Текстот е објавен на 17 октомври 2024 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.515.
Имотната состојба на премиерот Христијан Мицкоски беше тема и на вчерашната собраниска седница за пратенички прашања, на која лидерот на Левица Димитар Апасиев му го спомена бизнисот со хидроцентрали и воедно го праша како со професорска плата стекнал саат од 60 илјади евра? Притоа, Мицкоски одговори дека работел, заработил и оставил данок во буџетот повеќе од половина милион евра. Сепак, и во оваа прилика тој не обелодени со кои точно луѓе и субјекти соработувал кога ги заработил средствата, исто како што не одговори ниту за „Фокус“ кога ја обработувавме темава. Имено, премиерот неколкупати јавно повикува надлежните органи да му го испитаат потеклото на имотот, но истовремено одбива да открие колку точно средства инвестирал, а колку заработил од малите хидроцентрали, како и кои се луѓето од, како што самиот вели, европскиот бизнис-крем со кој седел на маса, каде се склучувале зделки во делот на трговија со струја вредни стотици милиони евра. Додека не одговара на конкретното прашање дали соработувал со најмоќните регионални играчи, кога е во прашање бизнисот со трговија со струја – Војин Лазаревиќ и Вух Хамовиќ, таква дилема нема за министерката за енергетика, Сања Божиновска, која била директорка на компанија, чиј мнозински сопственик е токму Лазаревиќ. Тој и Хамовиќ беа присутни во земјава преку „ЕФТ Македонија“, чиј долгогодишен директор беше бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев, кого САД го стави на „црна листа“ поради „вмешаност во значителна корупција“.
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Откако стана премиер, Христијан Мицкоски, во неколку наврати јавно се пријави да биде првиот јавен функционер од кој ќе почне процесот на испитување на потеклото на имотот, со цел да се утврди кој поседува имот со покритие, а кој поседува имот што не може да го оправда преку оданочени приходи, уреден заем, наследство или друг основ, што автоматски би значело дека го стекнал, најблаго речено, на сомнителен и нелегален начин.
– Нека почнат од мене прво. Дека има политичка волја, тоа е апсолутно – порача Мицкоски во интервјуто за „Фокус“ што го реализиравме во август годинава, кога уште течеше медениот месец од 100 дена на новата влада. Како што додаде тој, во текот не летото ќе се случува транзиција на власта и тој процес ќе фати до половина на септември, по што, како што рече, следуваат реформите.
– Во текот на летото очекуваме институционалната транзиција да заврши и веднаш потоа да се зафатиме со реформите. Дел од реформите ќе ги правиме и паралелно ова лето, меѓутоа целта ни е прво да го стабилизираме системот. Полека, но сигурно, се стабилизира системот, се прави транзицијата, и откако тоа ќе се направи…
Поминаа заменик-министрите, помина ребалансот, дел од институциите избраа ново раководство, полека и останатите. Го стабилизираме системот, ги лоцираме проблемите и откако тоа ќе го завршиме, веќе почнуваме еден робусен реформски процес. И тука нема застанување, нема време за чекање – говореше Мицкоски.
Во меѓувреме, помина летото и календарски влеговме во есента, меѓутоа досега не слушнавме и дознавме дека почнал и тече некаков крупен процес на испитување на потекло на имот на министри, пратеници, судии, обвинители и други функционери. Сепак, периодов премиерот продолжи да говори на оваа тема и повторно ја испрати пораката надлежните органи прво да го прочешлаат него и неговите најблиски.
–Да се вкрстат базите во државата и да се испита потеклото на имотот на политичари, судии, обвинители… Тоа може многу лесно со последните измени во Законот за финансиска полиција, тоа да го прави финансиската полиција, има такви овластувања. Таму настана промена на раководството и мислам дека е одлична можност да ги вкрстуваме базите на УЈП, Централен регистар, Катастар… И да видиме што се случувало – рече Мицкоски на Канал 5.
Додека тој настојува да се испита потеклото на имотот на функционери, па дури и самиот се нуди од него да почне овој процес, истовремено се обидува да ја убеди јавноста дека целокупниот имот транспарентно го пријавил пред антикорупционерите, а за сите приходи уредно платил данок во УЈП. Во таа насока, покрај вредната куќа во Скопје, тој пријавил и 2 релативно скапи рачни часовници, кои го привлекоа вниманието на јавноста. Исто така, пријавил и уметнички слики.
Паралелно со тоа, Мицкоски раскажува дека заработил пари од инвестицијата во мали хидроцентрали, како и од зделки при трговија со електрична енергија, кои, според негови кажувања, биле во вредност од стотици милиони евра. Ако неговиот ангажман во изградбата на мали хидроцентрали е отприлика позната и апсолвирана тема, иако и тука има низа прашалници, голема енигма се неговите активности во делот на трговија со струја. Со кои фирми и луѓе соработувал во таа сфера?
Инаку, мора да се напомене дека испитувањето на потеклото на имотот не треба да се гледа само од аспект на премиерот и други државни функционери, туку во поширок контекст на борба против криминалот и корупцијата и против незаконското богатење преку трговија со влијание и злоупотреба на положбата и моќта. Всушност, само преку вакви постапки за чешлање на имотот, и тоа не само на функционерите, туку на сите граѓани, можна е целосна декриминализација на државата. Но, дали има политичка волја за таков зафат?
ОД ПИКАВЦИ ДО БИЗНИС-КРЕМОТ
За неговиот животен пат и професионален развој, премиерот Мицкоски поопширно и подетално зборуваше во „Лазаров поткаст“. Притоа, тој рече дека откако завршил Машински факултет како студент на генерација со просек 9,63, работел во салон за автомобили, каде што бил метлар и собирач на пикавци. Таму се задржал само еден ден, а по враќањето од студискиот престој во Италија се вработил во „Фонко“, добро позната компанија за клима-уреди.
–Првиот работен ден во „Фонко“ беше метлата и правосмукалката откако овие што ќе местат клима, ќе завршат работа и јас ќе собирам. Тоа траеше некое време, сфатив дека така треба да се почне. Така беше сѐ додека еден инженер не замина и јас ја добив неговата позиција, првпат да седнам и нешто да проектирам, термотехничка инсталација. Тогаш почнувам да добивам сериозна шанса. Правам десетици објекти, сѐ до еден момент кога професорката Емилија Ветаџоковска не ме повика и ми кажа дека има отворено место и да бидам асистент на факултет.
А јас напредувам молњевито во фирмата, финансиски жестоко… Сум напредувал додека двајцата сопственици на „Фонко“ не ми понудија директорско место на фирмата што ја отворија во Полска, каде што сакаа да се прошират. Од 118.000 денари, замисли тоа беше во 2003 година, многу сериозни пари, јас доаѓам на Машински факултет, каде што првата плата ми беше дали 12, 14 или 16 илјади денари… – рече Мицкоски.
Потоа, тој продолжи да раскажува дека неговата прва и единствена цел била да стане редовен универзитетски професор како неговиот татко Иван Мицкоски, кој веќе бил на факултетот, и како што рече помладиот Мицкоски, го советувал да се запише на Машински наместо на Природно-математички факултет со зборовите: „дојди тука, ќе имаш занает“. Потоа, говореше за тешките времиња од финансиски аспект.
–Почнавме со стан во Карпош од педесетина квадрати, работев како асистент на факултет и дополнително работев на А-тест на возила (Машински факултет беше овластен да врши проверка на увезените возила), благодарение на професорот Данев, кој ме ангажираше и ми овозможи да заработам уште една плата, зашто со една плата не се стигнуваше. Сопругата тогаш работеше во гимназијата „Орце Николов“, но имаше 4-5 илјади денари плата, мајка ми ни даваше 50 евра секогаш кога ќе земеше плата…
Успеав да заработам некој денар и од вложување во акции… Идејата е од колеги во институтот каде што работев. Тука беше Виктор Гавриловски, кој почна пред мене, а потоа и Даме Коруноски. Сметавме дека тоа е начинот кој допрва доаѓа и така беше во тие години 2005-2007. Берзата беше во почетна форма, надвор од сите рамки. Ако сме заработиле 15-20.000 евра беше огромно богатство за нас, зашто сме вложиле 1-2 илјади евра – вели Мицкоски.
По извесно време, како што тврди тој, се откажал од берзата и почнал да дејствува во енергетскиот сектор. Како што рече, работел проекти во делот на обновливата енергија, па се запознал и со многу луѓе надвор од државата со кои работел во делот на трговијата со електричната енергија. Така, по докторирањето и изборот за доцент на факултет, вели дека почнал да влегува да работи „големи проекти од десетици милиони евра“, додека во делот со трговија со струја учествувал во „операции со стотици милиони евра“.
–Точно е дека купив барака за 80.000 евра, која ја урнав и ја изградив куќата каде што живееме со нашето семејство. И вредноста на таа семејна куќа е таа пријавена во анкетниот лист. Точно е дека само со професорска плата не би можел да направам таков дом. Но, заедно со мојот партнер изградивме неколку мали хидроцентрали од неколку десетици милиони евра, од што заработив. Точно е и дека, работејќи за неколку мултинационални компании од регионот и од Европа учествував во зделки каде што се тргуваше електрична енергија од неколку стотици милиони евра. И заработив, за тоа сум си платил данок…
Не се срамам што сум се борел, не сум седел на страна, не сум очајувал и не сум критикувал, туку сум сфатил дека животот е таков и дека е суров и дека животот не се социјалните медиуми, приказните, туку една голема борба и сум влегол во таа борба. Сум почнал со собирање пикавци и метење, па сѐ до моменти кога сум седел со европскиот бизнис-крем на маса, каде што се заклучувале договори од неколку стотици милиони евра. И тоа искуство денес ми помага во политичкиот живот, зашто знам како тие луѓе размислуваат кога ќе дојдат кај мене, бидејќи сум бил дел од нив во дел од мојот живот, на многу млади години – истакна Мицкоски.
КОНЗОРЦИУМ ЗА МАЛИ ХИДРОЦЕНТРАЛИ
Фактички, Мицкоски сака да каже дека преку дејствувањето во приватниот и, пред сѐ, во енергетскиот сектор, каде што бил присутен преку мали хидроцентрали, а учествувал и во милионски операции со трговија со струја, заработил значителни средства. Впрочем, на тој начин премиерот објаснува како изградил куќа во Влае од 343 квадрати вредна 27 милиони денари, како стекнал часовници од 3 милиони денари, уметнички слики од над 600 илјади денари.
Во тој контекст, неговите изјави за големите заработки во реалниот сектор се темелат на 2 столба. Првиот е партиципацијата во компанија што поседуваше концесии и изгради неколку мали хидроцентрали во источна Македонија. И вториот е неговото учество во операции со трговија со електрична енергија, за што има многу нејаснотии или народно кажано – празни дупки. Но, прво да се потсетиме за неговиот бизнис со мали хидроцентрали…
Имено, темата за дејствувањето на Мицкоски во полето на производство на струја преку хидропотенцијал, „Фокус“ ја обработуваше уште во 2018 година, кога актуелниот премиер беше тукушто избран лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. За потсетување, Мицкоски го наследи Никола Груевски на чело на партијата на крајот на 2017 година. Претходно, Мицкоски му беше советник на Груевски за енергетика (остана да му биде советник и на техничкиот премиер во пржинската влада Емил Димитриев), а кус период беше и директор на АД ЕСМ или поранешно ЕЛЕМ.
Една година откако стана опозициски лидер, тогашната власт почна да го прозива Мицкоски да одговори како ја изградил првата хидроцентрала и како добил концесии од владата на ВМРО-ДПМНЕ? Без оглед на мотивите и заднината на ваквите напади, тоа бездруго го пројави нашиот интерес да бараме одговори на прашањата во кои компании Мицкоски има или имал удели, кои се неговите соработници, колку хидроцентрали изградиле и каде се лоцирани? И најбитно – дали постојат индиции за одредени злоупотреби, маневри или прекршувања?
Врз основа на Законот за води и Законот за концесии и јавно приватно партнерство, во јануари 2014 година, Министерството за екологија објави јавен повик за доделување концесија за користење вода за производство на струја од сливовите на реките Вардар, Треска, Брегалница, Струмица и Црн Дрим. Повикот им дозволуваше право на учество на сите домашни и странски правни лица, кои требало да достават потврди за регистрирана дејност, биланс на состојба и успех за 2011, 2012 и 2013 година, потврди дека против нив не се води стечајна постапка…
Покрај другите, на овој повик учествувала компанија каде што малцински сопственик беше Мицкоски. Поточно, оваа фирма формирала конзорциум со друга компанија, кој добил концесија за изградба на хидроцентрала на реката Брегалница со капацитет од 868 киловати, како и концесија за изградба на 2 хидроцентрали на Клепалска Река, од кои едната е со капацитет од 180, а другата од 313 киловати – сите се наоѓаат во реонот на Пехчево. Конзорциумот го формирале „Минка“ ДА од Струмица и „Енерготек“ од Скопје.
Според официјалните податоци, „Енерготек“ е формирана во мај 2014 година за издавање и управување со недвижен имот со основна главнина од 10.000 евра, од страна на 6 косопственици. Најголем содружник со влог од 3.600 евра беше генералниот директор на прилепска „Витаминка“ Сашо Наумоски, по кој следуваа Орце Тодоровски со влог од 2.200 евра, Димитар Димовски со влог од 1.400 евра, Трајче Николоски со влог од 1.200 евра, а Мицкоски имаше влог од 1.000 евра. На крајот, најмал удел од 600 евра поседуваше Стефан Трајкоски, кој воедно беше и управител на друштвото.
Оттука произлегува дека Мицкоски учествувал со мал процент во сопственичката структура на „Енерготек“, каде партнер беше со блиски пријатели. Како што е познато, тој е пријател со Тодоровски, додека соработувал и со Димовски, поранешен раководител на секторот за урбанизам и државен советник за урбанистичко планирање во Министерството за транспорт и врски за време на министерувањето на Миле Јанакиески. По политичките промени и лидерската смена во ДПМНЕ, Димовски стана член на партискиот Извршен комитет, но во меѓувреме го снема од јавноста.
Во време на објавување на сторијата на крајот на 2018 година, споменатиот Стефан Трајкоски беше управител и косопственик на компанијата за инженерство и техничко советување „Фонко Хидро“, заедно со Војдан Трајковски. Историјатот на друштвото покажува дека прв сопственик на оваа компанија е „Фонко ИНТ“, која ја формирала „Фонко Хидро“ само 4 дена пред да падне во стечај кон крајот на 2010 година. На средината на 2012 година, пак, нов газда на „Фонко Хидро“ станува Милан Тасевски, за во ноември истата година на негово место да дојдат Трајковски и Мицкоски.
СОВЕТНИК ЗА ЕНЕРГЕТИКА И ДИРЕКТОР
Колку за информација, партнерите во „Енерготек“ биле единствени сопственици на „Фонко Хидро“ сѐ до септември 2015 година, кога Мицкоски излегува од компанијата, а во април истата година станува советник во премиерскиот кабинет на Груевски. Како и да е, тој и неговите некогашни партнери во „Енерготек“ формирале конзорциум со струмичка компанија, кој практично учествувал во постапката за добивање концесија за изградба на три хидроцентрали. Тоа е компанијата „Минка“ – ДА“ на струмичанецот Драги Василев, формирана во 2002 година за трговија на мало со моторни горива и мазива.
Зошто соработката меѓу „Минка ДА“ и „Енерготек“ е од исклучителна важност за добивањето на концесијата? Токму поради „Минка ДА“, конзорциумот се квалификува да учествува во постапките за концесија, со оглед дека еден од условите во јавниот повик налага заинтересираните компании во 2011, 2012 и 2013 година да имаат вкупни приходи од најмалку 500 евра по киловат час, што во превод значи да имаат приходи од над 434.000 евра за хидроцентрала на Брегалница, односно најмалку 246.500 евра за хидроцентралите на Клепалска Река.
Ако се знае дека „Енерготек“ била новоформирана компанија, испаѓа дека овој услов бил исполнет благодарение на „Минка ДА“, која, според финансиските извештаи, во трите години остварила приходи од над 12 милиони евра. Поради концесиите за изградба на хидроцентралите, здружените „Минка ДА“ и „Енерготек“ во август 2014 година ја формирале компанијата „Минка-Енерготек“. Но, набргу се менува соодносот на силите…
Првично, „Минка ДА“ поседувала повеќе од половина од уделите во заедничката компанија, но во 2017 година доаѓа до пренос, така што „Енерготек“ стекнува 99 отсто од главнината во „Минка-Енерготек“, претставени преку основна главнина од 620.000 евра. Од тоа може да се заклучи дека „Минка ДА“ на почетокот била носечка компанија во конзорциумот, играјќи клучна улога за задоволување на условите од јавниот повик, но откако административните процедури и градежните зафати завршиле, се повлекла на сметка на „Енерготек“.
Една година по формирањето на „Енерготек“ и 8 месеци откако конзорциум со „Минка ДА“ ја добил концесијата за изградба на 3 хидроцентрали во Пехчево, Мицкоски му станува советник за енергетика на Груевски. Арно ама, еден месец откако бил назначен на оваа позиција, или во април 2015 година, „Минка-Енерготек“ го склучува договорот за концесија со Министерството за екологија, за подоцна во текот на годината да добие согласност од владата за закуп на земјиште за изградба на централите. Непосредно пред Мицкоски да стане директор на ЕЛЕМ во октомври 2016 година, пак, регулаторот издава лиценци за работа на централите.
Тогаш, СДСМ јавно го прашуваше Мицкоски дали знаел дека владата на Груевски ќе објави јавен повик и дали однапред ги договорил концесиите? Реагирајќи на ваквите обвинувања, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека поседува 7 проценти од акционерски капитал на 3 хидроцентрали во вредност од 3 милиони евра, што претставува 200.000 евра, кои, како што рече, ги заработил пред да влезе во политиката. Целокупната инвестиција, велеа од ВМРО-ДПМНЕ, е реализирана со 20 отсто сопствени средства на инвеститорите и 80 отсто кредит.
Две години откако беше објавен овој текст, „Фокус“ обелодени дека Мицкоски излегол од сопственичката структура на „Енерготек“. Откако тој во неколку последователни јавни настапи велеше дека го продал уделот во компанијата, но не откриваше за која сума го направил тоа, туку единствено истакна дека „бил на своето“, одлучивме да извршиме увид во регистарската влошка во компанијата. Што откривме?
На 29.07.2019 година, Мицкоски склучил договор за пренос на удел со Жан Чупаркоски од Прилеп. Во договорот, меѓу другото, се наведува дека Мицкоски поседувал удел од 7 проценти во „Енерготек“, кој му го пренесува во целост на Чупаркоски за надомест од 700 евра или 43.400 денари. Воедно, во договорот стои и дека по истапувањето Мицкоски нема никаква права, обврски или идни побарувања од друштвото, а новиот содружник Чупаркоски ќе учествува во добивката и ќе ја покрива загубата.
Доколку се погледнат финансиските извештаи на „Минка-Енерготек“ во последните 5 години, приходите се движат меѓу 14 и 21 милиони денари, а добивките, во оние години кога постојат се разбира, се незначителни. Уште помал обрт има самостојно „Енерготек“, чии приходи и профити се движат околу неколку илјади евра. Кога тоа ќе се земе предвид, во комбинација со продажбата на уделот за 700 евра, не може да се констатира дека Мицкоски многу се офајдил од овој бизнис.
СКРИЕНИ ФАКТИ ВО БИОГРАФИЈАТА
Кога станува збор за „Енерготек“ и „Фонко Хидро“, неодамна „Фокус“ забележа дека Мицкоски не ги навел во биографијата што ја достави до пратениците како мандатар. Наспроти тоа, уредно навел дека работи на Машинскиот факултет, но и дека работел во „Фонко“. Од Владата ни одговорија дека премиерот „во континуитет покажува исклучително високо ниво на транспарентност за неговото професионално искуство и активностите што ги има преземено во минатото“. Едно е биографија, велат од таму, а друго е каде некогаш имал удел или работел.
„Во биографијата тој го наведува својот работен ангажман во компанијата „Фонко“, бидејќи станува збор за негова прва значајна професионална улога. Во „Фонко“ работел најпрво како инженер за климатизација, а потоа како одговорен проектант на системи за климатизација и вентилација. Последната понуда во таа компанија е да биде директор на претставништвото на компанијата во Полска, но одлуката на Мицкоски е да се вклучи во академската средина и да биде дел од наставниот кадар на Машинскиот факултет.
Додека „Фонко Хидро“ е компанијата што ја основал заедно со еден од сопствениците на „Фонко“ во 2010 година. Основна дејност на компанијата била проектирање, инженеринг и изведба на енергетски објекти. Компанијата целосно ја напушта и уделот го продава во првата година откако станал претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Одлуката, пак, да не се спомене друга компанија („Енерготек“) е резултат на фактот што тоа не е воопшто релевантно за конкретната функција што тој ја извршува“, гласи одговорот што го добивме од Владата.
Освен овие 2 компании, Мицкоски во биографијата не го навел ниту искуството со трговија со електрична енергија, за кое со гордост јавно говори дека му донело заработка и му било значајно сега во политиката. Кога зборува дека работел со бизнис-кремот во регионот во Европа и учествувал во зделки во трговија со струја од неколку стотици милиони евра, на кого ли мисли Мицкоски? Со кои фирми и луѓе во светот на струјата соработувал?
„Претседателот Христијан Мицкоски во изминативе повеќе од 7 години е активно вклучен во политичкиот живот во државата и доколку имало било какви недоследности, досега ќе реагирале институциите, дотолку повеќе што за се што било поврзано со неговиот финансиски и имотен статус минатата Влада постојано го анализираше. Истовремено, фактот што сега повторно овие теми се појавуваат како теми од интерес и се наметнуваат постојано, иако се редовно објаснувани и самоиницијативно презентирани во јавноста од страна на премиерот, е исто така индикативно.
Секако, мораме да напоменеме дека премиерот останува на располагање и до крајот на својот мандат во недостиг од други продуктивни прашања да одговара и на оваа тема колку и тоа да е потребно. И за жал или за среќа, одговорот на ова прашање секогаш ќе биде ист, впрочем така е секогаш кога човек нема што да крие и ја кажува вистината“, ни одговорија од Илинденска на прашањето колку Мицкоски инвестирал и колку заработил со хидроцентралите, како и со кои лица и фирми соработувал кога вели дека седел на маса со бизнис-кремот и бил дел од милионски зделки поврзани со трговија со струја?
Во врска со ваквиот одговор, упативме забелешка дека нашето прашање не беше со вградена претпоставка дека тука има нешто незаконско, ниту, пак, ние сме ја актуализирале оваа тема. Но, кога веќе Мицкоски самиот зборува на темата на неколку настапи и споменува милионски зделки со трговија со струја, побаравме да се откријат сите подробности, бидејќи сметаме дека треба да знаеме кои се тие луѓе со кои денешниот премиер соработувал, за да може да следиме нивни потенцијални активности во земјава, од аспект дали би биле привилегирани или фаворизирани во иднина.
А, кога се говори за бизнис-крем во трговијата со струја во регионот прва асоцијација секако се Војин Лазаревиќ и Вук Хамовик, кои своевремено беа партнери во гигантот „ЕФТ“, чиј генерален директор во земјава долги години беше бизнисменот и поранешен премиер Кочо Анѓушев. Иако упативме дополнително прашање дали Мицкоски соработувал со двоецот Лазаревиќ-Хамовиќ, или, пак, со некоја нивна компанија или испостава, од Владата не добивме конкретен одговор. Единствено, ни беше посочено дека остануваат на првично дадениот одговор.
Но, она што е дефинитивно сигурно е дека со еден од нив директна бизнис и деловна поврзаност има друг член на Владата. Се работи за министерката за енергетика, Сања Божиновска, која, на покана на Мицкоски, се врати во земјава по долги години работа во странство, за да застане на чело на новоформираното Министерство за енергетика. Претходно работела во повеќе фирми што дејствуваат во енергетиката, а како што самата вели, со премиерот се познаваат повеќе од 15 години.
НАЈИМОТНАТА МИНИСТЕРКА
Во рамки на поткастот „Бизнис муабети“, Божиновска рече дека се отселила од земјава во 1998 година. Студирала во Холандија и во Италија и работела во повеќе компании, главно во делот на трговија со струја, а во последно време и консалтинг. По цели 26 години живот и работа во земји-членки на ЕУ, прво прифатила да му биде советник на Мицкоски како опозициски лидер, а по политичките промени одлучила да стане дел и од новата влада како министерка за енергетика, откако претходно стана и дел од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, проблематиката со трговија со струја многумина не ја разбираат, односно, како што вели, многумина не разбираат дека во тој сегмент се е регулирано и нема простор за манипулации. Сѐ што влегува во државата, појаснува таа, се евидентира во МЕПСО, без разлика дали е увоз, извоз, производство. Без оглед што нема потреба да работи и може да живее само од кириите од становите што ги поседува во Македонија, Србија, Шпанија и Португалија, таа смета дека сепак треба да има индивидуалци кои ќе ѝ помогнат на Македонија.
–Од 2008 го пратам енергетскиот систем, зашто уште од тогаш соработувам со Македонија. Тогаш бевме пред Србија и Косово и бевме пример, МЕПСО беше добар пример, исто како и ЕСМ. Последните 7 години е катаклизма во енергетскиот сектор, многу е лошо. Благодарна сум му на Мицкоски што прво ме повика да му бидат советник за енергетика, а сега ми ја даде оваа можност за првпат да сум на чело на вакво сериозно министерство, каде може да се направи стратегија. Досега имаше многу институции, но немаше координација… – вели Божиновска.
Околу обвинувањата на опозицијата за долгот што го направила компанијата „ЕНГ Сервис Трејд“ кон МЕПСО, каде Божиновска имала сопственички удел, министерката за енергетика вели дека тоа се случило во 2017 година, кога имало енергетска криза. Како што рече таа, МЕПСО покренал кривична пријава и сите надлежни органи постапиле, но кривичната била одбиена. Потоа, МЕПСО се жалел и таа жалба била одбиена, што, според министерката, значи дека нема сомнежи за ништо.
–За долгот може да го прашате МЕПСО, тие имаат евиденции. Во фирмата не бев целосно сопственик, туку 50 отсто, потоа го продадов делот, така што од 2018 немам информации… Си покрена МЕПСО кривична, си дојдоа од УЈП и од Финансиска полиција, имаше истрага. Тогаш имаше енергетска криза, кога беше најладно, кога се затворија границите… Постоел долг, но имаше писма за враќање на долгот, понуда за цесија, но никогаш немаше одговор на тоа – рече Божиновска, која практично потврди дека имало долг кон МЕПСО, но додаде дека тој не изнесувал 800.000 евра.
Понатаму, таа посочи дека нејзината кариера почнува во „Езпада“ од Чешка, која сѐ уште постои на пазарот. Во 2011 година, пак, добила понуда да биде директор во „Руднап“ со седиште во Белград, која, како што рече самата министерка, имала тројца сопственици, од кој најголем содружник бил веќе споменатиот Војин Лазаревиќ, поранешен партнер на Вук Хамовиќ во „ЕФТ“. Сепак, Божиновска тврди дека од 2014 година нема никаква комуникација со Лазаревиќ, кој само преку порака и ја честитал министерската функција.
–Во бизнисот со струја се вртат големи суми, но треба големи вложувања, човечки ресурси… Вук Хамовиќ направи сериозна централа во Босна. Јас сум успешна, сум заработила доста, во приватен бизнис сум и сум заработила, никаква партија не стоела позади мене… Откако ги купив становите, можам да живеам само од изнајмување, немам потреба да работам. Пред да станам министер работев само консултантски услуги, избирав некои проекти шо ми беа поинтересни – говореше Божиновска.
Таа посочи дека сега има 115.000 денари плата, а порано заработувала петоцифрени суми во евра, плус големи годишни бонуси. Воедно, открива дека златните времиња за трговија со струја биле периодот 2008-2012 година, кога немало многу трговци, туку само 4-5 фирми кои работеле во регионот, поради што имало поголеми можности и големи маргини. Сега, како што истакнува, сите држави имаат берзи и прометот е огромен, но маржите се мали.
На прашањето колку време се познава со Мицкоски, рече дека се познаваат над 15 години и посочи дека соработувале и имале „одлична комуникација“, нарекувајќи го врвен експерт, кој се разбира во енергетика. „Фокус“ ја праша Божиновска дали Мицкоски работел за некоја од фирмите каде таа работела или имала сопственички удел, но не добивме никаков одговор. Исто така, не добивме одговор и на прашањето, ако долгот на нејзината поранешна компанија кон МЕПСО не бил 800.000 евра, а сепак признава дека долг постоел, колку изнесувал тој?
„БАЛКАНСКА СТРУЈНА МАФИЈА“
Кога станува збор за Војин Лазаревиќ, некогашен газда на актуелната македонска министерка за енергетика, Сања Божиновска, во „Руднап“, треба да се каже дека тој и неговиот поранешен партнер Вух Хамовиќ важат за едни од најбогатите и воедно најмоќни бизнис-играчи во регионот и пошироко, чии пипала и сфери на влијание се протегаат низ многу зони и граници. Дури, двајцата постојано се доведуваат во корелација со одредени политички партии, структури и разврски. Тоа особено важи за Лазаревиќ, додека Хамовиќ почесто се поврзува со тајни служби, можеби поради семејното наследство.
Дефинитивно, се работи за едни од најкрупните бизнисмени на Балканот, особено во бизнисот со електрична енергија. Во 2000-та година, тие се здружија во Тимот за финансирање енергија – „ЕФТ“, со кој почнаа да доминираат на енергетскиот пазар во цел регион. Како растеа во бизнисот, така го привлекуваа вниманието на регионалните медиуми, кои, на пример, често пишуваат дека таткото на Вук Хамовиќ – Радомир Раде Хамовиќ, бил генерал на ЈНА и вработен во југословенските тајни служби, чии врски се протегаат и постојат до денес во повеќе земји и региони.
Одвреме-навреме, медиумите ќе потсетат дека двоецот Лазаревиќ-Хамовиќ беше под лупа на српските истражни органи со години, во кои биле поднесени дузина кривични пријави, но нема ниту една судска пресуда. Сепак, тие биле осомничени дека при трговијата со струја го оштетиле српските буџет за над 100 милиони евра. Хрватски „Национал“, пак, има објавено наслов „Балканска струјна мафија“, кога публикуваше информации за спреги од кои дел биле Лазаревиќ и Хамовиќ, ословувајќи ги како „контроверзни балкански претприемачи“.
За нив пишувал и српски „Инсајдер“, кој објави дека Лазаревиќ и Хамовиќ имале мнозински удел во банката „Вексим“, каде што завршиле дел од парите што во 90-тите години биле изнесени од земјата, а еден период таму биле држени државните резерви. Двајцата станале најголеми акционери во „Национална штедилница“, која потоа ја купила грчката банка „ЕФГ“ за многу поголема сума од она што го вложиле познатите трговци со струја, кои тогаш, според обвинувања на нивна сметка од разни адреси, го развивале овој бизнис преку ексклузивни права за увоз и извоз на вишоците во Србија.
–Војин и Вук денес сигурно работат според законот. Прашање е што правеле на почетоците. Тоа е она не ме прашувајте за првиот милион. Е па ние сакаме да видиме каде е првиот милион – изјави поранешната српска министерка за енергетика, Зорана Михајловиќ, кога Министерството поднесе кривична пријава за Лазаревиќ и Хамовиќ врз основа на извештај на Антикорупцискиот тим за злоупотреби во енергетскиот сектор. Сепак, обвинителството никогаш ништо не презеде и изостана било каква судска постапка за едни од најмоќните луѓе во регионот.
Набргу по продажбата на „Национална штедилница“ на грчката „ЕФГ“, почна да се пишува дека Лазаревиќ и Хамовиќ ќе го раскинат партнерството, што и се случи во 2005 година, кога Хамовиќ го исплатил Лазаревиќ и го задржа „ЕФТ“. Со добиените средства, како што пишува неделен „Телеграф“, Лазаревиќ продолжил да приватизира субјекти. На пример, „Руднап Груп“ ја приватизирал во 2003, а по излегувањето во „ЕФТ“ во 2005 целосно застанува на чело на оваа компанија, каде работела и актуелната македонска министерка за енергетика.
По обелоденувањето на информацијата дека таа имала бугарско државјанство, но почнала постапка за отпуст, како и имајќи ги предвид затегнатите односи на релација Скопје-Софија, Божиновска стана мета на бугарските медиуми, кои објавуваат дека работела за човек со „контроверзно минато“. Така, „БГНЕС“ пишува дека Лазаревиќ купувал струја и во Бугарија, а своевремено имал и фирма во Русија поврзана со банка, со цел да се заобиколат санкциите кон некогашниот југословенски режим на Слободан Милошевиќ.
Во тој правец, „БГНЕС“ потсетува дека во базата на адвокатската фирма „Мосак фонсека“, откриени во „Панама Пејперс“, се појавува и бизнисменот Лазаревиќ. Имено, неговата српска компанија „Руднап Груп“ во 2007-ма година во даночниот рај на Сејшели отворила компанија наречена „Гиралија ресурсис лимитед“, за која не се знае што работи. Бугарските медиуми пишуваа и за поврзаноста на Божиновска со бугарската „Руднап“, која во 2012 година остварила промет околу 65 милиони евра.
Токму во овој период, пишува бугарски „Фактор“, доаѓа до промена во раководството на компанијата, бидејќи на местото на Ана Живкова Китина управителка станува Сања Божиновска. Инаку, Китина во Бугарија е поврзана со 7 компании во својство на менаџер, главно од областа на консултантски услуги. Во 2014 година, местото на Божиновска го презема Сандра Берберович, извршна директорка на „Руднап Груп“ во сопственост на Лазаревиќ, кој, според одредени рангирања, влегува во топ-10 најбогати српски бизнисмени.
„УСПЕХОТ НЕ СЕ ПРОСТУВА“
Главниот подем на тандемот Лазаревиќ-Хамовиќ се случува откако во 2000 година се здружуваат во „ЕФТ“, со која почнуваат да доминираат на енергетскиот пазар на Балканот. За само 2 години, „ЕФТ“ стана доминантна компанија во трговијата со електрична енергија во Србија, Црна Гора и БиХ. Со текот на времето, под името „ЕФТ“ се регистрирани 15 компании, а седиштето на главната компанија е на Кипар. „ЕФТ“, исто така, имаше дозвола за трговија со електрична енергија во Германија, Австрија, Италија, Словенија, Романија…
Цели десетина години, генерален директор на „ЕФТ Македонија“ беше Кочо Анѓушев, македонски бизнисмен, директор на „Брако“ од Велес, кој неодамна се најде на „црната листа“ на САД поради сомневања за корупција. Во 2013 година, Анѓушев се повлече од „ЕФТ Македонија“ и ја основаше „ЕДС“ (Енерџи Деливери Солушнс), која неколку години подоцна ја продаде на грчката национална компанија за струја за 4,8 милиони евра.
Во интервјуто што го направивме со Анѓушев во 2021 година, тој рече дека бил директор за производство и управување во „Електростопанство“ од 1999-та до 2002-та година во владата на Љубчо Георгиевски, кога генерален директор на „ЕСМ“ беше Горан Рафајловски, со кого биле колеги на факултет и како колега-машинец го повикал да се приклучи и да биде технички директор, иако не бил политичко лице. Тогаш, Анѓушев видел тој систем како функционира.
Во однос на прашањето како доаѓа во контакт со Лазаревиќ и Хамовиќ, кои важат за контроверзни личности, а во Србија заработија и кривични пријави за злоупотреби во енергетскиот сектор, тој изјави: „Кривична пријава може да има секој, но оттогаш поминаа 15 години и сите тие кривични беа отфрлени. На Балканот успехот никогаш не се простува. „ЕФТ“ беше успешна, чиј сопственик беше и Џејмс Најт од Англија. Сите тие беа малку напред во времето, точно знаеја каде ќе дојде и не правеа ништо различно како сите други компании сега…“.
-„ЕФТ“ немаше никакви ексклузивни договори со ниедна влада. Секогаш се работеше на економска основа, беше тежок период. Јас со нив не се познавав. Кога излегов од електростопанство тие на некој начин бараа човек од Македонија кој ја разбира работата, ми пристапија ми понудија работа, јас ја прифатив и со нив го учев тој занает и мислам дека го научив добро, што впрочем во покажува и резултатот со „ЕДС“.
„ЕФТ“ беше успешна компанија, но направи една стратешка грешка, што влезе во термоелектраната „Станари“ во Република Српска, каде производната цена на електричната енергија е 58 евра по мегават час, а после цената на берзата падна на 32 евра по мегават час и правеа сериозни загуби, поради што „ЕФТ“ денес не е така моќна како порано. И мојата одлука да ја формирам „ЕДС“ е точно таа, бидејќи видов дека „ЕФТ“ ја губи својата моќ и се разделивме коректно и пријателски – рече Анѓушев.
Како што е познато, тој и Мицкоски се колеги-професори на Машинскиот факултет, но се најдоа на различна политичка страна, кога Мицкоски стана лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а Анѓушев вицепремиер за економија во владата на СДСМ предводена од Зоран Заев. Откако се повлече од вицепремиерската позиција и се врати на бизнисот, Анѓушев рече дека со Заев задржал коректни и пријателски односи, но исто така посочи дека имал коректни односи и со Мицкоски, независно што знаеја да си упатат остри зборови.
–Јас не го штедев (Мицкоски), туку никогаш никого не критикував, гледав да си ја работам работата и кажував за иднината и економијата. Но обратно, тој упатуваше критики кон мене. Тој ми беше асистент, јас негов професор и денес сме колеги, така што имаме коректни односи. Како што ги задржав коректни односите и со премиерот Заев, со кого соработувавме и гаам пријателски односи – рече Анѓушев во интервјуто за „Фокус“ пред 3 години.
Интересно е тоа што Мицкоски споменува многу колеги-професори, но речиси никогаш јавно не го споменал Анѓушев, кој, пак, тврди дека Мицкоски му бил асистент. Уште поинтересно е тоа што опозицискиот пратеник Зијадин Села неодамна за „Фокус“ рече дека Анѓушев завршил на „црна листа“ на САД по иницијативите за соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Не дека тоа не може да е вистина, но, сепак, треба да се наведе дека САД го означија Анѓушев „како генерално неподобен за влез во Соединетите Држави поради неговата вмешаност во значителна корупција“.
ИМОТ БЕЗ ЗАКОНСКИ ИЗВОРИ
Иако премиерот Христијан Мицкоски неодамна рече дека измените на Законот за финансиска полиција дозволуваат вкрстување на податоци со цел проверка на потекло на имот, сепак, такви законски измени нема. Веројатно, мисли на новиот Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка, донесен непосредно пред политичките промени. Ова законско решение и дава надлежност на Управата за финансиска полиција да врши прибирање на податоци за имот чие стекнување на може да се докаже дека е од законски извори.
Според овој закон, кога јавниот обвинител има сомневање за кривично дело, но нема доволно докази за кривично гонење или кривичното гонење не довело до осудителна пресуда, а оцени дека постои разумно сомневање дека имотот не бил стекнат од законски извори со соодветен акт, е должен да достави иницијатива до Управата за финансиска полиција, заедно со целокупната обезбедена документација за испитување и прибирање податоци за изворите и начините на кои е стекнат имотот.
Прибирање и анализа на податоци за изворите за стекнување имот кој може да биде предмет на постапка согласно со овој закон се врши во постапки за или во врска со следниве кривични дела: перење пари, тероризам, злосторничко здружување, трговија со луѓе, детска порнографија, трговија со дрога, проневера, злоупотреба на службена положба, попречување на правдата, примање и давање поткуп, даночно затајување, давање и примање награда за противзаконито влијание…
Услов за поведување на постапката за утврдување имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори е ако има „разумно сомневање дека постои имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори и ако постои несразмерност меѓу нето-вредноста на имотот и расположливите законити и пријавени приходи за стекнување на имотот, изразена како кумулативна разлика што надминува 13.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка, пресметана годишно во временски период не подолг од 10 години пред стекнување на имотот.
Надлежен орган за прибирање податоци за имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори е Управата за финансиска полиција, а ДКСК, Катастар, Царина, Ревизија и други органи и институции, кои во рамки на постапувањето согласно со надлежностите ќе добијат информации и податоци со сомневања или сознанија за постоење имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори, се должни веднаш до Управата да достават известување, заедно со целокупната обезбедена документација.
Но, известување за постоење имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори до Управата може да достави и секое физичко лице и правно лице. Управата е должна по приемот на иницијативата да спроведе итна проверка на исполнетоста на условот, а ја спроведува постапката за проверка и финансиска пресметка во рок не подолг од 60 дена, односно 90 дена за сложени предмети од денот на приемот на иницијативата.
По иницијатива на јавниот обвинител, Управата во рамките на своите овластувања ги презема следниве дејства: идентификување, откривање и лоцирање имот, идентификување на сопственикот на имотот, собирање, обработка и анализа на податоци за утврдување на вредноста на имотот кој е предмет на постапката… Ги анализира основата и изворот на приходите за негово стекнување, приходите со кои располагало засегнатото лице во времето на стекнување на имотот и други факти за утврдување исполнетост на условот.
Управата, во рок од 3 дена го известува Јавното обвинителство и му доставува детален извештај за констатирана состојба, заедно со сите материјални докази. Доколку од добиениот извештај произлегува исполнувањето на условот, Јавниот обвинител во рок од 3 работни дена е должен до Државниот правобранител да поднесе иницијатива за поднесување тужба, како и определување мерка за обезбедување имот до надлежниот суд, доколку оцени дека може да се осуети имотот кој е предмет на постапката.
До Финансиската полиција прашавме колку иницијативи се поднесени поради сомневање дека имот не е стекнат со законски извори од јавен обвинител или физички лица, и за кои кривични дела? Прашавме и колку и кои институции доставиле известувања до Управата заедно со документација со податоци со сомневања или сознанија дека постои имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори? До затворањето на овој број на весникот, одговор не добивме!