(АРХИВА) Колку крв има Палчо на рацете: Дали е вмешан и во мистериозното исчезнување на Роберт Плескоњиќ?!

По двојното убиство, се проверуваат нерасветлени случаи, какошто е исчезнувањето на скопјанецот Роберт Плескоњиќ пред точно 2 години, кој претходно имал интензивна комуникација со Љупчо Палевски-Палчо, главен осомничен за ликвидациите на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска.

by Фокус

Текстот е објавен на 11 јануари 2024 година во неделникот Фокус со број 1.475.

Откако Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев признаа дека биле дел од криминална група предводена од Љупчо Палевски-Палчо, кој, според нив, го извршил убиството на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска, се чека да заврши екстрадициската постапка за Палевски, за да се расчисти целата слика околу мотивот и другите аспекти на грозоморното злосторство. На почетокот на годинава, „Фокус“ пишуваше дека клучен момент за решавање на случајот се проверките на возилото на Панче откако тоа било опожарено, по што било доведено во корелација со Палевски и неговата дружина, па клопчето почнало да се одмотува. Воедно, обелоденивме сознанија дека по двојното убиство се проверуваат нерасветлени случаи, како што е исчезнувањето на скопјанецот Роберт Плескоњиќ пред точно 2 години, кој претходно имал интензивна комуникација со Палчо.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Сите ќе ве стрелам, само тебе ќе те оставам жив“ – вакви и слични фрази и реплики често знаел да користи Љупчо Палевски – Палчо, додека седел во некои од скопските кафулиња и разговарал со пријатели и познаници.

Иако неретко тоа го правел и со пиштол на маса, веројатно со истиот оној со кој неодамна бил фатен како трага по злато, главно сите се смееле на овој избор на зборови на Палчо, бидејќи во нив не препознавале ништо повеќе од обид за хумор.

Арно ама, сѐ се промени откако Палчо стана осомничен за двојно убиство, односно откако од своите соработници беше посочен како убиец на 74-годишниот фризер од Велес, Панче Жежовски, и на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје.

Моментално, Палевски се наоѓа во Турција и чека екстрадиција, а неговите тројца соучесници во грозоморното злосторство го означија како главен организатор на групата и воедно ликвидатор, кој ги испукал смртоносните куршуми.

По ваквиот развој на настаните, многумина останаа шокирани како познат лик како Палевски, кој бил дел од политичкиот живот, од бизнис-сцената, но и од „скопскиот асфалт“, би можел на суров и ладнокрвен начин да убие беспомошен старец и малолетно девојче.

По овие сознанија, на сите многу поинаку им одѕунуваат неговите „шеги“ од типот „ќе те стрелам“. Она што се поставува како главно прашање веќе не е дали Палчо ги има отстрелано Панче и Вања, бидејќи тоа веќе се наметна како апсолутна вистина, и покрај тоа што истрагата е во тек и сѐ уште нема ниту обвинение, а камоли пресуда.

Туку, сега дилемите се движат околу тоа што ги мотивирало злосторниците да ги извршат овие убиства и кои биле сите околности и аспекти на настаните? Поради свирепоста на убиствата, се наметна и уште едно логично прашање…

Дали ова се единствените 2 убиства на Палчо или, пак, фигуративно кажано, тој има многу повеќе крв на рацете? Додека дел од експертите бараат да биде истражено и убиството на малолетно девојче кое пред неколку децении било пронајдено закопано на иста локација како и Вања, „Фокус“ открива дека еден друг случај влегол во радарот на надлежните органи.

Имено, пред точно 2 години, во скопската населба Аеродром, мистериозно исчезна лицето Роберт Плескоњиќ, од кого до ден денес нема ниту трага, ниту глас. Пред да се случи тоа, според потврдени информации на „Фокус“, Плескоњиќ имал контакти и интензивна комуникација со Палчо.

Првично, немало никакви сомнежи кон Палчо за исчезнувањето на Плескоњиќ, но убиствата на Панче и Вања фрлаат нова светлина. Дали и таму Палчо вмешал прсти? Нашите извори говорат за неколку заеднички точки меѓу нив двајца, во кои би можело да се крие мотив за таков злочин.

СВЕДОШТВО НА СОУЧЕСНИЦИТЕ

Како што е познато, сѐ уште активно се води истрага и за убиството на Панче и Вања, во чии рамки практично треба да се потврди, целосно или делумно, или, пак, да се отфрли верзијата за случувањата што во предистражната постапка ја изнесоа тројцата притворени соработници на Палчо – Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев.

Во нивното сведочење пред истражните органи, сите тројца го вперија прстот кон Палевски како организатор на групата и извршител на двете убиства, додека фактичката состојба на терен ги потврдила нивните вербални искази. Се разбира, во делот каде што тие се проверливи. На пример, така е откриено каде се закопани телата, но сѐ уште не може да се најде пиштолот.

Оттука, по пронаоѓањето на Панче и Вања на местата што биле кажани од осомничените, нема дилеми што се случило, но треба да се потенцира дека целата слика и конструкција во однос на прашањето како и зошто се случило двојното убиство засега се базира на сведочењето на Видевски, Манев и Кешишев.  А, што изјавиле тие?

Според нив, Палчо го убил Панче поради долг од 500 евра, но уште побитно – за да му го одземат возилото и да го употребат за киднапирање на Вања, со цел да изнудат пари од нејзината мајка. Сепак, спротивно на планот, Палчо ја убил и Вања поради, како што сведочеле неговите компањони, паника од потрагата по девојчето.

Во целата приказна, тие го вмешаа и таткото на Вања – Александар Ѓорчевски. Впрочем тие воопшто не го познаваат Ѓорчевски, но рекле дека Палчо им кажал оти и тој учествувал во целата операција за изнуда на пари, обезбедувајќи им ги клучните информации кога неговата ќерка го напушта домот.

Дали е така, Палчо треба да каже кога ќе дојде во земјава. За целиот овој период, Ѓорчевски ги отфрла обвинувањата дека ја изложил на опасност својата ќерка, а институциите информираа дека коректно соработувал при нејзината потрага. Во секој случај, и тој заработи притвор, како и трите лица што признале дека учествувале во двете кривични дела.

Во меѓувреме, контроверзен српски политичар објави видеосторија, во која, според објавувачот, се изнесуваат докази и информации, кои одат во прилог на тезата дека таткото на Вања нема никаква вина и дека тој е неправедно обвинет и медиумски сатанизиран. Веднаш потоа, случајно или не, неговиот адвокат побара затворскиот да му биде заменет со домашен притвор.

Исто така, во притвор заврши и уште еден нивни познаник, кој гравитирал околу партијата Десна. Се работи за скопјанецот што работи во Струмица, Стефан Димковски, кој го превезувал Палевски од Белград до турскиот град Баликесир, каде што беше лишен од слобода од турската полиција. Претходно, Палевски до Белград го однесе битолскиот адвокат Васко Стојков, но тој остана на слобода.

Како и да е, од клучно значење е сведочењето на Палевски, кој треба да ја каже својата верзија на настаните откако ќе заврши екстрадициската постапка и ќе биде донесен во земјава. Македонската страна експресно го заврши својот дел од задачата, но ако се има предвид турската регулатива, постапката може да потрае неколку месеци.

Паралелно со тоа, во земјава се спроведуваат низа истражни постапки со цел да се лоцира одговорност на сите вклучени во двојното убиство, но и да се откријат други евентуални гревови на Палчо и неговата дружина. По објавувањето на деталите за Панче и Вања, се појавија сличности со многу сѐ уште нерасчистени злосторства. За што станува збор?

УБИСТВО ЗАРАДИ КОРИСТОЉУБИЕ

За да дадеме хронологија на настаните, вреди да се потсетиме на заедничката прес-конференција на првиот човек на скопското обвинителство Гаврил Бубевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Според нив, мотивот на осомничените бил користољубие, меѓутоа нивниот план излегол од контрола, па крајниот резултат бил двојно убиство.

Од тројца осомничени за кои постојат основи на сомнение дека се извршители, имаме признание за целиот ангажман, тек на настанот, кој какви дејства презел и кој за што бил задолжен. Од сето тоа може да се дефинира дека тие извршиле грабнување поврзано со користољубие, плус 2 кривични дела убиства. Мотивот е користољубие при грабнувањето, а потоа се работи за чисто убиство – рече Бубевски.

Прво, како што изјави тој врз основа на дадените искази, бил таргетиран Панче, кој имал долг од 500 евра кон еден од осомничените со кои патем се познавал. Сепак, според обвинителот, главната цел била да се земе возилото на Жежовски, кој, додаде тој, очигледно е прометна жртва потребна за да се изврши другото дело.

Според исказите, мотивот за Панче се не расчистени должничко- доверителски односи. Се работи за долг од 500 евра и така веројатно е избран како жртва за да се земе автомобилот и да се изврши грабнување. Тоа е некоја линија зошто прво е грабнат и убиен Панче и земено е неговото возило, за да се изврши целиот криминален потфат – рече Бубевски.

А, следниот криминален потфат било грабнувањето на Вања, сведочеле тројцата осомничени. Но, како што посочи обвинителот, работите излегле од контрола, бидејќи Палчо испаничил откако разбрал дека целата јавност е вклучена во потрага по девојчето, па решил да го ликвидира. Тоа е, најблаго речено, доста неуверливо, бидејќи јавноста за Вања беше анимирана по нејзиното убиство.

Нивните укажувања се дека, со оглед дека имале некаква паника поради тоа што јавноста веќе била целосно ангажирана околу барањето на детето, и еден од нив во тој момент решил дека парите ќе ги бараат подоцна откако ќе помине целата ситуација и затоа решил детето да го ликвидира. Тоа е нивното објаснување, но тоа ќе мора да го провериме – рече Бубевски.

Патем речено, сведоците го посочиле Палчо како двоен убиец, при што имало по еден сведок на двете убиства. Меѓутоа, остана недоволно јасно дефинирана улогата на таткото во целиот настан, бидејќи тој одбива да признае вина, и покрај посредните укажувања дека им дал информација кога Вања сама ќе излезе од дома.

Двајца од осомничените и притворени велат дека позициите на детето како ќе излегува и кога ги разбрале од осомничениот (Палчо), кој им кажал дека тоа го знае од таткото… Сега засега, само посредни докази укажуваат дека таткото учествувал во некакви насоки кога девојчето ќе излезе само, кога би можеле да го очекуваат за да се изврши тоа кривично дело на грабнување – истакна Бубевски.

Воедно, тој посочи уште еден конкретен момент. Од исказите дознале дека учесниците во злосторството разбрале оти мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска имала продадено стан, па средствата од тој стан биле „некаков мотив што требало да биде предмет на евентуалната изнуда“. Сепак, Бубевски истакна дека сите овие работи треба да се проверат во текот на постапката.

Инаку, Панче е киднапиран на 22 ноември и истиот ден е убиен, додека Ѓорчевска е киднапирана на 27 истиот месец и, исто така, истиот ден е убиена. Истиот ден таа е пријавена и за исчезната – еднаш телефонски од страна на нејзината мајка во 8.30 часот и еднаш во полициска станица Центар од страна на нејзиниот татко во 11.30 часот.

КОГА „СИТРОЕНОТ“ БИЛ ФАТЕН НА КАМЕРИ?

Министерот Спасовски, пак, уверуваше дека полицијата ги презела сите неопходни мерки и активности во однос на двете пријави за исчезнување, почнувајќи уште од телефонската пријава рано наутро. Веднаш биле обезбедени над 60 записи од видеонадзори, метаподатоци, докази, а биле извршени пребарувања на објекти, разговори со семејството…

Според признанието и исказите, утврдено е дека двете од лицата со возилото „ситроен“, по добиена информација, вечерта пред извршување на грабнувањето дека девојчето ќе биде само, од влезот на зградата го земаат и го ставаат со врзани раце и нозе, и во вреќа за спиење го изнесуваат и го ставаат во гепекот на возилото. Пред „ситроенот“ има „рено кангу“, кое цело време се движи пред нив – рече Спасовски.

Тој додаде дека располагаат со материјален доказ како еден од осомничените купил канта со бензин на бензиска станица за да го запалат возилото „ситроен“ на Жежовски. Одговарајќи на новинарско прашање, министерот рече дека возилото 5 дена не било лоцирано на ниту еден од системите. Според него, тоа било регистрирано дури на 27 ноември, кога се случило киднапирањето и убиството на Вања.

Колата на сејф-сити ја наоѓаме на 27-ми дека се движи низ Скопје, таа не се движи од 22-ри до 27-ми, туку на 27-ми, кога се утврдува дека и возилото „ситроен“ и возилото „рено кангу“ се движат заедно и тука доаѓа до спојување на двете активности, зашто се утврди дека тој „ситроен“ е запалениот „ситроен“ во близина на Скопје. Немавме пријава за исчезнат автомобил, туку за лице… – истакна Спасовски.

Наспроти тоа, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвинија Спасовски дека лаже. Од таму тврдат дека „ситроенот“ на Панче, кој бил искористен за убиството на Вања, бил регистриран во системот „Безбеден град“ пред 27 ноември. Од партијата сметаат дека ако полицијата постапела соодветно, ќе го спречела убиството на Вања.

Дали возилото е регистрирано на камерите пред 27-ми ноември, односно на 24 ноември во 6.30 часот на влезот во Скопје кај Маџари, на мостот кај Агросервис? Понатаму, дали возилото е забележано од камерите на „Безбеден град“ на истата локација и следниот ден, на 25 ноември во 21.15 часот?

Конечно, дали возилото е забележано на камерите кобниот ден на 27 ноември во 7.42 наутро кај „Александар палас“ и Злокуќани и како е можно тоа возило неконтролирано да помине низ најобезбедуваната локација во Македонија во тој момент, а можеби и во регионот поради непосредните подготовки на Советот на ОБСЕ – праша Драган Ковачки, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Оваа тема во Собранието ја актуализираше и неговиот колега Игор Јанушев, кој на седница за пратенички прашања го праша Спасовски дали и кога е изработен план и какви мерки и активности се предложени за потрагата на Жежовски и Ѓорчевска? Тој се повика и на Упатство за начинот на распишување промена, запирање и објaвување потрага по лица и предмети, кое, според него, не било почитувано.

СВР Велес на 24.11 ги известува сите во МВР дека Панче Жежовски последен пат е виден во дворот на своето живеалиште од страна на комшијата на 22-ри околу 11 часот. Исто така, констатирано е дека возилото на Панче „ситроен“ го нема и констатирале дека Панче заминал со возилото. Ова го констатира полицијата во телеграма од 24.11.

Дали е сосема нормално да се прати телеграма на 24.11, следниот на 25.11 возилото да го има на камерите на „Сејф сити“, а полицијата да не го бара, особено ако од старт се знае дека лицето заминало токму со возилото? Возило што го поминало цело Скопје, кое на денот на трагедијата 27 се движело на улицата Орце Николов во Дебар Маало, поминало пред Општина Центар, ја извозило половина Партизанска, па преку „Александар палас“ се упатило кон Качанички пат – рече Јанушев.

НАРАЧАНА И ПЛАТЕНА ЛИКВИДАЦИЈА

Во меѓувреме, големо внимание предизвика контроверзниот српски политичар Срѓан Ного, кој објави видео, тврдејќи дека содржи докази и информации што, според него, укажуваат дека полицијата и обвинителството не си ја завршиле својата работа. Главната поента на Ного е дека убиството на Вања е нарачана и платена ликвидација, дека требало да биде убиена и нејзината сестра Миња, додека таткото Александар е неправедно притворен, иако го решил случајот.

– Никогаш не постоел план да се киднапира Вања заради откуп, туку од почеток е планирано нејзино убиство, но и на убиство на нејзината сестра. Тој план требало да биде реализиран уште во петок на 24 ноември, но кога извршителите на овој монструозен злочин тргнале по автомобилот, кој на 23 ноември го оставиле на паркинг покрај Кванташки пазар во Маџари, во 6 часот имало премногу луѓе и возила, па се плашеле да не бидат видени.

Затоа го одложиле извршувањето на злочинот, па во понеделник на 27 ноември тргнале порано, пред 5 часот. Среќа во несреќа е што тој ден младата сестра Миња го немала првиот час, па ја киднапирале и убиле само Вања. Фризерот Жежовски не е убиен за долг од 500 евра. Ако до моментот на подигнување на обвинението надлежните органи не го откријат вистинскиот мотив на неговото убиство, јас ќе го направам тоа.

Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања, го решил случајот со нејзиното исчезнување. Го поврзал исчезнувањето на Жежовски и неговото возило со исчезнувањето на неговата ќерка и доказите што ги обезбедил тој и ги предал на полицијата. Значи, заслугите на решавање на овие 2 тешки дела не одат кон полицијата, туку кон Александар.

Очигледно тој поврзал и открил нешто што не требало да биде откриено и следуваше одмазда на надлежните органи. Наместо да добие орден за тоа што решил два тешки злочина, тој е уапсен, турнат во притвор и медиумски сатанизиран. Останува само уште да биде убиен во притвор и се разбира тоа да го прогласат самоубиство – вели Ного во воведното обраќање.

Тој го почнува едночасовното видео со фризерот Панче, објавувајќи ексклузивни снимки, кои, според него, покажуваат како се одвивал последниот ден од неговиот живот. Впрочем, Панче може да се види на бензиска станица на „Лукоил“, каде што бил нервозен во друштво на уште едно лице, па заминал. Но, подоцна пак се вратил да наточи гориво.

Жежовски се обидел да купи гориво во 10.50 часот на 22 ноември. Панче тогаш го скршил клучот од резервоарот зашто бил видно нервозен и не успеал да стави гориво. Пцуел и рекол – ќе одам на друга бензиска да наточам гориво. Тоа го чул и киднаперот. Лицето во друштво на Панче води сметка никој да не го забележи, се крие и од пумпаџијата и од камерата, ја држи главата зафрлена наназад.

Четири часа подоцна, Панче пак доаѓа да стави гориво на истата бензинска за 500 денари, овојпат дошол сам во 14.28 минути. Уредно го платил горивото, купил цигари и запалка и заминал. Ако Панче бил киднапиран, како што тврдат тројцата уапсени, како официјалните органи ги објаснуваат овие снимки? Зошто не побегнал кога сам дошол да наточи гориво. Зошто бил нервозен тоа утро? Што отишол да копа и со кого? – прашува Ного.

Тој додава дека истиот ден Панче не отишол во салонот, без оглед што имал закажано клиенти. Токму така е откриено дека е исчезнат, бидејќи жена што имала закажано фенирање наишла на затворена врата, па за тоа ја информирала една од неговите ќерки, кои, пак, со таткото немале блиски односи и редовна комуникација. Кога ќерката отишла кај него дома, затекнала запалена греалка, а недостигале и лични документи.

Очигледно не исчезнал на 22-ри преку ден, ниту бил дома. Осомничените нешто кријат, а надлежните не се заинтересирани да ја откријат вистината. Како телефонот на Панче е најден во близина на „Макпетрол“ во грмушка, иако тој не бил таму? Панче е фрлен во дупка, која е археолошко наоѓалиште од римскиот период. Дупката каде што е фрлен, е порака испратена до некој што заедно со Панче и Палчо учествувале во ископување на артефакти и вредни археолошки ископини – заклучува Ного.

КОЈ ГО РАЗОТКРИЛ СЛУЧАЈОТ?

Па така, српскиот политичар се префрла кон Александар, татко на убиената Вања. Според Ного, тој сам тргнал во потрага, така што на 28-ми, 29-ти и на 30 ноември собрал повеќе снимки, кои ги проследил до полицијата. Како што вели Ного, лично тој ги поврзал Жежовски и неговиот „ситроен“ со исчезнувањето на неговата ќерка по што полицијата се насочила во таа насока, откако првично испитувала дали Панче ја киднапирал Вања.

Првата камера го фаќа „ситроенот“ покрај „Ван Гог“ во 6 часот и 26 минути. Во 6 часот и 28 минути се паркира пред влезот на зградата, а потоа влегле внатре. Тие ја киднапирале Вања во 7 часот и 27-28 минути, ја извадиле во вреќа и ја ставиле во гепек. Движењето на нејзиниот телефон може да се следи преку апликација.

Во периодот од 7 часот и 20 минути кога го напушта домот и 7 часот и 27 минути кога телефонот ја напушта зградата, киднаперите ја совладале, почекале некое време и излегле од зградата. Зошто неколку минути чекале? Можеле веднаш да тргнат, но 6 минути ризикувале бидејќи очекувале да се појави и другата ќерка. И двете сестри требало да бидат убиени во нарачана ликвидација. Кога виделе дека ја нема сестрата, заминале – вели Ного.

Понатаму, тој посочува дека „ситроенот“ и другото возило „рено кангу“ ги фаќа камера кај фризерски салон во 7 часот и 29 минути, па кај кафулето „Синдикат“ ги фаќа трета камера. Потоа, четврта камера ги фаќа кај „Лукоил“ и петта камера кај рибарница. Сите овие снимки Александар ги доставил до полицијата.

Според апликацијата на телефонот, Вања го поминала патот од дома до училиштето за 8 минути и кај раскрсницата телефонот се изгаснал. Бидејќи ниедна камера не ја фатила Вања, таткото Александар заклучил дека е во некој автомобил. На камерите успеал да види дека во моментот кога апликацијата ја дава Вања на одредено место, секогаш се наоѓа еден ист „ситроен“ и му привлекува внимание дека се движи полека, како да симулира пешачење.

Киднаперите сакаат да симулираат дека Вања заминала во училиште и дека исчезнала на раскрсницата пред училиштето. Да го оставеле телефонот во зградата, Александар немало да го воочи „ситроенот“. Но, сакале да го скријат Палчо. Ако нема снимка како Вања го напушта станот, ќе ги испитувале родителите, па сите во зградата, меѓу кои и Палчо. Не би поминал на полиграф – говори Ного.

Тој објавува и разговор на Александар со полициски инспектор, чија автентичност ја потврди и неговиот адвокат, па ја објавуваме во целост: „Еве тука проаѓа со истите тие 2 коли, со кои го фаќаме карши „Лукоил“, значи таа е колата. Еве ги поминаа, еве го последен е, застанат од страна, се враќа во рикверц. Подзастануваше претходно на „Лукоил“ и сега се престројува во… Може и право да оди, позади ова „берлинго“ ли е, што е. Ова е кај Папилон, карши Буњаковец“.

На тој начин, според Ного, Ѓорчевски го разоткрил целиот случај, бидејќи пред „ситроенот“ одело „рено“ што го користела партијата Десна, Палчо ја ѕидал зградата и имал клучеви, ги познавал камерите, а го познавал и велешанецот Панче. Кој нормален може да поверува дека Александар би обезбедил докази против себе, прашува Ного, нагласувајќи дека тој немал никакви пороци, додека истовремено бил имотно и финансиски обезбеден.

Откако Александар обезбедил докази, некој му се јавува на Васко Стојков и тој тоа му го пренесува на Палчо, кој бара да го однесе во Белград. И тогаш почна „пакувањето“ на Александар, зашто тој им е виновникот зошто се фатени. Плус, така го компромитираат обвинението преку вметнување невин. Трето, бесот на јавноста ја насочија кон него, а го уништуваат семејството Ѓорчевски-Лазаров…

Осомничените велат дека во селото Бразда, Палчо зборувал минута на телефон. Ѝ пристапил на Вања, ја прашал како се вика, таа му рекла Вања. Ја прашал за презимето, таа му рекла Ѓорчевска. Палчо го вади пиштолот и ѝ пука во главата. И пак му се јавува некому на телефон. Зошто би ја прашувал како се вика? Ја прашал зашто требало да бидат 2 девојчиња, па убиецот сакал да знае кого убил за да му се јави на нарачателот – вели Ного.

БРОЈНИ ПРАШАЊА И ДИЛЕМИ

И покрај тоа што Ного важи за контроверзен политичар, сепак, факт е дека изнесува сериозни обвинувања, а материјалите што ги објави, никој не ги отфрли, па дури дел од нив беа потврдени. Од обвинителството уверија дека сите потребни докази за утврдување на траекторијата на движењето на осомничените се обезбедени и оттука не постои никаква опасност за компромитација на истрагата.

Уште по заедничката конференција на Спасовски и Бубевски, многу пред да настапи Ного со своите теории, медиумите, опозицијата и експертите покренаа повеќе прашања. Прво, зошто некој би убил човек за 500 евра и за старо возило, кога киднапирање може да изврши со кое било возило? Нели поедноставно и побезбедно е да се украде возило без да се убива газдата, како што најчесто се прави при пресметки во подземјето?

Второ, ако целта била да се бараат пари за Вања, зошто била убиена само неколку часа по нејзиното киднапирање, без воопшто да се побараат пари? Зошто веднаш не ја однеле Вања на сигурна локација и не го контактирале семејството за откуп? Зар не е пологично така да постапат киднаперите, отколку да го чуваат девојчето подолго време пред да побараат откуп или, пак, тоа да го сторат откако ќе го убијат?

Трето, како киднаперите ги фатило паника дека целата јавност била вклучена во потрага по Вања, кога тоа се случи неколку часа откако таа е ликвидирана? Тие ја киднапирале Вања во центарот на Скопје, ја возеле низ целиот град во најголемиот метеж, за на крај да ја однесат на ливада и да ја убијат во момент на паника?! Факт е дека мајката Зорица уште во 8 пријавила во полиција, но на Фејсбук се огласи дури во 12 часот по што почнува медиумската кампања.

Четврто, зошто групата одлучила да ја киднапира Вања во време кога се прават подготовки за самитот на ОБСЕ, односно во ден кога имаше полиција на секој чекор? Ако претходно го одложиле криминалниот потфат, плашејќи се од големиот метеж, зошто тогаш се решиле истото да го сторат додека луѓе и полиција имаше на секој чекор? Дали можеби играле на картата дека полицијата тогаш ќе биде зафатена со други активности?

Петто, дали треба да се стави во притвор таткото на Вања само врз основа на исказ од некој што чул дека тој на некој трет му кажал кога неговата ќерка излегува од дома? Едно е Палчо да потврди дека бил во контакт со таткото и за тоа да приложи докази, но сосема друго е кога три лица велат дека четврто лице им кажало дека петто лице што не го познаваат е дел од планот.

Шесто, можно ли е да не светне никаков црвен аларм откога возилото во сопственост на исчезнато лице е фатено на камери? Дури и да е точно дека човек бил пријавен за исчезнат и недостигал детаљот дека фали и возилото, не треба ли автоматски да се трага и по возилото, особено бидејќи го немало во дворот на куќата, а било уловено на неколку камери на разни локации во Скопје?

Ова се само дел од бројните дилеми што се наметнуваат, со тоа што секогаш треба да се има предвид дека секој мозок не резонира на ист начин и секоја криминална организација не функционира како обичните луѓе, кои од дистанца прават анализа. Едноставно, има многу фактори што создаваат причинско-последични односи. „Фокус“ дојде до кредибилни сознанија од истрагата, кои барем делумно разјаснуваат некои дилеми, но покренуваат и дополнителни прашања.

Дефинитивно, Палчо и неговите соработници подолго време го планирале киднапирањето на Вања. Кон тоа упатуваат информациите дека тие ја набљудувале зградата каде што живеела Вања, која, всушност, ја градела некогашната градежна компанија на Палевски – „Упа Ентерпрајс“, која одамна е пропадната, но и денес поседува заеднички простории во фамозната зграда во Дебар Маало, во близина на градскиот парк.

Конкретно, тие подолго време гледале кога Вања излегува од дома и каква е нејзината маршрута на движење. И нашите информации кореспондираат со тврдењето на Ного дека тие првично планирале да го извршат киднапирањето во петок, или 3 дена пред тоа да го сторат во понеделник. Меѓутоа, се откажале, бидејќи пресметале дека постои ризик да бидат разоткриени.

ИСПРАШУВАЊЕ ПРЕД УБИСТВОТО

Како што рекоа Спасовски и Бубевски, Вања била киднапирана внатре во влезот на зградата каде што живее. Нашите дополнителни информации говорат дека откако била онеспособена, со врзани раце со јаже и со залепена уста со селотејп, Вања била однесена во просторија што функционирала како ателје. Немаме потврда дека ја чекале нејзината сестра Миња, како што тврди Ного, туку напротив – планот за кој сведочат притворените се однесувал само на Вања.

Пред „ситроенот“ каде што биле ставена Вања се движело „реното“ управувано од Палевски, кое имало улога на претходница. Всушност, првото возило одело по дефинирана траекторија кон Скопска Црна Гора, односно кон селото Бразда, кое е во непосредна близина на Глуво, од каде што потекнува Палчо и таму неговото семејство има викендичка. Подоцна, токму преку поврзување на двете возила се фаќа битна трага во разоткривањето на виновниците.

Кога стасале во близина на Бразда, според сведочењата на тројцата притвореници, Вања била извадена од гепекот. Тогаш, велат нашите добро упатени извори, Палчо почнал разговор со неа, но не ја прашал само како се вика и презива, како што тврди Ного. Туку, Палчо го испрашувал исплашеното девојче и колку станови има нејзиното семејство. Крајно вознемирена, Вања одговорила дека мајка ѝ ќе направи сѐ за неа.

Притоа, индикативно е тоа што ниту на девојчето му биле покриени очите, ниту, пак, Палчо и останатите биле маскирани. По разговорот, Палчо одлучил да ја ликвидира и им наредил на другите да ископаат дупка. Тие биле целосно збунети од ваквиот потег на Палчо, но никогаш не го оспориле неговиот авторитет, па му останале послушни и во најгнасните постапки.

Ова води кон неколку заклучоци или претпоставки. Штом Палчо воопшто не го криел својот идентитет од Вања, веројатно никогаш не планирал да ја остави жива. Но, дали станува збор за нарачано платено убиство, како што тврди Ного, или, пак, станува збор за акт на паника, како што посочија МВР и ЈО врз основа на сведоштвата на тројцата осомничени? Но, има и трета опција…

Според дел од сведоштвата, независно што ја убил Вања, Палчо, сепак, планирал да бара пари од нејзиното семејство, што, пак, станало невозможно, имајќи предвид дека случајот добиваше публицитет и почна да се разрешува. Патем, има сомнежи дека целта била вината за Вања да се префрли кон Панче, и токму затоа било одбрано неговото возило, но тоа сценарио подразбирало двајцата никогаш да не бидат пронајдени.

Кога ќе се соберат сите релевантни аргументи, не може да се најде реална основа дека Палчо планирал да ја чува Вања, да бара откуп и откако ќе ги добие парите, да ја ослободи. По сѐ изгледа, секако планирал да ја убие, па потоа, зависно од развојот на настаните, да се обиде да го измами семејството и да добие пари лажејќи ги дека потоа ќе ја пушти. Цело време, останатите соучесници ги убедувал дека им се потребни пари за партијата.

Тоа што водел разговор и ја испрашувал Вања за становите што ги поседува нејзиното семејство, пак, може да се интерпретира на повеќе начини. Од една страна, многу логично е да се констатира дека нема зошто Палчо да бара вакви информации од Вања, ако навистина бил на „линија“ со таткото Александар, кој би требало да знае каков имот има неговата поранешна сопруга.

Од друга страна, пак, сознанијата до кои дојдовме говорат дека имало многу сомнителни елементи во однесувањето на таткото, што ја наведувало полицијата дека е инкриминиран во случајот, независно што не признава никаква вина. Веднаш по исчезнувањето на Вања, тој експресно се појавил кај поранешната сопруга. Покрај тоа, активно трагал по ќерката, барал записи од камери од објекти, пребарувал во напуштени објекти во Дебар Маало…

Но, уште пред да се разбере што и како се случило со Вања, односно уште пред да се знае дека таа е свирепо ликвидирана, тој говорел дека каков и да биде расплетот, тој е веќе мртов човек. Просто, како да не верувал во позитивен епилог, што ги наведувало истражителите да се сомневаат дека го гризе совеста поради вклученост во цела криминална операција.

СТАН СО КЛАУЗУЛА

Покрај тоа, на кобниот ден Александар ѝ кажал на Вања да облече топла облека. Одредени толкувања одат во правец дека тоа го направил знаејќи дека ќе биде киднапирана и одведена некаде, па затоа и јавил убаво да се облече. Но, не мора да значи, бидејќи, исто така, сведочел дека се кае што тој ден лично не ја однел на училиште, бидејќи времето било многу студено.

Сепак, главната компромитација на таткото е сведочењето на соизвршителите, кои тврдат дека Палчо им кажал дека од него разбрале дека Вања тој ден сама ќе излезе од дома. Како тие ќе знаат кога точно да ја чекаат за да ја киднапираат, велат нашите извори? Сепак, треба да се има на ум дека можеби тие низ процесот на набљудување виделе кога Вања излегува од дома.

Поголема конфузија внесува моментот дека тој ден Вања одела сама на училиште, без нејзината сестра, но што ако планот на киднаперите навистина бил да ги киднапираат и двете, како што тврди Ного? Како и да е, засега не е најдена никаква директна комуникација меѓу Палевски и Ѓорчевски. Единствено, кај него најдени се апликации за комуникација, кои не се во масовна употреба, во кои тешко се влегува во трага, па оттука има сомнеж дека комуницирале на конспиративен начин.

И конечно, уште еден елемент не му оди во прилог на таткото, а тоа е станот каде што живеела Вања со нејзината мајка и сестра. Иако тој е во сопственост на мајката Зорица, сепак, се води на име на таткото Александар. Според нашите сознанија, Зорица решила да му го препише на Александар во периодот додека се разведувале, како знак на добра волја и инвестиција во идно заедно функционирање во интерес на децата.

Меѓутоа, договорот имал клаузула, која му забранувала на Александар да го оттуѓува. Сепак, одредени информации говорат дека Зорица планирала целосно да си го врати станот, па се истражува дали тоа предизвикало револт и гнев кај Александар, за да склучи пакт со ѓаволот. Како и да е, без конкретни докази не може да биде осуден, иако веќе е трајно обележан.

Исто така, во видеото на Ного се преувеличува неговата улога во решавање на случајот. Информациите до кои дојдовме потврдуваат дека тој активно трагал по неговата ќерка и одел од објект до објект да обезбедува снимки од камери, но, според нашите извори, сосема други моменти биле клучни за откривање на фактите и нивно ставање во меѓусебна корелација, што довело до откривање на виновниците.

Прво и основно, од исклучителна важност било алармирањето на жената од Велес, која јавила дека Панче го нема, иако имала закажано во неговиот фризерски салон. Без тоа, прашање е кога ќе било откриено дека човекот е убиен, бидејќи тој бил во лоши односи со семејството и неговите ќерки не би го забележале тоа. Истражните органи се сомневаат дека тоа била причина плус зошто Жежовски бил таргетиран и убиен во неговото возило со пиштол.

Потоа, пресуден фактор е опожарувањето на неговото возило од страна на Палески и неговата банда. На тој начин, тие сакале да се ослободат од биолошките докази што ги оставиле во возилото и кои би ги поврзале со Вања. Но, токму по палењето на возилото, полицијата активно почнала да го истражува неговото дотогашно движење и го поврзала со „реното“ на Десна. Доколку возилото било скриено во некоја гаража, којзнае дали и кога би се идентификувале и лоцирале виновниците.

На крајот, првичната слика се комплетира со исказите на осомничените, кои биле потврдени со фактичката состојба на терен. Нашите добро упатени соговорници велат дека еден од тројцата се онесвестил кога полицијата го приведувала и потоа му олеснило, додека друг бил дрзок. За нивната состојба доволно говори информацијата дека на прашања поврзани со убиството на Вања, еден од нов одговарал дека Власите ќе ни ја земат државата?!

„ДА СТЕ ЖИВИ И ЗДРАВИ“

На почеток, истрагата одела во многу погрешни насоки. Една од хипотезите што се испитувале е дали исчезнувањето на Вања е резултат на нејзина комуникација со конвертит, кој неодамна ја променил религијата. Се вршеле многу проверки, се пребарувале напуштени куќи во Дебар Маало. Но, подоцна се испостави дека Вања е веќе убиена и закопана, а нејзиниот телефон запален заедно со „ситроенот“ со помош на кој била киднапирана.

Покрај потенцијалната вина на таткото, недоволно разјаснета е и улогата на адвокатот Стојков, кој го однел Палчо од Скопје до Белград. Откако се разоткри цел случај, тој јавно тврдеше дека не знаел дека Палчо извршил убиство и дека бил искористен и злоупотребен. Истото го тврдеше и Димковски, кој го однел Палчо од Белград до Турција, но тој заврши во притвор.

Нема потврда дека Стојков знаел за грозоморните злосторства, но нашите сознанија говорат дека се обидел да му помогне на Палчо најмногу што може. Дури, се обидел да му обезбеди на еден од граничните премини да помине без да биде евидентиран, но, сепак, граничната полиција му побарала пасош. Она што можеби го „спасило“ Стојков од притвор е неговата соработка со полицијата.

Неспорно е дека Палевски бил водач на група, која има карактеристики и на злосторничко здружение, од причина што вршеле нелегални активности според дефиниран модус-операнди. Дознаваме дека тие на кобниот ден на убиството на Вања комуницирале со радиоврски, што укажува дека биле многу внимателни да не биде пресретната нивната комуникација.

Истовремено, оваа организација наликува и на секта поради елементите на фанатизам и склоноста кон теории на заговор, како што е теоријата за Власите како тајни владетели со државата. И нивната политичка партија Десна важи за екстремна партија од типот на Златна зора во Грција, која неодамна доби забрана за политичко дејствување. Воедно, донекаде наликува и на српската Двери, чиј член порано бил и Ного.

По двојното убиство, многумина почнаа да анализираат дали тоа е резултат на одмазда за нерасчистени односи со Панче или со родителите и/или роднините на Вања. Меѓу другото, можеше да се сретнат и опсервации на психолози, кои објаснуваа дека вакви убиства се типични за психопати, чии манипулативни вештини им овозможуваат околу себе да регрупираат „војници“, кои слепо ќе ги следат.

Кој може да убие дете? Само психопат кој нема никаква емпатија. Постојат страшни криминалци кои извршуваат тешки кривични дела, но кои никогаш не посегнуваат по животот на децата. Овој случај по многу елементи е специфичен. Истрагата сѐ уште трае и во неа има многу нејаснотии и нелогичности. Треба допрва да се разјасни мотивот – рече Драгана Батиќ, професор на Факултетот за безбедност, која се занимава со криминалистичка психологија и психопатологија.

Додека го кроел планот за Вања, Палчо во неделата вечерта ја известува публиката дека нема да одржи поткаст, па го најавува за  вторник или ден по убиството на Вања. Вечерта точно во 21 часот се вклучува во живо со поткаст во рамки на така наречената емисија „Крш“, која ја емитува по 113-ти пат, а темата е „Македонија е најголемата пералница на пари во Европа“.

Вкупно, поткастот го гледале над 20 илјади гледачи, но во тој момент никој не знаел дека на нивните мобилни телефони и компјутери гледаат убиец. Палчо носи црна маица и дуксер во темна боја и се наоѓа во канцеларија, на која во заднина има знамиња и симболот на партијата. Носи очила, а на почетокот од поткастот вели дека е сам.

Драги мои Македонци. Гадно е, не е убаво знам, тешко е. Многу често и јас сум уморен. Многу често и вие сте уморни. Многу често сте, да не кажам секојдневно понижени, но избор немаме. Изборот е овој, македонски е изборот. Колку и да е очајно, колку и да се страшно, предлагам да престанете да се плашите, предлагам да апелирате да престанат да глумат лудило и да се прават дека не знаат дека постои „Десна“ – вели тој, одјавувајќи се со поздравот „Да сте живи, здрави“.

МИСТЕРИОЗНО ИСЧЕЗНУВАЊЕ

По убиството на Панче и Вања, надлежните најавија дека треба да се влезе во проверка и на нерасчистени злосторства. Во тој контекст, поранешниот полициски началник Љубомир Ѓурчевски порача дека треба да се отвори и случајот со малата Билјана Србиновска, чие киднапирање и убиство имаат многу сличности, пред сѐ поради тоа што, исто како и Вања, исчезнала од урбана средина, а најдена е закопана во близина на Бразда.

Билјана Србиновска во 1989 година била киднапирана на сличен начин како и Вања, од влезот на зградата во Карпош 2 каде што живеела или во непосредна близина, чие тело било пронајдено, исто така, во атарот на селото Бразда, само на различна страна. Полицијата треба да го отвори и тој случај – рече Ѓурчевски.

Засега нема информации за поврзаност меѓу убиството на Вања и она на Билјана од пред 35 години, но „Фокус“ дознава полицијата сега од поинаков аспект го третира исчезнувањето на скопјанец пред точно 2 години. Тој исчезнал во населбата Аеродром и до ден денес не се знае ништо околу неговата судбина. Непосредно пред да исчезне, имал комуникација со Палчо, што сега добива сосема поинаква димензија.

Се работи за Роберт Плескоњиќ, кој исчезна на почетокот на 2022 година. На 15.1.2022 медиумите објавуваат вест дека Плескоњиќ е пријавен за исчезнат, а последните достапни информации говорат дека е виден на 5 јануари во околината на Новата железничка станица, каде што и живеел. Оттогаш му се губи секаква трага.

Како што пишуваа медиумите, тој излегол од дома и не се вратил, па негови роднини го пријавиле во МВР на 6 јануари. Плескоњиќ фигурира и на листата на МВР на исчезнати лица, каде што, покрај неговата фотографија, пишува дека е роден во 1960 години во Скопје. Неофицијално, откако се видел со пријатели, целосно исчезнува, иако немало никакви индикатори дека сакал да побегне или, пак, да се повреди.

Според информациите на „Фокус“, тој не е фатен на ниту една камера и никогаш не е пронајден неговиот телефон, никогаш не е најден ниту жив, ниту мртов. Од него нема никаков сигнал, ниту полициската истрага дала некаков резултат, што го остава неговото семејство да живее во агонија, прашувајќи се што би можело да се случи.

Сепак, исчезнувањето на Плескоњиќ доби друго значење откако се дозна дека Палчо убил старец и девојче, бидејќи двајцата биле во контакт пред да го снема на почетокот на 2022 година. Нашите потврдени информации говорат дека тие одржувале комуникација, со тоа што информациите варираат во однос на тоа дали тоа била вообичаена куртоазна комуникација и пиење кафе во Аеродром или, пак, имале одредени зделки.

Нашите извори велат дека Плескоњиќ имал неколку должници, на кои своевремено им позајмил пари, но тие не му ги вратиле. Затоа, според нив, тој барал човек што би можел да ги наплати тие долгови, а за возврат да задржи дел од парите. Токму во таа комбинација влегол Палчо, кој, покрај другото, се занимавал и со наплата на долгови. Можно ли е Палчо да наплатил дел од долговите, но сакал сѐ да задржи за себе?

Покрај тоа, има уште една заедничка точка меѓу нив двајца. Според нашите информации, Плескоњиќ финансирал и одредени активности околу ископ на злато, а, како што е познато, со тоа се занимавал и Палчо, како и убиениот Панче. Згора на тоа, Палевски е фатен од полиција додека копал злато  во Демир Капија, но безмалку не претрпел никаква санкција, иако носел пиштол, а дозволата налагала да го чува расклопен во кутија.

И последно, Плескоњиќ бил еден од основачите на здружение за правата на Србите во Македонија, а во организациски и логистички работи помагал и Палевски. Сѐ на сѐ, тоа се повеќе од доволно индиции да се испита дали Палевски е виновен за исчезнувањето на Плескоњиќ, но и за многу други луѓе. Се обративме до МВР, но до затворањето на весникот не добивме одговор околу истрагата на Плескоњиќ.

Поврзани новости