АРХИВА Кој се крие зад леринското здружение што го донираше споменикот на Ќосето?

by Фокус

Текстот е објавен на 15.08.2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 984

Владата предводена од Зоран Заев денеска ќе расправа да ја укине одлуката на претходната влада на Никола Груевски да и даде на користење деловен простор во државна сопственост во строгиот центар на Скопје на Здружението на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин, кое стана познато во јавноста кога донираше 5 нови споменици, меѓу кои оној на Андов Јанев – Ќосето.

Пишувала
Мери ЈОРДАНОВСКА

Здружението на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин, на чие чело стои 73-годишниот Ташко Јованов, барем според она што можеме да го видиме на дело, е едно од најбогатите здруженија – донира 5 споменици за проектот „Скопје 2014“, небаре не беа доволни овие што ги имаме, па треба да се збогати колекцијата преку дополнителни донации во форма на споменици.

Ова здружение во јавноста не е познато по некои други големи дела, иако е основано пред седум години. И покрај тоа што неговата цел и дејност е „заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски идентитет, духовно, културно и економско обединување на Македонците од сите делови на Македонија и светот, грижа за граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од егејскиот дел на Македонија и Балканските војни, издавачка дејност“ и така натаму, сепак донацијата на петте споменици засега е најголемото обележје на оваа организација.

И сето тоа е во ред, доколку Здружението смета дека пет споменици ќе обезбедат афирмација на идентитетот и грижа за прогонетите Македонци, но она што паѓа в очи е следново: ако станува збор за хумана работа, дека, ете, сакале луѓето да си донираат од ќеф и љубов, тогаш зошто Здружението молчи? И уште нешто. Не видовме ниту една реакција од страна на градот Скопје на бројните прес-конференции на СДСМ, кои повикуваат на одговори за спорната донација, за која не се знаат ниту авторите, ниту, пак, сумата.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ДОНАТОРСКОТО ЗДРУЖЕНИЕ КОМУНИЦИРА САМО ПИСМЕНО

Седиштето на хуманото здружение се наоѓа на булеварот Партизански одреди, во Карпош 4. Со оглед на тоа што претседателот на Здружението, Јованов, прво не одговараше на нашите повици за да образложи од кои причини решиле да донираат, колку пари чинат спомениците, кои се авторите итн., се упативме на самото место. Станува збор за станбена зграда, односно во станот каде што живее Јованов е регистрирано и самото здружение. Не ни отвори никој, но успеавме да направиме краток муабет со соседите.

Да, да, Јованов е многу познат во последно време со спомениците. Во едниот стан живее тој, во другиот син му. Синот работи некаде во „Водовод и канализација“, а ќерката исто е во државна институција. Тој порано работеше во „Радио Бран“, а сега е пензионер… Има и службено возило „ауди“, го гледаме, доаѓа и оди по работа нешто…“, ни рекоа соседите.

Според одлуката на градот Скопје, здружението на 73-годишниот Јованов ќе донира споменик на генерал Михајло Апостолски, кој ќе биде поставен кај клучката кај „Континентал“. Кај Судска палата ќе биде подигнат споменикот на Андон Лазов Јанев-Ќосето, а кај комплексот факултети споменикот на Ѓорѓи Сугарев. Спомениците на Никола Петров Русински и Пере Тошев ќе бидат поставени во близина на Универзитетската библиотека. Сите, како по правило, ќе бидат качени на коњ, освен споменикот на Андон Лазов-Јанев.

Најевтините споменици што досега беа подигнати, а се дел од проектот „Скопје 2014“, чинеа околу еден милион евра (лавовите на мостот Гоце Делчев). Ако ја земеме оваа најниска сума, тоа значи дека здружението од Лерин на својата сметка имало над 5 милиони евра! Мора да се признае дека е малку симптоматично!

Од друга страна, донаторите се најчесто лица кои уште како сакаат да се пофалат за тоа во јавноста. Самата Валентина Стевановска се пофали со донацијата на скулптура на Александар Македонски во истоименото училиште во населбата Аеродром, а децата беа облечени во униформи од фалангата на Александар. Но, ова скромно здружение ни под разно не сака да ги коментира донациите на 5 споменици.

Повелете, на состанок сум“, ни рече претседателот на Здружението Јованов.

Ви се јавуваме во врска со вашата донација на пет споменици...“, ја почнавме реченицата, но тој нѐ прекина.

На состанок сум, не можам да зборувам“, рече Јованов и ја спушти слушалката.

Имавме и втор обид да го добиеме, но наидовме на следниот одговор:

Писмено ќе бидете сите известени за нашата донација на споменици. Пријатно!“.

ЈОВАНОВ СООПШТУВА САМО ЛОШИ ВЕСТИ

За Јованов во јавноста малку се знае. Минатата година беше актуелен при неговите напори да ја премине грчката граница како претседател на Асоцијацијата на Македонци од егејска Македонија и претседател на Здружението од Лерин при прославата на Илинден. Здружението било покането да присуствува на манифестацијата. Ташко Јованов претходниот ден се обидел сам да ја премине границата, но бил вратен од грчките власти, со објаснување дека тој е непожелна личност во Грција.

Тој минатата година без проблем даде прецизна изјава за провладиниот портал „Курир“, каде што објасни дека на грчката граница првиот автобус со српски регистарски таблички поминал без проблем, а вториот автобус пет часа бил задржан. Грчките цариници со часови го претресувале автобусот и го барале Јованов. Во официјалното образложение што го добил од грчката канцеларија за врски е наведено дека предводи националистичко здружение.

Претходно, пак, беше познат и по изјавите во јавноста околу барањата за враќање на имотите на Македонците во Грција.

Предметите за имотите сѐ уште се во грчките судови, документите уште не ни се вратени назад и очекуваме во текот на оваа година или при крајот на летово почеток, доколку не, по вторпат ќе ги поднесеме документите на другиот суд во Грција. На крајот, ако на тој начин не го решиме барањето, во тој случај документите ќе ги однесеме во Стразбур“, изјавуваше Јованов за медиумите.

Тогаш не му пречеа изјавите што ги даваше за медиумите, но сега, кога станува збор за донација на споменици, очигледно се јавува некој проблем кога Јованов треба да се појави пред медиумите со „среќна вест“.

ДОНАТОРОТ НА СПОМЕНИЦИ БЛИЗОК СОРАБОТНИК НА ТОДОР ПЕТРОВ

Името на претседателот на донаторското здружение се поврзува и со претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, кој во јавноста во последниве денови стана познат откако на 24-то Генерално собрание на Светскиот македонски конгрес го официјализира отворањето фондација, која ќе ги помага и поттикнува Македонците да раѓаат повеќе деца.

Во 2009 година, кога се одржа конститутивно собрание на Сојузот на здруженијата на Македонците од егејскиот дел на Македонија, во кое се обединија десет здруженија на Македонците од егејскиот дел на Македонија под името „Македон“, Петров ги поздрави присутните со следните зборови:

Светскиот македонски конгрес ви стои на располагање за координација, соработка и размена на искуства и информации по прашањата од остварувањето на граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од егејскиот дел на Македонија од Балканските војни во 1912-1913 година, преку Граѓанската војна во Грција од 1948 година, до денес“.

Според нашите информации, соработката меѓу Петров и Јованов сѐ уште трае, а тие често се појавуваат за да дадат заеднички изјави во однос на правата на Македонците од егејскиот дел од Македонија. Освен овие податоци, за Јованов речиси и да нема други податоци познати за јавноста, па оттаму останува да виси прашањето: што е она што го натерало Здружението наеднаш да се јави како донатор на споменици?

ДОНАЦИЈАТА ОДИ ТАМУ КАДЕ ШТО ПОБЕДУВА ВМРО-ДПМНЕ

Она што е најсимптоматично во целата оваа донаторска приказна е периодот од декември 2013 година до моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ги изгуби изборите во Општина Центар. Имено, на седница на 28 декември 2013 година, во Општина Центар е донесена одлука дека Здружението на Јованов ќе донира споменици во центарот на Скопје. Од сега планираните пет споменици, за четири веќе била донесена одлука во Општина Центар. Но, во април, откако ВМРО-ДПМНЕ ги губи изборите, оваа одлука како да ја нема! Ги нема ниту донираните споменици, ниту се знае што се случува со одлуката.

Затоа, пак, истата одлука, овојпат за 5 споменици, се појавува во градот Скопје! Никој жив не се најде да објасни како е можно Здружението на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин на двапати да се јавува како донатор, и тоа за исти споменици?! Единственото име што ги поврзува овие две случувања е Александар Јанакиески, кој бил раководител во Општина Центар во Секторот урбанизам, а потоа, кога Андреј Жерновски седнува во градоначалничката фотелја во Центар, тој станува раководител на Секторот урбанизам во Град Скопје.

Како Јанакиески ги менува функциите, така се менуваат и донациите на здружението од Лерин. Прво донира споменици на Општина Центар, а по изборите, истите ги донира на градот Скопје. Како ова здружение ќе ги изработува спомениците со 45.000 евра приход за три години, останува нејасно, бидејќи на прашањата од опозицискиот СДСМ досега со одговор не се јави никој.

Она што останува како факт е дека донациите во Македонија се третираат мошне анемично. Никој не те прашува од каде и како си ги добил парите ако сакаш да изградиш споменик, ама уште како ќе те „распнат“ ако си остварил дополнителен приход! На кого како му одговара!

ТЕРМИНОТ ДОНАЦИЈА ЛЕСНО МОЖЕ ДА СЕ ЗЛОУПОТРЕБИ
Експертите тврдат дека во Македонија не е доволно разјаснет терминот донација, кој сѐ почесто се користи кога се поставува или се гради објект за кој во јавноста има многу поделени мислења. Оттаму, не се исклучува можноста донацијата да се користи за објекти како што е „Скопје 2014“, каде што веќе се потрошени енормни суми пари, па сето она што следува понатаму да се третира како донација од одреден субјект, кој на еден или на друг начин е близок до власта.

Но, за сето ова, според познавачите, постојат механизми кои се лесно употребливи, пред сѐ, Финансиската полиција и Управата за јавни приходи, која лесно може да провери од каде се добиени парите за донациите.

Да не зборуваме, пак, за тоа дека градот Скопје и градоначалникот Коце Трајановски, како носители на одлуката за нови споменици, имаат обврска за транспарентност пред јавноста и должност да соопштат: колку чинат спомениците, како се прибрани средствата и кои се авторите на новите споменици што ќе го красат Скопје!?

Поврзани новости