Новата градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска го раскина договорот за китење на градот и најави дека од наредната година наместо изнајмување на украси, Град Скопје ќе купува свои украси кои ќе ги користи повеќе години.
„Фокус“ за оваа проблематика пишуваше во февруари годинава, а изгледа Арсовска е на иста линија со заклучокот на текстот.
Со користење свои украси за новогодишно украсување и само нивно дополнување и обновување секоја година се заштедува и до 30 отсто во споредба со изнајмување украси секоја година. Сепак, поголемиот дел од општините преферираат да распишат тендер и украсувањето за нив целосно да го спроведе фирма што и ќе им ги изнајми украсите. Овие тендери се со многу ниска конкуренција и две фирми со години доминираат на пазарот за новогодишно украсување
Пишува: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА
Корона кризата ги натера општините да ги соберат нозете, колку што им е долга чергата, кога станува збор за новогодишното украсување. За украсување на Градот Скопје и уште 14 други општини во земјава за Новата 2021 година се потрошени вкупно 405.000 евра, што е за 40 отсто помалку од лани, покажува истражувањето на Центарот за граЃански комуникации.
Податоците покажуваат дека од украсување на улиците за новата 2021 година се откажале девет општини што имале тендери за претходната 2020 година. Четиринаесет општини имале тендери за украсување и лани и годинава, а 3 немале лани, но имале тендери за украсување за Новата 2021 година.
ГРАДОТ СКОПЈЕ И СКОПСКИТЕ ОПШТИНИ ТРОШАТ НАЈМНОГУ
За разлика од дочекот на ланската 2020 година, кога трошоци за украсување имале Градот Скопје и седум други скопски општини, за дочекот на оваа 2021 година трошоци за украсување имале Градот Скопје и само уште три други општини: Карпош, Гази Баба и Аеродром. Вкупниот износ на договорите за украсување на главниот град од Градот Скопје и овие три општини изнесува 298.000 евра, што е 75 отсто од сите пари потрошени за новогодишно украсување во земјава.
Инаку, освен Градот Скопје, чиј договор за новогодишно украсување и годинава е најголем и изнесува 243.886 евра, според висината на вредноста на договорите, следат скопски Аеродром, Радовиш, Охрид и Гази Баба.
За тоа дали општините домаќински ги трошат парите за новогодишно украсување, Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации вели дека тоа најдобро го знаат жителите на секоја општина.
Еве, достапни се секоја година податоците за тоа која општина колку потрошила за новогодишно украсување, така што граѓаните најдобро знаат прво, дали тој трошок според ние е оправдан и, второ, дали е соодветен на тоа што тие го гледаат по улиците и на плоштадите.
Исто така, плановите за јавните набавки се достапни на веб-сајтовите на општините (или барем треба да се достапни) така што и од нив граѓаните можат да видат уште во јануари во годината, колку пари планира да потроши општината за новогодишното украсување во декември и соодветно да реагираат.
Сметам дека со зголемувањето на транспарентноста за која сите многу се залагаме, треба да придонесе и за трошење на јавните пари за јавно добро, односно за потребите на граѓаните. Достапноста на информациите за трошењата, особено уште во рана фаза, односно на ниво на планови, треба да овозможат соодветно информирање на граѓаните и можност за нивно влијание врз одлучувањето. Тоа е всушност најзначајната придобивка на транспарентноста“, смета Филков.
ИЗНАЈМУВАЊЕ ИЛИ КУПУВАЊЕ И УКРАСУВАЊЕ СО СВОИ УКРАСИ?
Од 15 општини што имале тендер за новогодишно украсување за Новата 2021 година, осум општини избрале тоа да го прават со изнајмување украси. Седум, пак, имале тендери со кои набавиле украси, кои потоа главно, сами ги поставувале. Најголем дел од општините што украсуваат со свои украси се градовите од внатрешноста, а Град Скопје и скопските општини преферираат украсување со изнајмување.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов смета дека не е економски поисплатливо да се купуваат украси и потоа само да се обновуваат и надополнуваат, бидејќи Градот нема соодветни возила за закачување на украсите.
Ние не ги купуваме само сијалиците. Делот што луѓето не го знаат е дека за да ги закачиш украсите, треба да имаш дваесетина возила за да ги закачиш тие украси. Ние надвор од светлата, изнајмуваме и таков тип услуга. Ако влеземе да купиме сами, ај што се јавува проблем замена, чување, мораш да имаш инфраструктура за да ги подигнеш и симнеш сијаличките во пет дена. И затоа е тоа така направено.
Подобро е да ги изнајмуваш условно кажано, секоја година и да имаш и поинаков спектар. Ако еднаш ги купиш, ќе ги имаш истите. Градот во минатото имал такво искуство, и констатирале дека повеќе од половина од украсите им се расипувале и е сериозен проблем како да ги подигнеш. Значи Градот имал такво искуство и е отфрлено како негативно“, вели Шилегов.
Според него, Град Скопје има само две возила со корпи со кои би можело да се постават украсите. Едно возило има „Улици и патишта“, кое го користат за поправка на семафорите и едно возило има „Паркови и зеленило“, со кое се кастрат дрвата.
СО КОРИСТЕЊЕ СВОИ УКРАСИ СЕ ЗАШТЕДУВА И ДО 30 ОТСТО
Една од поголемите општини што одлучила да користи свои украси, а не да изнајмува е Општина Битола. Спротивно од Град Скопје, од Општина Битола сметаат дека тоа е економски поисплатливо. Ова го темелат на анализа спроведена за период од седум години.
Општина Битола, врз основа на спроведена анализа за период од 7 години, одлучи финансиските трошоци за новогодишното украсување да не ги надминуваат моменталните можности, како и функционирањето во услови на ковид пандемијата. Со оглед на тоа што, во период кога за новогодишно украсување, се склучувало договор со економски оператор за изнајмување и поставување на новогодишните украси сумата изнесувала над 3.000.000 денари, а дополнително бил потребен и ангажман на дел од вработените во Општина Битола годинава, како и претходните 4 години, се одлучи украсувањето да го направи општината. Така, за сервисирање, обновување, поставување, одржување, демонтажа и складирање на постоечките украси, Општина Битола за 2020/2021 год одобри вкупно 1.491.100,00 ден. + ДДВ (услуги од работна рака, возила, алат и набавка на материјали)“, велат од општина Битола.
Новогодишното украсување било одлучено да биде организирано и координирано од дел од администрацијата во Општина Битола, односно од вработените што имаат долгогодишно искуство во оваа работа, како и во работа со електрични инсталации.
Притоа, врз основа на склучени договори, извршени биле електричарски услуги за поставување, поврзување и одржување на новогодишни украси, како и набавка на материјали за поправка на постоечки новогодишни украси.
Нагласуваме, дека во време на пандемија, ваквиот начин на новогодишно украсување, претставува најекономичен и најсоодветен начин, а притоа општината да не се изложи на големи трошоци, кои никако не би биле оправдани, во услови кога се инвестираше во изградба на новиот ковид-центар, во функција на подобро здравје на сите наши сограѓани“, сметаат од општината.
Ако се направи споредба со општина која во последните четири години го одбрала другиот начин, односно украсување со изнајмување, се потврдува дека е поевтино доколку општините користат свои украси.
Општина Охрид е една од општините која во последните четири години ја украсување на градот изнајмува реквизити. За четири години, оваа општина потрошила вкупно 96.600 евра. Поделено по години тоа изгледа вака:
2020 година: 20.700 евра
2019 година: 29.100 евра
2018 година: 30.500 евра
2017 година: 16.300 евра
Во последните четири години, општина Битола потрошила вкупно 66.690 евра. Поделено по години Битола трошела:
2020 година: 24.190 евра
2019 година: 23.000 евра
2018 година: 15.300 евра
2017 година: 4.200 евра
Од оваа споредба може да се заклучи дека Општина Битола за четири години потрошила речиси 30.000 евра помалку со споредба со општина Охрид. Треба да се има предвид и дека Општина Битола и по површина и по население е речиси двојно поголема од Општина Охрид.
ДВЕ ФИРМИ ДОБИВААТ ТЕНДЕРИ ЗА УКРАСУВАЊЕ
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажува дека конкуренцијата на тендерите за новогодишно украсување е исклучително ниска. На овие тендери просечно имало по 1,8 понуда, а на половина од тендерите имало само по една понуда.
И годинава, најголем дел од вредноста на договорите за украсување за новата година добиле две скопски фирми: Линк Медиа Плус и Метал-Вет-Ел. Линк Медиа Плус има склучено три договори, со Градот Скопје, Градскиот трговски центар и Општина Аеродром во вредност од 284 илјади евра, додека Метал-Вет-Ел има склучено 5 договори во вкупна вредност од 75.000 евра.
Филков смета дека, иако не станува збор за некои големи суми, сепак, осум од десетте најголеми тендери за новогодишно украсување во земјава им припаднале само на овие две фирми, што покажува нивна доминација на овој пазар.
Сметам дека во насока на зголемувањето на конкуренцијата, набавувачите, односно претежно општините и Градот Скопје треба прво, тендерите да ги објавуваат порано, а не во декември пред Нова година, за да имаат време и други фирми да се спремат и евентуално да влезат во овој бизнис, второ, да се остави подолг рок за подготовка на понудите на фирмите од вообичаените законски 20 или 30 дена и трето, да се организираат состаноци со заинтересираните фирми и да им се претстават потребите и идеите и од нив да се приберат мислења кои потоа ќе помогнат во изработка на тендерските документации и техничките спецификации за овие тендери “, вели Филков.
И додека општините си имаат свои математики за тоа како ги трошат парите на граѓаните за да им го разубават новогодишниот период, нив никој ништо не ги прашува. Кога станува збор за трошење на народните пари, општините ја преземаат целата работа во свои раце, а на граѓаните им останува само да уживаат во новогодишната магија, која им ја сервираат градоначалниците. По која и да е цена.
КОЈ РАБОТИ, ТОЈ И ГРЕШИ
Општинската администрација и вработените во комуналните претпријатија не се 100 проценти стручни за новогодишно украсување. Тоа се покажа и во Општина Битола, кога за Новата 2021 година еден од украсите предизвика потсмев во јавноста.
Имено, снемало светлечка лента за пораката со која требаше да им се посака здравје на битолчани, па наместо ЗДРАВЈЕ беше испишано ЗДРАВјЕ. Ова наиде на потсмев на социјалните мрежи, а од Општина Битола вината ја префрлија на вработените што го спровеле украсувањето.
ГРАД СКОПЈЕ ТРАДИЦИОНАЛНО СОРАБОТУВА СО ИСТА ФИРМА
Од 2009 година до 2020 година, на тендерите на Град Скопје за новогодишно украсување најчесто победува една иста фирма. Тоа е фирмата Линк Медиа Плус. Оваа фирма победила на вкупно 10 тендери во 12 години. Линк Медиа Плус го украсувала Скопје сите години од 2009 до 2020 година, освен во 2014 и во 2015 година. Вкупната вредност на добиените 10 тендери изнесува 1.900.000 евра.