АРХИВА Лустраторите прогласуваа кодоши без докази и со замена на идентитети

by Фокус

Текстот е објавен на 22 септември 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1146

За време на 9-годишното постоење, Комисијата за лустрација проверила над 30.000 лица и лустрираше околу 200 лица, при што околу 40 од решенијата на лустраторите паднаа на управниот суд, додека околу 80 се однесуваат на починати лица, кои не можат да го искористат правото судски да ја оспорат одлуката. Притоа, многумина беа лустрирани без докази, со селективен избор на документација, па дури беа лустрирани и погрешни луѓе. За оваа политички мотивирана лустрација, спроведена од лустраторите на чело со Томе Аџиев, со нарачка на поранешната власт предводена од Груевски, македонските граѓани платија над два и пол милиони евра

Пишува Влатко СТОЈАНОВСКИ

Како што е познато, процесот на лустрација имаше консензуална поддршка во 2008 година, кога сите релевантни политички субјкети поддржаа закон, чија основна цел беше прочистување на минатото и елиминација од јавната сфера на луѓето што позициите и моќта ја стекнале преку соработка со тајните служби. Меѓутоа, поранешните коалициски партнери – ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, подоцна го приватизираа процесот, претворајќи го во инструмент за политичка пресметка, што кулминираше во 2012 година, кога како тогашно парламентарно мнозинство усвоија сосема нов закон, чија главна цел беше жигосување на политички противници и неистомисленици.

Сепак, по препораките во Извештајот на експертската група на чело со Германецот Рајнхард Прибе, вмровците и интегративците во 2015 година донесоа уште еден нов закон за стопирање на лустрацијата, односно на можноста за поведување нови постапки, со што останаа непроверени над 3.000 досиеја од Државниот архив и којзнае уште колку во полициските и армиските архиви, додека никој не знае што се кријат архивите на Белград. Арно ама, комисијата преку која се спроведуваше лустрацијата продолжи да функционира уште две години, за да може да се јавува и да настапува како странка во судските спорови со лустрираните лица.

Според сумарниот извештај за работата на комисијата за верификација на фактите подготвен за собранието, ова тело во своето работење одржало 227 седници, на кои проверило 31.519 лица. Притоа, конечно биле решени предмети и утврдена била соработка со службите од политичко-идеолошки причини на 184 лица. Тука треба да се напомене дека комисијата утврдила соработка со органите за безбедност уште на 149 лица, меѓутоа нивните имиња и фактите поврзани со нив не биле објавени, поради проблеми со матичните броеви.

Нејсе, голем број од лустрираните лица беа починати, па не беа во состојба да се обидат да ги побијат решенијата на лустраторите на суд, додека многумина од живите сегашни и поранешни лустрирани функционери ја искористија можноста да ги оспорат решенијата на лустраторите по судски пат. На тој начин, падна во вода голем дел од работата на Лустрациската комисија, која за време на 8-годишното постоење ги чинеше македонските граѓани над два и пол милиони евра.

НЕЗАКОНСКИ ПРОЦЕС

Според податоците од комисијата за лустрација, од вкупниот број лица за кои е утврдена соработка со органите на државната безбедност, 45 не покренале постапка пред надлежните судови, додека сите други 139 покренале постапки. До 2015 година, кога комисијата го губи мандатот да отвора и да води постапки, во постапка пред Управен суд биле 35 решенија, додека 5 решенија се наоѓале пред Вишиот управен суд, по жалба на комисијата. По речиси едногодишно исчекување, Управниот суд минатата година за неколку денови ги поништи сите 35 решенија на комисијата, меѓу кои беше и она за Јадранка Костова од „Фокус“, која беше лустрирана преку селективен избор и манипулативна презентација на документи.

Од увидот на образложението на оспореното решение, Судот констатира дека тужениот орган (Комисијата за верификација на факти) го повредил начелото на сослушување на странката, предвидено со одредбите на Членот 10 од Законот за општата управна постапка, со оглед дека не му овозможил активно учество на тужителот (лустрираниот) во смисла на законската одредба од Членот 31 од Законот за определување на дополнителен услов за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката“, образложува Управниот суд во пресудите со кои побива голем дел од решенијата на лустраторите.

Според информациите доставени од Управниот суд, пак, 92 тужби поднеле исто толку лица против кои Лустрациската комисија донела решение во периодот од 2009 до 2015 година дека соработувале со безбедносните служби од полтитичко-идеолошки причини. Во однос на нив, судот уважил 38 тужби, односно 38 решенија на комисијата биле поништени, 41 тужба била одбиена како неоснована, односно 41 решение на комисијата биле потврдени, а по две тужби донесени се решенија со кои поднесените тужби се отфрлени. Во врска со останатите 11 тужби, од судот засега не се во можност да одговорат за нивниот исход.

Комисијата само ги проверува фактите и постоечките документи за одредено лице и доколку утврди дека постојат документи за негова соработка со органите на државна безбедност, донесува решение, по што се известува и му се доставува решението за да може да поведе судска постапка. Дали едно лице е прогласено за соработник или народбодавец се утврдува исклучиво од донесено решение, а утврдениот соработник своите права ги остварува на Управен суд. И таму централно прашање кое во претходните постапки се даваше е дали документите и фактите се вистинити“, посочуваат од комисијата, од каде сметаат дека судот се осврнал само на постапката, но не кажал ниту збор за објавените документи и докази за лустрираните.

ЛУСТРАЦИЈА НА МРТОВЦИ

За време на седумгодишното постоење додека имаше право да отвора предмети, идентитетот на околу 40 лица кои ги поништиле решенијата на комисијата пред Управниот суд е избришан. Исто така, во регистарот на лустраторите моментално е затскриен и идентитетот на околу 80 лустрирани починати лица, чиј идентитет, според законот, е таен. Тоа значи дека повеќе од половина од решенијата на комисијата се однесувале на луѓе кои успешно ги побиле во судска инстанца, или, пак, воопшто не биле во состојба да се обидат тоа да го сторат, бидејќи биле мртви.

Во тој контекст, можеби најголемо внимание во јавноста предизвика лустрацијата на писателот Славко Јаневски, кој беше лустриран без ниту еден доказ дека прифатил соработка, ниту обезбедувал и споделувал информации, туку само изнесувал лично мислење и видување за одредени луѓе и појави. Тој не беше во можност да се произнесе во своја одбрана, но затоа реагираа Македонската академија на науките и уметностите, Друштвото на писателите, како и многу негови колеги, кои подоцна ги снајде истата судбина, меѓу кои и писателот Божин Павловски.

Веднаш откако му испрати отворено писмо на тогашниот премир Никола Груевски да ја сопре срамната лустрација, лустраторите донесоа решение дека Павловски бил соработник на тајните служби, кој споделувал информации за националистички изблици и определби за неговите колеги, вклучително и за Јаневски, така што, согласно потребите на лустраторите, Јаневски во една ситуација испаѓа кодош, а во друга кодошен. Во секој случај, ако Јаневски не можеше да се брани во јавноста и на суд, Павловски, кој долги години живее и работи во Австралија, ја побара и ја доби правдата на суд.

Имено, тој поведе управна постапка поради погрешно утврдена фактичка состојба, односно поради тоа што, според него, лустраторите донеле одлука без докази и без да наведат кои погодности ги имал во животот и кариерата од наводната соработка со службите. Како што стои во образложението на пресудата на судот донесена во 2013 и потврдена во 2015 година, комисијата не ги доставила доказите и документите во оригинална форма, па оттука судот не можел целосно да ја испита и утврди фактичката состојба, бидејќи на фотокопии не им верува. Врз основа на тоа, се поставува прашањето врз основа на каква документација комисијата утврдила дека Павловски бил кодош?

ЛУСТРАЦИЈА НА ПОГРЕШЕН ЧОВЕК

За разлика од случајот со Павловски, Управниот суд не ја уважи тужбата на поранешниот функционер од времето на социјализмот, Петар Карајанов, иако бил лустриран поради туѓи гревови. Како што се наведува во самата тужба, лустраторите направиле груба замена на идентитетот при лустрацијата на Карајанов со друго лице со исто презиме, од истата фамилија. Поточно, во решението на лустраторите со кое се прогласува Карајанов за соработник на службите се зборува за Карајанов роден во 1937 во Гевгелија, додека тужителот Карајанов е роден во 1936 година во Скопје. Притоа, првиот Карајанов имал брат и завршил студии по англиски јазик, додека вториот има сестра и завршил факултет за книжевност.

Во документите со кои е поткрепено решението на лустраторите се говори како Карајанов, роден 1937 година во Гевгелија, кој завршил англиски јазик, заминува во Шведска во 1963 година во посета на неговиот брат Ѕвонко Карајанов. Но, како што навел лустрираниот Карајанов во тужбата до Управниот суд, тој во тоа време бил на издржување воен рок во тогашната Југословенска народна армија на сосема друго место – Требиње, Босна и Херцеговина. Сепак, судот не зел во предвид дека еден човек не можел да биде на две места во исто време.

Поради ваквите пропусти, Карајанов побара и доби правда во Судот за човекови права во Стразбур. Како што се наведува во одлуката на овој суд, Карајанов немал можност ефективно да го презентира својот случај, со самото тоа што тој не бил инволвиран во постапката пред Лустрациската комиција и не можел да ги претстави своите аргументи. Потоа, судот во Стразбур констатирал и повреда на членот 8 од Конвенцијата за човекови права, која се однесува на почитувањето на приватниот и семејниот живот, поради објавувањето на решението на лустраторите на веб-страницата на комисијата уште на денот на неговото донесување, односно пред тоа да стане конечно и правосилно.

Но, лустрацијата на Карајанов не е единствениот случај каде лустраторите направиле замена на идентитети. Тоа се случи и со лустрацијата на поранешниот директор на Службата за државна безбедност, Слободан Богоески, кој, како што објавија лустраторите, беше лустриран како човек што давал наредби за обработка и следење лица од политичко-идеолошки побуди. Како што вели Богоески, решението наместо кај него, лустраторите го испратиле кај друг човек со исто име и презиме, со потекло од велешкото село Извор, кој живее во Велес. Така, во јавноста лустриран е познатиот Богоески, додека формално-правно лустриран е анонимниот Богоески, кој откако го загуби здравјето, сега води судска битка.

ФИЛУВАЊЕ НА ДОКУМЕНТАЦИЈАТА

Освен што, свесно или несвесно, мешале луѓе и податоци, лустраторите лустрирале лица и врз база на селективен избор на документи, кои произволно и субјективно ги претставувале пред јавноста. Овде упатените ја споменуваат лустрацијата и на поранешниот министер за внатрешни работи, Томислав Чокревски, кој беше лустриран поради оперативна обработка на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и на функционери на ДПМНЕ. Во документацијата што ја објавија лустраторите навистина се гледа дека партијата и нејзините водачи биле под обработка на тогашната тајна полиција, меѓутоа комисијата не ги објавила јавно документите кои покажуваат зошто полицијата ја третирала партијата, за да се добие целосен впечаток.

Точно е декаполицијата ја следела ВМРО-ДПМНЕ и тоа се гледа од објавените документи со решението за лустрација на Чокревски, но не се објавени документите зошто е следена партијата, односно дека се фатени луѓе од партијата кои тргуваат со оружје, кое го увезувале од Бугарија и го криеле во гостиварски села – вели Чедомир Дамјановски, член на првиот состав на Лустрациската комисија избран од опозициските партии, кој лично ги разгледувал сите документи од досието за обработка на ВМРО-ДПМНЕ.

Во таа насока треба да се спомене и лустрацијата на претседателот на Демократската партија на Власите, Никола Бабовски, за кого лустраторите донесоа дури три решенија за лустрација, бидејќи тој, според нив, бил ангажиран да соработува со тајната полиција во 1998 година за паричен надомест, а соработничкиот однос му прекинал во 2006 година. Меѓутоа, Управниот суд пресуди дека нема основ тој да биде лустриран, бидејќи ниту остварил материјална корист, ниту напредувал во кариерата, ниту некој претрпел штетни последици.

Документацијата што ја разгледувавме и што беше објавена никаде не откриваше дека Бабовски соработувал со тајната полиција од идеолошко-политички мотиви, туку можеше да се најде како и пренесува на македонската служба информации добиени од негов близок роднина што работел во конзулат на една соседна држава. Тоа е разузнавачка дејност во интерес на државата, а не кодошење од политички мотиви за одредена корист – објаснува екслустраторот Дамјановски, додавајќи дека поради ваквите постапки луѓе губат работа и здравје.

БОМБИТЕ“ ОТКРИЈА КОЈ БИЛ ГЛАВЕН ЛУСТРАТОР

Како течел процесот на лустрација, всушност најдобро откриваат прислушуваните разговори што ги објави СДСМ како опозициска партија во текот на 2015 година. Во тој период, кога кулминираше политичката криза по избивањето на скадналот со прислушувањето, социјалдемократот Васко Ковачевски објави телефонски разговори кои покажуваат дека владата, Груевски и неговите најблиски соработници го контролираат и менаџираат процесот со лустрација. Се разбира, тие го негираат тоа, велејќи дека „бомбите“ се монтирани материјали, но неколку експертизи ја потврдија нивната веродостојност.

Како и да е, еден од објавените разговори што, според Ковачевски, се водеше помеѓу Груевски и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се интересира дали поминал заклучок на првиот човек на Лустрациската комисија, Томе Аџиев. Еден друг разговор помеѓу Јанкулоска и секретарката на Груевски – Ленче Самарџиевска, пак, открива дека лустраторите заедно со тогашниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, и тогашниот собраниски спикер Трајко Велјаноски оделе на состаноци кај Груевски.

Сепак, разговорот кој покажа најгрубо мешање во работата на лустраторите и дека буквално се нарачувале лустрации, се водеше помеѓу Аџиев и пратеникот од редовите на ДПМНЕ, Антонијо Милошоски. Впрочем, Милошоски му вели на Аџиев дека обезбедил човек (Живко Туфегџиоски) што ќе иницира лустрација за кичевскиот судија Драган Билески, кој, спроед зборовите на Милошоски, им правел многу големи проблеми во градот.

На крајот, Билески беше лустриран, иако во евиденцијата на МВР никаде не фигурира како соработник. Згора на тоа, авторот на белешките според кои Билески е лустриран, полицискиот оперативец Перо Крцовски се откажал од напишаното, потврдувајќи дека содржината не е автентична. Моментално, семејството на Билески чека епилог од судскиот процес што го покрена во судот во Стразбур, каде правдата веќе ја добија Ивановски и Карајанов.

МИЛИОНСКИ ПРОЦЕС

Она што се поставува како прашање, е колку пари ги чинеше македонските граѓани ваквата политички мотивирана и управувана лустрација за оцрнување и дискредитација на политички неподобните? Според податоците што можат да се најдат во периодичните 6-месечни извештаи на комисијата, во првата година кога започна да работи имала буџет од нецели 12 милиони денари. Веќе во следната 2010 година, пак, лустраторите побарале буџет од речиси 32 милиони, ама им биле доделени околу 24,5 милиони денари, за подоцна во текот на годината со ребаланс на буџетот да бидат скратени нешто над 5 милиони денари.

Во следните полугодишни извештаи, комисијата не изнесува податоци со колкави средства располагала, туку само како се движел долгот на институцијата. Сепак, во буџетите за следните години може да се види дека лустраторите во 2011 година имале буџет на крајот на годината после ребалансот од речиси 19 милиони денари и 12 вработени, во 2012 година – над 17 милиони и 16 вработени, во 2013 година – 18,5 милиони и 17 вработени, во 2014 година – 20,5 милиони и 17 вработени, во 2015 година – 19,5 милиони денари и 18 вработени.

Интересно е тоа што комисијата располага со речиси ист буџет и во следните две години, кога има значително намален обем на работа, бидејќи не отвора нови случаи. Па, во 2016 година комисијата имала буџет од околу 19,5 милиони денари и 18 вработени, а во тековната година првично имала одобрен буџет од нецели 19 милиони денари, меѓутоа со ребалансот на новата влада тој се спуштил на околу 15 милиони денари. Се на се, Лустрациската комисија за 9 години ги чинела македонските граѓани 160,5 милиони денари или над два и пол милиони евра, без притоа да се смета паричното обештетување што го добија и допрва ќе го добијат многу неправедно и незаконски лустрирани граѓани.

Со толку пари од граѓаните, како што покажуваат податоците и наводите од документите што ги обезбедивме и анализиравме, претходната влада на чело со Груевски, преку мнозинството во комисијата предводено од вечниот Томе Аџиев, лустрираше сегашни, но и поранешни носители на јавни функции и вршители на јавни овластувања, па дури и починати лица, кои не се во состојба да се бранат. Да биде парадоксот уште поголем, лустрирани беа и целосно погрешни лица, што создава непоправливи последици врз многу човечки и семејни судбини, кои никогаш во животот не биле соработници на службите. Кој ќе сноси одговорност за тоа?


Божин Павловски, писател
БРАТУЧЕДИТЕ МЕ ЛУСТРИРАА ЗАШТО БРАНЕВ ВЕЛИКАН ОД ЛЕШИНАРИ!

Братучедите Никола Груевски и Сашо Мијалков стоеја зад пресметката со мене, вели писателот Божин Павловски, кој ги напушти МАНУ и ДПС откако беше лустриран, по критиката на лустрацијата на Славко Јаневски.

Беа на самиот врв на моќта во едно жално време за Македонија, кога сите институции беа замолчани, преплашени, уценети. Лудаци! Јас во една колумна во „Фокус“ ги споредив со Црвените Кмери. Тоа на Никола Младенов многу му се допадна. Знаете дека целиот врв на Црвените Кмери во Камбоџа заврши по лудниците. Кога му го направија тоа на Славко Јаневски, ме побара Александар Дамовски и ми побара изјава, демек што мислам за лустрирањето на покојни луѓе. Реагирав остро и веќе по неколку дена следуваше казната. Многумина ми пристапуваа да ми изразат жалење, но само во четири очи. Не се покајав никогаш затоа што го бранев нашиот великан од лешинари – вели Павловски.

Тој додава дека ќе биде пресреќен доколу види промени во политичкиот менталитет на новата власт, меѓутоа, не очекува многу со оглед на, како што вели, изместените кодови на македонското општество.


Владимир Милчин, режисер
ГРУЕВСКИ МИ НАРАЧА ЛУСТРАЦИЈА ИАКО СЛУЖБИТЕ САМИ КОНСТАТИРАЛЕ ДЕКА НЕ УСПЕАЛЕ ДА МЕ ВРБУВААТ ЗА СОРАБОТНИК

Лустрацијата на театарскиот режисер и универзитетски професор, Владимир Милчин, беше една од најскандалозните, со оглед дека документацијата врз основа на која беше лустриран не покажува дека бил соработник на службите, туку дека бил предмет на обработка како анархолиберал. Дури, во самото досие припадниците на службите констатираат дека не успале да го врбуваат за соработник. Еве што вели Милчин во врка со лустрацијата:

Глутницата мршојадци која лажно се претставуваше како лустрациска комисија престанала да постои? Нема гајле, тие се толку употребливи што набргу ќе ги видиме во некој совет, управен одбор или комисија, како што е вообичаено кај нас. Томе и неговата банда ги извршија сите нарачки од автократот Груевски, избербатија и живи и мртви, патем си ги лечеа комплексите на пониска вредност, сеиреа над несреќата на луѓе на кои не им се ни до колена, унесреќија цели семејства. Со тој лов на вештерки во детали раководеше Груевски од/во својата канцеларија, ентузијастички поддржан од „експертите“ од врвот на партијата, владата и парламентот… Сигурен сум дека СЈО располага со тонски записи од телефонски разговори пострашни од објавениот разговор во кој Антонијо Милошоски нарачува лустрирање.

Во 2000 година, кога на власт беа ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, врз основа на законот кој на граѓаните им овозможи да извршат увид во личните досијеа кои за нив ги водела УДБ/СДБ од идеолошки и политички причини, побарав и добив фотокопија од досието што државната безбедност го водела за мене од 1976 до 1987 година, под сомнение дека сум анархолиберал, односно припадник на граѓанската десница и дека на репертоарот на МНТ сум сакал да протуркам драми од македонски националист. Ме следеле, од своите соработници прибирале изјави за мојата театарска и политичка активност, ми ги прислушувале телефонски разговори и ми го озвучиле станот. Единаесет години подоцна, Груевски, новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кому очигледно му бев трн во окото, му наложил на својот подопашник Томе Аџиев по секоја цена, па и по цена на фалсификат, да ме прогласи за соработник на „службите“. Врз основа на истото досие кое било затворено откако „службите“ констатирале дека не успеале да ме врбуваат за соработник!

Во мојот случај, ниту еден од четирите услови од законот за утврдување дека некој е соработник не бил исполнет, но тоа не им пречеше на судиите од Управниот суд и од Вишиот управен суд да ми пресудат во мое отсуство. Раката на Груевски беше долга, неговата тупаница го здроби законот. Откако во 2011 година Уставниот суд го укина законот предложен од Стојан Андов, во 2012 година стапи на сила вториот закон. Се разбира, „Милчин и компанија“ беа првите за вториот отстрел. Милчин требаше да се мавне како извршен директор на Фондацијата отворено општество. Во 2011 година, судовите беа невообичаено брзи, но во 2012 година им требаа повеќе од две години, иако законот наложува итна постапка. Со тоа ја одложуваше мојата апликација до судот во Стразбур, кој прифаќа да разгледува предмети само откако се исцрпени сите судски инстанци во земјата.

Сè на сè, наместо прочистување, лустрацијата ни донесе бербатење. Соработниците продолжуваат да соработуваат, списокот на носители на јавни функции кои биле соработници на службите што го доби Аџиев од УБК го изеде темницата, исто како и никогаш необјавениот Регистар на соработници на УДБ/СДБ, а народот си зборува за неоткриени удбашки структури кои ја разнебитуваат Македонија. Време е за лустрација на лустрацијата!.


Јадранка Костова, новинар
КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА АЏИЕВ И „НН“ ЛИЦА

Долгогодишната уреднична и новинарка во „Фокус“ беше еден од најгласните поддржувачи на процесот на лустрација, за на крајот да се случи апсурдна ситуација – лустраторите на чело со Томе Аџиев да ја лустрираат со цел да ја жигосаат поради нејзиниот критички поглед и опус на политиките на „преродбата“. Колку оваа лустрација е парадоксална, потврди документот што неодамна го објави „Фокус“, според кој наводната жртва од кодошењето на Костова бил соработник на тајните служби! Поради тоа, таа најавува дека ќе поднесе кривична пријава против Аџиев и НН лица:

– Не знам како планираат да се поништат последиците од лутрациската комисија, особено што не само за мојот случај, туку и за десетици други лица, Вишиот управен суд ги поништи решенијата за лустрација. Во случајов, причините се процедурални, па тоа остава основ за исчашени коментари.

Од калибарот на оној на Аџиев, кога Судот во Стразбур пресуди дека се повредени човековите права по тужбата на Трендафил Ивановски, дека со тоа не се менува суштината дека бил „соработник“. Замислете, жално ама и смешно, адвокат да го омаловажува значењето на процедурата во еден процес. Ама, од кого е, токму е! Согласно неговите капацитети.

Јас најверојатно ќе поднесам кривична пријава против аџиевци и НН лица затоа што ја злоупотребиле позицијата со цел да ми наштетат и да ме жигосаат како кодош. Замислете која будалаштина е да наведеш во Решението за моја лустрација документ „Репродукција на разговор обавен на 30.01.1996 г., помеѓу лицето „А“, инспектор на Службата за државна безбедност и лицето „Б“, под псевдоним „Тутунар“ (мојата наводна жртва).

Значи „жртвата“ разговара со инспектор од ДБК, на долго и на широко, му изнесува информации за МПО и за нејзиниот тогашен претседател Ѓорѓи Лебамов, па дури и најавува дека ќе помогне припадници на државната безбедност да се инфилтрираат во МПО. Ама во неколку реда ме кодоши и мене на инспекторот.

Просечно интелигентен човек ќе разбере дека Тутунар си е на линија со Службата, но за аџиевци тоа е доказ дека јас сум кодош!!! Или оние кои гласале за овој документ имаат пречки во менталниот развој или свесно и намерно сториле кривично дело веројатно по нечија нарачка, за да ме девалвираат како новинар и уредник на критички настроениот неделник „Фокус“. Но, НЕКОЈ укапирал дека „фактов“ им е резил, па бргу бил симнат од веб страницата на комисијата. Ама, тоа и не е битно за просечниот поданик на груевизмот. Тој нема да ги проверува или анализира документите за нечија лустрација, доволно куртонско-курирски разгласи да ја шират „вистината“ дека сте кодош.

Интересно, членот на лустрациската комисија Предраг Димитриевски, кој бил болен кога се гласало за мојот случај, при една случајна средба ми тврдеше дека нема таков документ, односно разговор на „жртвата“ со инспектор од ДБК. Сепак, ми потврди дека тој и Ачковска планирале да пишуваат книга за „Тутунар“. Не знам кој им го дал неговото досие, но намерно ги изоставил документите кои потврдуваат дека „мојата жртва“ е соработник на службата.

Овие документи што ги добив и јас, но и други лица што слободно ги постираат по социјалните мрежи, говорат дека некој, во УБК или Архивот не знам, манипулира со документите. Кога треба, ги крие, по потреба ги вади во јавност сокриените. Од бомбите, пак, чувме како лустраторите со Сашо Мијалков оделе на средби кај Груевски. Веројатно за размена на мислење за климатските промени, нели!?

Не ги знам сите случаи на лустрирани, но над дестина кои сум ги анализирала, гледам исто така простор за кривична пријава против лустраторите кои станаа обична но убиствена алатка за жигосување на „непријателите“ на режимот или на поединци од врхушката. Доколку истрагата заврши како што треба, потоа државата ќе може од нив да ја наплати отштетата што ја заслужуваат жртвите на аџиевци.

Парадокосот на лустрацијата по модел „аџиевка“ е што наместо да ја проветрат јавната сцена од лица кои за пари и кариера кодошеле луѓе од политички причини, овие лустратори за пари и кариера жигосаа неправедно дузина лица со смешни дури и налудничави ѓоа факти.

Поврзани новости