Текстот е објавен на 27 ноември 2024 година во неделникот „Фокус“, во новогодишниот двоброј 1.525-1526.
Премиерот Христијан Мицкоски изрази задоволство од сработеното оваа година и најави дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во следната година ќе се труди да постигне уште подобри резултати.
Според неговите зборови, за шесте месеци од 2024 година под власт на ВМРО-ДПМНЕ, направени се крупни чекори во сите сфери на општеството, посебно во економијата, каде што секогаш Мицкоски тврди дека ќе биде генератор на сите промени под негова палка.
Резимето на премиерот Христијан Мицкоски за 2024 година звучеше навистина розово ако се одземат некои владини потези, кои беа цел на жестоки критики од опозицијата, но и од експертската јавност, додека најавите на владата дека ќе имаме многу силна економска година во 2025-та се оптимистички дури и за најголемите оптимисти.
Пишува: Орце КОСТОВ
– Многу работи направивме, лично сум задоволен. Имавме зголемување на пензиите, историски договори со синдикатите за образование, здравствените работници, тутунарите, оризарите, земјоделците, воопшто. Конечно се врати надежта кај луѓето, мирот на улиците, нема веќе јунаци на асфалтот кои се претставуваат дека се блиски до некакви политички моќници.
Тука е и растот од три отсто кој е меѓу првите пет во Европа, обидот да дојдеме до една милијарда евра странски инвестиции, во тек е исплата на К-15 за вработените во јавната администрација, некои првпат добиваат и за таа намена во Буџетот се предвидени една милијарда денари и нешто, сега ќе има уште една исплата за земјоделците од 25 милиони, со што првпат влегуваме без долгови во 2025 година, рече тој по состанокот со Советот на странски инвеститори.
Премиерот оцени и дека секогаш може подобро, дека ќе прима критики и конструктивни препораки, но не и ад хок напади од противниците.
– Сакаме да бидеме транспарентни колку што е можно повеќе, можеби некогаш не успеваме, ќе ни прости јавноста, но имаме чесна намера и сакаме да направиме нешто што не било како до сега, нешто ново и се надевам дека барем делумно успеваме, потенцира премиерот.
Неговото резиме за 2024 звучи навистина розово ако се одземат некои владини потези кои беа цел на жестоки критики од опозицијата, но и од експертската јавност, додека најавите на владата дека ќе имаме многу силна економска година во 2025 година звучат оптимистички дури и за најголемите оптимисти.
КРЕДИТ ОД МИЛИЈАРДА ЕВРА ОД УНГАРИЈА
Задолжувањето со кредит од една милијарда евра од Унгарија, кое Мицкоски го договорил со унгарскиот премиер Виктор Орбан уште како лидер на опозицијата, остави најголем белег во 2024 година.
Со оглед на тоа дека кредитната линија сѐ уште не е реализирана, унгарскиот кредит ќе биде гаранција за возбудлива економска 2025 година. Реализацијата на оваа кредитна линија, пак, ќе биде вкалкулирана во економскиот раст за 2025 година.
Мицкоски договори меѓувладина соработка со Унгарија во висина од 500 милиони евра, која ја подели на два дела: по 250 милиони евра за општините и за компаниите со ниска каматна стапка, која ја плаќаат граѓаните.
Првите 250 милиони евра почнаа да се трошат откако општините аплицираа со проекти во ресорните министерства.
Заеднички именител за сите објавени проекти на општините е реконструирањето улици или изградба на атмосферска или фекална канализација.
Тоа покажа дека досега на ниту еден градоначалник во минатото приоритет не му било решавањето на основните инфраструктурни услови во градовите за што во изминативе деценија и половина апелираа сите невладини организации што се занимаваат со локалните проблеми и потезите на локалната самоуправа.
Во дел од апликациите се бараа пари за изградба на неколку градинки и доградба на училишта, но тие проекти се бројат на прсти.
Втор заеднички именител на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ е што најголем дел од нив не пропуштија да му се заблагодарат и поклонат на премиерот Мицкоски.
Ова беше протолкувано од експертската јавност дека овој дел од кредитот е наменет за предизборна кампања пред локалните избори, кои се закажани за октомври 2025 година.
– Овој заем не е за развој на Македонија, тука за одржување на предизборниот контекст за локалните избори в година. Да сакаше владата да се грижи за граѓаните, она што треба да го направи е системска реформа да го зголеми капацитетот општините самите да бараат пари. Тоа е децентрализација, општините се способни сами да земаат кредити, да издаваат обврзници итн.
Вака зборуваме за централизирање на децентрализираната власт, сега сите општини чекаат од владата да се задолжи. Сега имаме префрлање, централниот буџет го полнат сите граѓани, а ќе плаќаме за проекти во некои општини што се општински интерес. Ова е само во предизборие и никаков контекст нема за развој, истакна неодамна професорот Ванчо Узунов за „Фокус“.
Вториот дел од првата рата унгарски кредит ќе оди кај компаниите, кои добија подобри услови за кредит отколку било кој граѓанин на оваа земја: 1,95 отсто каматна стапка со отплата на 12 години и грејс период од три години. Тие ќе плаќаат 1,95 отсто, а граѓаните преку буџетот ќе и вратат на Унгарија годишна каматна стапка од 3,25 отсто.
За 15 години, државата, односно народот, за кредитот од Унгарија од 500 милиони евра ќе треба да плати кон унгарската Експорт импорт банка 240 милиони евра за камата, додека компаниите што ќе можат да користат 250 милиони евра од овој кредит, на банките преку кои ќе се пласираат средствата ќе треба да платат камата од само 70 милиони евра.
Од оваа комбинација профитираат банките, профитираат и компаниите, а губат граѓаните. Банките и компаниите се приватни, работаат за сопствен профит, а сѐ посиромашните граѓани ќе ги полнат со пари без можност да им се спротивстават.
Вториот дел од милијардата не предизвика воопшто реакции во јавноста бидејќи тие 500 милиони евра се наменети за враќање на еврообврзницата со која не задолжи владата на СДСМ во 2018 година.
Но, новата 2025 година ќе ја почнеме со исплата токму на оваа еврообврзница од 500 милиони евра. Над 801 милион евра во 2025 година ќе одат за враќање на старите странски долгови.
ЕКОНОМСКИ РАСТ И ИНВЕСТИЦИИ
2024 година ја одбележа и еден неекономски фактор. Првите шест месеци беа изборни и процесите во економијата беа речиси замрзнати, а инфлацијата тогаш имаше повисоки бројки.
Но, тоа не му пречеше на премиерот да каже дека за само два месеца новата влада предводена од него е заслужна за растот на производството во третиот квартал во однос на вториот кога имаше пад токму поради изборите.
Не му пречеше ниту да ги присвои инвестициите на претходната влада и да се пофали дека до крајот на годината ќе се надмине историско највисоко ниво на странски директни инвестиции во државата од над 1 милијарда евра, онолку колку што Македонија се задолжи кај владата на Орбан.
„Денешните податоци покажуваат дека странските директни инвестиции (СДИ) во Македонија во периодот јануари-септември достигнаа 838,2 милиони евра. Тоа е зголемување од 348,4 милиони евра во однос на истиот период минатата година и е рекорд во изминативе дваесет години. Мандатот го започнавме со договори за странски инвестиции од над 650 милиони евра. Ќе продолжиме да работиме за раст на стандардот и благосостојба на сите граѓани“, објави премиерот Мицкоски на Фејсбук.
За волја на вистината, и покрај задолжувањата, со ребалансот во јули, буџетот се консолидираше и новата влада успеа да ги реализира делумно недоспеаните исплати во јавниот сектор од над 680 милиони евра што ги оставија СДСМ и ДУИ.
Се очекува до крајот на оваа година државниот долг да достигне 53,7 отсто од БДП, додека јавниот 62,7 отсто, според Буџетот за 2025, кој изнесува рекордни 6,5 милијарди евра. Економските експерти се скептични за владиниот планиран раст на БДП од 3,7 отсто, додека позајмените пари главно ќе се користат за исплата на старите долгови.
Овој предвиден раст е спротивен на предвидувањата од 2,5 отсто на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд. Македонската економија раст од 3,7 отсто последен пат имала во 2021 година поради огромниот пад во претходната пандемиска 2020 година.
Со буџетот за следната година приходите се проектирани на 5,8 милијарди евра, што е за 13 проценти повеќе од овогодишниот буџет, а расходите на 6,5 милијарди евра, за 10 проценти повеќе од претходниот буџет. Предвидувањата за дефицитот се над 670 милиони евра, што е 4,5 отсто од БДП.
„Државниот долг нема да ги надмине 60-те проценти. Во однос на јавниот долг, сѐ ќе зависи од тоа какви информации ќе добиеме и од јавните претпријатија во однос на нивната реализација“, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Опозицискиот СДСМ за Буџетот за 2025 рече дека е нереален и неразвоен, а лидерот Венко Филипче ја обвини власта дека предвидува да „трошиме повеќе од тоа што заработуваме, а долгот ќе го враќаме во иднина веројатно со многу повисоки даноци “.
Според податоците од крајот на септември оваа година, државниот долг на Македонија изнесува 7.6 милијарди евра, што е 49,3 отсто од БДП), додека јавниот е 8.8 милијарди евра, односно 56,9 проценти од БДП.
ТРГОВЦИТЕ СО НОЖ ВО ГРБ
Иако во развојните планови на владата нема зелена агенда, нема развој на човечки капитал, грижа за животна средина, стекнување со работна сила, бизнисот ги поздрави политиките на новата влада, пласманот на 250 милиони евра и можноста за нов инвестициски бум во 2025 година.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески рече дека буџетот што го проектираше владата е развоен и значи борба за подобра иднина за граѓаните и бизнисот.
Но, не помина ниту еден месец откако им договори евтини кредити од Будимпешта, бизнисот, односно трговците со храна му го свртеа грбот на Мицкоски.
Новогодишната кошничка, која бизнисот реши сам да ја креира без интервенција на владата, како што беше случај во септемвриската кошничка со ограничување на маржите, не го даде посакуваниот ефект.
Трговците ја излажаа владата и граѓаните и намалија производи што не ги купуваат секојдневно граѓаните, а ги поскапеа основните прехранбени продукти.
Мицкоски, виде не виде, мораше да ги послуша и граѓаните и медиумите, кои десетина дена апелираа дека има неправилности. Тој најави жестока акција од Државниот пазарен инспекторат затоа што добил информации дека некои маркети шпекулираат и се служат со трикови.
– Не може тоа што на нив им беше дадено како право и можност за едни производи, сега да го прават со драматично зголемување на некои други производи, како маслото, лебот, јајца, брашно…. Жестоко ќе се спротивставиме со оние што мислат дека нѐ надмудриле. Срамота е ова што го прават пред празниците што доаѓаат. Сакавме да покажеме добра волја, а видете како враќаат, рече тој.
„БЕХТЕЛ И ЕНКА“ – ОД ИСТОРИСКИ КРИМИНАЛ ДО ИСТОРИСКИ ПРОЕКТ
Кога владејачката ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на Коридорите 8 и 10, го нарекуваа криминален, таен и најавуваа негово репреговарање.
Но, откако седна на функцијата, за министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, ова е најголем проект во поновата историја.
За вицепремиерот Изет Меџити, со продолжувањето на изградбата, се затвора темата за Коридорот 8 како политичка тема.
„Коридорот 8 е приоритет над приоритетите за развој на земјата, за економски развој и воопшто немам дилеми дека „Бехтел и Енка“ следната недела ќе дојдат и ќе бидеме сведоци на реализацијата на проектот “, рече Меџити.
Во Горна Бањица, на 12 септември 2024 година беше одбележан последниот од трите официјални почетоци на градба на автопатиштата. Функционерите првпат фрлија лопата на 4 април, за старт на изградба на Коридорот 8. Камен-темелник на Коридорот 10д означија на 12 мај.
МИЦКОСКИ СОНУВА РАСКРСНИЦА, НИКОЛОСКИ БРЗА ПРУГА
Премиерот Христијан Мицкоски, кој го критикуваше договорот за Коридор 8, рече дека она што било илузија, сега е вистина, бидејќи се работи на терен.
„А тоа е како нашата земја да биде држава домаќин на три раскрсници. А тоа е раскрсница транспортна, железничка и енергетска. Тоа е нашиот сон. Тоа е мојот личен сон и ќе сторам сѐ како претседател на владата да стане и реалност “, изјави Мицкоски.
За разлика од неговиот сон, сонот на Александар Николоски е брза пруга Ниш-Скопје-Солун и тоа за рекордно време, осум години колку што тој планира да биде министер за транспорт и врски.
Пругата Битола – Лерин – Солун, која почнала да се гради во 1891 година, била изградена до 1894 година, за само три години. Македонија како независна држава успеа за осум години да реконструира само 17 километри од истата пруга кон индустриската зона Жабени.
Брзата пруга долж Коридорот 10, како што рече Николоски, е негов сон и вети дека таа ќе биде изградена додека тој е министер, прецизирајќи дека тоа ќе се случи во два мандати.
Проект за брза пруга, која ќе ги поврзе Белград и Солун и ќе минува низ Македонија, постоел уште во 1978 година и била планирана траса по која возовите ќе минуваат со брзина од дури 250 км/ч.
– Изградбата на брзата пруга на Коридoрот 10 е најголем приоритет за државата. Ќе ја почнам и ќе ја изградам. Имаме голем интерес да се изгради брзата пруга по Коридорот 10 со висока технологија по која ќе се движат возови со брзина од 200 км/ч.
Проектот е исплатлив, би чинел поевтино од пругата кон Бугарија, некаде по километар меѓу 6 до 10 милиони евра, што значи ако Македонија има околу 215 километри пруга од Табановце до Гевгелија, тоа би значело некаде од 1,6 милијарди до 2,1 милијарда евра да се изгради пруга со две линии – истакна министерот Николоски.
ЧЕБРЕН ПОВТОРНО НА МАПАТА
Ниту оваа влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема да се откаже од изградбата на деценискиот проект, хидроцентралата Чебрен на Црна Река во Мариово. Сега ќе се разгледува опцијата државата да биде доминантен сопственик на истата.
Министерката за енергетика, Сања Божиновска рече дека за овој проект на маса се седнати сите еминентни професори од различни области. Нова студија нема да се прави, ќе се искористат постојните, а планот е државата да биде доминантен сопственик.
– Во ЕСМ постојат студии од 1960 година кои веќе ги разгледуваме, а последната е од 2022 година. Професорите ги разгледаа сите студии. Ние не сакаме пак да правиме физибилити студија, која може да ни одземе една година, или година и пол.
Сакаме да направиме еден проект, за да видиме што може да се направи затоа што хидрологијата е подложна на климатските промени, рече Божиновска на брифингот со новинарите.
Таа посочи дека има заинтересирани странски инвеститори и дека веќе со нив се разговара.
– Ние сакаме тоа да биде државен проект, меѓутоа ќе видиме колку пари е тоа. Тоа се сериозни средства, но секако, ќе гледаме државата да биде доминантен сопственик. Треба да видиме колку ќе изнесува целиот проект и ќе направиме планови како понатаму да се финансира.
Сигурно ќе биде над 600 милиони евра, или 700 милиони, а може да достигне и до една милијарда евра. За Македонија тоа се многу пари, но ако се земе предвид дека треба да бидеме енергетски независни, треба да инвестираме во тоа. Особено, ако се земе предвид дека во последните три години сме дале 340 милиони евра за увоз на струја, истакна министерката.
Во однос на концесионерите што ископуваат природни богатства и плаќаат ситни суми кон државата, а ревизорот откри дека некои компании правеле финансиски малверзации, Божиновска за 2025 година најави ревизија и контроли на терен, како и нова цена за надоместокот кон државата.
ЌЕ ГО СЛУШНЕМЕ ЛИ ПРВОТО АЛО ОД 4iG?
Групацијата 4iG, преку својата подружница ОНЕ Македонија Телекомуникации и официјално достави писмо за намери до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), изразувајќи интерес за обезбедување на достапни радиофреквенции за да стане нов оператор во Македонија .
Во текот на следните месеци, компанијата ќе соработува со AEК за достапноста на радиофреквенциите и ќе се утврдува годишниот надоместок за радиофреквенции кој унгарскиот оператор ќе го плаќа кон АЕК.
Од искуство од минати постапки за доделување на радиофреквенции преку законски предвидена постапка може да се каже дека во најдобар случај потребни е најмалку 3 до 4 месеци од започнување на постапката, односно можно е веќе во април да зрачи првиот сигнал на третиот телекомуникациски оператор.
Но, нејзината намера да влезе на пазарот на мобилни и фиксни услуги во Македонија ја разбранува јавноста, со оглед на тоа дека се работи за омилена компанија на Виктор Орбан, која патем има стратешко партнерство со кинеска компанија, што, пак, се коси со македонското законодавство.
Истражувањата на дел од унгарските медиуми ја врзуваат оваа компанија директно со премиерот Орбан, кој важи за добар пријател и на македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Според унгарскиот медиум „Директ36“, кој разоткрива злоупотреба на моќ и влијанија, како и корупција, „4iG“ е компанија, која бргу се шири со многу силна владина поддршка.
Според унгарските новинари, 4iG не е поврзан со владата на Орбан само преку финансиски врски, туку e тесно поврзана и со регионалните амбиции за моќ на Орбан, за кого Западен Балкан треба да биде под унгарска сфера на влијание, па затоа компанијата почнала да се шири и во Западен Балкан.