АРХИВА Лекари во фамилијарна мисија: Менаџерите на болниците нишаат партиска врата за сто и една плата!

by Fokus

Текстот е објавен на 9 демекври, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1105

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

За време на изборната кампања, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски не прекина да води пропаганда дека претседателот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев сака да го отпочне патот кон федерализација на државата и да воведе двојазичност на целата територија. Истата пропаганда ја тераат и провладините медиуми, кои за да потврдат дека тоа ќе се случи, редовно викаат гости во своите медиуми, кои низ примери објаснуваат каква штета со ваквиот потег може да и се нанесе на државата, а на тој начин единствено ќе страдале граѓаните.

Меѓу нив се најдоа имиња на лекари, професори, директори кои повеќе од десет години се во одбрана на политичките бои на власта, ги поддржуваат нивните политики, ги принудуваат колегите да гласаат за владејачката партија, ги убедуваат граѓаните да најдат по 15 гласачи, ако сакаат да добијат вработување или да го задржат веќе постоечкото. Таквата пропаганда, уцените и заканите не ги одминаа ниту вработените во здравствениот сектор. Повеќето од лекарите можат да се видат на телевизија како продолжуваат да спинуваат – што може воведувањето на двојазичноста да предизвика во операционите сали, па дури одат дотаму дека тоа ќе донесе поголема смртност на пациентите, додека, пак, други роварат по скопските клиники и се задолжени за привлекување поголема гласачка машинерија.

Но, голем проблем во целата приказна претставува тоа што на нив воопшто не им пречи тоа што јавното здравство се распаѓа, што тоне во долгови, што пациенти, родилки, бебиња умираат на секој чекор, а лекарите немаат со што да работат. Најголем проблем било воведувањето двојазичност, иако и тоа е добро спинувано и спакувано од владејачката партија.

Сепак, за тоа што со години одработуваат за власта, лекарите се и добро наградени, некои од нив со повеќе од седум функции, како претседатели на лекарски комисии, членови на управни одбори, советници, судски вештаци… Сѐ според заслугите.

 КАМИЛОВСКИ: ДВОЈАЗИЧНОСТА ЌЕ ГИ УБИЕ ПАЦИЕНТИТЕ

Пред неколку дена, трауматологот Виктор Камиловски, кој веќе со години е еден од ударните тупаници на ВМРО-ДПМНЕ, имаше интервју на Сител телевизија каде што објаснуваше каква штета на пациентите може да им нанесе воведувањето на двојазичноста на територијата на целата држава. Тој во име на лекарите ги објасни последиците, тврдејќи дека на тој начин ќе се отежнела работата во операционите сали.

Тоа би значело утнување на многу дијагнози, бидејќи јас треба да го прашам пациентот, да му земам анамнеза на јазик на кој јас не го говорам и уште потрагично тоа би значело во операциона сала на инструментарката Албанка да ѝ побарам инструмент на јазик кој не го говорам. Во тие критични моменти, тоа би значело дека може да се загуби човечки живот. Тој што го прокламира ова, многу згрешил, нека ги тргне рацете од здравството, докторите, медицината. Тоа значи смрт на пациент кој легнал на операциона маса. Кој ќе одговара? Лекарите се ептен уплашени од оваа идеја бидејќи ќе останат на улица, оти не го говорат јазикот – истакна Камиловски.

Од друга страна, пак, неговото интервју предизвика голем револт кај неговите колеги, кои тврдат дека тоа што го кажува Камиловски не е точно, дека одработува за партијата на власт и дека претставува срам за струката и за целата лекарска фела.

Тој е срам за струката. Но, од него ништо подобро не може ни да се очекува. Денес забранив кај нас во операциона сала да се зборува на албански јазик за доброто на пациентите. Не смееме да им го ризикуваме животот. Колегите прифатија и ќе зборуваат албански само надвор од сала – тврди абдоменалниот хирург Милчо Пановски.

Но, ајде да се потсетиме кој е трауматологот Камиловски и колку функции доби во последните десетина години откако ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година дојде на власт. Тој работи како трауматолог во болницата за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, каде што пред неколку години беше и директор, но мораше да ја напушти директорската фотелја за да го задржи советничкото место во Општина Аеродром, откако ДПМНЕ побара од сите функционери да направат избор и да се откажат од една функција. Камиловски, исто така, е претседател на Советот во истата општина од редовите на владејачката партија, од каде што во последните неколку години потекнаа бројните идеи за изградба на луксузни паркови, фонтани, цркви за што се потрошени милиони евра народни пари.

Но, неговите функции не завршуваат тука. Тој во своето „слободно“ време работи и како судски вештак во Кривичниот суд, а истовремено работи и како лекар на повик во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Но, и тоа не е сѐ. Камиловски е претседател на Комисијата за здравство во ДПМНЕ, а член е и на една од комисиите за лекување во странство. Неговото име беше цел на напади и во периодот кога почина малата Тамара Димовска од Велес, која имаше искривен ’рбет и цели три години водеше битка со надлежните институции и лекарските комисии за да добие одобрение за лекување во странство. Деветгодишната Тамара почина за 30.000 евра, кои требаше да ги добие од државата, а Камиловски беше меѓу лекарите во комисиите што ги одбиле барањата.

Тој дури двапати се најде на листата на министерот Тодоров меѓу стоте најдобри лекари, за што како награда на трансакциска сметка доби двапати по 500 евра. Камиловски беше и еден од организаторите на контраштрајкот на лекарите пред Министерството за здравство, кои протестираа против своите колеги давајќи му поддршка на Тодоров за проектот плаќање по успешност. Тој честопати досега застануваше во одбрана на ресорниот министер, а пред неколку месеци, откако од министерот беше побарана оставка поради зголемениот број починати родилки и новороденчиња, Камиловски дури упати отворено писмо до јавноста со поддршка за Тодоров. Во писмото тврдеше дека нападите врз министерот се паушални и дека тој не е виновен за ништо што се случува во јавното здравство.

ЗДРАВСТВОТО ВО ДОЛГОВИ, ЕКОНОМСКИТЕ ДИРЕКТОРИ СО ПЛАТИ ОД 1.500 ЕВРА

Во 2006 година, откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, скопскиот Клинички центар беше поделен на 32 клиники, кои имаат 56 директори и 142 члена на управните одбори. До тоа дојде, откако „вмровците“ инспирирани од менаџирањето на банките, одлучија истиот систем да го применат во јавното здравство, така што болниците добија по двајца директори, еден стручен и еден економски директор. Според системот на врзани потписи, тие требаше да направат ефикасни реформи во здравството, а во исто време да ја зголемат контролата на работењето. Со текот на времето, проектот во јавните здравствени установи пропадна, а економските директори останаа да управуваат само на скопските клиники. Пред да стапат на функција, за нивните шестмесечни курсеви беа потрошени 200.000 долари.

Според сликата што може да се види на терен и според коментарите на лекарите, во директорските фотелји се сместени партиски војници, кои наместо да имаат контрола над финансиското работење, тие во последните години ги зголемиле долговите на вртоглави 50 милиони евра. Лекарите обвинуваат дека економските менаџери повеќе се „бореле“ да го спречат штрајкот на лекарите во 2012 со закани за откази и притисоци врз вработените и за казнување на лекарите „непослушници“.

Нестручни, амбициозни, но алчни за моќ. Ваков е профилот на повеќето менаџери во јавното здравство, кои иако се анонимни за јавноста, сепак имаат голем придонес за случувањата на клиниките и за лошото финансиско работење. Според нашите информации, платите на менаџерите на клиниките се движат од 1.000 до 1.500 евра, што значи дека само за една година од буџетот во здравството за нивните плати се одлеваат повеќе од 1,5 милион евра.

Една од директорките е Анита Поповска, која повеќе од осум години е менаџер на Институтот за белодробни заболувања и туберколоза. Таа е сестра на сопругата на министерот за здравство Тодоров, Александра, која, пак, работи на Институтот за патологија, каде што директорка е вујната на првиот човек во здравството Гордана Петрушевска. Поповска не е позната во јавноста затоа што секогаш се држи настрана од случувањата, не сакајќи нејзиното име да се провлекува по медиумите.

На листата економски менаџери може да се најде и името на Никола Ташев, кој неколку години беше менаџер на скопската Инфективна клиника, а речиси една година управува со финансиите на Клиниката за токсикологија. Според нашите информации, неговиот мандат е истечен од јуни годинава, но тој сѐ уште не ја напушта директорската фотелја, иако функционира како незаконски овластен потписник на сите документи.

Неговото име протече во јавноста откако неколку лекари од клиниката се пожалија дека се под постојани притисоци и закани од него, а кога дошол на клиниката, им ја зел канцеларијата на дежурните и си ја присвоил за себе. Дури, еден од лекарите, Нестор Поповски, во март годинава јавно обвини дека Ташев го избркал како партал од Стручниот колегиум без никаква причина.

– Економскиот директор свика Стручен колегиум на кој почна да вика на цел глас, а јас уште не знаев зошто викаше. Во еден момент ме повлекоа од столот и ме исфрлија надвор без никаква причина. Јас во животот не сум слушнал такво викање. Нема да дозволам некој да ме навредува и понижува по 37 години работно искуство. Откако дојде директорот, прави што сака на клиниката и никој ништо не му може. Ташев пали и гаси на Токсикологија – тврдеше пред неколку месеци за „Фокус“, доктор Поповски.

Тогаш од Токсикологија го демантираа Поповски, но затоа Лекарскиот колегиум уште еднаш потврди дека доктор Поповски бил избркан, со што е нарушен неговиот углед и дигнитет по 37 години работен стаж на клиниката.

САМО ГИНЕКОЛОГИЈА БЕЗ ЕКОНОМСКИ ДИРЕКТОР

Економските менаџери на скопските клиники, како што тврдат нивните колеги, имаат голем придонес во задолжувањето на клиниките, кои во моментот немаат основни материјали за работа, гази, инфузии, инјекции, лекови, а како што тргнала работата, не е чудо да останат и без струја, вода, парно…

Меѓу нив е и директорот на скопската Клиника за Дигестивна хирургија, Ѓорѓе Босилијанов, кој во јавноста стана познат за време на штрајкот на лекарите во 2012 година. Тие во тој период го обвинуваа за притисоци и закани врз нив, бранејќи им да го изразат своето законско право. Директорот јавно во клиниката се заканувал пред сите вработени, па дури и потврдно одговорил кога го прашале дали за таа задача е поставен како менаџер на клиниката.

За да се види ефектот од менаџерите и нивната „успешно“ завршена работа, лекарите велат дека прво треба да се погледнат долговите во клиниките и болниците.

Здравствените менаџери беа само популистичка мерка на оваа влада. Според нив, на овој начин во болниците ќе се работело домаќински. Е, дури сега гледаме колку се работи домаќински. Болниците и клиниките ќе останат без основните услови за работа, што ќе удри најмногу по грбот на пациентите. На овој начин прават само додатни трошоци. Еден економски директор зема плата од 100.000 денари, а лекар-специјалист од 40.000 денари, а од нив зависи животот на пациентите. Сѐ додека политиката е вмешана во болниците, тие ќе работат неуспешно – вели лекар, кој сакаше да остане анонимен.

Единствена клиника која нема економски директор е скопската Клиника за гинекологија. Таа веќе четири години е управувана од в.д. директорката Марија Хаџи-Лега, која се води како стручен директор. На нејзина адреса честопати пристигаат обвинувања од вработените, кои се жалат на нарушени меѓучовечки односи, лош третман, закани и притисоци… Хаџи-Лега беше уште една од директорките, која јавно водеше битка против штрајкот на лекарите и меѓу првите кои присуствуваа на контрапротестот пред ресорното Министерство за поддршка на проектот плаќање по успешност.

По воведувањето на проектот врзан потпис за менаџерите постоеше правилото дека ако во првите шест месеци од работењето покажат негативни финансиски резултати, автоматски ќе бидат сменети од функциите. Но, според досегашната практика, тоа воопшто не се случи и досега ниту еден од економските менаџери не беше сменет од функцијата.

Како и да е, факт е дека болниците тонат во огромни долгови, дека немаат основни материјали за работа и дека пациентите сами си купуваат лекови, инфузии, гази. Од друга страна, во извештаите за работата на болниците се наведуваше дека дел од економските менаџери трошеле народни пари за купување возила. Ете, тоа е „реформираното“ македонско здравство.

Рамка:

КЛИНИКИТЕ СО В.Д. ДИРЕКТОРИ

Дел од директорите на клиниките, иако со години се на оваа функција, сѐ уште се водат како в.д. директори. Никој нема објаснување зошто нивната ситуација не се менува и по четири-пет години „владеење“ со клиниките. Пред два месеца, во еден од дневните весници е објавен конкурс за избор на нови директори на речиси сите клиники, но дали поради предвремените парламентарни избори или поради нешто друго, овој процес се одложува.

Поврзани новости