(АРХИВА) Криминалните банди речиси се самоистребија, а истражните органи не расчистија ниту едно мафијашко убиство!

by Fokus

Текстот е објавен на 9 октомври, 2024 година во неделникот „Фокус“ со број 1514

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

 „Со Панче Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ улиците станаа Див Запад, пукање има речиси секој ден, на секој чекор. Криминалните пресметки се во голем пораст, наместо ред и поредок, се случува хаос. Ако Тошковски ја сака Македонија, ќе поднесе оставка. Бараме оставка од Тошковски веднаш“.

Ова е барањето што опозицискиот СДСМ го испорача откако во пукање во Чаир беше повредено младо момче. Деветнаесетгодишниот Адис Бела заврши во болница кога кон него било пукано од сив „пасат“. Сторителот избегал, а повредениот, кој неофицијално бил сторител на тешки кражби, сѐ уште закрепнува.

Со Тошковски на чело на МВР досега има над 20 случаи на употреба на огнено оружје или остар предмет, околу 10 убиства и обиди за убиства. Се случи убиство на бизнисмен кај Мавровка, обид за убиство во Арачиново, убиство на доктор во населбата Железара, пукање и убиства во Синѓелиќ, во Чаир, Батинци, Тетово, на Пластичарска улица… И нема разврска на овие инциденти, ниту на убиствата. Едвај еден случај е расчистен, тврди СДСМ.

Вакви барања за оставка на министер за внатрешни работи стигнуваат на адреса на секоја власт кога ќе зачестат пукањата и убиствата по улиците, а ги има кој и да е на власт.

Па, сегашниот министер има материјал да им врати на претходниците. Овие барања, актуелниот Тошковски ги нарече очајни, некрофилски обиди на СДСМ за манипулација на народот, за да го свртат вниманието од седумгодишниот хаос и уништување на безбедносниот систем што го оставиле зад себе.

– Но, сите знаеме каков хаос се случуваше во изминатите 7 години, каде што скандалите се редеа еден по друг. Нивните владејачки структури дозволија криминалците да владеат на улиците, да пукаат во трговски центри, да тероризираат граѓани и да ја претворат полицијата во извршител на нивните интереси.

Пукањата во „Ист гејт“, каде што криминалци пукаа сред бел ден, мафијашките убиства во „Шиша Бар“ и Бутел,  двојното убиства во Топанско Поле, бегствата на затвореници – сето тоа не се случи во овие 100 дена.

Овие настани чии извршители ден денес се непознати, се резултат на долгогодишното уништување на системот – врати Тошковски.

Сепак, бројот на убиства и обиди за убиства, како што објаснуваат експертите, нормално дека не зависи од тоа која политичка партија е на власт.

 НЕКАЗНИВОСТА ТРИГЕР ЗА ПРЕСМЕТКИТЕ

 Кога се анализираат кривичните дела „убиство“ или „убиство во обид“, мора да имате предвид дека тие во ниту еден период не може да ги поврзуваме со политиката и со политичките партии.

Овие кривични дела, во најголем процент, во кој било период, не само од осамостојувањето на Македонија, туку и во претходната држава, над 90 проценти се кривични дела, кои се сторуваат од познат сторител – вели за „Фокус“, поранешниот помошник-директор за криминалистички работи во БЈБ при МВР, Љубомир Ѓурчески.

Според него, тие дела во најчест случај се случуваат поради нарушени семејни односи, нерасчистени имотно-правни односи, семејни насилства или во помал дел станува збор за крвни одмазди на кои им претходеле некои убиства од овие причини.

Како што објаснува тој, многу мал процент на убиствата се пресметки на организираните групи, кои постојано се борат за превласт и контрола на одредени територии.

Всушност, тие се борат за територии за трговија на дрога на големо, наркоманија, проституција, рекет, изнуди. Овие убиства или обид за убиства најчесто се извршени од непознат сторител, а речиси сите остануваат нерасветлени.

– Најголемиот дел од доказите се уништуваат. Се палат возила употребени за доаѓање и одење од лице место со цел уништување на ДНК траги, се фрлаат или механички се уништуваат оружја и други предмети за сторување на делото, најчесто во реки или езера, па дури се можни и ликвидации на сведоци или соучесници што би се одлучиле да соработуваат со полицијата – вели Ѓурчески.

Токму во овие криминални пресметки се гледа и спрегата на криминалците со политичките елити, кои им гарантираат неказнивост.

Според статистиките што ги објави министерот Тошковски, во 2023 година, последната година на владеењето на СДСМ, имало 23 убиства, од кои 2 се нерасветлени, додека во 2024 година до октомври имало 16 убиства, од кои, исто така, 2 се нерасветлени.

– Овие податоци покажуваат дека ситуацијата, не само што не е влошена, туку е и подобрена од аспект на намалување на бројот на убиства – тврди Тошковски.

„Фокус“ побара информации од МВР кои се тие, вкупно 4 убиства што не се расветлени во двете години?

Првото нерасчистено убиство се случило на 19 јануари 2023 година, кога во Гази Баба бил пронајден починат шеесет и двегодишник. Тој бил убиен со огнено оружје, а покрај неговото тело биле пронајдени неколку чаури.

Според првичните информации што тогаш се споделувале во медиумите, за ова убиство бил осомничен синот, но до денес останува нерасветлено.

Второто убиство од минатата година што остана нерасветлено е двојното убиство што се случи во кафулето „Шиша бар“ под скопско Кале на 6 март минатата година.

УБИСТВА ВО ВРЕМЕ И НА ВМРО И НА СДСМ

Четворица мажи облечени во црна облека и маскирани со фантомки, кои се претставиле како полицајци, се качиле на вториот кат од кафулето и влегле во „мониторинг“ салата. Викнале „рација“ и почнале да пукаат. Испукале 40 до 50 куршуми во главите и телата на три лица.

Најголемиот дел од куршумите завршиле во еден од главните водачи на криминалната група „Дуќанџик“, Јетон Кривањева-Жила и во Енес Исеинов-Љаци од истата група, а мал дел во нозете на трето лице што седело со нив.

Сторителите излегле од кафулето и избегале со автомобил „ауди А6“. Возилото го запалиле на улицата Вашингтонска во Шутка, а таму била најдена само регистарската табличка од автомобилот, која, се разбира, била лажна.

Оваа година, пак, нерасчистени останале убиството на таткото на Гани Туша, кое се случи на 26 февруари, на локалниот пат Долно кон Горно Блаци. Тој бил убиен со огнено оружје, а неговиот син сега се наоѓа во притвор во затворот во Шутка, а е осомничен за убиството на Орхан Бајрами Оки, еден од водачите на криминалната група „Дуќанџик“ што се случи во Грција.

Уште едно убиство кое остана нерасветлено е убиството на лекарот што беше најден избоден со нож во своето возило пред поранешната клиника Железара. Лекарот го најдоа мртов неговите синови кога почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа.

Според Ѓурчески, неказнивоста почнала во 2017 година, особено по нападот на полицајката кога тогашниот припадник на ДУИ, Бекир Асани ја нападна, но не беше казнет, туку во јавноста остана констатацијата од надлежните дека полицајката сама се удрила во пајакот.

– Криминалните групи ги презедоа улиците и извршија поголем дел убиства и насилства на јавни места и трговски центри, каде што ја загрозуваа безбедноста на граѓаните.

Сето тоа се должи на високиот степен на партизација на МВР, високиот степен на корупција и спроведување реформи, во насока на ограничување на дејствувањето на полицијата, во смисла на нејзина пасивизација и нарушување на конспиративноста и нарушување на тајноста на истрагите – вели Ѓурчески, но тврди дека поголем број убиства имало во време на владеењето на СДСМ и ДУИ, односно од 2017 година.

„Фокус“ правеше хронологија на криминалните пресметки и, според нашето истражување, криминалните банди почнале да се формираат уште во деведесеттите години и од тогаш не престануваат.

А во скопското подземје имаше два клана, кои од убиството во „Шиша бар“ веќе се безмалку обезглавени, „Дуќанџик“ и „Беланоца“.

Своевремено, овие кланови не постоеле, бидејќи целото подземје било на купче. Но, односите меѓу неговите водачи се нарушуваат, што го отвора кругот на меѓусебни убиства, кои траат до ден денес.

Воведот во пресметките е убиството на Агим Шерифи, кој бил најден со куршум во главата фрлен на депонија. Токму, Шерифи и Џелал Ајети, познат како Џељо, создаваат моќна криминална нарко-мрежа во деведесеттите години на минатиот век, која се занимавала и со рекет, лихва…

Упатените велат дека Шерифи во тоа време бил главен, мозокот на групата, додека браќата Ајети биле силата.

ПОСЛЕДОВАТЕЛНИ ЛИКВИДАЦИИ

По десетина години соработка, двајцата партнери стануваат ривали на пазарот. Шерифи е најден мртов под мистериозни околности.

Групата „Дуќанџик“, потоа предводена од Орхан Бајрами – Оки, внук од сестра на убиениот Шерифи, долг период се сомневаше дека позади ликвидацијата стои Ајети поради несогласувања при давање лихва во казината во Скопје.

Неколку години подоцна, односно во ноември 2013 година, ликвидиран е и Џелал Ајети од Синѓелиќ, што беше вовед во целосно обезгласувањето на „Беланоца“.

Маскирано лице влезе во неговата чајџилница „Кај Џељо“ во Ченто и со калашников испука 30 куршуми во него, додека Ајети седел на маса со уште три лица.

На истото место, три години претходно беше убиено петнаесетгодишно момче, внук на Џељо, кој таму работел како келнер. Тогаш, полицијата се сомневаше дека момчето било случајна жртва, а цел на нападот бил Џељо.

Овие обиди за убиство и убиството на Џељо се случија додека на власт беше ВМРО-ДПМНЕ. Во тоа време беше убиен и познатиот макро бос од Струга, Дилавер Бојку-Леку, чие убиство, исто така, остана нерасветлено.

Пет години по убиството на Џелал Ајети, ликвидиран беше и неговиот брат, кој го наследи на чело на групата – Наим Ајети. Тој беше изрешетан со калашников во центарот на Скопје, на улицата Рузвелтова, по филмска бркотница со возила.

Нема да се предадеме никогаш, има уште многу за војување“, се заколнаа неговите следбеници на неговиот гроб.

По убиството на Наим Ајети, доаѓа до превласт и прегрупирање во подземјето. Групата „Дуќанџик“ ја презема контролата, пружаат „заштита“ на казината и рестораните.

Во меѓувреме, склопува пакт со групата Грчец, предводена од Муареми Шеваљ, чии членови беа гонети во полициската акција „Планина“ за трговија со дрога и други кривични дела.

Сепак, Шеваљ остана недопрен, а од кланот „Беланоца“ жив остана само синот на Џељо, Фатљум Ајети-Тоте, кој заврши во затвор бргу по убиството во „Шиша бар“, но за трговија со оружје и дрога.

Во декември 2019 година, во престрелка во хотелот „Александар палас“ во Скопје, членови на групата „Дуќанџик“ и „Грчец“ се таргет на сојузот „Беланоца-Кондово“.

Тогаш, маскирани напаѓачи стрелаа кон групата во која беа членови на „Дуќанџиќ“ и „Грчец“. Поголеми последици врз нападнатите спречил полицаец во цивил, кој во тој момент седел на истата маса со нападнатите.

Полицискиот службеник пукал во напаѓачите во самоодбрана, а немаше сериозно повредени. Случајот, како по обичај, не беше расветлен.

Две години по нападот во хотелот „Александар палас“, ликвидиран беше Камер Идризи од групата „Бундес“, кој заедно со членови на „Дуќанџиќ“ и „Грчец“ беше цел на напад во скопскиот хотел.

По само една година, ликвидиран е братот на Камер – Јонуз Идризи. Најстариот брат беше убиен во чајџилница, во близина на училиште во населбата Чаир.

Лицата, кога влегле во чајџилницата, почнале да пукаат кон една од групите што седела на маса. Во нападот убиен е само Идризи, додека други две лица се ранети.

По убиството на 6 март во „Шиша бар“ се случија уште неколку убиства и убиства што се поврзуваа со ова.

Пет месеци по убиството, две лица завршија во притвор во „Шутка“, но не извршителите, туку двајца поврзани со автомобилот со кој се превезувале убијците.

На почетокот на јуни беше уапсен првиот осомничен, кој неофицијално беше поврзан со автомобилот со кој убијците стигнале под Кале, избегале и потоа го запалиле.

ЕПИЛОГ НЕМА ЗА НИШТО

За него првично не беше споменато дека е поврзан токму со ова убиство, туку се споделуваа само неофицијални информации. Обвинителството соопшти дека има уапсено уште едно лице, кое се поврзува со крвавиот чин. И триесет и едногодишниот Г.М. бил поврзан со „аудито“.

Според официјалните информации, тој на 18 февруари во Косово учествувал во купопродажбата на спорниот автомобил. Неофицијално, „аудито“ било со потекло од Словенија, но било увезено во Косово, Урошевац, а било купено од автоплац, од таму.

Две недели по апсењето на првиот осомничен, многу слично како убиството во „Шиша бар“, во Приштина беше убиен Бљерим Даци, македонски државјанин од Чаир, а неговото безживотно тело беше најдено во автомобил. На околу еден километар од убиството беше најден запален автомобил со германска регистрација.

Косовските медиуми тогаш објавија дека Даци бил осомничен токму за убиството со кое има многу сличности. И двете убиства беа извршени со калашникови и убијците ги запалија автомобилите.

Според неофицијални и непотврдени информации, Даци е поврзан со последниот приведен за двојното убиство со иницијали Г.М. Според информациите на „Фокус“, станува збор за Гани Марку, кој исто како и Даци го сменил презимето, односно претходно се презивал Туша. И тој се барал со меѓународна потерница и е повратник од боиштата во Сирија, поточно припадник на групата Ал Нусра.

Но, со апсењето на осомничените и со убиството во Приштина не завршува криминалната војна. Еден месец по убиството во Приштина, во апартман во Ханиоти, на Халкидики убиен беше неформалниот водач на „Дуќанџик“, триесет и деветгодишниот Орхан Ибраими-Оки.

Убијците дошле до луксузниот ресорт каде престојувал со патничко возило со странски регистерски таблици. Двајцата сторители, како што пренесуваа грчките медиуми, откако излегле од автомобилот, го прескокнале ѕидот, стасале пред големиот стаклен прозорец и со пиштол калибар 32 милиметри од надвор пукале кон лицата во куќата.

Испукале 19 пати. Оки бил смртно ранет, а Сеад Слезовиќ повреден. Убиството се случило пред очите на две жени, кои почнале да викаат помош и потоа заедно со третото лице ги однеле двајцата застрелани во Здравствениот дом Касандра. Најава дека се подготвува убиство на Бајрами била објавена на Тик-ток неколку дена пред убиството.

Со убиството на Оки, криминалната група, „Дуќанџик“ остана обезглавена.

Потоа следеа нападите на Раде Трајковски-Штекли во „Ист гејт“, кој имаше два неуспешни обида за атентат во трговскиот центар, кои никогаш не беа расветлени.

Пред формирањето на техничката влада, тогашниот министер за внатрешни работи соопшти дека е разбиена нарко-групата Грчец. Но, тројцата главни водачи ги нема, жив остана само Муареми, додека другите двајца што беа водачи на „Дуќанџик“, Орхан Бајрами Оки и Јетон Кривањева Жила беа убиени.

Од 16 осомничени припадници на групата, останаа само петмина да им се суди Шакир Бајрами, Фадил Бајрамовски, Неџати Исени, Фати Сулејмановски и Севдал Азири, имиња непознати за јавноста.

Со меѓусебните пресметки, главните криминални групи се ликвидираа меѓусебно, но живите членови од нивните кланови не се предаваат и се поврзуваат со помали криминални групи. Истражните органи немаат расветлено ниту едно од овие мафијашки убиства.

Тошкoвски, иако најави бескомпромисна борба со овие криминални структури, сепак и по повеќе од 100 дена на неговото министерување, нема расветлено ниту еден мафијашки напад или убиство.

РАМКА

ДА СЕ ВРАТАТ „АЛФИТЕ“

 Дивеењето на криминалните групи и нивната борба за превласт во Скопје и пошироко се должи на лошата реформа во полицијата спроведена по 2017 година и укинувањето на Единицата за борба со уличниот насилен криминал позната кај граѓаните како „Алфи“, смета аналитичарот Љубомир Ѓурчески.

– Резултатите од работењето на таа единица и нивното превентивно дејствување врз криминалните групи се неспорни. Токму поради тоа, јас решението го гледам во враќање на таа единица, која ќе биде силна поддршка на враќањето на полицискиот службеник по реоните попознати кај граѓаните како полицаец – позорникар. Мислам дека тука треба да го бараме почетокот на враќање на довербата во МВР.

Исто така, потребно е под итно редефинирање на надлежностите на Секторот за внатрешна контрола. Враќање на истрагите за сторени кривични дела од Полициски службеници ви Крим-полицијата, која содејствува по наредби на Јавното обвинителство, кое е единствен овластен орган да води истраги. Со таа реформа ќе се ослободи стегата врз полициските службеници многу попрофесионално и позаконито да ги применуваат полициските овластувања – вели Ѓурчески.

Поврзани новости