АРХИВА Компанија за струја на синот на Муса Џафери доби тендери вредни над 1,5 милиони евра!

by Фокус

Текстот е објавен на 19 декември 2019 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1263.

Аријанит Џафери, син на поранешниот вицепремиер од ДУИ Муса Џафери, физички го нападнал претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, откако РКЕ покренала постапка за одземање на лиценцата на неговата компанија за трговија со струја. Како што неодамна пишуваше неделникот Фокус, станува збор за друштвото „У-Повер“, формирано од страна на помладиот Џафери во партнерство со синот на газдата на тетовската градежна фирма „АК-Инвест“, која поседува и две мали хидроцентрали. Откако ги доби потребните лиценци, нивната компанија почна да добива и државни тендери, од кои најголем е договорот со „Македонски железници“ во износ од над 600.000 евра.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Прислушуваните телефонски разговори што актуелниот премиер Зоран Заев почна да ги објавува во улога на опозициски лидер во 2015 година открија дека тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ користи антидемократски методи, кои во суштина се базираа на две премиси – упад и контрола на извршната во судската власт, инсталирање софистициран клиентелистички систем и спроведување изборен инженеринг. На тој начин, тогашната власт ги дерогираше основните начела за фер изборен натпревар и за поделба на власта, што всушност ѝ овозможуваше прво полесно да дојде на власт, а потоа и подолго да се одржи на власта.

Впрочем, ваквата фактичка состојба беше пресликана по пат на бројни дијалози меѓу тогашните врвни државни функционери, кои открија како се употребуваат државните органи за притисок врз гласачкото тело, како се користат буџетски ресурси за изборен поткуп, како се врши строго контролирана селекција на подобни судии и обвинители по пријателски, роднински и партиски клуч. Во таа насока, прилично илустративни беа разговорите меѓу две исклучително влијателни фигури во власта во тоа време – Сашо Мијалков и Муса Џафери, чија моќ произлегуваше од нивната роднинска, односно пријателска врска со двајцата тогашни водечки политички лидери, Никола Груевски и Али Ахмети.

Токму овие политички бомби ја запечатија политичката кариера на Мијалков и Џафери, чија компромитација отиде до тие граници што и двајцата мораа да ги напуштат челните позиции во Управата за безбедност и контраразузнавање и Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор. Како што во неколку наврати досега пишуваше „Фокус“, веднаш откако Мијалков се повлече од функцијата, неговиот син Јордан Мијалков ја основаше компанијата „Бест Веј Инвестмент“, која прво влезе во нафтениот бизнис („ОМ Петрол“), а потоа сè повеќе ја ширеше бизнис-мрежата кон земјоделскиот и прехранбениот сектор („ЗК Пелагонија“ и „Жито Полог“), за последно да влезе и во бизнисот со угостителство („Мериот“) и со обложување („Макс Бет“).

Арно ама, буквално истиот рецепт го примени и неговиот некогашен пријател и соговорник Џафери, чиј син, исто така, основал компанија веднаш по повлекувањето на неговиот татко од функцијата. Според податоците што ги обезбедивме од надлежните институции, станува збор за компанија за трговија и снабдување со електрична енергија, која синот на некогашниот владин министер и вицепремиер, кој сè уште е моќна личност во владејачката ДУИ, ја поседува во партнерство со синот на сопственикот на позната тетовска градежна компанија. Набргу по основањето, компанијата ги доби потребните лиценци за работи, по што почна да добива и државни тендери, чија вкупна вредност изнесува над 1,6 милион евра.

ЛИЦЕНЦИ ЗА ТРГОВИЈА И СНАБДУВАЊЕ СО СТРУЈА

За потсетување, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во април 2016 година, период меѓу двата пржински договора за надминување на политичката криза, одлучи да ги повлече сите министри, меѓу кои беше и вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор, Муса Џафери. Во недостиг од уверливо образложение од Мала Речица за ваквиот неочекуван и изненадувачки потег, дел од неофицијалните информации одеа во правец дека тоталната кадровска чистка е направена поради внатрепартиски притисок за смена на партиската структура што инсистираше на задржување на цврстата релација со ДПМНЕ, и покрај големите штети од аферата со прислушувањето, чиј главен експонент беше токму Џафери.

Како и да е, само два месеца подоцна, односно на 6 јуни истата година, се формира компанијата за трговија со електрична енергија „У Повер“, каде што косопственик е синот на екс вицепремиерот Џафери – Аријанит Џафери. Податоците од Централниот регистар покажуваат дека како втор сопственик на оваа компанија е јавува Фитим Ибраими, кој, пак, е син на газдата на тетовската градежна компанија АК-ИНВЕСТ, Азби Ибрахими. Фактички, тие се партнери на паритетна основа, имајќи предвид дека учествуваат во сопственичката структура на друштвото со по идентичен удел од 310.000 денари. Како управител во нивната компанија, регистрирана во центарот на Скопје, фигурира Васко Симовски.

Според информациите од Регулаторната комисија за енергетика, „У Повер“ поднел барање за издавање лиценца за трговија со електрична енергија дваесетина дена по основањето, додека РКЕ позитивно одговорила неколку месеци подоцна, односно во септември 2016 година. Во одлуката на РКЕ се наведува дека компанијата првично доставила неуредна документација, која, сепак, ја надополнила во рок од петнаесетина дена. Веднаш потоа, друштвото добило лиценца со времетраење од 10 години, односно до 2026 година. Патем речено, оваа лиценца во меѓувреме претрпела измени поради усогласување со Правилникот за следење на функционирањето на енергетските пазари, меѓутоа се работи за исклучиво технички измени.

Нецела година откако доби лиценца за трговија со електрична енергија, „У Повер“ доби и лиценца за снабдување со електрична енергија во јули 2017 година, исто така за период од 10 години, односно до 2027 година. Во смисла на оваа лиценца, под снабдување се смета набавување електрична енергија од земјава и од странство, заради продажба на потрошувачи, други снабдувачи, трговци итн. Со други зборови, снабдувачите ги извршуваат истите купопродажни активности како и трговците со струја, со таа разлика што тие имаат дополнително право да ги снабдуваат и домаќинствата и малите потрошувачи.

ОГРОМЕН ТЕНДЕР СО МАЛА РАЗЛИКА ВО ПОНУДЕНИ ЦЕНА

Врз основа на официјалните финансиски извештаи на „У Повер“, може да се заклучи дека во 2016 и 2017 година, кога компанијата се основаше и ги доби потребните лиценци за работа, речиси и не постои значителна економска активност. Така, годишните сметки откриваат дека друштвото во 2017 година остварило приходи од само 13 илјади евра, додека драстичен скок се бележи во следната 2018 година, кога приходите достигнуваат 781 илјадa евра. Сепак, фирмата на крајот завршила во минус од 158 илјади евра, бидејќи расходите изнесувале 939 илјади евра. Но, веќе во 2019 година компанијата остварува приходи од 213 милиони денари и добивка од над 16 милиони денари.

Она што е карактеристично за компанијата во периодот од преминот од 2018 кон 2019 година е фактот што почнува да остварува сè поинтензивна и попродуктивна соработка со државни институции и јавни органи. Според податоците од Бирото за јавни набавки, „У Повер“, во втората половина на 2018 година доби 3 тендери, а за време на актуелната 2019 година добила 5 тендери, чија вкупна вредност, според пресметките, изнесува околу 1,6 милион евра. Во текот оваа година, компанијата ги склучила и највредните договори за јавна набавка, меѓу кои предничи договорот со ЈП за железничка инфраструктура – Железници во вредност од 614.500 евра.

Поточно, овој тендер во минатите неколку години го добиваше „Мист Енерџи“, така што двете страни во 2016, 2017 и во 2018 година склучиле договори во износ од 663.000 евра, 737.000 евра и 764.000 евра. Според информациите од јавното претпријатие, оваа компанија учествувала и на овогодишниот тендер, меѓутоа на јавното наддавање доставила конечна понуда од 521.500 евра без вклучен ДДВ (615.500 со ДДВ), која била за само 800 евра повисока од понудата на „У Повер“, додека Енерџи Активе доставила понуда од над 700.000 евра. Така, на крајот договор бил постигнат со „У-Повер“, кој предвидува дека снабдувачот ќе го врши снабдувањето согласно потребите на потрошувачот, кој, пак, го задржува правото да не ги реализира сите предвидени средства во текот на годината.

Покрај малата разлика во цените меѓу долгогодишниот и новиот снабдувач на Македонски железници со струја, привлекува внимание и тоа што оваа институција ја водат кадри на ДУИ. Во време кога е потпишан договорот во јуни годинава, директор беше Ирфан Асани, кој по една деценија беше сменет при операцијата „метла“, па на негово место дојде уште еден поранешен вицепремиер за Рамковниот договор – Фестим Халили. Во вакви ситуации, секогаш се наметнува дилемата дали постои простор за одредено влијание при изготување на тендерската документација и спроведување на тендерската постапка, од причина што директорот на договорниот орган и таткото на еден од сопствениците на економскиот оператор доаѓаат од иста политичка структура, која, патем речено, долг период е дел од власта?

ИЗГРАДБА НА МАЛИ ХИДРОЦЕНТРАЛИ

Освен тоа, „У Повер“ добила и два поголеми тендера од Царинската управа, со тоа што едниот договор е склучен во 2018 година во износ од 406.000 евра, а вториот е склучен во тековната 2019 година во износ од 439.000 евра, при што и во двете постапки се јавиле четири компании. Потоа, компанијата соработувала и со Дирекцијата за технолошки и индустриски развојни зони, М-НАВ, ЈП Комуналец Кавадарци, Централен регистар и Комисија за хартии од вредност. Сепак, од менаџментот на друштвото тврдат дека помалку од 2 проценти изнесува уделот на јавните зделки во севкупниот обем на нивната работа, кои, како што нагласуваат, ги добиле поради понудените ниски цени при продажбата на електричната енергија.

Во истиот период кога „У Повер“ ги добива тендерите за снабдување со електрична енергија (2018-2019), неколку договори за јавна набавка склучила и компанијата на таткото на вториот косопственик – „АК-Инвест“. Конкретно, станува збор за два договори на компанијата со Општина Тетово на чело со градоначалничката Теута Арифи, кои се однесуваат реконструкција на салата на советот и канцелариите на општината во вкупна вредност од 302.500 евра. Воедно, друштвото склучило договор и со ЈЗУ Психијатриска болница Скопје за градежно техничка интервенција на топловод од 595.500 евра.

Дополнително, во рамки на оваа градежна компанија основана во 2005 година функционира и подружница за производство на електрична енергија наречена „АК-Хидро“. Официјалните информации говорат дека овој субјект годинава стекна привремен статус на повластен производител на електрична енергија, врз основа на договор за концесија меѓу субјектот и Министерството за животна средина за производство на струја од МХЕЦ Вејачка, со моќност е 1.319 киловати. Лиценцата за работа треба да биде издадена откако објектот ќе биде пуштен во употреба, што, според одобрението за градење од Министерството за транспорт и врски издадено во 2018 година, треба да се случи во 2021 година.

Згора на тоа, „АК-Инвест“ во листата на проекти навела изградба на неколку мали хидроцентрали на други носители на лиценца, додека во 2015 година го презела концесискиот договор на „Норд Енерџи Груп“ во сопственост на бизнисменот Аки Етеми за малата хидроцентрала Вејце. Од оваа компанија велат дека на ниту еден начин, ниту преку централата, ниту преку подружницата, немаат никаква правно-стопанска поврзаност и соработка со „У Повер“. Како што истакнуваат од таму, синот на сопственикот на друштвото има свој бизнис со „У Повер“ и притоа нема никаква капитална или работна поврзаност со „АК-Инвест“.


Васко СИМОВСКИ, генерален директор на „У Повер“
ЏАФЕРИ И ИБХАРИМИ СЕ СТАРИ ПРИЈАТЕЛИ, ИМ ЗАШТЕДИВМЕ 13 МИЛИОНИ ДЕНАРИ НА ИНСТИТУЦИИТЕ

У-Повер“ е нова и млада компанија, која се формираше на почетокот на процесот на либерализацијата на пазарот на електрична енергија, велат од компанијата. Во писмените одговори што ни ги доставија потпишани од управителот Васко Симовски, стои дека компанијата била резултат на заедничка идеја на двајцата основачи и долгогодишни пријатели Аријанит Џафери и Фитим Ибрахими, кои се опишани како млади, амбициозни и високобразовани лица.

– „У-Повер“ е компанија со домашен капитал, што е реткост во компаниите што се во сферата на снабдување со електрична енергија. Формирана е 2016 година со екипа на млади ентузијасти, сите со високо образование, а најголемиот дел образовани во странство, без многу искуство во сферата, но кои брзо се вклопија и се пронајдоа себеси во оваа компанија. Во моментов, компанијата има повеќе од десетина вработени лица во постојан работен однос и десетина привремено ангажирани – вели Симовски.

Тој додава дека во сферата со снабдување со електрична енергија единствен фактор за успех во бизнисот е ниската цена во продажбата. Во тој контекст, Симовски посочува дека токму овој фактор бил пресуден за ги добијат тендерите, вклучително и поголемите од Македонски Железници и Царинската управа.

Во двете постапки разликата меѓу нашата понуда и највисоката понуда е над 23 отсто, или со други зборови кажано, заштедата на двете јавни институции во овие набавки е над 13 милиони денари. Сето тоа е поради јавната постапка каде што беше вклучено и електронско надавање за најниска цена. Други услови немаше освен поседување на лиценца за снабдување со електрична енергија која е законски услов за работа – вели Симовски, кој имад над 30-годишно искуство во оваа област.


АК-Инвест, Тетово
НЕМАМЕ НИКАКВА ПОВРЗАНОСТ СО „У-ПОВЕР“, СТРУЈАТА МУ ЈА ПРОДАВАМЕ НА МЕПСО

АК-Инвест“ нема никаква капитална или друга поврзаност со „У-Повер“, велат од тетовската градежна компанија, чиј сопственик Азби Ибрахими е татко на Фитим Ибрахими, еден од партнерите на „У-Повер“ заедно со Аријанит Џафери, кој, пак, е син на екс министерот и вицепремиер Муса Џафери.

Синот на основачот на „АК Инвест“ има свој бизнис и е еден од основачите на „У-Повер“. Тоа е вистината! Синот на основачот на „АК- Инвест“ нема никаква работна или капитална поврзаност со компанијата“, ни одговорија од „АК-Инвест“.

Од таму додаваат дека подружницата на „АК-Хидро“ поседува една хидроцентрала за производство на електрична енергија, која го продава на МЕПСО.

Ниту „АК-Инвест“, ниту „АК-Хидро“ немаат никаква правно-стопанска поврзаност, ниту соработка со „У-Повер“, ниту, пак, ја снабдува ова компанија со електрична енергија“, истакнуваат од компанијата.

Воедно, од таму потенцираат дека „АК Инвест“ функционира подолг период и, во зависност од капацитетот на моменталната работа, има над стотина вработени.

АК Инвест“ за овој период има свои активности, не само во РСМ, туку и пошироко, и тоа главно со странски инвеститори, и истите претставуваат доминантен дел од обемот на работата на друштвото“, потенцираат од компанијата на Ибрахими.

Поврзани новости