде дека не сакаат снегот да ги изненади годинава, или дека не се обврзани да ја добијат и платат целата количина, туку зависи од потребите на терен.
Но како и да е, еве зошто последната набавка на сол за претстојната сезона паѓа во очи.
Ако се погледнат набавките на јавното претпријатие за индустриска сол низ годините, веднаш се забележува дека секоја следна година се зголемувала нарачката за сол, а со тоа и фактурите за плаќање се се „посолени“.
Според податоците кои се достапни на сајтот на Бирото за јавни набавки, набавките на сол во текот на изминатите четири години се зголемиле за три пати, ако се има предвид дека последната набавка се однесува за две години.
Па така, во 2017 година претпријатието набавило 12.000 тони сол за кои биле платени 1,4 милиони евра. Во 2018 година се набавиле 21.500 тони за 2,4 милони евра, во 2019 година се набавени 24.150 тони за 2,8 милиони евра и во тековната година е набавено 60.000 тони, за речиси 7 милиони евра. Последната набавка иако се однесува на две години, сепак, е значително зголемена.
Година Количина (во тони) Цена (во евра)
2020 60.000 7 милиони
2019 24.150 2,8 милиони
2018 21.500 2,4 милиони
2017 12.000 1,4 милиони
Затоа прашавме, зошто секоја година се трошат се повеќе пари за набавка на индустриска сол, и зошто последната набавка е направена за две години?
Од претпријатието појаснуваат дека годинава ќе имаат повеќе патишта за чистење, па затоа им е потребно повеќе сол.
-Зголемените количини на набавката на сол последните 2 години се должат пред се на зголемената патна мрежа со примопредавање на aвтопатот Демир Kапија – Смоквица и експресниот пат Миладиновци –Штип, граничниот премин Белановце, граница со Косово како и неколку регионални патни правци, ни одговорија од претпријатието.
Оттаму додаваат и дека согласно новите европски стандарди зимското одржување на автопатиштата се врши исклучиво со сол, како не би дошло до оштетувања на возилата при големи брзини, кога посипувањето би се вршело со сол и ризла.
-Исто така, предвидените количини на сол се претходно одобрени од страна на Надзорниот орган и се набавуваат во фази со претходна писмена согласност од страна на Јавното претпријатие за државни патишта. Двегодишната набавка на сол е од причина за континуирана набавка на сол, бидејки набавката се врши од увоз како и за намалување на трошоците за објавување, појаснуваат од претпријатието.
КОЈ Е ОМИЛЕНИОТ ДОБАВУВАЧ НА СОЛ?
Покрај рекордната количина, за која од претпријатието даваат објаснување, друго нешто што паѓа во очи е и дека веќе четврта година по ред, пак, победник на тендерот е една компанија, која без конкуренција победува на тендерите. Станува збор за демирхисарската фирма „Димакс рудници ДООЕЛ“.
За послединот тендер, проценетата вредност на претпријатието била 424.800.000 милиони денари, а компанијата која единствена се јавила на огласот, дала понуда пониска за 58.505 денари.
Според податоците од Централен регистар, компанијата постои уште од 2007 година, а сопственик и управител е Славе Димовски. Освен тендерот за набавка на индустриска сол, компанијата изминативе години добила десетина тендери од Македонија пат.
Договорот го потпишал директорот на претпријатието Беким Мемеди, кој на челната позиција застана во јули 2019 година, кога беше сменет неговиот претходник Гајур Кадриу.
На нашето прашање, зошто изминатата година само од една компанија се набавува сол, и дали на огласот не се пријавуваат други фирми, од Македонија пат појаснуваат дека право на учество имаат сите економски оператори.
-Во врска со пријавените економски оператори и добиените договори за набавка истакнуваме дека набавката оди преку мегународниот систем на објава на тендери TED со што право на учество имаат економски оператори и од земјата и од странство, ни одговорија од Македонија пат.
СЕ ПОСОЛЕНИ И ТЕНДЕРИТЕ ЗА МЕХАНИЗАЦИЈА
Но, освен тендерите за набавка на сол, низ годините се „посолени“ стануваат и тендерите за ангажирање на механизација за чистење на снегот. Иако тоа е обврска на претпријатието, сепак, очигледно е дека нивната механизација не е доволна, па ангажираат приватни фирми за да чистат со нивни машини.
Кон крајот на 2018 година, претпријатието за сезоната 2018-2019 година случило договори за ангажирање на механизација за чистење на снегот од патиштата, вредни над 1,5 милиони евра. Поголемиот дел од колачот, или речиси 1,3 милиони евра отишле кај фирмата НБ-ТРАНС СОМПАНУ ДОО Тетово, а само мал дел кај фирмата ЈА-МИ експорт-импорт ДООЕЛ Кавадарци, или 265.000 евра.
Тетовската компанија од 2016 година континуирано ги добиваше тендерите за зимско оддржување на патиштата. Но, во последниот тендер за оваа намена, името на компанијата не се наоѓа меѓу победниците.
Поточно, за сезоната 2019-2020 година, пак, овој тендер тежел за еден милион евра повеќе од лани, односно речиси 2,6 милиони евра, за што биле склучени десетина договори со повеќе компании.
Најголем дел од тендерскиот колач го земала тетовската компанија „Ган-логистик’“, односно 772.000 евра, договори во вредност од 597.000 евра склучила фирмата „Јоскатранс-Трејд“ од Демир Хисар, кај струмичката „Дикор ЦД“ ангажманот е за 560.000 евра, договорите на „Ринџо“ од село Брвеница тежат 363.000 евра и на „Ја-ми“ од Кавадарци ангажманот на механизацијата чини 295.000 евра.
Бидејќи на тендерите повторно водството го има тетовска фирма, проверивме кои стои зад оваа компанија. Податоците од Централен регистар ни открија дека новата „Ган логистик“ е всушност старата „НБ-Транс“, односно победничката од минатите години.
Оваа компанија во три наврати го менувала своето име. Во 2007 била со името „ТИНА ЕНГИНЕЕРИНГ“, потоа, од 2010 година се прекрстила во „НБ-ТРАНС СОМПАНУ“, а од март 2019 година е именувана како „ГАН – ЛОГИСТИК“.
Како сопственици се јавуваат истите сопственици, Насер и Бурим Ибиши.
ЗОШТО СЕ ПЛАЌААТ ТУЃИ ВОЗИЛА?
Тоа што и понатаму растат тендерите за ангажирање на приватни фирми за одржување на патиштата, покажува дека ова претпријатие самостојно не ја извршува својата обврска за одржување на патната инфраструктура. Од друга страна, користењето на надворешна механизација неколку години по ред го отвара прашањето во кој обем би се обновил возниот парк на ова јавно претпријатие, доколку средствата кои се одлеваат во приватните компании се пренаменат за набавка на булдожери, камиони, снегочистачи и друга механизација неопходна за зимско одржување на патиштата.
„Македонија пат“ главно се финансира од средствата што ги добива од „Државни патишта“, кое пак е најбогато јавно претпријатие во Македонија со 140 милиони евра приходи главно од патарини, акцизи на горивата и регистрации на возила и има трета најголема добивка за 2019 во земјата од 47 милиони евра.
Често од таму се споменува дека опремата е амортизирана и дека вреди само неколку проценти од цената која била купена на времето, па затоа е нејасно зошто не се вложува во своја, отколку да се изнајмува приватна?
Според податоците од „Македонија пат“, претпријатието располага со
98 товарни возила опремени со снежен плуг и соларки, 96 градежни машини, 60 полутоварни возила, 7 мерцедес унимази опремени со фреза за чистење на снег и една ЗИЛ машина за чистење на снег, кои очигледно не се доволни за да самите се справат со снегот.
Неодамна, пак, од Владата им дадоа друга задача, односно одлучија ова претпријатие да ја сруши дивоградбата кај „Мавровка“. Сега стравувањата се претпријатието да не се насочи кон новиот „бизнис“, бидејќи дивоградби за рушење има безброј, а да заборават на снегот.
На ваквото сценарио сигурно ќе тријат раце приватните фирми, кои ќе не „извозат“ со уште посолени тендери.