(АРХИВА) Косовското прашање е најопасно за Србија, што ако Русија одлучи „теренски“ да се инволвира?

by Фокус

Текстот е објавен на 23 ноември 2022 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1.416

Во последна секунда, американскиот амбасадор во Приштина успеа да го убеди Курти да ја одложи примената на одлуката за забрана на српските регистерски таблици на Косово. Проценките тогаш беа дека ако кон ова се пристапеше без претходен договор со Белград, на Северот сигурно ќе имаше инциденти од пошироки размери. Но, краткотрајното одложување воопшто не значи дека опасноста е помината

Пишувал: Дејан АЗЕСКИ

Од 22 ноември во 8 часот наутро требаше да почне примената на долго најавуваната одлука на Приштина за остранување на српските регистерски таблички.

За оваа цел, на Северот на Косово се упати скоро целокупниот персонал на косовските специјални единици кои се распределија на четири стартешки точки.

Првично, тие ќе почнат со казни од 150 евра за секој жител на Косово кој користи српски регистерски таблички, а се уште не е јасно дали истите и насилно ќе се одземаат.

Навидум, ова е уште една од низата банални препукувања на релација Белград-Приштина, но ако се земе во предвид степенот до кој е исполитизирана оваа административна процедура не е исклучено усијаните глави и од двете страни да предизвикаат и поголеми инциденти.

За тоа колку е сериозна ситуацијата зборува и фактот фека Александар Вучиќ и Албин Курти вонредно беа повикани во Брисел на само 24 часа пред почетокот на примената на оваа мерка, но, за жал, не се постигна никаков договор.

За среќа, или пак со некоја задна намера, САД во последен момент ја активира својата булдужер-дипломатија и го убеди Курти да ја одложи одлуката макар за 48 часа.

ПРОТИВ ЕУ, НО НЕ И ПРОТИВ САД

Ако нешто е различно во однос на сите претходни преговори на релација Приштина- Белград, тоа е апсолутната неможност на ЕУ да влијае врз одлуките на Курти.

Актуелниот косовски премиер останува гранитно цврст на своите ставови за кои многумина го предупредуваат дека може да го доведат до отворена граѓанска војна.

Веројатно поради сето ова, не само специјалниот претставник за Косово, Мирослав Лајчек, туку и вториот човек на ЕУ, Жозеп Борел, отворено застанаа на страната на Вучиќ, но очигледно и тоа не помогна за да се разубеди Курти.

Дури по враќањето во Приштина, цел час после после полноќ со којзнае каква интервенција на САД, Курти дозволи почетокот на примената на проблематичната одлука да се одложи за два дена.

Не дека Косово не е во право и дека конечно треба да си обезбеди суверенитет над целата територија (која е призната од повеќе десетици држави во светот), но геополитичкиот амбиент воопшто не е погоден за токму сега да се спроведуваат работи кои со децении се туркале под тепих.

Од друга страна, Вучиќ или конечно доби за противник нескршлив орев со кој за прв не може да се носи или напротив – доби идеален спаринг партнер со кој може да политизира и популизира до бесвест, а со тоа нормално да остане на власт уште долги години.

Но овој танц на Вучиќ и Курти ќе добива аплаузи се додека работите не излезат целосно од контрола. Ако Србите на Северот уште еднаш се почувствуваат егзистенционално загрозени и ако Белград уште еднаш за последен пат не интервенира, тогаш не е исклучено и самите тие на своја одговорност да почнат да пукаат.

Не треба да де заборави дека нивните апликации за руски државјанства од пред десетина години никогаш не беа официјално одбиени, туку оставени на разгледување.

Што ако баш сега Русија одлучи и теренски да се инволвира во косовското прашање, како што е дипломатски инволвирана цели дваесет години?

Да бидеме јасни, тука не зборуваме за никакви падобранци (кои во моментов Москва реално не може да ги испорача), туку само за некакво зелено светло и еветуална финансиска помош по тајни канали која ќе биде доволна да ја зоврие ситуацијата до бесвест.

Оттука, претенциозно е да се тврди дека во моментов било кој целосно ја контролира состојбата на Северот на Косово. Освен во случај ако сето ова е само сценарио за некоја идна брза размена на веќе познатите територии.

Но, тоа во моментов е навистина помалку веројатно од една класична балканска ескалација без никакви норми и правила.

ПРВА ИСКРА ЗА БАЛКАНСКИ ПОЖАР

Ако досега и на јавноста и на медиумите не им досадеше оваа тема, уште еднаш ќе читавме анализи кои природно го поврзуваат Северно Косово со потенцијалните случувања во БиХ и евентуално Црна Гора.

Порано во ова друштво задолжително влегуваше и Северозападна Македонија. Но, откако станавме Северна веројатно единственото добро е што оваа тема навистина веќе не е присутна ниту во домашната ниту во регионалната јавност.

Нормално, првата асоција за нашата барем привидна безбедносдна стабилизација е влезот во НАТО. Но, и Црна Гора е дел од алијансата дури и една година пред нас, а сепак не е изоставена од сите овие комбинаторики. Зошто?

Бидејќи едноставно распоредот на силите внатре во државата се уште е одприлика педесет спрема педесет проценти, а тоа само по себе е гаранција за трајна нестабилност и нејасна геополитичка насока, и покрај членството во Североатланската алијанса.

Сепак, црногорскиот народ покажа зрелост и во највжештените религиски и идеолошки борби дискусијата ја ограничи на прифатливи демократски методи.

Тоа дава надеж дека оваа држава, која има традиција на политичка бруталност, и од најновата криза ќе излезе без материјални и човечки штети.

Босна и Херцеговина, од друга страна, ниту е членка на НАТО, ниту има внатрешен консензус за било какво прашање, ниту некој од нејзините народи е задоволен од моменталниот политички поредок.

Како таква, оваа држава е идеален полигон за еветуална дестабилизација како домино-ефект од повторното радикализирање на косовското прашање.

Но и таму, ако се сакаше, ситуацијата можеше да се вжешти уште на почетокот на најновата украинска криза пред скоро цела година. Тоа што се избегна такво сценарио зборува дека тоа не му одговара не само на Белград, туку и на Бања Лука.

Нормално, и таму како и секаде има зовриени глави кои лесно може да се активираат од некои поголеми политички центри, но ако нема клима за масовна војна (а засега изгледа дека нема) тогаш БиХ ваква-таква ќе продолжи да функционира уште некој период.

Сепак, многумина забораваат дека косовското прашање е најчувствително и најопасно за самата Србија. Ако навистина утре се исценира или спонтано се случи некаква поголема катастрофа за преостанатиот српски народ на Северот на Косово, а Вучиќ навистина не интервенира навремено, тогаш однапред може да биде сигурен дека барем дел од новокупеното оружје ќе биде насочено против него и неговите.

Нема теоретски шанси подземните структури кои го мразат да не се обидат да ја искористат оваа единствена прилика да го победат со вонизборни методи, бидејќи на изборите, барем засега, делува непобедлив.

Така што, ако некаде постои најголема опасност од прелевање на косовската криза, тоа е во самата Србија.


МАКЕДОНСКИТЕ ВЛАСТИ НЕ ПОКАЖУВААТ ЗАГРИЖЕНОСТ

Во сите изминати дваесет години, кога и да се споменеше косовското прашање, кај нас се активираа црвени аларми. Заседаваше националниот совет за безбедност, војската и полицијата добиваа насоки за зголемена будност, а народот нормално се плашеше и трупаше залихи.

На сценариото од евентуално прелевање на уште тогаш најавуваната косовска криза најмногу се предупредуваше за време на првиот премиерски мандат на Зоран Заев, кога ова беше еден од главните аргументи зошто итно треба да влеземе во НАТО макар и по цена на смена на уставното име.

Сега, за среќа, немаме таква пресија, ниту пак се чувствува некаква зовриеност помеѓу народот за ова прашање. Веројатно, покрај влезот во НАТО, и многу поголемата инклузија на македонските Албанци во самата држава и годините на мирно живеење кои поминаа допринесуваат за помирна атмосфера.

Но, со оглед на фактот дека Косово е на само 20 км од Скопје и дека таму роднини има барем третина Македонија, не треба да се потценува ситуацијата и да се тврди дека може да се предвиди ефектот од евентуалната ескалација во нашето најнепосердно соседство.

Затоа, може само да се надеваме дека молкот на нашите безбедносни служби е наменски и врз база на искуство, а не плод на лежерност и спиење на увото дека сега постои некој друг да ни мисли за се.

Поврзани новости