(АРХИВА) Краток е патот од Пировата победа до тоталниот пораз, а тој пат е и лизгав и по надолнина

by Фокус

Текстот е објавен на 11 јули 2024 година во неделникот Фокус со број 1.501.

Изборната победа, дури и кога е Пирова, е единствен легитимен начин да се одреди кој ќе ја има власта. Колку ќе ти вреди таа власт во партијата ако сите разочарани членови ја напуштат и заминат во друга, или во државата ако граѓаните почнат масовно да се иселуваат, е сосема друга тема. Да, точно е дека Пировата победа, иако е Пирова, сепак е победа, ама исто така е точно и дека Пировата победа, иако е победа, сепак е Пирова.

Пишува: Нено БОГДАН

Последниве неколку недели поминаа во знакот на грст значајни избори, кои сите завршија во суштина со своевидни Пирови победи за оние кои на изборите триумфираа. Во Западна Европа тоа беа парламентарните избори во Велика Британија и Франција, а кај нас се разбира дека тоа беа внатрепартиските избори во СДСМ за нов лидер.

Терминот Пирова победа доаѓа од античката епоха, кога епирскиот војсководач Пир војувал во Италија против Римјаните и, иако во две големи битки успеал да ги порази, толку многу од своите најдобри војници загубил во борбите, што резигнирано прокоментирал дека ако во уште една битка извојува победа, така скапо платена со крв, ќе ја изгуби војната.

Низ историјата се познати неколку примери на Пирови победи, кога успехот на бојното поле бил постигнат преку толку многу катастрофално големи загуби, што последиците од победата во битката биле практично идентични, па и полоши во некои аспекти од тоа битката да била изгубена.

Тоа е најлошото нешто кај Пировите победи, што долгорочно гледано, помудро ти е да бидеш поразен со мали загуби, отколку да извојуваш победа, ама загубите да бидат толкави што по од победата ќе немаш никаков ќар.

Ова нешто важи како за битките во вистинска војна, уште повеќе и за битките во политичките војни, т.е. на изборите, какви било да се, претседателски, парламентарни или внатрепартиски. А најмногу важи во битките на лично ниво, на пример кавгите со брачниот партнер или расправиите со децата и другите роднини. Можеш да вложиш максимален напор и да победиш, ама потоа победата ни малку не е слатка, туку напротив, бескрајно горчлива.

ПОРАЗ ПОДОБАР ОД ПОБЕДА

Германскиот војсководач Ервин Ромел прашан во една пригода зошто не ја искористил шансата што му се нудела да ги нападне непријателските сили, кои биле во непогодна ситуација и да ги победи со сосема мал број жртви од негова страна, одговорил дека некои битки не треба да се водат, ако од нив нема никаков ќар дури и ако се извојува победа.

Ова е логичен продолжеток на концептот за Пирови победи, кога не само скапоплатените победи, туку и евтиноплатените победи што немаат вредност, треба да се избегнуваат.

Ништо чудно што од сите кандидати за лидер на СДСМ, токму кандидатката која до пред некоја недела беше министерка за одбрана, Славјанка Петровска, одлучи да го послуша советот на Ромел и на време се повлече од битката, во која не само што однапред беше осудена на пораз, туку и по некое чудо да успееше да победи, немаше да има никаков ќар од таа победа, и само нервози и фрустрации ќе ја очекуваа во обидот да го крене како феникс од пепелта уништениот СДСМ.

Победникот во битката за лидер, Венко Филипче извојува речиси буквална Пирова победа. Од нешто над 83 илјади членови, кои до пред неколку години се споменуваа дека поседуваат партиски книшки од СДСМ, за него како лидер поддршка дадоа едвај околу 8 илјади. Да беше тоа војна, ќе беше еквивалентно на влегување во битка со 80-тина илјади војници и по победата кога ќе се преброи колкумина останале живи, само 8 илјади од нив да стојат на нозе.

Едвај секој десетти социјалдемократ му дал поддршка на новиот лидер, па тој треба да се праша колку му вреди тоа што ете, победил во таа битка.

Но, не мора да се секира премногу, затоа што и низ Европа состојбата е слична. Пред неколку недели споменав дека победникот на парламентарните избори во Бугарија, Бојко Борисов, исто така не може да се пофали со масовна поддршка од гласачите.

При екстремно низок одѕив од само 32 отсто, тој едвај успеа да добие четвртина од тие гласови, или од 6,5 милиони запишани избирачи, 513 илјади гласаа за него, што е едвај 8 отсто. Па, Венко со неговите осум илјади од 83 илјади во СДСМ е попопуларен од Бојко во Бугарија, бре!

Слично, по изборите во Британија, Лабуристичката партија во Парламентот ќе има речиси двотретинско мнозинство (411 пратеници од вкупно 650 пратеници), иако доби едвај една третина од гласовите, при излезност од 60 отсто. Со други зборови, практично апсолутна власт во Велика Британија во следните пет години (толку трае таму мандатот) ќе има партијата за која гласаа едвај петтина (9,7 милиони гласачи) од вкупниот број запишани избирачи, чиј број на овие избори беше 48 милиони.

Во Франција, иако во првиот круг екстремно десната партија РН доби најмногу гласови, нешто над 10 милиони, по вториот круг испадна дури трета според бројот на освоени пратенички места, оти сите други партии (од најлевичарски, преку центристички, до умерено десни) се здружија за да не ѝ дозволат да победи.

Нивната победа сега е Пирова победа, оти покажаа дека меѓу нив нема суштински разлики и дека за да го спасат „системот“, спремни се да се обединат, па од сега натаму, секој Французин што сака преку својот глас да изрази протест против „системот“, има само еден вистински избор.

Тие што победија сега, треба да владеат. Оние што беа поразени, треба да се радуваат што ќе бидат опозиција на власт, која нема голема, убедлива поддршка од гласачите. Нивниот пораз е поудобен од успехот на победниците.

ПИРОВА, ПА ШТО, БАРЕМ Е ПОБЕДА

Од друга страна, човек треба да ги разбере и Пировите победници. Оти нивната победа, иако е скапо платена со урнисување на довербата во структурите со кои претендираат да раководат, сепак е победа и ним им дава каков-таков легитимитет. Не колкав-толкав, туку каков-таков. Квантитет нема, но квалитативноста е неспорна.

Ако Филипче не е најпопуларниот сдсмовец, кој е? Ако некој друг е попопуларен, што не се кандидирал тој, па него да го изберат членовите? Ако некој смета дека има поголема поддршка, ама ете победата била украдена од корумпираните партиски структури, што го спречува да си формира своја партија, од нула, и таму да си направи партиски структури, кои нема да бидат корумпирани. Ете, Максим Димитриевски го направи тоа, супер му оди до сега, па зошто некој друг да не може да го следи неговиот пример?

Тоа, сепак, е малку потешко кога се во прашање држави, оти ако некоја политичка партија смета дека била дискриминирана на изборите поради лошиот изборен модел, па со голем број гласови добила мал број пратеници, не може со своите приврзаници да се отцепи од државата и да си формира своја држава. Иако, такви идеи постојано се појавуваат.

Во САД, жителите на одредени региони каде што доминира една партија, додека на ниво на сојузната држава доминира друга партија, постојано излегуваат со предлози да се отцепи регионот (сосема легално, преку референдум), па или да се приклучи кон друга од сојузните држави или да формира своја, сосема нова сојузна држава. Ова во САД е сосема можно и се има случено неколку пати низ историјата, ама процесот е екстремно долг и напорен.

Кај нас пред една деценија, кога беше во полн ек политичката криза, имаше сериозни предлози од сериозни луѓе државата да се поделела на два дела, па поддржувачите на ВМРО да се населат во вмровскиот дел, проевропските гласачи да се населат во свој дел, и така сите да бидат мирни. Проблемот со ваквите идеи е што многумина од оние кои тогаш беа поддржувачи на СДСМ, пред еден месец му свртеа грб на СДСМ, што значи дека привремени партиските симпатии не се добра основа за трајно географско разграничување.

Изборната победа, дури и кога е Пирова, е единствен легитимен начин да се одреди кој ќе ја има власта. Колку ќе ти вреди таа власт во партијата ако сите разочарани членови ја напуштат и заминат во друга, или во државата ако граѓаните почнат масовно да се иселуваат, е сосема друга тема.

Да, точно е дека Пировата победа, иако е Пирова, сепак е победа, ама исто така е точно и дека Пировата победа, иако е победа, сепак е Пирова.

Во рамките на некое богато семејство, каде што глава на фамилијата е некој намќор дедо, кој има куп пари и сите деца и внуци и зетови и снаи се однесуваат љубезно кон стариот вампир оти се плашат да не ги избрише од тестаментот и остави без наследство, тој старец може да ужива во секојдневни Пирови победи врз неговите најблиски роднини. Ама, горчлива е таа победа кога знаеш дека луѓето што најмногу треба да те сакаат, едвај чекаат да цркнеш за да можат да престанат да глумат дека те почитуваат и отворено да си кажат едни на други дека денот на твоето заминување од овој свет ќе треба да го празнуваат како семејна слава.

Така и во партија, така и во држава, каде што главниот човек се одржува на својата висока позиција затоа што има економска, институционална или воена моќ, а не е реално омилен кај членовите на партијата или граѓаните на државата. Сите тие едвај чекаат да „цркне“, па ако можат, некако и би помогнале и придонеле (тајно, се разбира) кон таквиот исход.

КОЈ Е ПИРОМАШЕН, НЕ Е СИРОМАШЕН

Друг бенефит (ако така може да се нарече) од Пировите победи е што тие даваат можност да се демонстрира цврстина на карактерот и јачина на базата на поддршка, што понекогаш е доволно за да се убедат непријателите да кренат раце од понатамошна борба.

Низ историјата познати се примерите на мали групи или дури и индивидуи, кои во текот на војната застанувале на некој мост или блокирале некоја тесна клисура низ која поминувал стратегиски битен пат и таму некое време одолевале на нападите на многу поголема војска, знаејќи дека немаат шанси, не само да победат, туку и да преживеат. Примерот со тристате Спартанци е најславен во светската историја, а комитите на Питу Гули, кои животот го дале на Мечкин Камен, е најлегендарен во нашата историја.

И Спартанците, и комитите биле поразени и нивните непријатели извојувале победи врз нив, ама тие победи биле скапо платени со многубројни жртви. Спарта, како и македонската револуционерна организација, преку жртвувањето на голем број од своите борци сакале да испратат сигнал до непријателот дека, иако тој може да се надева на победа, сепак секоја таква победа ќе мора да биде Пирова, скапоплатена со крв до колена, па затоа непријателот треба да се праша и дали треба да плаќа толку скапо за нешто што и не вреди толку многу.

Персиската империја во антиката и Отоманската империја пред еден век одговориле на предизвикот со пораката дека се спремни да платат за успехот со животите на своите војници, кои ќе ги жртвуваат во потребниот број за да се постигне победата, па макар таа победа била од Пирова попирова и најпирова.

Кога си „пиромашен“ значи спремен да плаќаш скапо за Пирови победи, со тоа сигнализираш дека не си сиромашен со ресурси. Моментално, во војната во Украина, Русија покажува дека е спремна и цели дивизии свои војници да испрати во смрт, само за да освои некоја малечка населба, и да ниже така победа по победа.

Во политиката тоа го прават оние лидери што тераат инает против јавното мислење и со тоа поени од својот рејтинг губат, ама затоа демонстрираат цврстина на карактерот и дека се спремни да ја принесат таа жртва на олтарот на победата, само за да биде по нивно.

Ова на прв поглед и на краток рок изгледа како правилен пристап, ама како што покажа инаетот на Зоран Заев, кој ги туркаше уставните измени, прво за промената на името, а потоа и за внесувањето на Бугарите во Уставот, ресурсите не се безгранични. Војник по војник, процент од рејтингот по процент од рејтингот, скапо платена Пирова победа по скапо платена Пирова победа и на крајот, ќе се исцрпи резервоарот и изворот ќе пресуши.

Кој е пиромашен, не е сиромашен, ама тој кој цело време фрла ресурси за победа по секоја цена, на крај ќе остане и без ресурси, и без знаење за тоа како со малку ресурси да постигне победа. Затоа, на Пировите победи, сепак, човек не треба да им се радува.

Ако нема друг начин, во ред тогаш, победата треба да се прифати дури и ако е Пирова. Те поддржуваат десет или дваесет отсто од гласачите, и со тој рејтинг доаѓаш на власт. Во ред, ама затоа, веднаш треба да почнеш да градиш рејтинг, кој ќе биде респектабилен. Дури и самиот Пир по двете скапоплатени победи рекол дека уште една таква победа, и војната ќе биде изгубена. Не рекол дека може уште десетина такви скапо платени победи да издржи, пред да прогласи пораз. Туку само уште една.

Секој оној што се радува на својата Пирова победа на било кое поле, дали во бизнисот или во личните односи, дали на избори на кои победила неговата партија или во војна што ја води неговата држава, треба да го има ова на ум. Краток е патот од Пировата победа до тоталниот пораз, а тој пат е и лизгав и по надолнина.

Поврзани новости