(АРХИВА) Макотрпен пат со неславен крај на Села: Неуспехот да ја обедини опозицијата го прати во пензија!

by Фокус

Текстот е објавен на 1 септември 2022 година во неделникот Фокус со број 1.404.

Катастрофалниот резултат при гласањето за нов совет на Тетово го принуди Зијадин Села да се повлече од лидерската позиција на Алијанса за Албанците. На тој начин, Села создаде услови за транзиција, по која неговиот наследник (Арбен Таравари) ќе се обиде да го исполни она што тој не успеа – обединување со Беса и Алтернатива. Изолирани една од друга, трите партии се влијателни само во одредени локални средини, поради што неопходна е нивна соработка, доколку сакаат да го загрозат Али Ахмети

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Заминувањето на Зијадин Села од лидерската позиција на Алијансата на Албанците е најголемата политичка последица од изминатите предвремени локални избори, на кои се избираше нов Совет на Општина Тетово, заедно со градоначалници на две западномакедонски рурални општини – Маврово-Ростуше и Центар-Жупа.

На тој начин, во политичка пензија заминува човекот кој изоде тежок политички пат, по кој макотрпно чекореше, борејќи се прво да стане главен фактор во албанскиот опозициски блок, за потоа да го презеде главниот примат од ДУИ.

За волја на вистината, Села успеа да ја исполни целта да стане фронтмен на опозицијата. Меѓутоа, му фалеше последниот исчекор, неопходен за да стане и албански претставник во власта. За да ја исполни целта да дојде на власт, тој мораше да исполни еден предуслов, а тоа е обединување на албанската опозиција.

Кога веќе се наметна како главен опозициски фактор, на негов товар паѓа неуспехот да ги седне на иста маса двете раскарани крила од поделената БЕСА, со цел да ги амортизира нивните разлики и да создаде еден респектабилен политички блок.

Проблемот на албанската опозиција, кога ќе се третира фрагментирано, е што има локален дострел. Односно, секоја од нив е силна само во одредена средина или средини, додека на други места се само политички декор.

За разлика од нив, ДУИ има силна база и поддршка насекаде, што ја наметнува потребата од обединување на албанските опозициски партии, доколку, се разбира, претендираат, не да го поразат, туку воопшто да го загрозат ДУИ.

Веќе е јасно дека Села не успеа да ја исполни таа мисија, па останува времето да покаже дали тоа ќе го направи неговиот наследник, кој, според сите најави, треба да биде актуелниот градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари.

Факт е дека тој успева да демонстрира обединувачки карактер во Гостивар, каде што победува со помош на разнолика поддршка од леви и десни гласови, со гласови на Албанци, Македонци, Турци, Роми…

Но, дали тој ќе успее да го преслика овој модел на поширок план?

ОД ПРАТЕНИК ДО ГРАДОНАЧАЛНИК

За потсетување, Села беше дел од силната пратеничка група на ДПА, која Мендух Тачи ја скрои на парламентарните избори во 2011 година, кога тој, всушност, не водеше битка против Али Ахмети, туку против некогашните сопартијци и соработници – Националната демократска преродба на Руфи Османи и Нова демократија на Имер Селмани.

Впрочем, Тачи успеа во тогашната проектирана цел, ако се знае дека освои 8 пратеници, двојно помалку од ДУИ, меѓутоа доволно за да стане главен опозициски фактор, откако Османи освои само 2 пратеници, додека Селмани ниту еден, иако претходно на претседателските избори доби дури 147 илјади гласа?!

По изборите, овие осуммина пратеници на ДПА во Собранието отворија жесток фронт против претставниците на ДУИ, при што најмногу се истакнуваше токму Села, кој предничеше по интензитетот и жестината на вербалните атаци. Притоа, тој честопати знаеше да ја зачини атмосферата, како што стори со најавата дека ќе го запали Собранието.

Ќе ви кажам јас како се блокира овој закон. Ќе ви покажам кога ќе стигнеме до последниот амандман, ќе видите кога ќе ја земеме оваа говорница, овие микрофони и овој Парламент ќе го запалиме – говореше со запалка в рака Села во 2012 година, на една од седниците за Законот за бранители.

Подоцна, Села се правдаше дека говорел фигуративно. Во секој случај, настапите на Села во Собранието му донесоа одреден имиџ на бескомпромисен борец, што потоа му помогна на локалните избори во 2013 година да го порази Рамиз Мерко во Струга.

По оваа победа, Села и Тачи го одиграа последното заедничко оро, во буквална смисла, по што нивниот пат почна да се разидува.

ВНАТРЕПАРТИСКИ КОНФЛИКТ

Инаку, нивниот конфликт кулминираше во пресрет на следните парламентарни избори во 2014 година, на кои Тачи од партиската централа во Тетово ги составуваше пратеничките листи, вклучително и за петтата струшка изборна единица, каде што оваа партијата го имаше единствениот градоначалник.

Очекувано, тоа не му се допадна на Села, кој, како тогаш најголема опозициска ѕвезда во албанскиот табор, го отфрли централистичкиот пристап на Тачи, оценувајќи го како антидемократски диктат „од горе“, без почитување на гласот на членството.

Дури Села отиде и чекор понатаму, обвинувајќи го Тачи дека свесно скроил лоша листа, со цел партијата да оствари лош изборен резултат во „петката“, кој потоа ќе му се припишува на струшкиот градоначалник. Според Села, Тачи наводно не можел да го преболи фактот што тој победил во Струга, а самиот загубил во Тетово.

Зошто инаку само јас од сите пратеници на ДПА влегов во трка за градоначалник – сосема логично тогаш резонираше Села, имајќи предвид дека и останатите пратеници се етаблираа во јавноста преку собраниската говорница, меѓутоа Тачи не ги фрли во градоначалничка трка.

Оттука, очигледна била тенденција да се ограничи подемот на Села. Во таква ситуација, сосема јасно стана дека во еден кафез ќе нема место и за Тачи и за Села, што полека, но сигурно го отвори падот кон распад на оваа партија, кој заврши неколку години подоцна.

Првично, можеби и не се навестуваше таков епилог, со оглед на исклучително бавното темпо со кое прогресираше таканареченото Движење за реформи во ДПА. Се работеше за внатрепартиска иницијатива што ја покрена Села, кој се повикуваше на идеолошката оставштина на покојниот Арбен Џафери.

Во тоа време, Села одржа и паралелен конгрес, кој го претставуваше како изворен конгрес на ДПА, меѓутоа на крај ја изгуби правната битка. Како што обично бидува во вакви внатрепартиски судири, печатите секогаш остануваат кај постоечкото раководство.

РЕБРЕНДИРАЊЕ СО КОАЛИЦИСКИОТ НАЗИВ

Во такви околности, Села беше присилен судски да регистрира нов политички субјект, кој фактички се роди во време на големата политичка криза, предизвикана од аферата со масовното прислушување што ја обелодени СДСМ.

Сепак, првично постоеја сомнежи дали ова Движење за реформи во ДПА, со чиј назив неколку години подоцна иронизираше и Зоран Заев, кога на Села потценувачки му нудеше вицепремиер за реформи, може да ја надмине ДПА, а камоли нешто повеќе.

Она што беше среќна околност за Села е што во тоа време никнаа уште неколку нови партии, што создаде услови за соработка. Една од нив беше Унитети на генералот на ОНА Гзим Острени, составен од незадоволни членови на ДУИ од подредената позиција во однос на ВМРО-ДПМНЕ.

Исто така, тогаш дојде до раскол во рамки на партијата што ја формираше Османи – НДП, меѓу струите на денешниот амбасадор во Италија Весел Мемеди и пратеникот Фадиљ Зендели, кој во меѓувреме се приклони кон Беса.

На крајот, се формираше албански опозициски блок меѓу ДР-ДПА, Унитети и НДП, кој доби назив Алијанса за Албанците. Оваа предизборна коалиција, на пресвртните избори во 2016 година освои 35 илјади гласа и тројца пратеници.

Тоа беше помалку од оние 10 пратеници на ДУИ, како и од 5-те пратеници на новоформираната Беса, меѓу овие тројца пратеници на АА беа клучни за формирање на новото парламентарно мнозинство.

Како што е познато, за тоа најголема цена плати токму Села, кој беше крвнички претепан на 27 април, по изборот на Талат Џафери за нов собраниски спикер.

За среќа, тој го преживеа нападот, кој потоа му донесе голем политички капитал, со помош на кој, во комбинација со поделбата на Беса, го исфрлија како главен опозициски фактор во албанскиот политички блок.

Веќе осилениот Села го искористи ваквиот амбиент целосно да ја поклопи коалицијата со Унитети и НДП, со тоа што го презеде коалицискиот назив Алијанса за Албанците, со кој ја ребрендираше својата партија.

Згора на тоа, влезе во процес на разнебитување на другите две помали партии, преземајќи ги нивните луѓе. Денес, овие партии не постојат ниту на хартија.

ПРОМЕНА НА ПАРТНЕРИТЕ

Една година по промените, на ред дојдоа локалните избори, на кои Села се кандидираше за втор мандат за градоначалник на Струга. Но, тоа што неговиот глас беше клучен на 27 април, кога одвај спаси жива глава, кај СДСМ и ДУИ не предизвикаа никакво чувство за политичка, но пред сѐ, човечка коректност кон Села, кој беше поразен од страна на партнерите на централно ниво.

Бездруго, тоа го предизвика Села да ја напушти владата и да замине во опозиција, каде што, пак, просторот беше целосно слободен, откако Беса се подели меѓу фракциите на Биљал Касами и Африм Гаши.

И едниот и другиот влегоа во преговори со Заев за пополнување на местото што го испразни Села, а на крајот договор беше постигнат со Гаши, кој имаше пратеник повеќе од Касами.

Автоматски, тоа ги принуди Села и Касами на соработка, која првпат беше тестирана на претседателските избори во 2019 година, кога тие застанаа зад универзитетскиот професор Блерим Река, кој сосема пристојно им се спротивстави на кандидатите на коалициите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Нема дилеми дека тоа беше добра основа за воспоставување една уште потемелна соработка меѓу Села и Касами, кој веќе се избори за печатите и брендот на Беса.

Сепак, како наближуваа парламентарните избори во 2020 година, двете страни сѐ повеќе се оддалечуваа, од проста причина што и Села и Касами имаа амбиции да ја предводат пратеничката листа во шестата тетовско-гостиварска изборна единица, каде што секогаш се води главната битка меѓу албанските партии.

Така, Села и Таравари се свртеа кон Гаши, кој веќе формираше нова партија со назив Алтернатива. Соработката меѓу Алијанса и Алтернатива многу полесно се воспостави, бидејќи двете партии беа посилни во различни средини, поради што многу полесно се создаде потребната синергија.

Па, на парламентарните избори оваа коалиција освои дури 12 пратеници, или само 3 помалку од ДУИ, додека Беса доби 4 пратеници, но како дел од предизборна коалиција со СДСМ. Многумина аналитичари сметаат дека оваа коалиција ја спасила Беса од пропаст, но истовремено и ја одржа СДСМ на власт.

Како и да е, ваквиот распоред на силите беше непроменет, сѐ до ланските локални избори, на кои дојде до поместувања на политичката слика. Ако ВМРО-ДПМНЕ убедливо го порази СДСМ, албанската опозиција не постигна таков успех, со оглед дека здружените Алијанса и Алтернатива го освоија само Гостивар.

Што се однесува до Беса, успеа да ја добие градоначалничката битка во Тетово, но, како што се испостави подоцна, не со помош на тогашниот партнер СДСМ, туку со помош на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Новосоздадените односи и релации резултираа и со обид за уривање на владата на СДСМ и ДУИ токму преку Беса. На крајот, ова сценарио пропадна, па се случи нова рокада, така што местото на Беса на Илинденска го зазеде Алтернатива.

ЛОКАЛЕН ДОМЕТ

Зошто минатите парламентарни и локални избори се многу податливи кога се анализираат состојбите во албанскиот политички блок и потенцијалот на опозицијата во однос на ДУИ?

Едноставно, овие изборни резултати покажуваат дека секоја албанска опозициска партија има локален потенцијал, односно секоја е влијателна само во одредени средини, додека во други безмалку е маргинална.

Поточно, на последните парламентарни избори Алијанса и Алтернатива си ги поделија изборните единици, со тоа што Села имаше доминантен удел во петтата и шестата ИЕ (Тетово, Гостивар, Струга…), а Гаши во првата и втората ИЕ (Чаир, Сарај, Липково…).

По тој принцип, тие остварија соработка и на локалните избори, каде што истрчаа со заеднички кандидати за градоначалници и советнички листи. На овие избори, здружените Алијанса и Алтернатива имаа многу подобар резултат во споредба со Беса во Гостивар, Струга и Скопје, од каде што доаѓаат водечките луѓе Таравари, Села и Гаши.

Во овие општини, пак, Касами освои незначителни гласови, меѓутоа успеа да победи во градоначалничка трка во родното Тетово. Воедно, советничката листа на Беса имаше помала поддршка од онаа на ДУИ, но двојно поголема од онаа Алијанса и Алтернатива.

Сега, на повторените избори за локален совет, Беса ја победи и ДУИ, што се припишува на фактот дека кај Беса се слеаја голем дел од гласовите на другите опозициски партии.

Просто кажано, гласачите се рационални и не сакаат нивниот глас да пропаѓа, па сите што гласаат против ДУИ, всушност сега се концентрираа кај Беса, која во Тетово уште на редовните локални избори се профилираше како водечка албанска опозициска сила.

Но, тука лежи и главниот проблем за албанската опозиција. Беса е силна само во Тетово и Тетовско и истовремено е многу слаба во други општини, каде што пак подобро котираат Алијанса и Алтернатива.

Без разлика на повлекувањето на Села, Алијанса генерално сѐ уште е најсилна албанска опозициска партија. Но, Таравари, или кој и да го наследи Села, ќе се најде пред стариот предизвик – да ја обедини албанската опозиција со цел поконкурентно да ѝ се спротивстави на ДУИ.


Задоцнета одлука
СЕЛА И ПРЕТХОДНО РАЗМИСЛУВАШЕ ЗА ПОВЛЕКУВАЊЕ

Уште по последните локални избори, според неофицијални информации, Зијадин Села сериозно размислувал за повлекување од лидерската позиција во Алијанса за Албанците, за да му отстапи место на Арбен Таравари.

Од една страна, според партиски извори, тој чувствувал замор, но пред сѐ, бил свесен дека неговиот тврд карактер го оневозможува лесно да прави компромиси, во кои ќе треба нешто за жртвува за некоја повисока цел.

Иако неговата партија има статутарна одредба, според која секој може да биде претседател само два мандати, а Села истера два мандати, сепак, на крајот тој одлучи првиот мандат да го толкува како лидер на ДР-ДПА, а не на АА, без оглед што се работи за истиот субјект со друг назив.

Но, по лошиот изборен резултат во Тетово, Села го направи тоа што сакаше и претходно. Сепак, треба да се потсетиме дека и ДУИ загуби сега во Тетово, а порано губел во градоначалничка трка од ДПА, меѓутоа Али Ахмети не помислил да се повлече од лидерската позиција.

Оттука, се добива впечаток дека Села чекаше момент да го направи тоа што и претходно планираше, но ја одложи одлуката со надеж за изборен успех во Тетово, по кој на следни парламентарни избори ќе успее да го детронизира Ахмети.

Дополнително, Села направи лоша проценка и со одбивањето коалиција со Беса, која, како што дознаваме, му понудила соодносот на советничката листа да биде 50-50, под услов истиот соодност да важи и кога ќе ги составуваат пратеничките листи на следните парламентарни избори.

На крајот, Беса освои 9.620 гласови или 825 гласови повеќе од ДУИ, додека АА освои само 777 гласови, или помалку од Алтернатива (1.118), па дури и од ДПА (1.058).


Претеран триумфализам
КАСАМИ ИМА КЛУЧНО ВЛИЈАНИЕ САМО ВО ТЕТОВО И ВО ОКОЛИНАТА

И покрај тоа што Тетово е најбитната општина за Албанците, сепак, зачудува изразениот триумфализмот на Беса на Биљал Касами. Точно е дека Тетово е најбитната општина, но не е единствена општина, а во другите средини, со исклучок на тетовските рурални општини, Беса стои многу слабо.

За илустрација, на последните локални избори, Беса на советничките листи во Чаир освои 1.057 гласови, наспроти 6.805 гласови на Алијанса и Алтернатива. Уште полошо заврши во Гостивар, каде што Беса освои 897 гласови, додека коалицијата ААА освои 8.856 гласа. Во Струга, пак, Беса освои 1.017 гласови, додека ААА освои 6.535 гласови.

Беса послабо од другите опозициски конкурентни помина и во Липково, Студеничани, или со други зборови – секаде, освен во Тетово и во Желино. Оттука, се работи за партија со ограничени влијание на одреден простор, која самостојно не може во никој случај да ја загрози ДУИ.


Причини за загриженост
ДАЛИ ДУИ ЈА ГУБИ ШЕСТАТА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА?

Со последното гласање во Тетово, ДУИ ја загуби предноста од редовното гласање и сега целосно го препушти градот под власта на Беса.

Ако се има предвид дека во Гостивар Арбен Таравари веќе два изборни циклуси убедливо победува, во Мала Речица се појавуваат стравувања дека ја губат најбитната шеста изборна единица.

Во периодот до следните парламентарни избори, од партијата најавуваат дека ќе се фокусираат токму во овие две општини, со цел да ја вратат превласта.

Поврзани новости