АРХИВА: Љупчо Николовски го „собира“ путерот, а брат му кајмакот

by fokus

Текстот е објавен во бројот 1328 во неделникот „Фокус, “на 17 март 2021 година 

Илија Николовски, братот на првиот антикорупционер Љупчо Николовски, на крајот на 2020 година станал сопственик на шпедицијата „Лариком-импекс“. Во 2019 година, компанијата има зголемен раст на приходите и добивката, но пресметките за оваа година треба да одговорат дали шпедицијата навистина го собира кајмакот и дали има раст за време на власт, како што обвинува опозицијата

 Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

 „Лариком-импекс“ е компанија, чие седиште се наоѓа спроти трговскиот центар „Скопјанка“ во скопската населба Аеродром. Нуди транспорт, шпедиција, складишта и карго. За нејзината дејност вообичаено е да се интересираат увозниците или извозниците, но освен нив, од пред извесно време, шпедицијата сѐ почесто ја споменува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Но, повеќе в „уста“ им е сопственикот на оваа компанија, Илија Николовски, кој му е брат на вицепремиерот за борба со корупцијата, Љупчо Николовски. И додека јавноста пресметува дали Николовски точно ги „собрал“ килограмите путер со поминат рок, за кој на Фејсбук се пофали дека е запленет, опозицијата не престанува да обвинува дека фирмата на брат му го собира кајмакот.

На средината на февруари, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во изјава за медиумите објави дека фирмата на братот на Николовски, во 2018 година, споредено со 2019, имала зголемување на приходите од огромни 2.100 проценти.

 Илија Николовски, брат на вицепремиерот Љупчо Николовски

Споредете ја таа компанија, чиј сопственик е неговиот брат, колкав ѝ бил профитот во 2018 година и како магично во 2019 година, профитот се зголемил за цели 2.100 отсто.Еве, поставете го тоа прашање на овој кој се нарекува себеси вицепремиер за справување со корупцијата и ќе добиете логичен или нелогичен одговор, рече Мицкоски.

Истата бројка на раст ја презентираше и партискиот портпарол Димче Арсовски, кој на прес-конференција обвини дека во време кога над 6.500 фирми се затворени, шпедицијата на братот на Николовски има раст од 2.100 проценти. Тој ја обвини шпедицијата дека работи на црно, односно со каса-прими парагони како во деведесеттите години и зема кеш пари од клиенти.

Ова е класичен начин на продуцирање сива економија и тоа не во деведесеттите години, туку во 2021 година. На овој начин, фамилијата Николовски затајува данок и прекршува неколку закони, вклучително и основниот член 12 од Законот за регистрирање на готовински плаќања. Јавно уште еднаш го прашуваме Николовски сам да си каже, дали фирмата на неговиот брат работи со кеш пари преку каса-прими и силата за прекршување на законите ја црпи од позицијата вицепремиер во Владата?

Какво е влијанието на Љупчо Николовски за да чувствуваат толкава храброст, моќ и сила за да спроведуваат беззаконие?, прашуваше Арсовски. Тој тврдеше дека тоа не било изолиран случај, туку каса-прими се издавала повеќепати и рече дека ако институциите отворат случај, партијата ќе достави докази.

 МАТЕМАТИЧАРОТ МИЦКОСКИ ПРЕСМЕТАЛ ПОГРЕШНО

Сепак, податоците за фирмата што ги провери „Фокус“, не покажуваат толкав раст од 2.100 проценти. Но, и според точните податоци, може да се види дека компанијата за една година имала голем раст на приходите. Па така, ако во 2018 година компанијата имала приходи од 4,3 милиони денари, за 2019 година приходите се 14,9 милиони денари, што значи за една година има раст од приходите за 10 милиони денари или раст на нето-добивката од 1.130 проценти. Нето-добивката од пола милион денари е зголемена на повеќе од 6 милиони денари.

Вакви информации за состојбите на фирмата соопшти и опозицискиот пратеник Игор Јанушев од собраниската говорница. На пратенички прашања покажа и каса-прими со печат на компанијата „Лариком-импекс“.

Ова е парагонче каса-прими од фирмата на вашиот брат, има печат и сума. И за ова нема фискална сметка, и за ова ќе си одговарате, немој да се секирате, порача Јанушев од говорницата.

„Фокус“ се обрати и до компанијата „Лариком-импекс“, кои во одговорот што ни го доставија, тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ преку нејзините функционери води хајка против нивната компанија.

– „Лариком-Импекс“ ги отфрла како целосно неточни пласираните информации од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Ваквиот медиумски напад од страна на една партија го доживуваме како обид за притисок врз нашето професионално работење и обид за оцрнување на еден приватен субјект, децидни се од компанијата.

Тврдат дека работат согласно законските прописи и дека за секоја извршена услуга издаваат фискална сметка или фактура.

Според информациите што ни ги доставија за историјата на компанијата, таа била формирана уште во далечната 1991 година.

Во нејзиниот развој имала и подеми и падови во работењето, како и сите македонски компании во текот на изминативе 30 години. Тотално невистинити се информациите за наводен раст во време на корона кризата пласирани исто од еден политички субјект. Напротив, токму во време на пандемијата компанијата бележи драстичен пад од 60 проценти, велат од „Лариком“.

Според нив, во годините што ги споредува ВМРО-ДПМНЕ, 2018 и 2019 година, братот на вицепремиерот, Илија Николовски, не бил сопственик, ниту во „Лариком“, ниту во друга фирма. И компанијата ѝ забележува на ВМРО-ДПМНЕ дека прво објавиле дека растот на фирмата бил 2.100 проценти, а потоа сами се коригирале и рекле дека растот е 1.200 отсто.

 ЛАРИКОМ: ИМАМЕ СЕРИОЗЕН ПАД ВО РАБОТЕЊЕТО

 Илија Николовски во „Лариком-импекс“ немал никаква одговорна, или менаџерска функција, и на ниту еден начин не можел да влијае, ниту на евентуалниот успех, или неуспех на компанијата. Од пред три месеци, Илија Николовски има дел од основачки влог, односно од крајот на 2020 година, кога компанијата бележи сериозен пад во своето работење, тврдат од шпедицијата.

Велат дека обвинувањата на опозицијата ги сфаќаат како обид за пласирање лаги и невистини, за да се нанесе штета врз работењето на компанијата.

 Лариком-импекс – подружница во Богородица

Ги молиме политичките партии, во меѓусебните обвинувања да внимаваат со какви средства се користат затоа што со изнесување вакви невистини ја доведуваат во прашање својата кредибилност пред граѓаните, порачуваат од шпедицијата.

Според достапните информации, како сопственици на компанијата се водат извесна Душанка Спасовска, за која пишува дека нема удел, ниту во обични, ниту во приоритетни акции, а Илија Николовски е сопственик и управител. Спасовска има и адвокатска канцеларија во Карпош. Засега не се достапни информации за тоа колку приходи и добивка остварила шпедицијата изминатата 2020 година.

ОТВОРИЛЕ ПОДРУЖНИЦА НА БОГОРОДИЦА И БАРАЛЕ ЦАРИНИЦИ

Иако од „Лариком“ се жалат дека пандемијата им ја намалила работата, сепак, на 9 септември 2020 година на официјалниот фејсбук-профил, компанијата се пофали дека отворила подружница на граничниот премин Богородица. Еден месец подоцна шпедицијата на официјалниот фејсбук-профил бара лиценцирани царински застапници.

Поради зголемување на обемот на работа на ГП Богородица, Шпедиција Лариком-Импекс има потреба од ангажирање на лиценцирани царински застапници. Одлични услови!, пишува во објавата.

Со отворањето на подружницата на Богородица, компанијата, освен главната канцеларија во Скопје, има вкупно три подружници, на граничниот премин Деве Баир, на Табановце и најновата, на Богородица. Во годините, освен приходите, растел и бројот на вработените, па ако во 2017 година имало само неколкумина вработени, во 2019 година има 12 вработени.

„Фокус“ праша и во Царинската управа, како тече постапката за отворање подружници, конкретно за отворањето на подружницата на граничниот премин Богородица. Од Управата објаснуваат дека за објект за дејност царинско застапување на ГП Богородица (подружница), Лариком импекс со исполнети услови за учество (гаранција, работно време) учествувала на оглас за јавно наддавање објавен на 19.03.2019 година, но не била избрана за најповолен понудувач за склучување договор.

ШПЕДИЦИЈАТА  ИЗБРАНА ЗА НАЈПОВОЛЕН ПОНУДУВАЧ ЗА НОВАТА ПОДРУЖНИЦА

 На оглас објавен на 9.06.2020 година, шпедицијата повторно учествувала на огласот и по јавно наддавање избрана е за најповолен понудувач.

-Согласно Извештај од Комисија и одлука за избор, шпедицијата склучила договор за закуп на објект на Богородица за обавување дејност царинско застапување и тој е активен 4 години од денот на склучување. Во врска со следењето на работата на шпедицијата, одделението го следи исполнувањето на обврските од договор на месечно ниво – плаќање фактури за режиски трошоци и закупнина. До денес, не е евидентирано надминување на достасаноста за плаќање на фактурите, велат од Царина.

Сите овие обвинувања од опозицијата доаѓаат откако Николовски беше назначен за вицепремиер за борба против корупцијата, нова функција, која досега не постоеше. Сепак, и покрај новиот сектор и големите најави на власта, земјава се најде на 111-то место, најниско досега, според индексот за перцепција на корупцијата изготвен од „Транспаренси интернешнел“ за 2020 година.

Веднаш по објавувањето на овој извештај, владата излезе со нов план од 15 точки, „Акција 21“, со кој планира да се  бори против корупцијата. Беа дадени најави  дека ќе ги зајакнува капацитетите на обвинителствата, ќе ги штити укажувачите и ќе ги укинува хартиените изводи од матичните служби, а Николовски во медиумите порачува дека тие се новата генерација политичари кои ќе ја решат корупцијата.

Сепак, претседателот на државата, Стево Пендаровски и на Николовски и на министерот за правда, Бојан Маричиќ им порача дека нам не ни требаат методологии и стратегии, туку нивна имплементација.

Разговарав и со господинот Маричиќ, и со Љупчо Николовски, им реков, продуцираат методологија за прочистување, стратегија за борба против корупцијата… сѐ тоа е добро, но ние изминативе 30 години имаме супер инфлација од документи, нам ни треба практична имплементација на тие документи. Со години тврдам, ние не сме на ова дереџе затоа што немаме добри закони… Законот го има ама законот важи едно за тебе, друго за мене, а за некого ич не важи. Тоа е нашиот проблем, им порача Пендаровски во последното интервју.

Љупчо НИКОЛОВСКИ: НЕ СМЕ ПОВРЗАНИ СО НЕЛЕГАЛЕН УВОЗ НА ТУТУН

 „Речиси цел месец во состојба на безидејност и немајќи што да понудат, ВМРО -ДПМНЕ лиферуваат лажни информации и ја манипулираат јавноста со невистини“, вели за „Фокус“ вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, на нашето прашање како ги коментира информациите за зголемен раст на приходите на компанијата каде сега е сопственик, неговиот брат во време кога партијата каде Николовски е висок функционер, е на власт.

Периодот што ВМРО-ДПМНЕ го наведува мојот брат ниту имал некаква управувачка, ниту сопственичка улога во оваа приватна компанија. Според моите информации, тој од пред три месеци има дел од основачкиот влог. Се прашувам, како тогаш може да го обвинуваат за успех или неуспех на таа компанија од пред две или три години?!, вели Николовски.

Освен овие обвинувања, ВМРО-ДПМНЕ го поврзува Николовски и неговиот брат со сопственикот на компанијата Студенац Шпед која се поврзува со увоз на пет камиони нелегален тутун.

Фирмата блиска до Николовски направила нелегален увоз на тутун уште пред една година. Иако немала дозвола за трговија и пуштање во промет на тутун и тутунски производи го внела тутунот преку граничен премин Деве Баир. Скандал од невидени размери е што Царинската управа призна, внимавајте призна дека е направен нелегален увоз, а пријателот на Николовски наместо да оди под истрага, тој продолжува да го работи својот бизниси, обвини опозицијата.

И за ова обвинување, Николовски тврди дека е лага и вели дека за овој случај има постапка во Царинската управа и известен е јавен обвинител.

Мојот брат со тоа лице ниту е близок, ниту пак, некогаш има остварено било каква соработка со таа фирма. За тој случај како што сум информиран, отворена е предистражна постапка во рамки на Царинската управа уште пред неколку месеци, известен е и надлежен Јавен обвинител, пред ВМРО-ДПМНЕ да излезат на прес конференција. Се надевам дека некогаш ќе сфатат, дека помина режимското време кога се контролираа и отвараа наменски фирми за одредени бизниси и никој не одговараше за ништо. Денес, никој не е заштитен, и никој не е над законот, секој што ги прекршил законите, ќе одговара. Само така ќе ја вратиме довербата на граѓаните во институциите, а државата ќе чекори по вистинскиот пат, вели Николовски.

ЗАПЛЕНЕТ ПУТЕР – СИМБОЛ НА БЕСКОМПРОМИСНАТА БОРБА СО КОРУПЦИЈАТА

Во акција на Агенцијата за храна и ветеринарство запленети се 4.5 тони путер, кој имал важност до 2019 година. Производот е затекнат во продажба  без декларација, и од страна на АХВ веднаш“ напиша на Фејсбук вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски.

 Уништување на путерот со поминат рок

Овој коментар  наиде на лавина реакции во јавноста со оглед на тоа што заплената на путерот беше сфатено како дел од бескомпромисната и неселективна борба со корупцијата на сите нивоа која Николовски ја најавува.

Потоа во присуство на медиумите, на депонијата „Дрисла“ беше уништен путерот кој бил откриен при двонеделна инспекциска контрола.

 

 

Поврзани новости