(АРХИВА) Македонија најмногу увезува работна сила од Турција и од Косово, а на луѓе од Непал, Бангладеш им служиме како отскочна штица кон ЕУ!

by Fokus

Нашите работници, посебно во угостителскиот сектор, не сакаат да работат за плати од 350 до 600 евра и одат кон земјите во ЕУ, но овие плати се причина што и дел од увезените работници од Азија по извесен период сакаат да заминат таму каде што се и македонските.

Во летниот период, односно во туристичката сезона од мај до октомври, во Македонија се случува миграција меѓу 15.000 и 18.000 работници, а најголемиот дел од нив околу 10.000 одат да печалат во Хрватска.

Текстот е објавен на 12 декември 2024 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.523.

Пишува: Орце КОСТОВ

Откако домашните работници почнаа да заминуваат во Германија, Словенија и во Хрватска, македонските работодавци почнаа да увезуваат работна сила од далечниот Исток, најмногу од Непал, Пакистан, Индија и од околните азиски земји.

Имаме многу странци од Азија, нема наши. Некои работат во кујна, дел од нив работат во велнес-центарот, како масери, фризери, терапевти, дел се грижат за чистење на собите. Работат неколку години кај нас и менаџментот е задоволен од нив“, истакна за „Фокус“, вработена Македонка во хотел во Скопје, кој е дел од светски ланец на хотели.

Нашите работници, посебно во угостителскиот сектор, не сакаат да работат за плати од 350 до 600 евра и одат кон земјите во ЕУ, но овие плати се причина што и дел од увезените работници од Азија по извесен период сакаат да заминат таму каде што се и македонските.

Со просечен месечен приход по домаќинство, кој, според официјалната статистика, стигнува до 300 евра, Непал и соседните држави се чинеа како места од каде што ќе може да се надополни недостигот од евтина работна сила за македонските бизниси.

Сепак, полициските билтени на Министерството за внатрешни работи се преполни со пријави за исчезнати лица од Непал и од Бангладеш, кои биле пријавени од нивните работодавачи.

Само во првите шест месеци годинава, на бизнисмените им побегнале најмалку триесетина работници, а првиот случај беше пријавен во април во Прилеп кога им се загуби трагата на четири работнички од текстилна фабрика.

СО БУГАРСКИ ВОЗИЛА ОД МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ?

Некои од овие работници веќе избегале до земјата по многу кус престој, но некои од азиските работници, задоволни од платата, веќе почнале да го учат и македонскиот јазик и да се подготвуваат за следната туристичка сезона.

Во Охрид летово можеа да се забележат странски работници, особено во хотелите каде што работат жени од Непал и од Бангладеш. Заработуваат плата од околу 600 евра, што е трипати повеќе од онаа што би ја заработиле во своите матични земји, а имаат обезбедено и храна и сместување.

Според Крсте Блажевски, претседател на хотелската асоцијација на Северна Македонија (ХОТАМ), причина за овие бегства се платите, иако најголемиот дел од азиските работници имаат далеку подобри услови од други земји што не се членки на ЕУ.

– Има и позитивни примери на работници, кои и ден денес се тука. Се работи за помлада генерација луѓе од 20 до 30 години. Имаше доста од нив што дојдоа и пребегаа, имаше некои случаи во кои беа забележани некои бугарски автомобили околу нив и по ден-два тие работници ги снемуваше.

Има неколку газди што се фалат од нив, почнуваат и јазик да учат од летово наваму и велат „да убаво ни е“. Од тоа што го добиваат тука се задоволни. Неодамна бев во Дубаи и зборував со таксисти што доаѓаат токму од овие држави. Таму добиваат со бакшиш плата од 1.000 долари. Сто долари плаќаат за кревет, 50 долари за телефон и 100 долари за оброци.

Трошоците им се околу 300 долари и остатокот е 700 долари. Но, работат по 10 часа, некогаш и по 12 со неколку паузи помеѓу. Ако се споредат условите кај нас, нема разлика, дури тука добиваат подобри услови. Имаат платена соба, два оброка и евтини мобилни разговори. Е сега жално е што има многу малку, 30 проценти од тие што дојдоа, се останати – објаснува Блажевски.

За да се донесе еден работник, на пример од Непал, покрај трошоците за сместување и плата, работодавецот треба да ги подмири и сите медицински потврди дека лицето што доаѓа е работоспособно, дека не е осудувано, а треба да ѝ плати виза и провизија на агенцијата што посредувала.

Процесот со добивање виза е многу бавен и од хотелиерската индустрија го почувствувале тоа на своја кожа и кога сакале да прават бизнис-соработка со професор на факултет во Индија за ајурведа медицина.

Сакавме да оствариме соработка, но го одбија за виза во Македонија, со образложение дека биле избори во тој момент. Имаше гласини дека надлежните наводно барале пари за секоја виза. Дали е тоа од агенциите излезено како гласина, не знам, но имаше таква гласина – коментира Блажевски од ХОТАМ.

СКАП И ОРКЕСТРИРАН ПРОЦЕС НА БЕГСТВО

Од Агенциите за посредување при вработување, проблемот го гледаат во самиот начин на носење на овие лица, за кој сметаат дека е несоодветен. Самиот процес е многу скап, а со тоа често и неисплатлив. Околу 1.000 евра за пат, виза, документи, а може да се случи работникот да биде одбиен, па парите да останат фрлени во ветер.

Другиот проблем е што, дури и да дојде, работникот може да го остави работодавачот на цедило, кратко по пристигнувањето во Македонија.

Односно, како што вели Зоран Кочовски, сопственик на агенцијата за посредување при вработувањето „Коузон“, сево ова води кон заклучок дека носењето на овие луѓе во Македонија „било оркестрирано и со единствена цел, заминување кон Европа“.

Носењето работна сила од Непал, Индија, Пакистан и од Шри Ланка е тотално погрешно поставено и тоа поради:

– Иако постои закон за посредување при вработување, државните институции дозволуваат секој што ќе стигне да се „ фали“ дека носи странска работна сила. Ако е толку слободно да се посредува, тогаш зашто постои Законот за посредување при вработување, и зошто ние мораме да аплицираме за лиценци за Агенции за вработување?

– Проблемот со странската работна сила што е дојдена кај нас е во тоа што тие луѓе се носат во Македонија со намера да бидат потоа однесени во друга ЕУ држава.

– Проблем е тоа што странските работници не уживаат никаква законска заштита, ако работодавецот не сака да ги плати или ако одлучи да ги избрка, нема поставено основи за утврдување минимум услови за престој на странската работна сила, па така еден дел од нив се сместени во суп стандардни услови, а работодавците не им нудат услови за исхрана на странците според нивните потреби, вели Кочоски за „Фокус“.

Регистрирани се доста случаи на работници што му избегале на работодавецот. Но, дали тие, всушност, доаѓаат кај нас со цел да избегаат кон Запад или некој ги наведува и им ветува бегство кон ЕУ?

Кочовски вели дека, според сите неформални сознанија, голем дел од работниците од странство што дошле на работа во Македонија, претежно од Непал, бегаат од Македонија поради тоа што тоа им било ветено.

Имено, јавна тајна е дека постојат групи на посредници при вработување (индивидуалци), кои им нудат на работодавците да им донесат странска работна сила без надоместок за услугата. Како по обичај, нашите работодавци секогаш се заинтересирани да не платат ништо, односно да купат работна сила без пари. При секој ваков случај, сомнежот за бегање од Македонија на тие работници е 100 отсто.

За жал, сѐ додека не се постават норми на функционирање, контрола и одговорност, оваа слабост ќе се провлекува до бесконечност или додека ЕУ не ни забрани Македонија да издава работни визи за одредени националности. Ваков проблем има Албанија бидејќи им се случи сите работници од Египет и од Бангладеш да им побегнат во ЕУ, објасни Кочоски.

ОД КАДЕ ДОАЃААТ НАЈМНОГУ РАБОТНИЦИ?

Откако пред некоја година стана јасно дека земјава нема доволно работници поради иселувањето, државата направи корекција на квотата за странски вработувања, од 5.000 на 7.000 годишно.

За еден работник од странство да дојде да работи во земјава, најпрво треба да добие дозвола за престој. Но, кога ќе дојдат овде, тие ќе се пријават во МВР и во Агенцијата за вработување, но не можат веднаш да склучат договори за работа, бидејќи најпрво треба да добијат дозвола за работа, па дури потоа можат да почнат со работа.

Од организацијата на работодавачи велат дека проблем е што во целата оваа процедура има многу чекање, па се случувало работник од странство да ја чека дозволата за работа и повеќе од еден месец. Затоа работодавците бараат итно да се олеснат процедурите за издавање работни дозволи.

На македонскиот пазар на труд има најмногу  работници од Турција, Косово, Србија, Албанија, Индија, Грција, Бугарија, Непал, Украина и Русија. А, Турција, Бангладеш и Непал се трите топ земји од каде што во Македонија се носат странски работници.

МВР води евиденција за бројот на странски државјани што се во Македонија со статус на активен привремен престој по причина на вработување, упатен работник и сезонски работник.

Во 2023 година, најмногу странски државјани со овој статус имало од Турција, вкупно 2.318, потоа од Косово – 264, па Србија – 178, 109 од Албанија, по 88 од Грција и Индија, 82 од Бугарија, 66 Руси, 61 работник од Непал. За 2023 година се регистрирани 4.009 работници.

За периодот од 1 јануари до 18.9.2024, регистрирани се 314 работници од Бангладеш, 333 работници од Непал, 242 работници од Косово, 114 од Србија, 1558 од Турција, 90 од Индија, 64 од Украина, 80 од Албанија и 75 работници од Грција.

СЕ ПРОВЕРУВА ДАЛИ РАБОТНИЦИТЕ СЕ ТЕРОРИСТИ

МВР одобрува привремен престој заради работа за вработување на странец, сезонско вработување странец и за упатени работници. Процедурата може да ја почне странецот, правното лице или овластен преставник на правното лице, во случајот агенција. Од поднесено барање до донесување на решение за работникот, рокот е 60 дена.

Меѓу документите што ги бара МВР се и документи за издржување (сметка од банка), за сместување, здравствено осигурување, документ со кој се докажува дека не е осудуван во државата чиј државјанин е и во државата во која престојува на безусловна казна затвор во времетраење подолго од 6 месеци за кривично дело што се гони по службен должност, како и документ со кој се докажува дека не се води кривична постапка против странецот во државата чиј државјанин е или во државата во која престојува и од која го поднесува барањето, за кривично дело за кое е предвидена казна затвор во времетраење подолго од шест месеци кое се гони по службена должност.

Општ услов е странецот да не преставува закана за јавниот поредок, националната безбедност, јавното здравје или меѓународните односи на земјава, а тоа го проверува МВР по службена должност.

Право на вработување во Македонија, странец може да оствари ако е со одобрен привремен престој во Македонија по причина на член на потесно семејство на државјанин на РСМ, како и според одредбите од Законот за работа и вработување странци.

Позитивно мислење по однос на барањето за одобрување привремен престој заради сезонско вработување за странец се издава со важност до шест месеци, а за сезонско вработување во градежништвото до девет месеци, само еднаш во календарската година, освен доколку поинаку не е определено со овој закон.

Странските работници може да се упатат во Република Македонија за не подолго од две години, освен ако не е поинаку утврдено со овој или друг закон или со меѓународен договор.

И ГРАДЕЖНИШТВОТО ОЧЕКУВА УВОЗ ОД ТУРЦИЈА

Олеснувањето на бирократските лавиринти ќе им помогне многу и на градежните компании, смета Иван Пешевски, претседател на Синдикатот на градежништво и индустрија.

Според Пешевски, од 2012 година, кога од земјава заминале 12.000 градежни работници, па досега, овој сектор постојано има потреба од работници и тука можеме да очекуваме зголемен увоз на работна сила во следниот период.

Како еклатантен пример го посочува дефицитот на работна сила за изградбата на коридорите 8 и 10 д, проект кој го реализира турско-американскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

„Еве сега „Бехтел и Енка“ бараат 4.000 работници, се зборува дека голем дел ќе бидат увезени од Турција. Најголем проблем кај нас се платите, не им ги зголемуваат платите на нашите мајстори, па тие си заминуваат во Германија“, вели Пешевски за Радио Слободна Европа.

Тој не располага со конкретни бројки за тоа колку работници во градежниот сектор ќе се увезат, но истакна дека сѐ повеќе компании размислуваат за овој процес.

Во текот на минатата година, според податоците на Агенцијата за вработување, биле издадени 5.894 позитивни мислења за вработување на странски работници, а дел од нив допрва ќе треба да пристигнат на работа во Македонија.

Поврзани новости