Текстот е објавен на 02 декември 2021 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.365.
Новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ најавува дека ќе го доврши споменикот „Мајка Тереза“ во строгиот центар на Скопје, откако претходната гарнитура на СДСМ ниту го догради, ниту го урна. Дека станува збор за класична дивоградба која треба да се демонтира, утврди работната група за „Скопје 2014“, пишуваше „Фокус“ пред 3 години. Неколку недели подоцна, пишувавме и за Триумфалната порта, која, исто така, е изградена спротивно на низа закони, и тоа среде сообраќајница. Врз основа на ваквите наводи, владата даде мислење со насоки до Општина Центар како да постапува при изготвување на новиот урбанистички план „Мал ринг“, меѓутоа тој никогаш не беше донесен.
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Уште кога мегаломанскиот проект „Скопје 2014“ почнуваше да го покажува својот лик, тогашната опозиција и експертска јавност го критикуваше од естетски, културен, уметнички и од идеолошки аспект. Но, голем дел од критиките се однесуваа и за финансиско-коруптивниот сегмент на проектот.
Притоа, ваквите ставови се темелеа на тезата дека овој проект во режија на Никола Груевски идентитетски ја редефинира Македонија и македонскиот народ. Истовремено, говореа критичарите, проектот служи како параван за одлевање милионски средства народни пари во приватни џебови.
Во таа насока, кога лидер на СДСМ беше веќе пензионираниот Бранко Црвенковски, оваа партија бараше да се спроведе референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат дали ги прифаќаат спомениците и објектите опфатени со тукушто промовираниот проект „Скопје 2014“. Се разбира, тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ го игнорираше ваквото барање.
Неколку години подоцна, откако реализацијата на проектот веќе беше во напредна фаза, нов градоначалник на Центар стана Андреј Жерновски, кој од позиција на локална власт најавуваше дека ќе спроведе референдум за „Скопје 2014“, на кој народот ќе се изјасни што мисли за овој проект. Сепак, мандатот на Жерновски заврши, а општината не спроведе ваков референдум.
По извесен период, и Петре Шилегов почна да говори дека со сите сили ќе се бори против, според него, штетниот проект на Груевски тежок половина милијарда евра. Дури пред последните локални избори тој најавуваше дислокација на спомениците, меѓутоа претрпе изборен пораз, по што, се чини, дека веќе се исцрпени сите политички иницијативи за ревидирање на „Скопје 2014“.
На тој начин, дефинитивно паѓа во вода работата и на работната група формирана веднаш по политичките промени за справување со последиците од проектот, која јасно нотираше дека спомениците и објектите во центарот на градот се изградени спротивно на цела лепеза закони. Буквално, ниту една препорака на оваа работна група за уривање или дислокација не беше имплементирана.
ДИВОГРАДБА СРЕДЕ УЛИЦА
За потсетување, набргу по формирањето на новата влада на СДСМ, со решение на ексминистерот за култура Роберт Алаѓозоски, оваа работна група координирана од универзитетскиот професор Мирослав Грчев, и плус составена од Донка Барџиева, Никола Наумоски, Златко Теодосиевски, Мартин Пановски и Гетоар Абдурамани, се зафати со работа со фокус на неколку позначајни споменици.
Инаку, еден од нив беше и спомен-обележјето „Мајка Тереза“. Како што пишуваше „Фокус“ пред неколку недели, членовите на работната група заклучиле дека над 5,5 милиони евра буџетски пари се злоупотребени за бесправно градење на овој објект без законска надлежност.
Иако тие предложија прекин на работите, поништување на договорот со изведувачот и демонтирање на веќе изградениот објект, до денес ништо од тоа не е направено. Додуша, тој никогаш не беше финализиран до крај, меѓутоа никој – ниту инвеститорот (Министерство за култура), ниту изведувачот („Бетон“) – не го отстранил, како што се посочува со елаборатот.
Со оглед дека „Мајка Тереза“ се третира како спомен-обележје и спаѓа во прва категорија објекти, за нив одобрение за градба издава Министерството за транспорт и врски. Како што ни изјави министерот Благој Бочварски, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам е надлежен да изврши инспекциски надзор дали се гради согласно одобрението.
Според него, Инспекторатот може да донесе решение за уривање по барање на инвеститорот, односно Министерството за култура, но такво нешто досега ниту е побарано, а камоли направено. Додека институциите играат пинг-понг, изведувачот „Бетон“ поднесе тужба до инвеститорот, со која побарува еден милион евра, токму по договорот „Мајка Тереза“?!
Во исчекување на правната разрешница за овој објект изграден буквално на улица, тој сѐ уште е потенцијален товар врз државниот буџет, со оглед дека од државната каса може да се одлеат милион евра ако „Бетон“ го добие судскиот процес. Арно ама, и од Министерството за култура велат и тие имаат предјавено свои побарувања…
БЕСМИСЛЕНА РЕПЛИКА
Овојпат се осврнуваме на уште еден критикуван објект од „Скопје 2014“ – „Порта Македонија“. Станува збор за споменик, чиј идеен творец е Валентина Стефановска, проектант е „Неимар Инженеринг“, изведувач е АД „Гранит“, а како инвеститор повторно настапува Министерството за култура, кое во времето на изградба на објектот/споменик (2008-2012) е предводено од Елизабета Канческа-Милеска.
Како што се наведува во елаборатот што го поседуваме, овој споменик висок над 20 метри и вреден 4,4, милиони евра, потсетува на познатите историски монументални градби што биле градени во слава на големите римски императори, кои по извојуваните победи влегувале во градот церемонијално поминувајќи под овие специјално изградени „триумфални арки или капии“.
„Поради тоа, Порта Македонија не претставува оригинално авторско решение, туку е обликовно осиромашена и обесмислена морфолошка реплика на класичен урнек, што е видливо како формата на основниот габарит – првостепена архитектонска пластика, така и во материјалот за обликување на фасадата и во аплицираните декорации“, стои во елаборатот.
Воедно, во него се наведува дека при реализацијата на овој проект е прекршен Уставот, како и низа законски предвидени процедури. Поточно, одлуката за изградба на објектот не смеело да се донесе од страна на владата, бидејќи се работи за меморијален споменик, за што, според Законот за меморијални споменици и спомен-обележја (член 5), единствено надлежно е Собранието.
Покрај тоа, експертите утврдиле и прекршување на Законот за просторно и урбанистичко планирање, од причина што, според нив, портата или споменикот е поставен сред градежно земјиште за општа употреба наменето за сообраќајна инфраструктура. Конкретно, таканаречената триумфална порта ја „попречува, заградува и комплетно ја поништува функцијата на улицата“.
На крајот, работната група во елаборатот навела дека, меѓу другото, е прекршен и Законот за буџет и Законот за спроведување на буџет. Во него се наведува дека финансирањето на објектот е по пат на ненаменско планирање и трошење наменски средства за дејностите во културата и заштитата.
НАЗАД ВО ПРВОБИТНА СОСТОЈБА
Безмалку истите забелешки, работната група ги нотирала и за другите споменици што биле предмет на нивна работа, меѓу кои Александар Македонски, Филип Втори, Цар Самоил, Ченто, Гемиџии… Впрочем, тие изготвиле повеќе елаборати, чии забелешки потоа се обиделе да ги вградат при носењето на новиот Детален урбанистички план „Мал ринг“, кој, всушност, ги покрива анализираните споменици.
Според документацијата со која располагаме, за време на јавната анкета при носење на овој ДУП, работната група пополнила анкетен лист во кој предочува дека спомениците се поставени противуставно и незаконски. Затоа, наведуваат тие, се предлага нивна дислокација и доведување на јавниот простор во првобитна состојба, односно, како што велат – враќање на просторот на градот и на граѓаните.
„Не само што во предлог-планот не постојат мерки за враќање на просторот во рамки на утврдениот статус на земјиште за општа употреба, туку со него некои од спомениците се легитимираат така што им се потврдува незаконско формирана градежна парцела на земјиште за општа употреба, и им се даваат услови за градење“, навеле претставниците на работната група.
Тие посочуваат дека сите споменици што се изградени и што се во план за градба треба во ДУП-от да бидат регистрирани и нацртани како постојни градби. Односно, додаваат тие, незаконските споменици треба да се нумерирани и обележани како постојни споменици во графичкиот дел од планот, додека во текстуалниот дел треба да стојат со број и опис, по кој треба да се формулира општа планска одредба дека со планот се предвидува нивно дислоцирање.
Притоа, членовите на работната група истакнуваат дека овие забелешки особено се однесуваат за „Мајка Тереза“ и „Порта Македонија“, кои, според нив, на најбрутален начин се ставени среде сообраќаен коридор, каде што се формирани градежни парцели на сметка на земјиште за општа употреба. Овие споменици, нагласуваат тие, не смеат да бидат со формирана градежна парцела и услови за градење, туку само со геодетска линија како постојна состојба.
Дополнително, членовите на работната група додаваат дека истото важи и за „Шпански скали“. Истовремено, тие бараат отстранување на галиите во Вардар, враќање на оригиналните фасади на објектите на НАМА, ЕВН, МЕПСО и др. Со овие забелешки, сметаат тие, се утврдува политиката на враќање на законот во центарот на Скопје и враќање на правата на граѓаните.
МИСЛЕЊЕ БЕЗ ЕФЕКТ
Паралелно со тоа, и владата утврди потреба да се произнесе за „Скопје 2014“ во контекст на носењето на новиот ДУП „Мал ринг“. Практично, владата лани на седница изготви мислење, поради, велат од таму, исклучителното значење на просторот опфатен со планот, како и поради фактот што токму на овој простор се лоцирани најголемиот број споменици, градби, фасади и други зафати од овој „штетен проект“.
Така, мислењето на владата потпишано од тогашниот технички премиер во пржинската влада Оливер Спасовски, содржи насоки и ставови за извршување на законите и примена на прописите. Како што се наведува во ова мислење упатено до Општина Центар, при носење на урбанистичкиот план мора да се надмине пристапот само да се констатира одредена проблематична состојба.
„Со новиот Мал ринг мора да се покаже дека локалните власти и надлежните институции ги разбираат, следат и имплементираат решенијата за одржливи градови. Со квалитетен план за центарот се покажува исчекор и планирање со нови вредности, следејќи ги светските трендови за уредување на центрите на градовите, ставајќи го граѓанинот на прво место“, се наведува до мислењето до Општина Центар.
Патем, владата се повикува токму на работната група за „Скопје 2014“, истакнувајќи дека незаконските процеси за одлучување резултирале со нелегални и општествено штетни споменици и други градби без никаква уметничка и културна вредност. Оттука, владата ѝ укажува на Општината да ги земе предвид наводите на работната група напишани во анкетниот лист при носење на ДУП-от.
Арно ама, овој ДУП никогаш не беше донесен. Како што вели тогашниот градоначалник на Центар Саша Богдановиќ, планот ја минал фазата на јавна анкета и требало да оди на одобрување во Град Скопје и Министерството за транспорт. Меѓутоа, процедурата не беше заокружена пред Уставниот суд да го укине мораториумот, со што на сила се врати стариот ДУП „Мал ринг“, кој практично требаше да биде изменет со новиот план.
На тој начин, веќе може да се каже дека контроверзниот проект „Скопје 2014“ е речиси завршена приказна. И покрај бројните најави и наводи за кршење низа закони при неговата реализација, се чини сите веќе изградени споменици и објекти засекогаш ќе останат на локациите каде што се поставени. Меѓу нив е и Триумфалната порта, која наместо да биде симбол за украдените пари, и понатаму ќе го симболизира триумфот на „императорот“.
Саша Богдановиќ, поранешен градоначалник на Центар
НЕ МОЖЕ ДА СЕ УРИВААТ И БРИШАТ СПОМЕНИЦИ БЕЗ ПОСТАПКА
Поранешниот градоначалник на Центар Саша Богдановиќ, за време на чиј мандат беше донесен, па укинат мораториум за градење, вели дека бесмислено би било да се урива без соодветни судски одлуки. Меѓутоа, како што истакнува, успеале да спречат многу планирани градби како дел од „Скопје 2014“.
-Тоа што не беше почнато, го сопревме. Требаше да се градат споменици на Кејот на Вардар, но не дозволивме. Вративме фасади во првобитната состојба, намаливме два ката од еден објект, итн. – вели Богдановиќ.
Но, додава тој, не може да се уриваат и бришат објекти, кои веќе се изградени според издадено одобрение за градење.
– Независно дали некој објект ни се допаѓа или не, не може да се урива без да заврши соодветна постапка. Мојот концепт беше да се покренат управни постапки и на тој начин ги избришавме Шпански скали – вели Богдановиќ.
Влада
СЕ ТРГНА ЌОСЕТО, СЕ ОТСТРАНУВААТ ГАЛИИТЕ, НЕМА ПАНОРАМСКО ТРКАЛО
Владата покажува дека ставот на стручната јавност е особено важен и дека одлуките не треба да доаѓаат од една адреса и од еден човек, туку со вклучување професионалци од областа, велат од владата во однос на дејствата преземени околу „Скопје 2014“.
„Постапката за поништување на издадени акти од надлежен орган се постапува согласно одредбите од Законот за општа управна постапка. За секој објект или споменик се води постапка пред надлежна институција, суд или обвинителство. Како што завршуваат правните постапки, така се постапува и соодветно јавноста е информирана од надлежните институции“, велат од владата.
Досега, додаваат од таму, ефектуирање на елаборатите на работната група имало во случајот со споменикот на А. Лазов Јанев – Ќосето, кој беше во надлежност на Општина Центар и Град Скопје, како и со стопирањето на споменичниот комплекс Мајка Тереза.
„Освен тоа, Град Скопје се откажа од изградбата на Панорамското тркало, а се откажа и мегаломанската обнова на Скупи и изградбата на амфитеатар од травертин за 9.000 посетители, што ќе ја нарушеше целосно автентичноста на овој значаен археолошки локалитет. Галиите се во процес за отстранување“, истакнуваат од Илинденска.