АРХИВА Како Диме Спасов успеал да им избега на полицајците?

by Fokus

Текстот е објавен на 4 ноември, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1100

Пишува Валентина ВУРМО

Пред три месеци, најмладата шведска министерка, со босанско потекло, 29-годишната Аида Хаџиалиќ поднесе оставка бидејќи возела под дејство на алкохол. Полицијата од Малме, во рутинска контрола кај неа утврдила присуство на 0,2 промили алкохол во крвта, што се смета за престап во Шведска.

-Тоа беше најголемата грешка во мојот живот и ќе ја преземам одговорноста. Ја најавувам намерата да поднесам оставка на министерското место. Разбирам дека многу луѓе се разочарани од мене и лута сум на себеси и секако длабоко жалам за тоа, изјавила Хаџиалиќ.

Шведскиот премиер Стефан Лофнен изјави дека не се обидел да ја спречи министерката да поднесе оставка, коментирајќи дека нејзината одлука покажала дека е искрена и треба да биде пофалена.

Доскорашниот најмлад министер во Македонија, а сега актуелен дополнителен заменик, 31-годишниот Диме Спасов, пак, не жали за своите постапки како неговата млада шведска колешка. Воопшто не му е жал, а богами и срам што оштети два автомобила, што не застана да се соочи со луѓето на кои им наштетил, што избега од полицијата, и тоа со трчање, што натера друг да ја преземе одговорноста за неговото дело, што надвор од работно време возеше службен автомобил, но и што свесно избегна да направи алкотест, и згора на сѐ, по дури 20 часа се појави на разговор во полициска станица.

УРИНАТА И ПО ПЕТ ДЕНА ЌЕ ПОКАЖЕЛА ДАЛИ СПАСОВ БИЛ ПИЈАН

И не само што не поднесе оставка, Спасов не почувствува ниту одговорност да се обрати и да се извини пред јавноста за своето однесување. Но, не само што тој не се сети да понесе морална одговорност, на тоа не го натераа ниту неговите поискусни и постари партиски колеги од ВМРО-ДПМНЕ. Ваквото однесување е и очекувано, бидејќи тие изградија култура на непризнавање вина, и тоа и во случаи кога биле фатени, што се вели, со „спуштени панталони“. Напротив, наеднаш стануваат жртви, а виновникот, како и секогаш, е СДСМ.

Но, да потсетиме накусо што точно се случи во петокот вечерта.

Според официјални информации од Министерството за внатрешни работи, во 23.20 часот, возач се јавува во полиција и пријавува дека во близина на Градскиот парк во Скопје, додека возел, бил удрен од џип „туарег“, кој се движел од спротивниот правец. По сообраќајната несреќа, возачот на „туарегот“, Спасов, не застанал, по што оштетениот тргнал по него. Но, набргу Спасов прави и втора сообраќајка, удирајќи во автомобил „рено“, по што без да застане, продолжил да вози кон улицата Алжирска, каде што бил запрен од полициска патрола.

Полицајците во записникот напишале дека од „туарегот“, во сопственост на Агенцијата за вработување, излегол дополнителниот заменик-министер Спасов и сопатничката Т.К. Според нив, Спасов самиот им кажал дека тој го возел автомобилот. Но, наеднаш се случува драма. Додека полицајците го утврдувале идентитетот на сопатничката, заменик-министерот, разговарајќи на мобилен телефон, се оддалечил од возилото неколку метри, а потоа почнал да бега. Да, да и тоа колку што го држеле нозете. Полицајците, заедно со екипа на единицата „Алфа“ тргнале по него, ја пребарале околината, но не го пронашле.

По два часа настанува заплетот, бидејќи на местото каде што Спасов го оставил автомобилот и сопатничката се појавил вработен возач од Министерството за труд и социјални работи и се пријавил дека тој го возел „туарегот“?! И покрај неговото упорно тврдење, полицајците констатирале дека не знае детали за сообраќајките, а им верувале и на своите очи бидејќи кога го запреле автомобилот од него излегол Спасов, а не оној кој се пријавил за „жртвено јагне“. Господинот што сакал да му се најде на заменик-министерот не бил негов личен возач, туку возач во Министерството, кој, пак, во моментот не е на работа, туку заминал на боледување. Најверојатно му се слошило откако се свестил во каква каша се вмешал.

Според неофицијални информации, Спасов преку функционери во МВР, од неговата матична партија ВМРО-ДПМНЕ дал ветување дека утредента во 10 часот ќе се појави на распит во полициска станица, но не го одржал ветувањето. Се појавил дури вечерта во 20 часот.

Она што останува нејасно е зошто Спасов чекаше да поминат дури 20 часа од инцидентот, па дури тогаш да се појави во полициска станица? Неговата неажурност предизвика низа шпекулации и сомнежи, во врска со тоа дали критичната вечер бил под дејство на алкохол?

Оваа дилема ќе остане да виси и понатаму бидејќи кога бил запрен од сообраќајната патрола не му бил извршен алкотест (ова можело да биде и дополнителна причина зошто избегал), а според информациите со кои располагаме, не му бил направен ниту кога се појавил во станицата, бидејќи поминало многу време. И навистина, доколку му бил направен тест, тој секако ќе бил негативен, а таков ќе бил и тестот од анализа на крвта, бидејќи алкохолот од крвта испарува од 10 до 12 часа. Единствено дилемата би се разрешила со анализа на урината, бидејќи трагите на алкохолот остануваат од три до пет дена. Но, не веруваме дека некој од полицајците, на кои им избега пред очи, се амбицирал до толку за да изнајде правен начин, односно да се обезбеди налог од јавен обвинител, да дојде до урината на дополнителниот заменик-министер!

Адвокатот Звонко Давидовиќ вели дека земањето урина е еден од начините да се докаже пијанство, но кај нас се користи многу ретко.

– Процедурата е следна. Откако возач ќе биде запрен од полицијата и ќе одбие да направи алкотест, тогаш се носи во станица и по обезбедена наредба од јавен обвинител му се зема крв или урина. Сепак, важно е колку време поминало, колку тежи човекот и слично, бидејќи нема да се покаже точната вредност што ја имал во моментот кога го запреле, но, сепак, доколку пиел, тоа ќе се покаже, појаснува Давидовиќ.

СПАСОВ СЕ КРИЕ ОД ЈАВНОСТА

Спасов веќе неколку дена се крие од јавноста и не се огласи да ја раскаже својата верзија на приказната. Од „Фокус“ се обидовме да стапиме во контакт со него, но тој не одговараше на повиците на мобилниот телефон, ниту, пак, на смс-пораките. Му тропнавме и во канцеларијата, на третиот кат во Министерството, но не го затекнавме на работното место.

Вработен во неговиот кабинет нѐ информира дека Спасов во моментот не е во канцеларија, а на нашето прашање дали воопшто се појавил на работа, одби да одговори. Откако инсистиравме на одговор, бидејќи е од јавен интерес дали еден заменик-министер оди на работа или седи дома, нѐ упати прашањето да го поставиме по имејл. Испративме и имејл, но повторно не добивме одговор.

Во јавноста се појави верзија од приказната на Спасов, објавена на провладините медиуми, но немаше потврда дека заменик-министерот навистина стои зад неа. Според овие медиуми, Спасов бил жртва, односно откако неколкумина „лоши“ Албанци му се заканувале и му тропале по автомобилот, тој избезумено се обидувал да им избега. А, оправдување му најдоа и зошто им побегнал на полицајците, наместо кај нив да ги пријави „лошите чичковци“. Наводно не им верувал ниту на полицајците, па затоа сметал дека најмудро е да избега и да спаси жива глава, оставајќи ја сопатничката сама со „несигурните“ полицајци.

Како и да е, ќе мора да почекаме Спасов да се појави во јавност и уште еднаш да се обиде да објасни што се случило, а очигледно е дека ќе го почекаме и конечниот извештај од МВР бидејќи во него треба да се разрешат сите дилеми.

ДАЛИ СПАСОВ ЌЕ ОДГОВАРА ПРЕКРШОЧНО ИЛИ КРИВИЧНО ЗА БЕГСТВО?

Додека чекаме, според досега познатите факти и информации, анализираме за што би можел Спасов да понесе одговорност. На прва, очигледно е дека направил неколку прекршоци, но му се заканува и кривична одговорност.

Сепак, според повеќето правници што ги консултиравме, Спасов за бегство од службено лице може да одговара прекршочно, но не и кривично. Појаснуваат дека би одговарал кривично, доколку по сообраќајките воопшто не застанел пред полициската патрола и продолжил да вози, по што полицајците би тргнале да го бркаат. Или во случај да сторил потешка сообраќајка, односно прегазил пешак и не застанел да укаже помош или сторил поголема материјална штета. Според еден од нашите соговорници, би можел да одговара кривично во зависност од правната класификација што ќе го добие претходното дело што го сторил, односно ако истрагата утврди дека при двете сообраќајки сторил поголема материјална штета тогаш се одговара кривично, па и бегството од полицијата би било кривично дело.

Сѐ до глупостите со „вооружени Албанци блиски до СДСМ“ за волја на вистината немаше кривично дело со оглед на фактот дека кривичното дело Загрозување на безбедноста на сообраќајот, казниво по член 297 од Кривичниот законик, подразбира учесник во сообраќајот кој не се придржува на прописите и предизвика сообраќајка, треба телесно да повреди друг или да предизвика значителна имотна штета. Во отсуство на овие два елемента, сообраќајните незгоди кои ги предизвикал Спасов се прекршок и притоа, и да бил под дејство на алкохол, тој сам по себе не носи кривична одговорност како што лаички сметаат граѓаните, туку е посебен прекршок. Но, со наводите дека го бркале опасни криминалци, му ја удирале колата и му се заканувале дека ќе го убијат, Спасов се изложува на опасност да биде под кривичен прогон за Давање лажен исказ казнив според членот 367 од Кривичниот законик, доколку таквите наводи се испостават како неточни, појаснува за „Фокус“ адвокатот Јанаки Митровски.

Тој додава дека доколку Спасов навистина поднел кривична пријава против лицата кои наводно го бркале, пак се изложува на опасност од кривичен прогон за Лажно пријавување на кривично дело казниво според членот 366 од КЗ. Овие граѓани веќе самите отидоа во полиција и дадоа исказ дека Спасов лаже, односно дека не го бркале.

Според адвокатот Митровски, во случајот бегањето на Спасов од полицијата не е кривично дело, туку прекршок.

– Полицијата може да влезе дома кај кого било, да бара лице без наредба само ако треба да лиши од слобода лице кое е затекнато во вршење на кривично дело кое се гони по службена должност. Бидејќи тоа не е случај, (нема телесно повреден, ниту значителна имотна штета), мојот став е дека нема кривично дело, вели Митровски.

Тој вели дека во целиот случај има забелешка и кон МВР.

Главниот пропуст на МВР е самиот факт што дозволиле да се оддалечи од местото на настанот и пропустот да му се направи алкотест, со што ќе се потврделе или отфрлеле шпекулациите по тоа прашање. Постои опција да му се земе крв и утредента кога по 20 часа се појавил во ПС Карпош и да се обиде полицијата со метод на елиминација да утврдува дали имал присуство на алкохол, но тоа е тешко изводливо прво поради проток на многу време и второ поради оставање простор за одбрана (пиев денес и сл.), појаснува адвокатот.

Според адвокатот Насер Рауфи, Спасов треба да одговара кривично, а не прекршочно, за бегството од полицијата.

Според Законот за безбедност во сообраќајот, тој што предизвикува сообраќајна незгода е должен да застане, во спротивно му следува казна од 300 евра. Доколку возачот со своето однесување ја загрозува безбедноста, максималната казна е до три години затвор.

Покрај правната дилема дали Спасов треба да одговара кривично или прекршочно за бегство од полицијата, нејасно е и како полициските службеници дозволиле тој да им побегне? Дали веднаш тргнале да го бркаат или ги чекале на помош „Алфите“?

Па, на сите им е јасно дека доколку во ваков случај се осмели да бега некој „обичен“ граѓанин, а не функционер од власта, не само што ќе го фатат, туку и ќе го искршат од ќотек!

СПАСОВ СЕ ЛУКСУЗИРАЛ СО 5 ДРЖАВНИ АВТОМОБИЛИ

Со полноќното „дивеење“ на Спасов по улиците, што во најмала рака укажува на неморално однесување, на повидок е уште еден скандал, чија криминална тежина допрва треба да се испитува. Односно се откри дека Спасов располагал со дури пет луксузни возила, односно четири, „туарег“, „пасат“, „нисан“ и „голф“, во сопственост на Агенцијата за вработување,  и уште едно службено возило во сопственост на Министерството. Според министерката Фросина Ташевска – Ременски, Спасов и директорот на Агенцијата, Владо Поповски, треба да одговараат кривично, бидејќи ја злоупотребиле службената положба.

Имено, министерката тврди дека Спасов незаконски ги користел возилата на Агенцијата, бидејќи со одлука на владата, во август 2015 година, возилата од Министерството биле предадени на Агенцијата.

Тоа значи дека освен дополнителниот заменик-министер Спасов и директорот Поповски противзаконски, спротивно на Правилникот за користење службени возила во сопственост на Агенцијата, овозможил возилата да бидат на располагање на неовластени лица надвор од работното време и задачи, вели Ременски.

Ременски го демантираше директорот Поповски, кој по два дена молк, се огласи во јавноста правдајќи се дека лани, во октомври, бил склучен договор со кој Агенцијата на Министерството му ги отстапува техничките средства, меѓу кои и дел од возилата.

Министерката, пак, истакна дека Поповски може да дозволи возилата на Агенцијата да ги користат само тамошните вработени и тоа во работно време од 8.30 до 16.30 часот, а договор за отстапување може да склучи само со претходно донесена одлука на владата.

Таа приложи и документација според која четирите возила во април биле регистрирани и тоа од страна на Агенцијата, што докажува дека се во нејзина сопственост.

Од Агенцијата, пак, и реплицираа дека ширела дезинформации, повторувајќи дека работеле според законските процедури. Од таму побараа и извинување од министерката, во спротивно се заканија дека ќе ја тужат за клевета и навреда.

Покрај сомнежот дека Спасов незаконски се возел во овие автомобили останува нејасно зошто му биле потребни дури пет автомобили? За разлика од него, односно од луксузниот возен парк со кој располагал, центрите за социјални работи користат застарени и одвај функционални возила.

Она што дополнително го става Спасов во непријатна ситуација е фактот што и да станува збор за службено возило, кое му следува со закон, тој не смее да го користи за приватни цели, надвор од работното време, во случајот во период околу полноќ.

До неодамна Спасов немал приватен автомобил, бидејќи во анкетниот лист додека бил на функцијата министер не е наведен таков податок. Во анкетниот лист што го доставил, откако станува дополнителен заменик-министер, под заеднички имот со сопругата е додаден лизинг во вредност од 5.000 евра, но без детали за тоа со која марка автомобил се подновиле.

СООБРАЌАЈКИТЕ НА ФУНКЦИОНЕРИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ

Спасов не е единствениот функционер од редовите на владејачката партија што учествувал во сообраќајна несреќа. Нивна заедничка особина е што уште неколкумина, како и него, бегаат од местото на несреќата и најпрвин не признаваат дека учествувале во неа.

Во април 2012 година, тогашниот градоначалник на Старо Нагоричане, Миодраг Јовановиќ, со службениот автомобил „шкода октавија“ прегази пешак и побегна од местото на несреќата. Пешакот, 31-годишен кумановец, поради тешките телесни повреди за кратко време почина.

Јовановиќ беше откриен по спроведената полициска истрага, а подоцна и осуден на 15 месеци затвор.

Две години подоцна, сообраќајка доживеа и актуелниот градоначалник на Дојран, Борче Стамов, односно се судри со друг автомобил, во кој беа момче и девојче од Богданци, кои претрпеа тешки телесни повреди. МВР се обиде да ја сокрие сообраќајката, а потоа се правдаше дека не известува за сообраќајки во кои нема жртви. Завршницата за овој случај остана непозната за јавноста, поради што го побаравме градоначалникот Стамов. Тој накратко ни пиша дека случајот е целосно расчистен и аргументите биле на негова страна, но истакна дека нема да дава повеќе информации за „Фокус“, бидејќи како што вели, кога се случила сообраќајката, неделникот предвреме го осудил.

Речиси шест години, пак, траеше судскиот процес во кој му се судеше на Ален Зекиров, тогашниот телохранител на Сашо Мијалков. Зекиров беше обвинет дека во 2009 година, возејќи мотор на пешачки премин го прегазил 73-годишниот Симо Серафимовски, додека го туркал својот велосипед. Серафимовски почина, а Зекиров дури во 2014 година беше прогласен за виновен и осуден на шестмесечна затворска казна.

Во јули годинава, во сообраќајна несреќа учествуваше и Дејан Митровски- Урко, поранешниот телохранител на експремиерот Никола Груевски. Сообраќајката се случи во скопската населба Кисела Вода, кога Митровски управувајќи автомобил се судри со 22-годишен мотоциклист, кој им подлегна на повредите. За овој случај обвинителството сѐ уште не поднесе обвинителен акт.

Основното јавно обвинителство – Скопје интензивно работи на истражување на сите сегменти од сообраќајната несреќа за која покажувате интерес. Во моментов се очекуваат наодите од комплетното сообраќајно-техничко вештачење на настанот, кое е во завршна фаза. По пристигнување на резултатите од вештачењето ќе може да се донесе јавнообвинителска одлука во овој предмет и да се изнесат повеќе детали за причините за несреќата, ни одговорија од обвинителството.

Казна од шест и пол години затвор доби 27-годишниот Љубиша Видојковиќ, за сообраќајна несреќа во која загина 20-годишната студентка Фросина Цековска. Цековска почина на самото место откако беше прегазена на пешачки премин во Скопје. Видојковиќ не е функционер од власта, но во јавноста кружеа шпекулации дека тој не го возел автомобилот, туку зад воланот седел син на висок функционер од владејачката партија. Во ова сценарио се сомневаа и родителите на Цековска, но обвинителката ја исклучи оваа можност, тврдејќи дека Видојковиќ бил снимен од безбедносните камери, а и ДНК анализата покажала дека тој го управувал возилото.

Факт е дека на секој учесник во сообраќајот може да му се случи сообраќајна несреќа, но многу е важно дали ќе ја понесе одговорноста и ќе се извини доколку згрешил. По четири дена криење, редно е Спасов да излезе пред граѓаните, да се извини за своето недолично и неморално однесување, и да си поднесе оставка. Само така, и никако поинаку, ќе докаже дека пораснал!

Поврзани новости