Архива: Мијалков ме заглави во „Шпион“ за да си го заштити криминалот во Одбрана и бизнисот во Чешка!

by Fokus

Текстот е објавен на 16 септември, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1093

Разговараше Љубиша АРСИЌ

ФОКУС: Во пресрет на одлуката на Апелација, откако СЈО побара казните да ви се намалат до ниво на условни, очекувате ли дека ќе има одговор за две до три седмици или поверојатно е дека второстепениот суд ќе тактизира до избори, за потоа полесно да одлучи?

КОШИНОВСКИ: Токму нејасната формулација за нас тројцата беше причина адвокатите да реагираат, односно да се информираат што практично бара СЈО за нас. Потоа, со прост речник ни беше пренесено дека тоа значи оти 13-те месеци поминати во притвор некако ќе се пресметаат како казна, а остатокот до три години ќе се преиначи во условна казна. И мене не ми е јасно докрај, но некако ми стои дека постои намера да ја избегнат обврската да ни платат отштета за незаконското притворање. Но, ова секако е во игра ако судот застане на ставот на СЈО. Јас сметам дека повисокиот суд мора да одлучи брзо и да донесе, во најмала рака, пресуда со која предметот ќе се врати на ново судење.

ФОКУС: Какви аргументи изнесовте пред Апелациониот суд?

КОШИНОВСКИ: Ако Апелација ги земе предвид сите факти и ако е објективна и сериозно ги изанализира елементите на обвинителниот акт, но, пред сѐ, нашите аргументи, предметот мора да го врати на повторно судење пред понискиот суд. Пред сѐ, поради материјалните прекршувања на постапката. Еве конкретен пример: првостепениот судија никогаш не ни ги даде на увид наредбите за посебните истражни мерки со кои сме биле следени и снимани. За кривични дела против државата, какво што е нашево, законот предвидува оти е неопходно да има наредба за прислушување од Врховниот суд, а исклучиво по барање на државниот јавен обвинител. Тоа во случајов го нема. Судската власт се вади дека посебните мерки биле за делото злосторничко здружување и по тој основ наводно нѐ прислушувале, но јас не сум обвинет за такво дело, а не се и некои други. Тогаш, како нас, обвинетите за шпионажа, сериозно дело против државата, нѐ следеле без наредби на судот? Еве, само поради ова, апелационите судии мора да го вратат процесот назад.

НЕ ПОСТОИ СУДСКА НАРЕДБА ЗА НАШЕ СЛЕДЕЊЕ

ФОКУС: Ако се следи теоријата, но и светските судски процеси за шпионажа, јасно е дека за да се потврди делото, неопходно е да се исполнат некои услови. Дали Јавното обвинителство докажа дека сте шпиони и кој е нивниот најсилен аргумент?

КОШИНОВСКИ: Во текстот на Бранислав Нушиќ со наслов „Сомнително лице“ има повеќе криминал отколку во нашиот случај. Прво, како е можно кривични дела како уцена, изнуда или поседување оружје да се судат во ист процес со шпионажа? Како во иста судница се суди за одземени компјутери со кои се врши изнудата и нашето дело, кое, ако се докаже, е сериозен удар врз државата? Ама, токму несериозноста во пристапот на полицијата и на Јавното обвинителство во целиот предмет ја создаде таквата нелогичност. Да прецизирам, за да обвиниш некого за шпионажа, а тоа е потврдено во светската практика, мора да имаш три елементи – да располагаш со документи кои се класифицирани како државна тајна, да ги предадеш некому, како на пример, на странска разузнавачка служба и трето, сето тоа да е документирано со видео, аудио или со релевантни сведоци. Ниту еден од овие кумулативни услови не е исполнет во случајот „Шпион“.

ФОКУС: Чекајте, вие сте биле на високи позиции во разузнавачките служби, зар сте немале пристап до државни тајни?

КОШИНОВСКИ: Мојот сертификат бил секогаш со назнака строго доверливо, така е до ден денес. Значи, не сум ни можел да имам државна тајна. И тука веднаш мора да падне обвинителниот акт против мене. Ако нешто немам, не можам ни да го предадам. Да не зборувам дека нема ниту видео, ниту аудиодокази. Ајде да претпоставиме дека сум му дал нешто на првообвинетиот Марјан Ефремов, за што и практично ме товарат. Па, тие напишале во актот дека во 2005-та јас сум имал соработка со Ефремов. За волја на вистината, таа година јас сум на раководна позиција во военото разузнавање, а тој е висок службеник во Агенцијата за разузнавање, две институции кои имаат потпишано договор за соработка. Значи и да сум имал средби со него, тие можеле да бидат официјални и службени, а за да се докаже дека биле поинакви, односно дека биле шпионски, мора да има јасни докази – снимки и факти. Вака излегува дека обвинителниот акт е импровизација и уште пострашно – измислица.

ФОКУС: Тогаш, зошто „Шпион“? Чија конструкција е случајот? Како е правен списокот осомничени?

КОШИНОВСКИ: Неспорен е впечатокот дека една од главните цели на случајот беше новинарот Зоран Божиновски. Најверојатно постоеше намера тој да се замолчи, а неговите извори да се санкционираат затоа што постојано го хранеа со информации против власта. Мислам дека се потврди оти тој како новинар имал комуникација со најмалку тројца од обвинетите. И сега само можам да претпоставам дека оттаму почнала играта на власта. Знам дека прво сме биле повеќе од 80 осомничени, па потоа шеесетина, за на крајот да завршиме 24 обвинети, а сега на крајот, пред одлуката на Апелација сме 18. Дека власта им се одмаздува на поединци, зборува и фактот што десетина од обвинетите и натаму се во притвор. Деновиве се навршија точно три години откако се зад решетки, иако казните им се помали од пет години, некои имаат по три години и шест месеци. Зошто? Ниту можат да го повторат делото, ниту да влијаат врз сведоците, ниту да заминат некаде оти се фамилијарни луѓе и затоа што поголем дел од казните ги издржаа во притвор.

ЕДЕН ЦЕНТАР ПРЕДВОДЕН ОД ТРОЈЦА ГО КРЕИРАШЕ „ШПИОН“

ФОКУС: Може ли подиректно да ми одговорите? Ако сето ова што го изнесувате е вистина, тогаш кој е креатор на процесот?

КОШИНОВСКИ: Ако бидам подиректен, ќе морам да кажам дека зад ова стои еден центар, а тој центар го водат Сашо Мијалков, Тони Јакимовски и Љупчо Андоновски, сите добро позиционирани во МВР и во безбедносно-разузнавачките служби. Тука ќе потсетам дека во нашето приведување учествуваа агенти, кои јас ги имам вработено во службите. Потоа дознав дека ним им било соопштено утрината во 5 часот дека во 6 ќе одат да приведуваат колеги. Истото утро биле ангажирани и полициските единици за брзо распоредување. Значи, никој не знаел освен еден потесен круг. Со што може ова да се потврди? Утрината одат да ме апсат во куќата во Влае, во која не живеам со години. Па, ако навистина една година ме следеле со законски мерки, тогаш ќе знаеја дека во таа куќа не одам одамна. Таму налетале на еден од моите синови и му вперуваат автоматско оружје за да открие каде се кријам, иако тие ја згрешиле адресата.Во меѓувреме, ми се јавува вработена во Министерството за одбрана и ме повикува во моите работни простории, во Секторот за човечки ресурси, позиција на која ме набркаа само за да не бидам дел од службата, за да биде извршен некаков претрес. Заминав веднаш. Полицијата упадна и претресуваше. Потоа истото го правеше по вторпат за да снимале камери!?

ФОКУС: Ако е точно дека постоеле неколкумина што имале намера да се одмаздуваат или некого да скротат, тогаш зошто вие и останатите од „Шпион“ сте им биле трн во око на тројцата креатори на процесот?

КОШИНОВСКИ: Сите во „Шпион“ сме избрани затоа што сме потенцијална опасност за бизнисите за власта и нивното политичко дејствување. Сите имаме свои лични приказни и секој ја знае својата причина зошто е меѓу обвинетите. Практично, ние настрадавме затоа што многу знаеме, односно можеме да предизвикаме тие да страдаат.

ФОКУС: Која е вашата приказна?

КОШИНОВСКИ: Од позицијата шеф на военото разузнавање имав контакти со многу воени аташеа и акредитирани разузнавачи во странските амбасади во Скопје. Сите тие доаѓаа кај мене на службени состаноци. Некои од нив речиси секојдневно. Паметам дека во 2006-та, кога ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите, прв интерес на странските разузнавачи беше Мијалков. Непрекинато прашуваа кој е тој, колку е моќен, какви фамилијарни релации има со Груевски. Некои држави, како Србија, Хрватска, Словенија, бараа потврда дали татко му Јордан Мијалков соработувал со КОС. Потоа наеднаш многумина од аташеата или разузнавачите, во зависност од тоа која држава какво лице имаше акредитирано, почнаа да пројавуваат интерес за фирми што перат пари и во кои се сомневале дека е можно да се вклучени и македонски државјани. На списокот имаше и фирми што се сместени во Чешка и за кои од поодамна разузнавачите имале податоци и сознанија за финансиски криминал. На тие состаноци аташеата од државите соработнички ме брифираа, а документите што ми ги доставуваа остануваа во архивата на военото разузнавање.

ФОКУС: Но, каква е врската на тројката – одмаздници за која зборувате со ваквите сознанија на странските служби?

КОШИНОВСКИ: Е па, потоа Мијалков и неговите соработници дознале оти јас имам податоци за лица од Македонија и за фирми во Чешка кои переле пари од сомнителни приходи. Претпоставувам дека некој од нив, или некој од нивното опкружување се препознал во материјалите на странските служби. Таа, 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ доаѓа на власт, а во УБК се поставуваат проверени фамилијарно-партиски кадри од доверба кои по службена должност дознаваат за списокот со фирми и перењето пари, па тоа им станува сериозен проблем и почнуваат да ги елиминираат сите што знаат за тоа.

ДОЦНА СЕ СЕТИВ ДЕКА САКАЛЕ ДА МЕ ЛИКВИДИРААТ

ФОКУС: Ама, ако тоа било во 2006-та, зар власта би чекала дури до 2013-та за да го креира „Шпион“? Особено ако се знае дека од 2006-та до 2013-та никој никогаш не отворил истрага за некаков криминал на првите луѓе од ВМРО-ДПМНЕ.

КОШИНОВСКИ: Не, не… „Шпион“ е само крајот на приказната. Со судскиот процес целосно успеваат да ме тргнат од службите што беше нивна крајна цел. Претходно, имаа неколку обиди да ми го направат тоа, само што јас тогаш не знаев. На пример, во 2007-та патувавме со еден колега на службен пат. Возевме на прав пат со брзина од 90 километри на час и наеднаш, непредизвикано од ништо, без возачот да изгуби контрола, возилото ни се преврте и излетавме од патот. За среќа, останавме живи, но возилото беше целосно уништено. Тогаш не го сфатив тоа како закана, но потоа дознав дека тоа било практично атентат врз мене. Се споменуваа намерни оштетувања на тркалото кои го предизвикале излетувањето на нашето возило од патот. Тие денови мои колеги ме предупредуваа дека некој сака нешто да ми стори, но јас не верував дека до таму се отидени.

ФОКУС: Од сообраќајниот инцидент до приведувањето за „Шпион“ има шест години. Дали во тој период имавте закани, притисоци или обиди за ликвидација?

КОШИНОВСКИ: Одново процесот „Шпион“ ме потсети дека претходно власта правела сѐ, само за да ми наштети. Имаше неколку инциденти со напади врз полициски патроли, па МВР побара соработка од военото разузнавање. Една вечер, кога се враќав од терен, токму полицијата на која ѝ помагав, во потрагата ми испратила Алфи кои ме следеа цела вечер, за на крајот да ме запрат и да ме легитимираат. При таа контрола забележаа дека бројките на регистарските таблички не одговараат на оние во сообраќајната дозвола. Се потрудив да им објаснам, иако тие го знаеја тоа, дека во службата имаме поголем број лажни регистрации, па дури и странски, па и дипломатски, сѐ со цел да криеме траги, оти таква ни е работата. Полицајците примија телефонска наредба да ме однесат во станица. Таму, како и на истражен судија им објаснив за процедурата околу табличките и праксата што ја имавме во службата. Незнаејќи како да го продолжат предметот за наводен фалсификат, го прекинаа се до 2014-та кога, додека бев во притвор, го искористија да го отворат уште еднаш, со цел да покажат дека не ми е мене грешката само „Шпион“,туку имам и други дела. Арно ама, во друга постапка се докажа дека ниту сум фалсификувал, ниту сум имал потреба за тоа.

ОТКРИВМЕ ФИНАНСИСКИ ЗЛОУПОТРЕБИ НА МИЈАЛКОВ И НА КЉУСЕВ

ФОКУС: По работата во Управата за безбедност и контраразузнавање и во Агенцијата за разузнавање, каде што постојано бевте на началничка функција, стигнавте во военото разузнавање. Пред вас таму шеф беше Мијалков. Го истражувавте ли неговото работење, особено во делот на сомнителни јавни набавки?

КОШИНОВСКИ: Во тоа време знам дека се појавија многу докази за вмешаност на луѓе од власта во продажба на оружје, шверц на цигари и алкохол и што ли уште не… Е, некој мораше да го спречи тоа. Мораше да ги елиминира сите што знаеме многу. Дел од луѓето и денес можеби имаат докази за некои од случаите. За да го покријат својот криминал, тие го создадоа процесот „Шпион“. Инаку, во военото разузнавање најдовме хаос, пред сѐ, злоупотреби. Сѐ било правено преку главните играчи. Ги знаете кои биле во тоа време. Низ потрагите по докази се оперираше со сума од пет милиони германски марки. Оперативци го проверуваа периодот од 1998 до 2000 година, кога шеф на военото разузнавање е Мијалков, а министер за одбрана е Кљусев.

ФОКУС: И како заврши таа истрага? Има ли кривична пријава, имаше ли некаква постапка? Оти за ова јавноста знае малку.

КОШИНОВСКИ: Знам дека имаше истрага. Знам и дека имаше докази. Сѐ беше склопено во еден предмет. Но, претпоставувам дека тогашната раководна политичка структура во Министерството за одбрана, па и во Владата, не сакаше докрај да се затвори ова прашање. По некое време се прекина со предметот. Истрагата беше фокусирана на Мијалков и на Кљусев, како лица кои знаеле и биле задолжени за набавките. Целата работа стигна и до кривична пријава, која никогаш не беше поднесена.

ФОКУС: Тоа значи дека гарнитурата на СДСМ не остава до крај да се реши случајот. Тогаш Бучковски е министер за одбрана, а Црвенковски премиер. Зошто тие би го штителе Мијалков?

КОШИНОВСКИ: Не би знаел точно да одговорам каков бил интересот на двете страни и што политички договориле ако нешто договориле, само знам дека луѓе од бизнисот кои имаа релации и со едните и со другите се појавуваа како посредници за наводно да се реши случајот со пријавата. Повеќе не можам ништо да откријам оти не знам.

ФОКУС: Дали во тие интерни истраги откривте нешто околу набавка на опрема за прислушување?

КОШИНОВСКИ: Опрема за прислушување во военото разузнавање нема иако Министерството набавувало. Кога јас дојдов на позиција, опремата за прислушување ја немаше и никогаш не успеав да дознаам каде завршила, дали во партиски штаб или во приватна куќа. Важно беше дека на хартија откривме оти е купувана опрема за прислушување, но фактички никаде ја немаше низ Министерството. Паметам дека во материјалите што ги откривме имаше еден документ дека опремата е набавувана за потребите на секторот за безбедност и контраразузнавање, но реално немаше ништо, освен една голема црна кутија.

ФОКУС: Каква црна кутија? Дел од опрема за прислушување?

КОШИНОВСКИ: Тоа беше еден за нас чуден дел ставен во огромна црна кутија. Тогаш моравме да ангажираме вештаци за да ни потврдат за што станува збор. Беше јасно оти тоа е дел од систем за прислушување, но дека му недостасувале уште два дела за да може да функционира. Каде беа другите два дела не знаеше никој, односно знаеја само тие што набавувале опрема и ја криеле. Дали тоа беше дел заборавен во неможност да биде пренесен оти дојде нова раководна структура во одбраната, не знам. Ама знам дека го добивме впечатокот оти деловите за прислушување стигнувале дел по дел. Но, еве, изминуваат дваесетина години од тие криминални набавки и не знам колку делата не се застарени. Како и да е, политиката отсекогаш ги штитела криминалците. Инаку, црната кутија остана во МО и Господ знае каде е сега.

ФОКУС: За колкава сума се работи? Прашувам за опремата за прислушување. За колку пари е набавена таа опрема што ја нема и дали е од Израел?

КОШИНОВСКИ: Ако се сеќавам, сумата беше околу 800 илјади марки, но нагласувам за еден договор и една набавка. И беше од Израел. Но, ние таму откривме и други набавки, како оваа со кутијата што ви ја споменав, па и други далеку поскапи.

ГРЧКО- МАКЕДОНСКИ БИЗНИСМЕН МЕ ЗАГЛАВИ ВО „ШПИОН“

ФОКУС: Вие практично сте му „дишеле во врат“ на Мијалков во обид да му откриете криминал, и со набавките во одбраната, но и преку фирми чии имиња сте ги имале од странските служби!

КОШИНОВСКИ: Може да се каже така, но ако добро размислам има уште причини зошто завршив како обвинет во „Шпион“ и во притвор. Мислам дека тука своја улога има и еден бизнисмен од Грција, познат на македонската јавност по вмешаноста во продажбата на „Окта“, по хотелите на скопскиот плоштад, па дури и како посредник за решавање на спорот за името со Грција. Но, ќе го паметиме и по неговата улога на заштитен сведок во еден друг политички монтиран судски процес. Јас многу знам за минатото на овој човек, а тој, исплашен да не го откријам, најверојатно има побарано заштита од власта во Скопје оти последните години стана нивен пријател и соработник.

ФОКУС: Не сакате да го кажете неговото име, иако јавноста го препозна токму Емануел Малелис Маноли во случајот „Кампања“, во кој беше наместен Љубе Бошкоски. Што ви значи тоа дека многу знаете за него и зошто информациите за него би ѝ наштетиле на власта, па морала да го заштити?

КОШИНОВСКИ: Јас од 1989 до 1998, додека не дојде на власт Љубчо Георгиевски и не станаа пријатели, работев со него, со Гркот. Нема да кријам и ќе кажам дека интенцијата беше да стане соработник на македонските служби. Ако некој му ги знае сите доверливи работи на овој човек и сите негови компромитации, тоа сум јас. Затоа, според моите информации, тој барал заштита од власта поради мене. Значи, од една страна Мијалков беше исплашен што знам за фирмите во Чешка и за перењето пари, од друга, мораа да му завршат работа на Гркот оти тој им се наметна како главен сојузник во бизнисите. Таму ги гледам причините за мојата елиминација од безбедносните служби. Но, еден ден може и сѐ ќе се дознае.

Рамка

НЕМАМ РАБОТЕН СТАТУС, А ЗАКОНСКИ МОРАМ ДА СУМ НА РАБОТА

ФОКУС: Каде сте сега со работна позиција, оти нели, законот дозволува ваш работен ангажман сѐ до правосилност на пресудата?

КОШИНОВСКИ: Власта на ВМРО-ДПМНЕ направи сѐ што можеше за да ме отстрани од военото разузнавање. Прво ме распоредија во Воената академија, но јас поднесов тужба и го добив спорот. Наместо да ме вратат на старата позиција, ме префрлија во Секторот за човечки ресурси во МО на место со диплома од Економски факултет, што значи целосна утка. Одново поднесов тужба која повторно ја добив, но во периодот кога се борев да се вратам во разузнавачката воена служба, ми се случи „Шпион“.

ФОКУС: И сега? Тоа значи дека иако имате законска можност, сепак не сте на работа?

КОШИНОВСКИ: Веќе со години немам никакви примања, а не знам зошто. Испратив барање до Министерството за одбрана да ми објаснат зошто не сум работно ангажиран и зошто не го почитуваат законот кој до правосилност на пресудата за „Шпион“ ми дозволува да работам. Веќе подолго време немам никаков одговор.

ФОКУС: Ова значи дека немате поим каков статус имате сега?

КОШИНОВСКИ: Јас не знам дали сум технолошки вишок, дали сум за пријавување во социјално, дали под отказ… едноставно, ништо не знам за мојот работен статус. Немам никаков документ, дали сум суспендиран поради судскиот процес, дали сум избркан или сум само „под мраз“, навистина не знам, ниту, пак, некој сака да ми одговори. Ова ми го отвора патот да го тужам Министерството за непочитување на судските одлуки.

Рамка

СЛУЖБИТЕ СЕ ПАРТИСКИ СЕРВИС НА ВЛАСТА

ФОКУС: Од оваа дистанца, особено по скандалот со прислушувањето, имате ли информации како функционираат разузнавачките служби?

КОШИНОВСКИ: Тоа што го знам е дека во службите нема искусни професионалци. Тие што се останати, потчинети ѝ се на партијата и извршуваат задачи за неа, останатите се млади, партиски кадри. Со тоа власта полесно ги контролира службите, особено во своја полза. Освен што, преку неискусниот кадар полесно се контролира разузнавањето, се отвора и простор за поголеми злоупотреби. Така се создале услови за масовно прислушување. Знам дека во последните години никој, буквално никој, не внимава на тоа кого вработува. Образованието и искуството станаа сосема неважни, но затоа партиската припадност и послушноста се главни одлики на новите разузнавачи. Едноставно, се уништуваат службите само за да се претворат во вмровски испостави.

 

Поврзани новости