Мерка за успешност на граѓанскиот бојкот беше тоа што тој ги натера менаџерите на ланците супермаркети да нудат акции со кои „значително“ ќе се намалат цените на најосновните производи. Но, финансиски тоа за нив не значи воопшто ништо, ако се споредат бројките од годишниот приход што го прават. Имено, седумте најголеми трговски ланци на маркети во земјава, во 2023 година оствариле вкупни приходи во износ од 930 милиони евра, што значи дека еднодневниот бојкот во петокот, кој го намали прометот за 1,6 милиони евра, на супермаркетите им откинал 0,2 отсто од годишниот приход.
Текстот е објавен на 6 февруари 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.531.
Пишува: Орце КОСТОВ
Бојкот за одбегнување на пазарење во маркетите во петокот, кој за првпат во историјата на земјава се реализираше за да изрази револт од енормниот раст на цените на производите, даде ефект.
Со оглед на дефетизмот кај нашите граѓани и неизлегувањето од зоната на комфор, како и со оглед на пресметките на Управата за јавни приходи, ефектот беше еднаков на победа во една од битките во војната против трговците.
Според податоците на Управата за јавни приходи, вкупниот промет во осумте поголеми трговски ланци во земјава бил намален за 46,59 отсто, во споредба со 24 јануари, а за 46,29 проценти во однос на 30 јануари или ден претходно.
Во саботата, на 1 февруари, ден по бојкотот, прометот се покачил само за околу 11 проценти повеќе во однос на претходната сабота и тоа е потврда дека бојкотот го намали и онака големиот профит на ланците супермаркети.
– Податоците од системот за регистрирање на готовински промет (GPRS), односно регистриран готовински промет во осумте поголеми синџири на маркети на територијата на целата држава за деновите 24, 30 и 31 јануари 2025 година покажуваат дека вчера 31.1.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 114.293.367 денари или околу 1,86 милиони евра.
Во четврток, 30.1.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 212.782.151 денари или 3,46 милиони евра, а во петок, 24.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 213.985.705 денари или 3,48 милиони евра – информираа од УЈП.
Сепак, дел од граѓаните не беа на иста линија со мнозинството сограѓани што се организираа, по примерот на Хрватска и Словенија, да ги бојкотираат супермаркетите поради високите цени на основните производи.
„Фокус“ посети неколку маркети во Скопје, меѓу нив и една маалска продавница и секаде начека по некој потрошувач, кој или не слушнал или не сакаше да бојкотира, иако цените не му одговараат воопшто.
Во маалската продавница луѓето си купуваа леб и цигари без да ја коментираат акцијата, но продавачката и сопственичка на малиот маркет рече дека се соочува секојдневно со граѓански бојкот поради високите цени, но посочи дека тоа е проблем што треба да го реши државата.
– Кај мене доаЃа битолско млеко по дистрибутивна цена од 69 денари, а во „Кам“ крајната цена за потрошувач е 65 денари. Како јас да ги продавам моите производи и по која цена? Државата нека не се прави глува и слепа, проблемите се огромни во дистрибутивниот синџир на снабдување – истакна таа за „Фокус“.
Во „Стокомак“, кој важи за еден од најевтините супермаркети, имаше огромен пад на продажбата, но, сепак, додека траеше нашата обиколка, начекавме потрошувачи што пазареа или пак што ги разгледуваа цените.
–Кашкавалов сте го направиле 600 денари за килограм. Ќе одам во „Тинекс“ да купам, денеска имаат голема акција – истакна постар муштерија, кој на нашето прашање зошто токму денеска дошол во маркет рече: „Знам дека е скапо, ама не бојкотирам. Ќе си одам во маркет кога сакам“.
И во останатите големи маркети сликата беше слична. Маркетите беа празни и одвреме-навреме по некој муштерија си купуваше цигари или пиво.
На иста линија со оние купувачи што го бојкотираа бојкотот, беше професорот Трајко Славески, кој е дел од ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Советот на Град Скопје. Тој во интервју за „ТВ24“ рече дека решението за ваквите проблеми треба да го најде пазарот, бидејќи тој е единствениот што може да ги креира цените на производите.
–Бојкотот е само фолклор и нема да има никаков ефект, она што нема да го купите во петок, ќе го купите за време на викенд затоа што не можете да се лишите од потребите, така што најдобро е како што сите сме правеле да се истражува по маркетите и да се добиваат пониски цени за вашите производи – рече Славески.
АНАЛИЗА НА ПРОФИТИТЕ
Мерка за успешност на граѓанскиот бојкот беше тоа што тој ги натера менаџерите на ланците супермаркети да нудат акции со кои „значително“ ќе се намалат цените на најосновните производи. Но, финансиски тоа за нив не значи воопшто ништо, ако се споредат бројките од годишниот приход што го прават.
Со акција или без акција, маркетите бележат огромен раст, како на приходите, така и на нето-профитот, што, сепак, се должи на високите цени на оние производи што се дел од реалната потрошувачка кошничка на граѓаните.
Податоците од Бизнис-мрежа покажаа дека седумте најголеми трговски ланци на маркети во земјава во 2023 година оствариле вкупни приходи во износ од 930 милиони евра. Тоа значи дека еднодневниот бојкот во петокот што го намали прометот за 1,6 милиони евра, на супермаркетите им откинал 0,2 отсто од годишниот приход.
На водечката позиција, меѓу нив се маркетите „Веро“, кои заработиле над 10 милиони евра, што е речиси 13 отсто повеќе во споредба со претходната година. На второ место се „Кам маркети“ со заработка од 7,3 милиони евра.
Меѓу оние со големи профити е и Кипер, кој заработил 5,5 милиони евра, а по него е Стокомак со профит од четири милиони евра. Вива-фреш (поранешен Кит-Го, во сопственост на косовски синџир маркети) е со слична добивка како Кипер. „Рамстор“ имал добивка од два и пол милиони евра, а Тинекс 1,4 милиони евра.
Според анализата на порталот „Пари“, најголем раст на приходите имале Кипер, КАМ и Стокомак. Во 2018 година, кога условите на пазарот беа мирни и редовни, Кипер маркети имаше вкупни приходи од 47,9 милиони евра, а во 2023 година ги зголеми на 175,2 милиони евра, што е повеќе од трипати.
Во истиот период, најголемиот трговски синџир на мало во земјава, КАМ маркети ги зголеми приходите од 130,6 милиони евра на 269 милиони евра. Стокомак, кој во 2018 година имаше вкупни приходи од 51,8 милиони евра, а во 2023 година 138,5 милиони евра.
Зад нив се Кит-Го и Веропулос, со нешто поскромен раст на приходите, додека кај Тинекс и Рамстор се забележува стагнација во висината на приходите.
Кипер маркети е убедливо на шампионското место според растот на профитите во изминатите седум години. Од 1,6 милиони евра во 2018 година, на 5,5 милиони евра нето-профит за 2023 година.
ИМА ПОДДРШКА, НЕМА РЕШЕНИЈА
Бојкотот на маркетите го поддржаа речиси сите политички партии, синдикатите, невладините организации, организацијата на потрошувачи, Владата, пратеници… Но, ниту еден од нив не објасни како да се надмине проблемот со брзи и краткорочни мерки.
– Животниот стандард е задача на владата и тој сега опаѓа или не расте, не толку поради инфлацијата, туку поради покачување на цените на одредени категории производи кои се битни за животниот стандард, особено за посиромашните граѓани. Сега владата има повеќе опции да се справува со проблемот.
Може да ги покачи минималната плата и ниските плати, ако тоа не може, не мора да оди преку плати и пензии. Најсиромашното население користи социјални приходи, тие треба да се зголемат и точно да се таргетираат тие граѓани. А за останатите граѓани тука треба да се види со влијаење врз добро регулирање на пазарната структура на одредени категории производи.
Ние немаме инфлација поради објективна причина, туку трговците се олигопол и можат да ја злоупотребат позицијата. Владата, преку своите институции, има ингеренции да го регулира тоа. Имаме закон за заштита на конкуренција и закон за нефер трговски практики. Сега институциите треба да си ја завршат работата. Досега ништо не се направи – смета професорот по економски науки, Ванчо Узунов.
Од Владата сметаат дека решението за високите цени на прехранбените производи треба да се бараат низ дијалог меѓу производителите и трговците и апелираат да се почитува Законот за нефер трговски практики.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој исто така го поддржа бојкотот, најави одлучна акција во борбата против неправедните трговски практики и злоупотреби, но не кажа какви ќе бидат казните и последиците за супермаркетите, добавувачите и производителите.
– Ќе инсистирам на транспарентност и ригорозни казни за сите кои ќе се утврди дека го изигруваат законот и ги злоупотребуваат граѓаните и набавувачите. Заедно ќе се спротивставиме на сите кои мислат дека ќе се богатат на наша сметка.
Ќе се справиме со овој проблем и ќе направиме сè што е во наша моќ за да го заштитиме животниот стандард на сите наши граѓани! Во исто време, ќе продолжиме и со субвенционирање на најпогодените категории на граѓани за дополнително да ги минимизираме негативните ефекти од растот на цените – наведе Мицкоски.
Драконски казни доколку не се почитува Законот за нефер трговски практики и сите останати закони, во најави и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која апелираше до сите трговци да ги почитуваат законите, затоа што, вели таа, не може да се скријат финансиските трансакции и кога тогаш тие ќе бидат откриени од инспекторите.
– Точно е тоа дека во овој период одредени институции поради лимитираните капацитети не можеа да излезат и да ги исконтролираат состојбите, но кога станува збор за пари и финансиски трансакции, се останува вечно. Тоа значи дека на пример можеме и по 12 месеци да направиме контрола и доколку утврдиме неправилности, ќе следуваат казни.
Затоа апелирам до сите компании во државата да се почитуваат законите бидејки во некој момент некоја од институциите ќе излезе на терен и ќе направи контрола по што ќе следат драконски казни – изјави Димитриска-Кочоска.
Решението за порастот на цените, и според Стопанската комора на Македонија, треба да се бара во дијалогот меѓу производителите и трговците.
– Ние ќе се однесуваме најодговорно и заедно со Владата ќе бараме решение за тоа и со останатите чинители – изјави претседателот на Стопанската комора Бранко Азески во петокот.
Поддршката за иницијативата за бојкот на маркетите вчера дојде и од Занаетчиската комора, која воедно ги повика граѓаните да направат поправеден избор и да пазарат кај малите занаетчии.
– Целосно го поддржуваме бојкотот на маркетите, меѓутоа апелираме до граѓаните секогаш кога ќе имаат можност да купат леб, други прехранбени продукти во занаетчиските пекари, други дуќани за да се поддржи локалното производство. Воедно, апелиравме и до занаетчиите да ги намалат цените на своите продукти – изјави претседателот на ЗКРСМ, Агрон Фазлији.
И дел од политичките партии излегоа со поддршка за бојкотот, но и со различни ставови кој е одговорен. Опозицијата одговорноста за состојбите ја лоцира кај власта.
СДСМ ја оцени како скандалозна изјавата на професорот Славески дека бојкотот на маркетите ќе биде залуден, бидејќи нема да го даде ефектот што многумина го посакуваат.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, нагласија дека го поддржуваат бојкотот против ланците на профитери, за кои обвинија дека СДСМ ги штити и сака да ги амнестира. Ставовите на Славески се лични, посочија од партијата и нагласија дека позицијата на ВМРО-ДПМНЕ е јасна и недвосмислена.
Поддршка за јавниот повик за бојкот дојде и од Организацијата на потрошувачи на Македонија, од каде предлагаат Владата да преземе подолгорочни мерки за да се заштити стандардот на граѓаните.
Податоците на Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека минималните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари се зголемени за 391 денар во однос на декември. Во делот на храната и пијалаците се бележи зголемување од 123 денари.
Воедно од ССМ, посочуваат дека вредноста на синдикалната минимална кошничка за само една година пораснала за 6.089 денари што значи зголемување од 10,63 проценти. Сметаат дека се оправдани нивните барања за зголемување на минималната плата и на сите останати плати и оти се потребни и други мерки од страна на владата за да се заштити животниот стандард на граѓаните.
Најновите статистички податоци покажуваат дека трошоците на живот во 2024 година во однос на 2023 година бележат пораст од 3,5 проценти, а цените на мало од 3,8 проценти.
НОВИ ПОВИЦИ ЗА БОЈКОТ – „ЦРН ПЕТОК“
На социјалните мрежи од синоќа се шири нов повик за бојкот, но не на сите, туку само за двата големи маркети – Тинекс и Веро. Се повикуваат граѓаните да се воздржат од купување на производи од овие два маркети, додека за петок повторно се најавува бојкот на сите големи синџири, а истиот е насловен како „Црн петок“ за маркетите.
На бојкотот во петокот граѓаните беа со поделени мислења околу тоа дали треба ваква акција и дали истата ќе вроди со плод. Дел од нив пак рекоа дека се подготвени истата акција да ја спроведат и по неколку дена. Бојкотот за воздржување од купување од големите маркети беше поттикнат од Хрватска, а за кратко време се прошири низ речиси сите екс ју-држави.
КОНТРАЕФЕКТ ВО БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА
Бојкотот на продавниците организиран на последниот ден од јануари во Босна и Херцеговина во знак на протест против високите цени, според податоците на даночната управа, не ги даде очекуваните резултати, додека организаторите на акцијата најавуваат нови, подолгорочни мерки.
Официјалните статистички податоци покажуваат дека прометот во продавниците на 31 јануари бил еднаков или дури поголем од претходните денови. Според податоците на Даночната управа на Федерацијата Босна и Херцеговина, продавниците оствариле промет од 52,1 милиони евра, што е уште повеќе од претходниот ден кога изнесувал 51,9 милиони, а значително повеќе од една недела порано кога прометот бил 47,2 милиони евра.