Текстот е објавен на 04 јули 2024 година во неделникот Фокус со број 1.500.
„Сит гладен не верува“, вели народната, според која не може да се очекува богатите политичари и функционери да им поверуваат на маките на сиромашниот народ. „Фокус“ ѕирна во имотот на дел од партиските лидери, од кои дел се јавни милионери, а дел лажни сиромаси. Што откриваат анкетните листови?
Пишувала: Валентина ВУРМО
Сместена меѓу борова шума, премиерската вила на Водно, за разлика од соседната, претседателската, најчесто зјае празна, без стопан.
Се чини премиерите ја избегнуваат преселбата во луксузна вила, бидејќи сакаат да остават впечаток на скромни луѓе од соседството, или, пак, навистина преселбата за дел од нив е комплицирана.
Во вилата, пред речиси две децении, живееше поранешниот премиер Владо Бучковски, а по завршувањето на неговиот мандат во 2006 година, па сѐ до сега, објектот ретко имал станар.
Во неа одби да живее Никола Груевски, со изговор дека му е доволна удобноста на станот, од 60-тина квадрати, на мајка му, на Бихаќка.
Но, по неколку години, обвинителката Лиле Стефанова, сепак, го разоткри и ја измести сликата за неговата скромност. Живеел во дуплекс, (два споени стана), а располагал и уште со два соседни стана. Едниот го користел како канцеларија, а другиот како библиотека.
Ниту техничкиот премиер Емил Димитриев не се всели во вилата. Исклучок направи премиерот Зоран Заев, кој велеше дека преспива во објектот на Водно, а неговото семејство, сепак, остана во родната Струмица.
Неговиот наследник Димитар Ковачевски, пак, одлучи да не ја користи оваа привилегија и со семејството остана да живее во својот дом.
МИЦКОСКИ ПОЛУМИЛИОНЕР
Новиот премиер Христијан Мицкоски, исто така, реши да не се сели во елитното Водно, туку да остане во својата куќа во Влае.
– Јас останувам дома, кај мене во семејството, синовите се во тоа мало израснати и не се делат оттаму. Не би сакале да го менуваат живеалиштето во семејната куќа – најави Мицкоски.
Но, очигледно поучен од минатото, дека вистината кога-тогаш излегува на виделина, Мицкоски не глумеше лажна скромност, па на стартот откри дека живее во голема куќа од 343 квадратни метри, вредна дури 450.000 евра.
Сепак, и сега не изостанаа реакциите и прашањата како професор на Машинскиот факултет, во 2014 година успеал да купи ваква палата?
– Доколку се погледне имотот што новиот премиер Мицкоски го пријавил како личен, веднаш може да се забележи дека тој е сосема друга, непозната класа од онаа на која огромниот дел македонски граѓани припаѓаат – сиромашната.
Оттука, тој е и отуѓен од проблемите на обичниот Македонец, кој секојдневно преживува, додека неговите владари се луксузираат – коментираше Димитар Апасиев, лидер на Левица.
Пред две години, дел од медиумите објавија дека Мицкоски наводно изградил и две куќи, во вредност од еден милион евра во Козле, но тој ги тужеше и ги доби на суд, со тврдење дека не поседува таков имот.
Приказната беше дека наводно лидерот на ВМРО-ДПМНЕ купил земјиште, куќа и барака, а потоа ги урнал и изградил две куќи, а сопственоста ја затскрил, запишувајќи го имотот на име на неговата сестра и зет.
Откако победи на суд, тој реагираше и на Фејсбук.
– ДУИ нареди, а СДСМ исполни. Кога не можат поинаку, одлучија со брутални невистини повторно да ја нападнат мојата чест, честа на моето семејство, но и честа на семејството на мојата сестра.
Семејниот дом на семејството на мојот зет, сестра и внука, создаден со продаден имот добиен како наследство и подигнат банкарски кредит да го претставуваат како мој скриен имот. Ниту сум купил, ниту поседувам скриен имот – велеше Мицкоски.
Тој тогаш ги повика обвинителството, МВР и УЈП да го истражат сиот негов имот. Новиот премиер, во анкетниот лист не пријавил дека поседува друг недвижен имот, како и автомобил.
Но, тоа што, исто така, го привлече вниманието на јавноста се неговите два часовника, кои ги има од 2015 и 2016 година. Едниот чини 39.000 евра, а другиот околу 13,5 илјади евра.
Бидејќи нема податок дали часовниците ги купил или ги добил како подарок, „Фокус“ испрати прашања до Мицкоски, но до затворањето на неделникот не добивме одговор.
Пријавил и дека од 2016 година поседува уметнички слики во вредност околу 10.000 евра.
Лидерот на владејачката партија пријавил и дека има заштеда во банка, но не ја навел сумата, како што, на пример, навел дека има потрошувачки кредит од 6.500 евра.
Она што е карактеристично е што тој не пријавил никаков имот на име на сопругата и на децата.
ТАРАВАРИ МЕЃУ НАЈБОГАТИТЕ
Од лидерите на партиите што се дел од новата влада, се чини најбогат е Арбен Таравари, лидерот на Алтернатива за Албанците. Тој „тежи“ над 1,2 милиони евра.
Доскорашниот градоначалник на Гостивар, а сега нов министер за здравство, докторот Таравари пријавил куќа, автомобил „волво“, денарски депозит, но и кредит.
Како имот на сопругата пријавил стан, автомобил, како и златен накит. Заеднички, пак, поседуваат уметнички слики. Околу половина од имотот е на име на неговите родители, и тоа градежно земјиште, деловни простории и две куќи во Гостивар.
Куќата на Таравари во скопско Тафталиџе е со големина од 260 квадратни метри, а вреди над 150.000 евра. Со поголема вредност е куќата на неговите родители во Гостивар, односно од 235.000 евра, а со квадратура од 335 квадратни метри. Втората куќа е помала, околу 55 квадрати и вредност од 39.000 евра.
Станот во Скопје, кој е заведен на име на сопругата, а купен во 2014 година, е со површина од 94 квадрати, а со вредност од 92.000 евра.
Куќата на Таравари во Тафталиџе се актуализираше минатата година, кога неговата партија стана дел од владејачкото мнозинство, а тогашниот опозиционер, а сегашен колега од власта, Александар Николоски, го праша дали ја добил на подарок за да ја смени политичката страна?
– Пријавил дека куќа од 256 квадрати купил за 150 илјади евра. Како во центарот на Скопје се купува куќа по 500 евра квадрат? Но, и дали воопшто тие 150 илјади евра воопшто се платени, зашто, според нашите сознанија, нема трансакции и на тие 150 илјади евра? – праша Николоски.
Овие обвинувања Таравари ги нарече инфантилни. Тој појасни дека куќата ја купил во 2021 година, и тоа со кредит. Според анкетниот лист, докторот навистина зел 100.000 евра кредит во тој период.
КАСАМИ БЕЗ ИМОТ, НО СО ЗАШТЕДА
„Огнениот“ Изет Меџити, претседател на Демократското движење, пак, пријавил скромен имот во својот анкетен лист, со вкупна вредност од 194.000 евра.
Како личен имот пријавил само два автомобила. Едниот луксузен, со вредност од 35.000 евра, а вториот од 9.800 евра. Како имот на родители пријавил голема куќа во Скопје, од 516 квадратни метри, проценета на 150.000 евра.
Лидерот на БЕСА, Биљал Касами, пак, во анкетниот лист се прикажал како безимотен. Пријавил куќа во Тетово на име на своите родители. Овој недвижен имот е со големина над 500 квадратни метри, проценет на 133.000 евра.
Според Касами, неговите родители поседуваат и земјишта, и автомобил. На име на сопругата пријавил едно земјиште и благородни метали, во вредност од 19.500 евра. Тој пријавил и неколку штедни книшки, но без да открие со каква заштеда располага. Исто така, напишал и дека има побарувања од 42.000 евра.
Максим Димитриевски, лидерот на ЗНАМ, поседува заедничка куќа со сопругата од 60 квадратни метри, со наведена мала вредност од само 7.000 евра. Сепак, куќа од 162.000 евра навел на име на своите родители.
Семејството Димитриевски поседуваат и неколку земјишта, а кумановскиот градоначалник пријавил дека има автомобил од далечната 1995 година, „опел астра“, вредна едвај 1.000 евра, и нешто полуксузни џип и „мерцедес“ на име на своите родители.
На лично име и на сопругата пријавил сопственички удели, а на име на децата заштеда од 12.000 евра, и на родителите од 27.000 евра. Димитриевски пријавил и накит од речиси 5.000 евра, но и кеш од 15.500 евра.
АХМЕТИ ИМА ДУРИ 20 ГРАДЕЖНИ ПАРЦЕЛИ
Новиот лидер на СДСМ, доктор Венко Филипче, според увидот во анкетниот лист, важи за имотен човек. Располага со шест стана во Скопје, од кои два му се добиени преку наследство, еден купен, а останатите три со договор за градење.
Заедничката вредност на сите станови е нешто над 780.000 евра, а нивната квадратура е непозната.
Филипче, на почетокот на годината си купил возило „индиан“ од 24.000 евра, а неговата сопруга вози „мерцедес“ од 44.000 евра.
Тој пријавил и удел во „Макпетрол“, како и акции во „Гранит“, Стопанска банка и во „Макстил“. Навел и дека е сопственик на фирма во Бугарија. Фирмата за недвижнини е регистрирана во 2022 година.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој по многу години на власт, од неодамна е во опозиција, исто така има обврска да поднесе анкетен лист, поради функцијата пратеник.
Ахмети пријавил станбена куќа од 100.000 евра во Зајас, со површина од 254 квадратни метри.
Лидерот на интегративците пријавил и дека поседува 13 градежни изградени земјишта, и уште шест на име на своите деца, но, сепак, не може да се пресмета колку тежи во пари, бидејќи не е наведена нивната вредност.
Единствено е појаснето дека со овој имот се стекнал преку денационализација во 2015 и во 2016 година. Само за едно од земјиштата има детали дека на него е изградена зграда, од 513 квадратни метри.
Ахмети е сопственик и на земјиште во Албанија, вредно 30.000 евра, а кое го добил преку наследство.
Тој, на свое име нема автомобил, туку два на име на децата, и еден на сопругата. Челникот на ДУИ не пријавил ниту пари и заштеда во банка, ниту, пак, кредити.
Ова е имотот што овие партиски лидери го пријавиле уредно, црно на бело. Дали и колку имаат „под перница“, е другата страна на паричката и задача на обвинителите да истражат дали кријат таен имот.
Низ годините, ова задача не им одеше од рака, бидејќи досега само екс лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, беше разоткриен, односно од сиромав премиер, политичката кариера ја заврши како богат бегалец.