Откако Васко Ковачевски по околу четири години на функцијата директор на АД ЕСМ ја депонираше својата оставка, на неговото место вчера беше именуван Васко Стефанов (55). Тој порача дека му е чест што е именуван за нов генерален директор на АД ЕСМ, и вети дека ЕСМ ќе продолжи посветено и транспарентно да се подготвува за следната грејна сезона.
Од она кое се знае на национално ниво за Стефанов е дека тој е кадар на СДСМ, по потекло од Неготино, и доаѓа со претходно искуство од АД Водостопанство и АД Пошти, каде беше генерален директор.
Неговото именување беше проследено со голем број на јавни реакции и коментари на социјалните мрежи, од шеговити, во кои граѓаните пишуваат – Од кал да е, Васко да е, до такви во кои се поставува прашањето какви квалификации и професионални квалитети се потребни, за да еден човек три пати во рок од три години биде именуван како генерален директор на големи акционерски друштва како Водостопанство, Пошти и ЕСМ.
Исто така, по заминувањето од функцијата во АД Водостопанство, пред да биде избран за генерален директор на АД Пошти, тој беше заменик – директор на Агенција за вработување на Република Северна Македонија.
Но, пред да дојде во Водостопанство, од 2017 до 2020 година тој беше директор и во АД Славија.
Честите промени од едно до друго АД на Стефанов се должат на коалициските договори, односно од АД Пошти тој замина откако Алијанса за Албанците влезе во владината коалиција, а пак од Водостопанство замина кога на негово место беше назначен кадар од Алтернатива.
Дознаваме дека коалициските договори биле единствената причина тој да заминува од едно, па да биде поставен на друго работно место, и не станува збор за евентуално лошо менаџирање. Во сите акционерски друштва каде бил на функција, започнал реформи.
Сепак, иако на пошироката јавност и е познат само како носител на овие функции, Стефанов помеѓу своите сограѓани во Неготино е познат како човек кој долги години наназад беше дел од приватниот сектор. Повозрасните неготинци пак, се сеќаваат дека во својата младост тој често пати беше дел од театарските претстави на неготинскиот театар, но го паметат и како занаетчија – кондураџија. Токму поради занаетот, како долгогодишен активист во ОО СДСМ Неготино, а своевремено и претседател на ОО СДСМ Неготино, се случуваше да биде омаловажен од членови на ОК ВМРО ДПМНЕ Неготино, па дури и на прес конференции со потсмев да биде нарекуван кондураџија.
По неколку такви напади, тој јавно порача дека уште во рана младост, на почетокот на своите дваесетти години, борејќи се за егзистенција на своето семејство отворил занаетчиски дуќан, и чевларството за него е нешто со кое се гордее, бидејќи самиот чесно си го заработувал парчето леб.
Во Домот на културата во Неготино пак, тој беше водител на сценски дејности околу четири години, односно од 1994 година. Во тој период домот имаше богата програма, а Стефанов често пати беше дел од театарските претстави.
Подоцна влезе во приватниот сектор, и беше вработен во семејната компанија не неговата сопруга која е со трговска дејност.
Кога е СДСМ во прашање, Стефанов е активен член од далечната 1996 година. Десет години помина како претседател и десет години како портпарол на ОО СДСМ Неготино, а беше и член на општинскиот Совет.
Од периодот додека беше претседател, остана запаметен кога пред камери го предизвика тогашниот градоначалник Ванчо Апостолов од ВМРО ДПМНЕ да испие чаша неготинска вода. Тоа се случуваше во период кога градот се соочуваше со редовни рестрикции на водата за пиење, која неретко беше и загадена.
И покрај функциите на кои се најде изминативе години, тој се уште живее во Неготино и во градот важи за мирен човек кој е посветен на своето семејство.
Вики Клинчарова