АРХИВА Меѓу нас речено: Зар и ти Бај Гањо?!

by Fokus

Текстот е објавен на 14 декември 2012 година во неделникот „Фокус“ во бројот 911

Пишувал Никола МЛАДЕНОВ

Софија тргна по стапките на Атина. И таа почна да ни става сопки на патот кон Европа. После многу закани, осамна денот на соочување со вистината, дека и бугарската поддршка нема вечно да биде безусловна. Но, тоа не предизвикува некој особен вознемир во нашите редови. Не само кај власта или опозицијата, туку кај целото општество. Чиниш, сите сме изненадени од времето што му требаше на источниот сосед, за и тој најпосле да го покаже ,вистинското лице,!

Залудни беа надежите за добивање датум за ЕУ преговори без решен спор со Грција. Џабе креативноста на Филе, без оглед на неговото тврдење дека сепак сме направиле некој ,исчекор, на европскиот пат. Едноставно, поминуваме уште една година во предворјето и на Унијата. Целта, значи, не е постигната. Тоа, конечно, станува легитимна оценка и во владејачката ДУИ. Она што за Теута Арифи претставува успех, за Ермира Мехмети е очигледно разочарување. Кусо речено, овојпат имаме само поубава амбалажа за поразот. Наместо името, сега се соочуваме со ,добрососедските односи,. Хм, кога подобро ќе се размисли, и амбалажата не е за радување. Наместо со една, сега ќе си кршиме глава со две соседни земји. Какво добро има во тоа што и Софија почна да ни свири по грчки ноти?!

Сепак, за разлика од Грција, по Бугарија не се гаѓа толку жестоко. Не оти гневот кон неа е помал, туку затоа што е безмалку константен, па речиси е невозможно да биде и зголемен. Летувањето на Халкидики може и да се прости, ама не и бугарскиот пасош. Иако, лека-полека, со текот на времето, и тој добива право на живот. Не е лесно, десетици илјади граѓани да прогласиш за предавници. Кој знае, впрочем, колку се точно на број после неуспешниот попис на населението?! Според едни преданија, тој не успеал токму заради големиот број Македонци со ,чужд пашапорт,. Не оти имало многу Албанци, туку маката настанала при соочувањето со малата бројка на етнички Македонци. И – чаре? Да се прават повеќе деца? За бројот на Македонци со бугарски пасош да стане уште поголем?!

Тоа е, всушност, главната порака од последнава негативна вест од Брисел. Кон него требаше да се тргне порано или да се оди побрзо, за на целта да се стигне пред останатите соседи. Бугарија е најдобриот показател на времето што залудно сме го загубиле. Сетете се само, каде беа тие, а каде ние, после падот на комунизмот. Како може Софија со години да биде пред нас, богати, и во НАТО и во ЕУ, па ние сега да зависиме и од нејзината добра волја?! Несомнено, нејзиното напредување кон елитните клубови во тандем со Романија имаше политичка позадина, меѓутоа, зошто Македонија не успеа да се снајде во лавиринтите на белосветските интереси? Зошто ситуацијата не е обратна – наместо ние за бугарски, Бугарите да се тепаа за македонски пасоши, со оглед, нели, на стартните позиции?

Неспорно, работите се искомплицираа на почетокот од деведесеттите, со самото наше осамостојување од СФРЈ, кога Атина го стави името како камен за вечно сопнување. Неправедно, се разбира. Меѓутоа, што правиме денес, кога после толку загубено време околу тој проблем, на исток добиваме нова ,жаба за голтање,? И со Бугарија ли ќе ја маткаме работата во недоглед, како со Грција? Не е, белки, токму тоа целта – на Србија да и оставиме доволно време за решавање на нејзиниот проблем со Косово, за и таа наскоро да се јави со некое нејзино барање, на кое повторно ќе се спротивставиме со нашата прочуена ,калимеро, политика?!

Се разбира, никој нормален нема да прифати било какво решение на споровите со било кој наш сосед. Меѓутоа, тој принципиелен став не ги брише проблемите. Кога тогаш, ќе мора да голтаме од горчливите пилули. Ќе мора и кај нас да се наоѓаат водачи како Жељу Желев во Бугарија, кој не ни очекуваше општо ракоплескање на ставот, Софија да биде предводник на признавањето на нашата независност од СФРЈ. И тој наиде на критики во Софија, кои добро го знаеја она што сеуште не го сфаќаат мнозина овде, во Македонија. Ние сеуште гледаме скриени, подли намери и во таа одлука на Желев. Демек, ни ја признал државата, ама не ни ја признал нацијата!? Божем нацијата е надвор од државата, па таа подлежи на некој посебен режим на признавање или непризнавање!

Ништо подобро не мина и Љубчовиот концепт за надминување на јазичниот спор. Наместо да сме среќни што сме го надминале без речиси никакви последици по нашиот идентитет, мнозина сеуште наоѓаат маани, ако ништо друго, тогаш поради тоа што и Георгиевски можеби има бугарски пасош!? Еден Господ знае, што ќе се изнаслушаме, кога на дневен ред ќе дојдат конкретни настани и личности од историјата. Од двете страни на Осоговијата, разбира се. Во тој поглед, сепак тешко ќе ги стигнеме Бугарите. Барем додека спроти себе го имаме Божидар Димитров. Но, токму во тоа се гледа зрелоста на општеството. Дали, на пример, според Димитров треба да и судиме на целата бугарска нација? За жал, кај нас многу често се случува токму тоа. Не случајно, впрочем, ни 10 отсто бугарски испитаници сакаат да не видат во ЕУ!

Некој може да помисли, дека тоа е добар знак, кој говори за крајот на ,романтичната, фаза на Софија кон нас. Рака на срце, претерано беше тоа нивно инсистирање на нашите братски врски, кои, всушност, го посакуваа Македонецот во бугарски прегратки вратен со поприлично задоцнување. Не мора, нели, да сме баш браќа за да се почитуваме. Но, што правиме сега со фамозниве добрососедски односи, ако ни секој десетти комшија не не сака во неговото друштво? За жал, од преголема љубов се раѓа уште поголема омраза!

Значи, повторно доаѓаме до мерката. Мора прецизно да се извага, што може да се очекува во оваа фаза од нашите прилично долго замрзнати односи до ниво на крајна недоверба. За почеток, мора да се слушнеме меѓу себе без упаѓање во зборот. Ние сме учеле една, Бугарите учеле друга историја. Да слушнеме, најпосле, зошто тие мислат различно од нас, почнувајќи на пример од Самуил, па до Втората светска војна. Ако ги слушаме трпеливо, тогаш ќе имаме можност и ние да кажеме што мислиме на истите теми. И, нормално, не мора да се согласиме во ниту една единствена реченица, а, сепак, тоа да не биде причина за бегство од повторно седнување крај иста маса. Но, за да се случи такво нешто, неопходен е пред се внатрешен дијалог, меѓу нас самите. Се додека се лепат етикети за ,бугараштво, врз оние Македонци што не мислат исто за Гоце или Ванчо, на пример, бесмислен е дијалогот со било кого и од Софија. За жал, тоа е нашиот основен проблем. Кај нас нема толеранција за слушање на спротивното мислење што доаѓа од истиот град, а камоли од некоја друга држава. Уште ако името и е Бугарија..!

 

 

 

 

 

 

 

Поврзани новости