Текстот е објавен на 10 мај 2024 во неделникот „Фокус“ со број 1492
Косово е Мека за бегалците од Македонија осудени на тешки кривични дела и со дебело криминално досие. Последно уапсени на Косово беа четворица припадници на „кондовската група“ на чело со Агим Красниќи. Но, во притвор и екстрадиран денеска е неговиот брат Бесим Красниќи. За еден од тројцата кој имал косовско државјанство Косово одбило да биде екстрадиран, додека за двајца постапката за екстрадиција е во ток. Засега никој не открива дали токму Агим Красниќи има косовско државјанство и нема да биде екстрадиран од Косово иако се бара со меѓунардна потерница. Таму беше и Лирим Јакупи Нацист, но и извршителите на петкратното убиство на Смилковско езеро, кои со години не се испорачуваат.
Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
Агим Красниќи, чие село Кондово на почетокот на двеилјадитите години беше држава во држава, по четири години бегство беше уапсен на Косово. Вакви вести стигнаа оттаму во екот на кампањата за парламентарните и претседателските избори.
Во последната деценија, изборните инциденти се сведени на минимум, но не така одамна на изборниот ден во Македонија имаше и убиства. Иако беше уапсен, тешко дека Македонија ќе успее да го врати в затвор контроверзниот кондовец.
Министерството за правда уште не добило официјално известување дека Красниќи е уапсен во Урошевац заедно со неговиот брат, Бесим Красниќи, Фадил Точи и Сехат Рамадани.
Пред четири години, во мај во 2020 година, МВР објави дека во Косово се приведени Бесим Красниќи и Фадил Точи, но до денеска ниту еден од нив не е екстрадиран.
Агим Красниќи, пак, во Косово се сомничи за убиство во обид, додека Рамадани и Точи за учество во тепачка во Урошевац.
Красниќи заедно со Рамадани во 2020 година не се вратија во штипскиот затвор по слободен викенд. Две и пол години користеле викенди и одмори, но во февруари пред четири години не се појавиле на затворските капии. Треба да одлежат уште околу три од вкупно 15 години затвор на кои беа осудени во 2008 година.
ДЕСЕТИЦИ ГОДИНИ ЗА ИЗДРЖУВАЊЕ КАЗНИ
Тие беа осудени за повеќе кривични дела поврзани со насилство, киднапирање, изнуди и нелегално оружје.
Агим Красниќи беше дел од озлогласената „кондовска група“, која во 2004-та и во 2005-та соработуваше со повеќе осомничени насилници од Косово, кои се криеја во предградието на Скопје и се закануваа дека ќе го бомбардираат.
Судењето против „кондовската група“ на чело со Красниќи го следеа низа контроверзии. Првичниот впечаток беше дека Красниќи ќе одговара за изборни нерегуларности, а во странските медиуми јавуваа дека во Македонија паднале првите пресуди за изборни инциденти во земјава.
Судот пресуди дека тие направиле атака на општата сигурност на граѓаните и општеството и негативно влијаеле врз оцената на меѓународната јавност за текот на изборите.
Красниќи, во повеќето извештаи е претставен како еден од главните виновници за изборните нерегуларности. Тоа беше товарење на целата вина за изборните инциденти во Македонија на плеќите на кондовецот.
На контото на Красниќи, кој е страв беше трепет, му се ставија бројни обвинувања, но, според обвинителството, не и за изборните инциденти.
Обвинителството среде процес се откажа да го гони за нарушување избори и право на гласање. На затворското досие на Красниќи останува евидентирано само нелегалното поседување оружје и злосторничкото здружување со осумтемина пријатели.
Така, на оваа казна ќе му се додаде и една година затвор поради киднапирање на Шеваљ Муареми од скопското село Грчец, кој, пак, сега се наоѓа на меѓународна потерница и се бара за дрога и убиства.
И останатите седуммина членови на неговата вооружена банда беа прогласени за виновни. Тогаш осудени беа и Мустафа Нухи (29), Сехат Рамадани (24), Халим Рамадани (61), Даим Фазлиев (28), Имер Исмаил (30) и Бедри Мемети (30), Абдула Јусуфи ( 25) и Рихан Мемеди (19).
Во образложението на пресудата, судијката Лидија Неделкова наведе дека изведените докази во текот на процесот недвосмислено укажувале дека Красниќи и неговата група формирале злосторничко здружение со намера да предизвикаат изборни нерегуларности.
Меѓутоа, иако тоа не го сториле, тие биле вооружени „до заби“ со неконвенционални оружја, кои можат да предизвикаат огромен број жртви.
Покрај тоа, како отежнителни околности се сметаат и криминалните досиеја на повеќето обвинети, како убиство, тероризам и грабнување, за кои има судски пресуди или се водат постапки.
Според Неделкова, Красниќи и неговата група се виновни и поради негативната оценка што државата ја доби за изборите од меѓународните институции. Исто така, таа наведе дека при експертизата на крим-техничарите било утврдено дека само двајца од обвинетите немале траги од барутни честички на рацете и облеката и дека од сите запленети оружја било пукано.
КРАСНИЌИ ГИ ХРАНЕЛ ГУЛАБИТЕ
На судењето, Красниќи, придружуван од маскирани специјалци, со насмевка чекаше да го внесат во судница. Во својот исказ, Красниќи пред судот објаснуваше дека дента на изборите немал намера да прави проблеми на гласачкото место, туку дека ги хранел гулабите кога градоначалникот на Сарај, Беким Фезлиу, телефонски му јавил дека се полнеле гласачки кутии.
Тоа го сторил бидејќи било договорено да биде партиски набљудувач на изборите и сите членови на избирачките одбори да му се јавуваат нему ако има проблеми на гласачките места, а потоа тој да му реферира на шефот на изборниот штаб на ДПА, Имер Селмани.
– Ништо од обвинителниот акт не е точно. Ние, заедно со обвинетиот Рамадан Халим ги храневме гулабите, кога ни се јави градоначалникот на Сарај дека се полнеле кутии – рече Красниќи.
Тој пред судот објаснуваше дека кон селото Црн Врв тргнал заедно со тројца од обвинетите со џип, кој дента се користел за превоз на луѓе на гласање. Во селото Батинци се сретнале со останатите пет обвинети, кои со друг џип требало да им го покажат патот кон Црн Врв.
Потоа, како што рече, му се јавил градоначалникот на Сарај, кој му рекол да се врати зашто избирачките кутии во Црн Врв биле веќе биле наполнети.
– Тргнавме назад, но ни се расипа џипот. Тогаш полицијата дојде и нѐ уапси – рече Красниќи.
Иако, според обвинението, полицијата пронашла големо количество оружје во нивните автомобили, Красниќи тврдеше дека не носел оружје зашто знаел дека на гласачките места имало странски набљудувачи.
Сепак, Красниќи не одговараше за изборни нерегуларности, а не ја доиздржа дури ни затворската казна.
На Косово се наоѓаше и озлогласениот поранешен припадник на таканаречената Ослободителна војска на Прешево, Медвеѓа и Бујановац, Лирим Јакупи Нацист, кого судот во Гњилане го ослободи од обвинението за терористички напад на полицијата кај Бујановац во 2003 година.
За ова стигна соопштение од ЕУЛЕКС до македонските медиуми, во кое се велеше дека мешовитиот судски совет, составен од двајца судии на ЕУЛЕКС и еден косовски судија во Окружниот суд во Гњилане го ослободи Лирим Јакупи Нацист од сите обвиненија.
„Лирим Јакупи Нацист служи казна затвор поврзана со други случаи во затворот Дубрава. Јакупи е обвинет дека во периодот меѓу 1 и 7 март 2003 година, во близина на административниот граничен премин меѓу Преминот 5 на Косово и полицискиот пункт што се наоѓа во близина на селото Кончуљ во Србија, заедно со други лица, како соучесник се обидел да изврши терористички напад“, се велеше во соопштението.
Обвинителот на ЕУЛЕКС го товари Јакупи дека заедно со Аслан и Расим Бајрами и Басри Џемаили во 2003 година го подготвувале и учествувале во терористичкиот напад на двајца припадници на српското МВР на пунктот во близина на Бујановац.
Лирими Јакупи Нацист беше еден од најбараните меѓу албанските криминалци, а уапсен е во Приштина во 2010 година, три години откако на спектакуларен начин побегна од затворот Дубрава.
Командант Нацист и уште седум затвореници побегнаа од затворот на 18 август 2007 година, откако почнале да пукаат кон стражарите, кои биле преокупирани, одговарајќи на нападите од надворешната страна на ѕидините на тој затвор.
Јакупи и Рамадан Шити побегнаа во Македонија, каде што во околината на Тетово организираа група, наводно блиска со Албанската национална армија, се вооружија и се стационираа во селото Бродец.
Во акција на македонските специјалци, кон крајот на годината убиени беа вкупно осум припадници на оваа група и беше запленета огромно количество оружје, вклучувајќи и модерни противтенковски и противавионски проектили, а Јакупи беше ранет, но наводно успеа да побегне на Косово.
НА КОСОВО И ИЗВРШИТЕЛИТЕ ОД „МОНСТРУМ“
Во 2010 година, македонската полиција кај Блаце и кај Свиларе пронајде големи количества оружје и муниција, а во Свиларе, во престрелка со полицијата загина близок соработник на Јакупи, кој во 2004 година му помогнал да побегне од станот во Тетово.
По расформирањето на Ослободителната војска на Прешево, Бујановац и Медвеѓа, чиј припадник беше, Јакупи побегнал во Македонија, а во 2004 година заедно со Агим Красниќи од Кондово се закануваа дека ќе го бомбардираат Скопје.
Кон средината на 2009 година, истрага против Јакупи покренаа и српските власти, по сериите напади кај Бујановац и Прешево.
Уште едно грозоморно убиство влече врски со Косово. На 12 април навршија дванаесет години од петкратното убиство што се случи кај Смиљковско езеро, кога беа убиени Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Тричковски, како и за рибарот Борче Стевковски.
Останува да боли и половичната правда, бидејќи никогаш не беа откриени организаторите и нарачателите на велигденскиот масакр.
Зад решетки завршија само тројца. Агим Исмаиловиќ, кој издржува казна доживотен затвор, Фејзи Азири, осуден на 15 години, и Хаки Азири, кој доби 9 години.
На доживотен затвор, во отсуство, беа осудени и Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, но тие живеат на слобода во Косово. Многу наскоро на слобода ќе излезе и Хаки Азири. Му се бројат деновите кога ќе ја напушти затворската ќелија.
Од двајцата бегалци, пак, државата се чини одамна крена раце. Иако во јавноста е создаден впечаток дека македонските власти упорно бараат екстрадиција од Косово на Алил и Африм, реалноста е сосема поинаква.
Од 2012 година, кога беше извршен масакрот, па сè до денес, екстрадиција била побарана само двапати. Еднаш во 2013 и во 2018 година. Ова произлегува од последниот одговор што го добивме од Министерството за правда.
Во овој период (2018-2019), упорно одговори од ресорот Правда бараше и обвинителката Фатиме Фетаи, која реагираше на штурите информации што стигнуваа од таму.
– Доколку може да добиеме конкретен одговор од Министерството за правда дали воопшто е почната постапка за екстрадиција и дали нешто преземаат косовските власти. Сите досега добиени одговори беа исти, постапката е во тек – велеше Фетаи во судница.
Сепак, може да се заклучи дека најажурна била поранешната министерка за правда Рената Дескоска, бидејќи таа пратила и две ургенции во 2019 и во 2020 година, откако од Косово не испратиле одговор на последното барање.
Најавите што подоцна доаѓаа од Правда во 2020 и во 2022 година дека се спремаат нови барања за екстрадиција, останаа лага.
ВО КОНДОВО ВОДИ „ВРЕДИ“
Пред три години, министерот Бојан Маричиќ изјавуваше дека тој е подготвен да испрати ново барање, а последното ветување од Министерството беше минатата година, откако Апелација ја потврди првостепената пресуда за „Монструм“, со која двајцата бегалци се осудени на доживотен затвор. Но, и двете писма никогаш не стигнаа на адресата во Косово.
Во 2021 година, Исмаиловиќ беше уапсен поради сообраќајка по што и тогашниот премиер Зоран Заев најави дека очекува да биде екстрадиран, но тоа не се случи!
Во тој период, Заев имаше средба и со косовскиот колега Албин Курти, кој изјави дека разговарале и заклучиле дека имаат потреба од меѓународна помош за откривање на вистината и правда за двете земји. Но, и оваа меѓународна асистенција никогаш не беше реализирана.
Како и да е, засега двајцата бегалци несомнено можат безгрижно да уживаат во слободата на Косово.
Двајцата бегалци, заедно со Агим Исмаиловиќ, беа осудени како директни извршители на петкратното убиство, односно дека сите во рацете имале оружје и пукале во децата.
Сепак, засекогаш остана разочарувањето дека неколкумина, кои учествувале во организацијата и логистиката на крвавиот настан, а можеби и како директни извршители, никогаш не беа откриени.
Красниќи беше приврзаник на поранешната ДПА на Мендух Тачи, која сега е во коалиција со поранешниот лут противник ДУИ во „Европскиот фронт“. На овие избори, Кондово, која е во рамките на Општина Сарај, водеше опозициската коалиција „Влен“.