Текстот е објавен на 13.01.2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1110
Претседателот на парламентот, Талат Џафери, вчера ги распиша локалните избори, кои треба да се оддржат на 15 октомври, притоа апелирајќи сите учесници во изборниот процес да се однесуваат во согласност со Уставот и законските одредби и предизборниот период и изборниот ден да протечат во мирна, фер и демократска атмосфера. Иако сите политички актери оценија дека последните парламентарни избори се кредибилни, сепак, беа регистрирани низа нерегуларности и неправилности – злоупотреба на јавни ресурси, поткуп на гласачи, како и други изборни прекршувања и инциденти, од кои дел се поврзани со политички и полициски функционери. Дали овие изборни манипулации ќе се повторат на следните избори?
Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ
Изминативе парламентарни избори завршија со тесен изборен резултат поради кој можеби речиси сите политички партии не ги оспоруваа, останувајќи на претходно утврдените позиции дека пржинските реформи обезбедија минимум услови за спроведување кредибилен натпревар. Арно ама, домашните и меѓународните набљудувачи, но и надлежните државни органи документираа серија изборни нерегуларности, што ја искривува перцепцијата за беспрекорни избори.
Во исчекување на конечните извештаи на релевантните организации, првичните оценки говорат за незаконско располагање со буџетски средства во предизборниот период, за хаотично спроведување на гласањето и неовластена евиденција на избирачите, како и за агитација, поткуп и разни притисоци врз гласачите. Што поточно покажува пресекот на изборниот процес, како на предизборниот период, така и на самиот ден на гласање, на 11 декември?
ЗЛОУПОТРЕБА НА ЈАВНИ РЕСУРСИ ЗА ПАРТИСКИ ЦЕЛИ
Граѓанската асоцијација МОСТ, која го набљудуваше периодот од распишување на изборите до денот на гласање со над 3.000 набљудувачи, нотирала серија нерегуларности во периодот од 15 октомври до 20 ноември. Меѓу нив е и вечната болест на владејачките партии – непочитување на принципот на одвојување на државата од партијата, која се остваруваше преку притисоци врз вработените во јавниот сектор да посетуваат партиски митинзи на владејачката партија, промовирање политичари или политички партии на настани организирани од јавни институции итн.
Понатаму, МОСТ во истиот период во повеќе општини детектира десетици случаи на притисоци за гласање или обезбедување гласачи за владејачката партија, злоупотреба на јавни ресурси за партиски цели, но и противзаконско располагање со буџетски средства за време на изборите. Во таа насока, регистриран е еден случај на почнување со изградба на објект финансиран со јавни средства и 9 случаи на одржување јавни настани по повод започнување изградба или пуштање во употреба на објекти финансирани со јавни средства.
„Според член 8 а од Изборниот законик, од денот на распишувањето на изборите до изборот на Владата, не може да се почне изградба на објекти финансирани со јавни средства кои не се предвидени со програма. Во периодот од 20 дена пред почнувањето на изборната кампања, па до изборот на владата, не може да се одржуваат јавни настани по повод почнувањето изградба или пуштањето во употреба на објекти финансирани со јавни средства. Сите овие случаи содржат индиции за сторени кривични дела и, доколку се докажат, според Кривичниот законик, за нив е предвидена казна затвор во траење од 6 месеци до 1 година“, се вели во периодичниот извештај на МОСТ.
Според оваа граѓанска организација, и самиот изборен ден минал со пропусти во постапката на гласање и сериозни индиции за поткуп и притисоци врз гласачите на одредени гласачки места. На денот на гласањето, неовластени лица присуствувале пред гласачките места за да вршат агитација, додека многу гласачи ги фотографирале гласачките ливчиња зад параваните, што укажува на индиции за поткуп и притисоци кои се случувале надвор од гласачките места.
Што се однесува до постапката на гласање во гласачките места, од таму забележале групно или семејно гласање и непочитување на тајноста на гласањето, злоупотреба на постапката за гласање на избирачи кои не можат да гласаат сами, пропусти во објаснувањето на начинот на гласањето на избирачите, хаос и неред во работата кај дел од општинските изборни комисии, а дел од избирачите не можеле да се пронајдат во избирачкиот список.
КРШЕЊЕ НА ИЗБОРНИОТ МОЛК И ГОВОР НА ОМРАЗА
И Хелсиншкиот комитет констатира низа неправилности уште при гласањето во дијаспората и кај посебните групи граѓани, кои своето избирачко право го остваруваат еден ден пред изборите. Тогаш, всушност, тече предизборниот молк, кој беше прекршен со тоа што неколку медиуми неофицијално објавуваа информации за изборни резултати во дијаспората и кај посебните групи граѓани, што претставува обид за манипулација на гласачите преку прикажување на наводно водство на одредена политичка партија.
Дополнително, од Хелсиншкиот комитет посочуваат повеќе случаи на гласачи кои не се впишани во избирачкиот список во казнено-поправните домови, поради што се оперира со бројка од над 650 затвореници кои не можеле да гласаат. Незапишани гласачи имало и во дипломатско-конзуларните претставништва во Брисел, каде што стотина Македонци со ромско етничко потекло не можеле да гласаат, додека во Виена на најмалку педесет лица им било оневозможено да го остварат правото на глас, иако тие тврдат дека претходно уредно се пријавиле во амбасадата.
„Во општина Прилеп, во домот за стари лица Киро Крстевски – Платник, личните документи на болните биле задржани од страна на управата на домот и тие не можеле да го остварат своето избирачко право. Затвореник во КПУ Штип, пак, не извести дека не можел да гласа затоа што го немало на избирачкиот список, а дополнително не извести дека во затворот видел луѓе што веќе ја имале издржано затворската казна, а сепак гласале како затвореници. И во поголем број општини и избирачки места е пријавувано од страна на граѓани дека ги нема на избирачкиот список иако поседувале валидни лични карти и на претходните изборни циклуси можеле да го остварат своето право на глас“, се наведува во извештајот на Комитетот.
Од таму забележуваат и повеќе случаи на говор на омраза и повикување на насилство на социјалните мрежи. Говорот на омраза беше иманентен и во постизборниот период, особено за време на протестите пред ДИК, кога од присутните можеше да се слушнат скандирања кои повикуваат на омраза, раздор и нетрпеливост, од типот „Ќосето е жив“, како и реминисценцијата на „Ноќта на ножевите“. Тука има елементи на кривичните дела Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска или друга дискриминаторска основа и Загрозување на сигурноста.
Од оваа организација додаваат дека во иста насока е и списокот што циркулираше на социјалните мрежи со адресите на дел од кандидатите за пратеници на опозицијата и на активисти на Шарената револуција, со повик до приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, „да се посетат“ овие личности. Инаку, ваквиот јавен повик за линч претставува ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, за кое е предвидена казна затвор од една до пет години.
ЖИВИ БЕЗ ПРАВО НА ГЛАС, МРТВИ ГЛАСАЛЕ
Невладината организација „Цивил“, исто така, оцени дека, и покрај тоа што биле создадени минимални услови за слободни избори, сепак, изборниот процес, вклучително и изборниот ден, биле исполнети со голем број нерегуларности. Прво и основно, катастрофалната состојба на избирачкиот список оневозможила голем број граѓани да го остварат своето гласачко право, додека истовремено тоа го сториле фантоми и починати лица.
Покрај тоа, „Цивил“ нотираше дека вработените во институциите на државата грубо го кршеле изборниот молк, голем број избирачки одбори биле крајно непрофесионални и неетички, а еден дел немал доволно информации за тоа што треба да прават на избирачкото место. Дури, некои членови на ИО изгледале партиски, така што им сугерирале на гласачите за кого да гласаат, додека, од друга страна, партиски набљудувачи го заземале местото на членови на ИО и ги проверувале изводите од избирачките списоци, со цел да утврдат кој гласал, а кој не.
„Државната изборна комисија не успеа да се извлече од политичките влијанија и не им го овозможи правото на глас на сите граѓанки и граѓани со право на глас. Одговорните за оваа состојба мора да се соочат со последиците од хаваријата на избирачкиот список и кршењето на правото на глас. Огромен беше бројот случаи на притисоци, уцени, полнење кутии, семејно и групно гласање, злоупотреба на малолетници и поткуп на гласачи во сите краишта на земјата“, сметаат од „Цивил“.
Оттука, од оваа организација испорачаа неколку препораки до ДИК и до другите надлежни институции, меѓу кои повторно, целосно пребројување на гласовите во сите изборни единици, прегласување во избирачките места во кои е забележано сериозно кршење на гласачкото право и изборните процедури, но и ревизија на неважечките гласачки ливчиња при броењето на гласовите, бидејќи за неважечки ливчиња се прогласувани и такви каде што јасно се гледа волјата на гласачите. Од сето тоа речиси ништо не беше прифатено, освен одлуката да се прегласува во едно избирачко место во тетовската Општина Теарце.
За ова дополнително гласање, од оваа невладина организација открија дека најголемата владејачка партија им нудела поткуп од 50 до 100 евра на гласачи за да не излезат на гласање, а како гаранција за тоа им биле одземани личните документи кои се неопходни за остварување на избирачкото право. Впрочем, тоа го потврди и полицијата, според која две лица со иницијали С.Ш. и Ф.И., во периодот од 22.12 до 24.12. минатата година, вршеле поткуп при избори и гласање.
ЗАКАНИ КОН ГЛАСАЧИ И ОБИДИ ЗА ПОЛНЕЊЕ КУТИИ
И други сознанија и откритија на набљудувачите од невладиниот сектор, но и на партиските набљудувачи, беа регистрирани и од страна на Министерството за внатрешни работи, при што некои од нив не успеало да потврди на терен, додека други да документира и да ги проследи до Јавното обвинителство. Во регистрираните настани и преземените активности на МВР што се однесуваат на изминативе предвремени парламентарни избори, може да се сретнат, условно кажано, помали изборни инциденти, но и сериозни изборни прекршувања.
Најголем број од пријавите се однесуваат на лица што го фотографирале гласачкото ливче по гласањето, што произведува сомнеж дека лицата биле уценети, поткупени или притиснати да гласаат за одредена партија, поради што мораат да обезбедат доказ по незаконски пат. Освен фотографирање на гласачкото ливче, во една ситуација е забележана појава и на фотографирање на изводот од избирачкиот список, што се случило во ОУ „Лазо Ангеловски“ во скопската населба Ново Лисиче, каде што едно лице било усно предупредено да не го прави тоа.
Останатите пријави главно се однесуваат на агитација, организиран превоз и поткуп на гласачи. Па, така, во Ѓорче Петров бил приведен и член на ИО кој ги евидентирал гласачите. Во Шуто Оризари, пак, било забележано како транспорт на гласачи се врши и со службени возила од Дирекцијата за заштита и спасување со која раководи Шабан Салиу. Поткуп на гласачи бил забележан на повеќе места во Скопје, но и во други градови низ земјава, меѓу кои и Струмица, каде што 4 лица биле и приведени. Вредно за издвојување е и тоа што полицијата регистрирала случај дека пари им биле делени на луѓе во штаб на албанската ДУИ спроти ОУ „Дитурија“ во Сарај.
Исто така, регистрирани се притисоци и закани врз гласачи, како во Шуто Оризари, каде во центарот на населбата петмина лица му се заканувале на пријавувачот да гласа за ВМРО-ДПМНЕ.
Уште поекстремна била ситуацијата во Чаир, на улицата Дижонска, каде што пред гласачко место во училиштето стоеле 4 лица, кои агитирале за одредена партија. Еден од четворицата, од кои двајца биле косовски државјани, кога им се заканувал на гласачите покажувал и пиштол. Полицијата ги пронашла лицата и усно ги предупредила да се оддалечат од местото.
На крајот, во полициските билтени стојат и обиди за полнење гласачки кутии. Една таква пријава се однесува за лице од скопско Бојане, кое сакало да ги полни избирачките кутии, а друга пријава е поврзана со селото Ласкарци, каде што пријавувачите се пожалиле дека други луѓе сакале да стават повеќе ливчиња во гласачката кутија. Во Општина Тетово, пак, член на избирачкиот одбор од политичка партија откинал 5 гласачки ливчиња и му ги дал на друг член од политичка партија, кој отишол зад параванот и гласал, што ги враќа сеќавањата на едни други времиња, кога не се говореше за изборни инциденти, туку за груб и класичен изборен фалсификат.
ИНЦИДЕНТИ ПОВРЗАНИ СО ПОЛИТИЧАРИ И ПОЛИЦАЈЦИ
Во дел од инцидентите, на овој или на оној начин, биле инволвирани и политички функционери. Во таа смисла, до полицијата стасала пријава од Ш.А., набљудувач на СДСМ во Пласница, кој пријавил дека бил физички нападнат, односно бил фатен за врат од посматрачот од ДУИ, Асмир Јаоски, кој е син на градоначалникот Исмаил Јаоски. Во врска со овој настан, проверките на полицијата покажале дека Јаоски сторил прекршок „омаловажување на службено лице“ , поради што заработил барање за поведување прекршочна постапка.
Исто така, во полицијата стасала пријава дека во населбата Шуто Оризари, во близина на домот на градоначалникот Елвис Бајрам, син на пратеникот од владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ Амди Бајрам, лица блиски до нив делеле огревни дрва на луѓе за да гласаат за неговата партија, а за таа цел ќе им биде обезбеден и организиран превоз. Иако полицијата извршила проверки во однос на оваа пријава, сепак, не успеала да ги пронајде ниту лицата, ниту дрвата.
Во охридската полиција, пак, извесен граѓанин со иницијали С.К. пријавил дека лице со иницијали Т.А. во својство на набљудувач од СДСМ, им нудел патни исправи на гласачи. Интересно е тоа што пријавениот бил роднина на екс разузнавачот Зоран Верушевски, кого власта го обвинуваше дека стои зад аферата со прислушување. Како и да е, за овој настан било известено струшкото обвинителство, кое наложило струшката полиција да изготви записник за примање кривична пријава, со цел натамошно постапување.
Не биле малку на број и пријавите што до полицијата пристигнале против полициски службеници. Една од нив, на пример, се однесува на полициски службеник од селото Долно Седларци во Општина Брвеница, кој, според пријавата, агитирал граѓани да гласаат за неговата партија. Во Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди стигнало и известување дека полициски службеник од селото Сенокос, Општина Врапчиште, идентификувал и запишувал гласачи за кои знаел дека не се симпатизери или членови на неговата партија.
Сети овие инциденти, без разлика дали се потврдени на терен или не, и без оглед каква ќе биде нивната институционална разврска, фрлаат дамка врз изборниот процес. Изборната волја на граѓаните не може да биде во целост реално отсликана ако тие добиваат директни и суптилни закани да гласаат за одредена партија, или, пак, непристојни понуди во секаква форма на поткуп. Тоа говори за суспендирана изборна волја, а не за изборен резултат кој во целост го рефлектира расположението на електоратот.
Уништување на изборен материјал
ГО СКИНАЛ ЛИВЧЕТО НА СОПРУГАТА
На изборите се сретнуваат и неколку ситуации на уништување изборен материјал, како на пример, на гласачко место во населбата Маџари во Општина Гази Баба, каде што граѓанин го искинал сопственото гласачко ливче на 14 ситни парчиња.
Но, има и случаи на уништување туѓо гласачко ливче. Во ОУ „Тоде Хаџистефов“ во Кавадарци, брачна двојка почнала меѓусебна кавга зад параванот, по што, откако не се договориле за кого да гласаат, сопругот го зел ливчето од неговата сопруга, го скинал и ја напуштил просторијата.
Нарушување на изборниот процес
ФИЗИЧКИ ПРЕСМЕТКИ, ПОПРЕЧУВАЊЕ ГЛАСАЧИ
Денот на изборите го обележаа и неколку физички пресметки на гласачките места низ Македонија, меѓу кои онаа во ОУ „Магдалена Антова“ во Куманово, каде што по вербална расправија, Д.Г. физички го нападнал членот на избирачкиот одбор Б.П., по што го напуштил местото.
На неколку гласачки места граѓани го попречувале изборниот процес. Во кичевски Зајас тоа го сторила поголема група граѓани, кои не биле дел од избирачкиот список.
Гласањето било во прекин и на едно избирачко место во Кочани, но не поради директна интервенција на човечки фактор, туку поради тоа што снемало струја.
Надвор од процедурата
ГЛАСАЛ ИАКО ГО НЕМА ВО ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК
Луѓе гласале на избори иако ги немало во избирачкиот список за тоа место, како и граѓани што ги имало во списокот, ама на нивно место веќе бил потпишан друг гласач. Дамка врз регуларноста, ама и организираноста на избирачките одбори, фрлаат и примерите според кои гласале луѓе без да бидат проверувани со УВ-ламба.
Во скопско Ѓорче Петров гласач гласал иако не бил запишан во избирачкиот список за тоа гласачко место, односно гласал на погрешно место, додека во Аеродром друго лице гласало иако во избирачкиот список на неговото место веќе било потпишано друго лице, откако проблемот бил решен така што му било дозволено да се потпише на друго место во списокот.
Во истата општина забележани се и 4 случаи во кои не е проверено дали гласачите имаат трага од невидливо мастило, 2 случаи на нарушување на тајноста на гласањето, 4 случаи на семејно гласање, при што може да се смета дека 10 гласа биле злоупотребени.
Невообичаени инциденти
ПОЛИТИЧКИ ПОРАКИ ПРЕКУ АВТОМОБИЛИ И МУЗИКА
На изборите имало и невообичаени изборни инциденти. Еден од таквите случаи е поврзан со возило марка „голф“, управувано од 3 лица, кои на местото каде што треба да стои регистарска табличка напишале: „ДУИ број 3“.
Во функција на своевидна подвижна реклама било и возило марка „поло“, на кое биле прикачени звучници од кои ечела порака да се гласа за партијата на Амди Бајрам.
Во селото Средно Коњари, пак, од штабот на ВМРО-ДПМНЕ, кој бил во непосредна близина на избирачкото место, за време на гласањето била пуштана гласна музика со песни за политичката партија со што причинувала незадоволство кај гласачите.