АРХИВА Груевски и Тодоров пуштаат во употреба сечени, лепени и монтирани медицински апарати!

by Fokus

Текстот е објавен на 2 април, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1069

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Денот трае само 24 часа, а тие понекогаш се премалку за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и за неговите министри кои редовно сечат по неколку црвени ленти на ден на спортски игралишта, лаборатории, болници, медицински апарати и удираат камен-темелници според вмровската агенда 24/7. И во периодот додека беше премиер, но и сега, во текот на неофицијалната изборна кампања за изборите закажани за 5 јуни, не поминува ден без Груевски да се појави на некој настан, да отвори погонче, да пушти во промет „селска чешма“ и да се слика.

Турбо-агендата е карактеристична за речиси сите министри во владата, но посебно се издвојуваат експремиерот и министерот за здравство, Никола Тодоров. Тие се единствените што „работат“ и за викенд, па секоја сабота и недела може да ги забележиме нивните пропагандни проповеди на владините телевизии за сѐ што „оствариле“ во последните десет години откако се на власт.

Во истата мисија, пред две недели тргнаа и на скопската Клиника за гинекологија и акушерство, каде што отворија нова лабораторија за биохемиска пренатална дијагностика, која треба да помогне за рано откривање аномалии кај плодот. Според информациите, во овој проект се инвестирани околу 150 илјади евра, и како што изјави Груевски, ова е четврта таква инвестиција.

Тоа претставува една новина, но и една дополнителна вредност на оваа клиника и воопшто на македонското здравство – истакна во таа пригода лидерот на ДПМНЕ.

Сето тоа би било за пофалба, доколку во јавноста не се појавија информации дека едни исти медицински апарати се промовираат по неколкупати, сѐ со цел да се прикаже оти владата предводена од ДПМНЕ постојано вложува во јавното здравство.

„Фокус“ се обиде да открие кои апарати од медицинската опрема биле промовирани по неколкупати. Колку пари чинат? Колку вкупно тендери се распишани за само еден апарат!?

Но, тоа не е сѐ. Дополнителен  проблем во целата приказна претставува и тоа што дел од лекарите-стручњаци што работат со овие медицински апарати, со јавноста ја споделија вистината – што точно се крие зад постојаното промовирање на медицинската опрема. Нормално, тоа го почувствуваа на свој грб, па некои беа казнети, а некои разрешени од своите функции, а некои, пак, се соочија со закани за откази. Секому според заслугите!

ЦРВЕНА ЛЕНТА ЗА ИСТ АПАРАТ

Со само еден клик на интернет може да се пронајде прес-конференција на министерот Тодоров, на која е промовиран одреден медицински апарат, кој во јавноста е претставен како најнова технологија, за по две години, нормално откако сеќавањето ќе спласне, истиот апарат повторно да се промовира и повторно да се најавува како најнова метода што ќе ги подобри состојбите во јавното здравство.

Кога експремиерот Груевски, на скопската Клиника за гинекологија ја промовираше лабораторијата за откривање аномалии кај плодот, тој се сликаше заедно со заменик-министрите за образование, Спиро Ристовски, и за здравство, Јовица Андоновски. Но, само еден час по завршувањето на промоцијата на „новата“ апаратура, социјалните мрежи беа преплавени со реакции од вработените на клиниката, кои тврдеа дека тој апарат воопшто не е нов и дека е од пред 15 години, сметајќи дека јавноста е должна да ја знае вистината.

Веднаш по објавувањето на статусите на Фејсбук, по налог на раководството на клиниката, некои од нив беа принудени да ги повлечат, бидејќи добиле закани дека во спротивно ќе следат санкции како разрешување од раководните позиции, намалување на платите, откази, што, според нив, претставува демонстрирање моќ, заплашување и замолчување да го кажат тоа што го мислат.

На редакцијата на „Фокус“ ѝ се познати имињата на вработените на клиниката што се соочиле со закани, но одлучивме да не ги споделиме јавно, со намера да не им се нанесе поголема штета на работните места. Дел од нив, исто така, бараа да останат анонимни, плашејќи се од последиците со кои би се соочиле понатаму.

Се обидовме да стапиме во контакт и со директорката на Клиниката за гинекологија, доктор Марија Хаџи-Лега и ѝ испративме неколку прашања по СМС, за да дознаеме дали обвинувањата на дел од вработените се точни, но до затворањето на овој број од весникот не добивме одговор.

Болнички извори од Гинекологија тврдат дека во моментов се донесени два нови апарати за анестезија, па за неколку дена очекуваат и тие спектакуларно да бидат пуштени во употреба, иако тендерот за нив бил распишан пред повеќе од година и пол!

Сепак, ова не е единствен случај, министрите на владата од ДПМНЕ да промовираат медицински апарати или болници, кои веќе еднаш биле пуштени во употреба или, пак, да ги најавуваат како најнова технологија, а исти такви да има во повеќе болници. Таков е случајот со спектакуларното промовирање на електрохируршкиот генератор на скопската Клиника за торакална хирургија, кој за хирурзите не е никакво чудо, како што го најави првиот човек во здравството бидејќи таков апарат, каков што се промовираше има само на неколку метри од нив, на соседната клиника за Абдоменална хирургија, кој се користи веќе неколку години. Во еден момент, власта спектакуларно промовира „нов“ медицински апарат, а во повеќе клиники и болници низ земјава има дури 27 вакви апарати!

Слична е практиката и со новите градби и реновирањата. На 3 февруари, 2014 година, два дена едноподруго се промовираше реконструкцијата на поликлиниката „Букурешт“. Првиот настан беше организиран во присуство на тогашниот премиер Груевски и министерот за здравство, за еден ден подоцна Тодоров повторно лично да организира посебен настан во кој ја повтори промоцијата.

Во периодот кога најактуелна беше темата со загадувањето, првиот човек во здравството во октомври, 2013 година организираше прес-конференција во ресорното Министерство тврдејќи дека се набавени два апарати за мерење на квалитетот на воздухот, кои чинат 900 илјади денари. Само една година подоцна, во истата прес-сала, Тодоров повторно го промовираше истиот проект, па дури, според информациите што ги соопшти, како да читаше од истиот лист хартија што веќе еднаш го имаше прочитано.

КОЈ УСТА ОТВОРИ, ЛЕТА ОД РАБОТА

Неколкумина од лекарите досега собраа храброст и без влакна на јазикот со јавноста ги споделија сите проблеми со кои се соочуваат на своите работни места. Дури тврдат дека некои работи мора да ги кажат јавно, бидејќи им е доста од тоа како власта ги манипулира граѓаните. Според нив, дел од новата медицинска опрема за која се потрошени 100 милиони евра народни пари скапува во подрумите, а министерот и премиерот одвреме-навреме промовираат по еден апарат како најнова технологија, иако тој се користи повеќе од десет години.

Веднаш по објавувањето на вистината, како што тврдат лекарите, тие се соочуваат со казни, намалување на платите, закани за откази, разрешување од раководните позиции… Велат оти работите одат и до таму, што има луѓе кои се задолжени да ги следат што споделуваат на социјалните мрежи – дали ја критикуваат власта, па дури не смеат да стават лајк на критички статус на Фејсбук за владејачката партија. Во таков случај, лекарите веднаш се повикуваат во канцелариите на своите претпоставени, каде што добиваат закани што сѐ може да изгубат на работното место ако не го повлечат статусот или, пак, ако не го отстранат лајкот ставен на статусот на некој опозиционер или критичар на власта.

До каде дојдоа работите во државата, тоа е страшно. Да немаш право да кажеш свое мислење, а што е уште пострашно да ти бараат да избришеш фејсбук-статус само затоа што била кажана вистината, а критикувана власта. Како да направиш, ќе згрешиш. Постојат само неколку лекари кои јавно коментираат и тие се под постојани закани, додека другите молчат. И како да се осмелиш да кажеш нешто – се жали лекар, кој сакаше да остане анонимен.

Од друга страна, доктор Ѓорѓи Оровчанец, поранешен министер за здравство вели дека заплашувањето и замолчувањето на лекарите е стилот на владеење на оваа власт.

Нивниот начин на владеење е убивање на сѐ што слободоумно размислува, за нив секоја критика е „креирана, сечена, монтирана, лепена“, иако апаратите што ги промовираат се по неколкупати сечени, монтирани, лепени…. Според нив, лекарите што многу зборуваат треба да се казнат, да сносат последици. Груевски и Тодоров ниту измислиле нешто, ниту направиле нешто. И тоа што во здравството е сечено, лепено и монтирано и тоа се кине – тврди доктор Оровчанец.

Со сличен став е и абдоменалниот хирург Милчо Пановски. Тој тврди дека медицинските апарати се промовираат и по неколкупати, а лекарите треба да се кријат и не смеат да коментираат.

Некои лекари што молчат, мислат дека тоа е паметно, додека дел од нив кои се малку зборуваат, затоа што „имаат јајца“. Власта се слика по петпати за истата работа, а некој треба да премине преку тоа. А, ако каже нешто, тогаш настапуваат насилнички – вели Пановски.

Познато е дека дел од лекарите што зборуваа повеќе од колку што треба завршија без работа или зад решетки. Еден од нив е ортопедскиот хирург Тодор Ношпал, кој пред четири години јавно проговори за сите проблеми на Клиниката за ортопедија, поради што доби отказ. Тој тужеше и доби на суд, но, сепак, замина да работи во приватна клиника. Друг ваков случај е оној на очниот хирург Дејан Ставриќ, кој беше осомничен за наводно земање поткуп за инвалидска пензија. Тој прво беше осуден на една година затвор, за подоцна Апелација да му пресуди условна казна.

Но, лекарите не се единствените врз кои владејачката партија тренира строгост и методи на заплашување и замолчување. Стравот е навлезен во сите пори на општеството. Вработените во училиштата и на факултетите, во агенциите и во јавните претпријатија, во министерствата и во државната администрација до таа мера се уплашени што не смеат глава да кренат, а не, пак, да пуштат глас. Без оглед дали Груевски сече иста лента и по петпати. Избори доаѓаат, а во партискиот отчет, лидерот на ДПМНЕ рече оти освен илјадниците ветени проекти во партиската програма, оствариле и многу други што не ги ветиле. Навистина, никаде во програмата не ветија оти ќе сеат страв.

Рамка:

ЛАКТАРИУМОТ ЗА ПРЕДВРЕМЕНО РОДЕНИ БЕБИЊА НЕ РАБОТИ

Пред година и пол, на Клиниката за гинекологија беше отворен лактариум, каде што мајките на предвремено родените бебиња можат да се одмолзуваат и да оставаат млеко за новороденчињата.

Но, веќе неколку месеци лактариумот не работи и како што тврдат лекарите, никој не се интересира за тоа.

Знаат да се сликаат, а тоа што клиниката нема основни услови да функционира, не е важно. Само прават промоција, а сѐ е во распад – тврди лекарка што сакаше да остане анонимна.

Поврзани новости