АРХИВА Колку семејствата Угриноски и Мукоски се офајдија од државните тендери?

by Fokus

Текстот е објавен на 3 ноември, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1152

Пишувала Ирена МУЛАЧКА

Кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Цветомир Угриноски ги изгуби локалните избори во Вевчани, каде што по вторпат ја бараше довербата на жителите на најмалата општина во Македонија. Тој на градоначалничкото столче седеше само еден мандат, односно четири години откако во 2013 година ја зацементира победата во општината, која години наназад беше бастион на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа, на 15 октомври не му се посреќи на Угриноски, па тој изгуби уште во првиот круг од изборите, а победата убедливо ја однесе неговиот противкандидат од СДСМ, Сашо Јанкоски, кој е претседател на општинската организација на партијата и машински инженер.

Иако Угриноски многу години се занимава со приватен бизнис, односно има своја приватна фирма, сепак тој одлучи да се испроба и во политичките води, па така, во 2013 година стана градоначалник на Вевчани. Од тогашната опозициска партија СДСМ честопати беше обвинуван дека од ветените проекти во предизборието ништо не реализирал и дека него го интересираат само бизниси и тендери за лично богатење. Од таму уште тврдеа дека тој е познат и по уривањето на објектите на политичките неистомисленици, како и дека општината ја претворил во фамилијарна испостава.

Вевчани е една од најмалите општини на територијата на Македонија и во неа живеат само 2.500 жители. Веќе подолг период оваа општина ја бие глас дека со неа управува позната вевчанска фамилија, чиј бизнис цвета, а тоа особено се почувствувало за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Слободно може да се направи листа на профитабилни компании, кои на пазарот функционираат повеќе од 20 години, но за време на децениското владеење на ДПМНЕ во бизнисот го достигнале врвот – тендери добиваат од сите државни и локални институции, па дури и инкасираат вртоглави профити од кои боли глава.

Но, да почнеме по ред. Станува збор за фамилијата Угриноски, чија семејна империја од година во година расте, а колку милиони евра се офајдиле од буџетот покажува и веб-страницата на Бирото за јавни набавки, каде што можат да се пронајдат сите тендери што ги добиле од државата.

ПЕТ ФИРМИ СЕ ВРТАТ ВО СЕМЕЈНИОТ БИЗНИС

На врвот на семејното стебло на фамилијата Угриноски се двајцата браќа Ѓорѓи и Цветомир, екс градоначалникот на Општина Вевчани, кои своите бизнис-империи ги почнуваат со отворање две градежни фирми. Со текот на времето, компаниите напредуваат, па така нивниот бизнис не се ограничува на градежништвото, туку тие продолжуваат да се надградуваат во други области и да отвораат нови фирми, со кои подоцна управуваат нивните деца.

Со само едно отворање на страницата на Бирото за јавни набавки, лесно може да се пронајде една од компаниите, која е под раководната палка на Цветомир Угриноски, поранешниот градоначалник на Вевчани.  Станува збор за градежната фирма „ВИА инженеринг“ ДОО увоз-извоз Цветомир Вевчани, која, според документите од Централниот регистар, е основана во 2000 година, а чија приоритетна дејност е изградба на станбени и нестанбени објекти.

Нејзиното име најчесто се поврзува со добивањето голем број државни тендери, односно се среќава таму каде што има потреба од изградба на згради, болници, училишта, како и реконструкција на студентски домови и детски градинки. „Фокус“ ги изброја повеќето тендери достапни на страницата на БЈБ што ги добила компанијата, меѓутоа од тоа што можевме да го забележиме, врвот во својата работа, фирмата го достигнала во 2013 година, кога Угриноски седнува на градоначалничката фотелја.

„Фокус“ веќе објави дека вевчанската градежна фирма како единствен понудувач во 2013 година добила тендер од Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор за изведба на градежни, занаетчиски и инсталатерски работи. Договорот е склучен на 14 март, истата година во вредност од вртоглави 629.603 евра. За само неколку дена, истата институција склучува уште еден договор со „ВИА инженеринг“ ДОО, каде што и во овој случај градежната компанија настапила како единствен понудувач на тендерот, односно се повторила постапката исто како и во претходниот тендер, но за далеку поголема сума пари. Според податоците на Бирото за јавни набавки, оваа бизнис-зделка изнесува 1.983.508 евра.

Две години подоцна, на 26 ноември 2015 година, фирмата на Угриноски склучува договор и со Министерството за здравство за реконструкција на болницата „Св. Еразмо“ во Охрид, а вредноста на договорот изнесува 3,5 милиони евра. На тендерот биле пријавени пет фирми, а според официјалните податоци од склучениот договор, победничката фирма ја дала најниската цена. За само четири месеци подоцна, Општина Аеродром случува договор со истата фирма за доградба на детска градинка. Според податоците на БЈБ, на тендерот конкурирале дури 15 фирми, а пресудно за вевчанската фирма да го склучи договорот, кој тежи 441.300 евра, била најниската цена.

Официјалните податоци, исто така, покажуваат дека компанијата „ВИА инженеринг“ ДОО увоз-извоз Цветомир Вевчани не прекинала со добивањето тендери, па така во 2016 и во 2017 година добила тендери од АДССПП за извршување градежни работи за одржување на УЕФА Супер купот во фудбал, во август 2017 година. На тендерот биле пријавени шест фирми, а најниската цена била главниот критериум за вевчанската фирма да го лапне тендерот. Договорот бил склучен на 21 септември, 2016 година, во вредност од 2,1 милиони евра. Вториот договор бил склучен за изведување дополнителни работи за УЕФА купот, само шест месеци подоцна, на 10 март, 2017 година, чија бизнис-зделка тежела 287.707 евра. Уште два тендери добила вевчанската фирма за УЕФА Супер купот во фудбал и според официјалните податоци може да се забележи дека тие тендери се договорени во четири очи, односно имало постапка со преговарање без претходно објавување оглас, што значи дека Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор предвреме ја избрало вевчанската градежна компанија како најповолен понудувач.

На само една недела пред одржувањето на првиот круг од локалните избори, полицијата поднесе кривична пријава против тогашниот вевчански градоначалник Цветомир Угриноски, под сомнение дека ја злоупотребил службената положба. Во извештајот на финансиската полиција се наведува дека екс градоначалникот на Вевчани се сомничи оти заедно со уште шест лица во текот на 2013 година спровеле постапка за јавна набавка, при што првиот човек на Општината потпишал одлуки спротивни на законот, со кои иницирал постапка за јавна набавка за изградба на потпорен ѕид на простор каде што требало да биде изградена спортска сала, иако знаел дека градежните работи се веќе завршени пред да биде објавен јавниот оглас.

ТЕНДЕРЏИЈА БРОЈ ЕДЕН

За разлика од екс градоначалникот на Вевчани, името на неговиот брат Ѓорѓи Угриноски почесто се појавуваше во медиумите, а тој ѝ стана познат на јавноста како сопственик на градежната фирма, која ги изведуваше градежните работи во Општата болница во Охрид, која за време на целата реконструкција ја следеа низа скандали. И тој, исто како и неговиот брат, може да се стави на листата тендерџии кои во последните неколку години, додека ДПМНЕ беше на власт, добиваа милиони евра од државата.

Според документите од Централниот регистар, Ѓорѓи е сопственик на фирмата ВИА ДОО увоз-извоз Вевчани, каде што, исто така, фигурира и како овластено лице. Официјалните документи покажуваат дека оваа фирма има уште еден сопственик, Марица Угриновска. Историјата на ВИА ДОО е позната. Основана е на 13 декември, 1991 година, што значи дека на бизнис-пазарот опстојува речиси 26 години. Нејзината приоритетна дејност е изградба на станбени и нестанбени објекти.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, последните тендери што ги добила вевчанската фирма биле од Министерството за образование за изведба на рехабилитација на три училишта во Македонија. Договорот е склучен на 20 јануари, 2017 година, во вредност од 50.785 евра. Исто така, оваа фирма на 11 август 2016 година склучила договор со Општина Центар за реконструкција на основното училиште „Гоце Делчев“, чија бизнис-зделка чини 362 илјади евра. На тендерот биле пријавени шест фирми, а податоците покажуваат дека победничката фирма понудила најниска цена.

Градежната фирма во 2016 година добила тендер и од Министерството за транспорт и врски во вредност од 123.807 евра.

„Фокус“ веќе пишуваше дека Ѓорѓи Угриноски се најде на мета и кога на Бирото за јавни набавки во 2014 година осамна тендер за санација на студентскиот дом „Гоце Делчев“. Според податоците на БЈБ, Министерството за образование склучило договор со градежната фирма „ВИА“ од Вевчани за реконструкција на најголемиот студентски дом. Договорот бил склучен на 6 август, 2014 година, со што е направена бизнис-зделка од речиси 1,3 милиони евра. Покрај фирмата „ВИА ДОО“, на тендерот учествувале уште девет други фирми, ама од ресорното Министерство ја објавија оваа фирма како најповолен понудувач, при што главниот критериум била најниската цена.

Истата фирма пред речиси четири години добила тендер од Министерството за образование и за студентскиот дом „Стив Наумов“, кој се наоѓа во скопската населба Автокоманда. Договорот бил склучен на 7 октомври, 2013 година, во вредност од 303 илјади евра за изведба на градежно-занаетчиски работи за инфраструктурната мрежа во студентскиот комплекс. А, според пишувањата во медиумите, токму оваа фирма ги градеше и другите објекти на овој студентски дом, при што на поставувањето на камен-темелникот присуствуваше и екс премиерот Никола Груевски.

На веб-страницата на Бирото за јавни набавки може да се види дека вевчанската фирма работела и на реконструкцијата на вилата „Стар Дојран“, а за обновата на овој објект била ангажирана од владата, преку тендер. Овој договор тежи 105.000 евра.

„Фокус“ се обиде да стапи во контакт со Угриноски, но тој не одговараше на нашите телефонски повици. Му испративме и мејл со неколку прашања до фирмата, но до затворањето на овој број од весникот не добивме одговори.

БРАТОТ НА „ВРАТАРОТ“ МУКОСКИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ ДВЕ ГОДИНИ ДОБИЛ ТЕНДЕРИ ТЕШКИ 4,2 МИЛИОНИ ЕВРА

Сепак, проширувањето на семејната империја не застанува тука. Угриноски постепено навлегуваат и во здравствениот сектор, па само една година по доаѓањето на власт на „вмровците“, една од ќерките на Ѓорѓи, Марица Угриновска Баткоска отвора приватна здравствена установа – аптека ВИА ФАРМ Вевчани. Според документите од Централниот регистар, фирмата е основана на 9 јануари, 2007 година, со што се отворени неколку аптеки во Струга и во Охрид, а Угриноска-Баткоска, исто така, се води и како овластено лице на подружниците.

Само шест години подоцна, тие го прошируваат својот семеен бизнис, па почнуваат и со производство на вино од грозје. Па така, наредна на листата е компанијата ВИА Винарија ДОО, која според податоците од Централниот регистар е основана пред само четири години, на 22 август, 2013 година, но е во ликвидација. Податоците покажуваат дека фирмата има четири сопственици, и тоа Ѓорѓи, Елка, Марица и Ефимија Угриноски, односно неговата сопруга и двете ќерки.

Од друга страна, неговата трета ќерка Сања Угриновска Спасеновска не фигурира на ниту еден од документите, но затоа, пак, таа беше вработена во кабинетот на поранешниот спикер на Собранието, Трајко Велјановски. Спасеновска е сопруга на екс пратеникот од ДПМНЕ, Александар Спасеновски, кој во моментов нема никаква политичка функција и е професор на скопскиот Правен факултет.

Инаку, сопствениците на компаниите се во тесни роднински врски со истакнати функционери и членови на опозициската партија. Еден од нив е пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, кој е внук на двајцата браќа Цветомир и Ѓорги, а син на нивната сестра. Тој постигна „слава“ во јавноста откако на 27 април, познат како крвавиот четврток ги отвори собраниските врати за да влезе толпата народ, која подоцна ги претепа пратениците од парламентарното мнозинство. Мукоски, исто така, беше и член на Извршниот комитет на оваа партија и заменик-директор на државната компанија за пренос на електрична енергија МЕПСО. Тој може да се најде и на листата донатори на партијата во повеќето изборни циклуси.

Семејството Мукоски, исто така, има приватен бизнис, но името на вевчанскиот пратеник не фигурира на ниту еден од документите. Станува збор за фирмата „Атриум ДОО Вевчани“, каде што според документите од Централен регистар може да се забележи дека има двајца сопственици, неговиот татко Милан и Бобан Мукоски, кој е брат на пратеникот. Компанијата е основана на 13 мај, 1994 година и функционира речиси 23 години. Како управител на фирмата се води братот на Крсто Мукоски, а нејзината приоритетна дејност е изградба на станбени и нестанбени згради.

На една од собраниските седници беше нагласено дека оваа фирма, само во последните две години добила тендери од државата во вредност од 4,2 милиони евра.

Исто така, на само два дена од првиот круг пред локалните избори, владиниот портпарол Миле Бошњаковски истакна дека еден од случаите се однесува на сомнителни набавки во Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор од страна на фирмата „Атриум“.

Во овој случај, според Бошњаковски, постојат индиции дека се користени дампинг цени за стоки и услуги, за кои реално се знаело дека нема да бидат набавувани со цел оваа компанија да биде најдобро рангирана во тендерската постапка.

Рамка 1:

СЕМЕЈСТВОТО УГРИНОСКИ ГО ИГНОРИРА „ФОКУС“

„Фокус“ испрати официјални мејлови на сите фирми, за сопствениците и овластените  лица на подружниците да ни објаснат во какви релации се со сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дали во тој период почнува да се проширува семејната империја и колку државни тендери добиле во последните неколку години. Но, до затворањето на овој број од весникот од таму не добивме одговори.

Рамка2:

БИЗНИСМЕНОТ СИ ЈА ОДНЕЛ ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ФОТЕЛЈА ДОМА

Поранешниот градоначалник на Вевчани, Цветомир Угриноски, при неговото заминување од Општината, со себе ја зел и фотелјата, објави новиот градоначалник Јанкоски. Угриноски ги изгуби изборите уште во првиот круг, кој се одржа на 15 октомври годинава.

Поврзани новости