Крајбрежјето на загаденото велешко езеро „Младост“ од вчера ја смени бојата, почна да белее и мириса на амонијак. Белата пивтиеста маса се прошири езерското крајбрежје од почетокот на страната на патот кој води кон хотелите и викенд населбата.
Двајцата членови на Совет на Општина Велес, Димитар Абрашев и Игор Смилев, случајот го пријавија на Државната инспекторка за заштита на животна средина, Билјана Шуркова Манаскова, а ќе иницираат постапка во Општина Велес за ново испитување на земените мостри од водата и во охридскиот Хидробиолошки Завод, како што рекоа, затоа што веруваат на неговите резултати.
Извештајот на Хидробиолошкиот завод од Охрид покажа дека квалитетот на водата е лош, а таа е фекално и органски загадена. Инспекцискиот надзор, пак, откри дека голем дел од објектите не се приклучени на колектор, а ЈКП Дервен не знае каде се излева водата.
Текстот е објавен во неделникот ,,Фокус”, во број 1.504, објавен на 1 август 2024 година.
Пишува: Орце КОСТОВ
Граѓаните од Велес, Скопје и од Свети Николе, кои најмногу го користат езерото Младост за рекреација, останаа шокирани од последниот извештај за квалитетот на водата што го изготвија експертите и професорите од јавната национална установа Хидробиолошки завод Охрид.
„Водата во акумулацијата Младост крај Велес е ризична по здравјето на пливачите и по опстанокот на живиот свет, има лош квалитет и параметри кои се над дозволената граница“, вели заклучокот на извештајот, кој го порача Јавното претпријатие за водостопанство „Лисиче“ од Велес, кое стопанисува со водата на езерото и врши редовни испитувања на нејзиниот квалитет.
Овој извештај е во целосна спротивност со резултатите од испитувањата што ги вршеше приватната лабораторија „Фуд Лаб ДОО“ за потребите на Општина Велес и која утврди дека водата во езерото има добар квалитет, како и со лабораториските испитувања за здравствена безбедност на водата во езерото, кои редовно ги врши Центарот за јавно здравје во Велес.
Центарот за јавно здравје напомена дека од извршените испитувања и стручната анализа, може да се заклучи дека водата на езерото Младост може да се користи за капење и за рекреација, и покрај отстапувањето од бараната втора класа на некои физичко-хемиски параметри, кои не се одразуваат штетно врз здравјето на капачите.
ФЕКАЛНО И ОРГАНСКО ЗАГАДУВАЊЕ
При испитувањето на мострите што ги зеле експертите од Хидробиолошкиот завод од езерото констатирани се индикатори за параметри на водата, кои се над дозволената граница и затоа побарале дополнителни физичко-хемиски, микробиолошки, фитопланктонски и зоопланктонски анализи на акумулацијата.
Површината на водата на езерото е покриена со растителна маса и алги во распаѓање, измешани со остатоци од фекално потекло, а има и остатоци од измет на површината.
Правени се анализи од земени примероци на вода од две точки, првата во крајбрежниот појас на централниот предел на езерото, додека втората пред вливот на Отовичка Река, која во извештајот е опишана како пресушена.
Резултатите од физичко-хемиските анализи на Заводот покажуваат дека водата во езерото е проѕирна само два метри под површината и поради тоа се категоризира во трета класа.
На површинскиот слој има растворен кислород, додека во длабочините го нема и тоа значи дека животинскиот свет, флората и фауната може да се одржат во живот до само седум метри длабочина ако за нив се доволни овие количества разреден кислород.
Според анализата на експертите, меѓу кои лекари, двајца доктори на науки и еден пред докторирање, како и тројца специјалисти во своите области, Младост е езеро во изумирање.
Микробиолошката анализа, пак, покажала дека има сериозни индикации за бактериолошко загадување на езерото поради брзата реакција на бактериите на променливите услови на животната средина.
Во резултатите на Хидробиолошкиот завод во Охрид, кои ги објави и Јавното претпријатие за водостопанство од Велес „Хидросистем Лисиче“, кое стопанисува со водната површина и беа испратени до Општина Велес, надлежните инспекторати и Министерството за животна средина и просторно планирање, се открива и ново фекално загадување на езерската вода.
Експертскиот тим, кој го сочинуваат докторот на хемиски науки Елизабета Велјановска Сарафиловска, докторот на зоонтолошки науки Орхидеја Тасеска, м-р Јовица Лешоски како и специјалистите микробиолог д-р Ленче Лекоска, фитоплантозите д-р Сузана Патчева и д-р Гоце Костовски, заклучуваат дека според застапеноста вкупните колиформни бактерии, квалитетот на водата во Младост е лош, поточно е во четврта и петта класа. Водата е фекално и органски загадена.
Во извештајот се потенцира дека во земените примероци на вода во месец јуни има поголем број бактерии, во споредба со примероците земени во јули.
ИТНО ЧИСТЕЊЕ И ПОЛНЕЊЕ
Во препораките на Хидробиолошкиот завод се наведува дека густите наслаги со жолто кафеава боја, кои покриваат значителен дел од езерската површина, мора механички да се исчистат. Исто така, потребно е и механичко чистење на конгломератите наталожени на езерското дно.
„При теренскиот увид, визуелно на површината на акумулацијата се забележуваат густи, пивтиести наслаги со жолто-кафеава боја, кон покриваат значителен дел од крајбрежјето на акумулацијата. Ви препорачуваме механичко отстранување на масите од алги, како и душеците мртва растителна маса од површината на водата, со што ќе се оневозможи збогатувањето на екосистемот со органски материи и нутриенти при разградбата на органската материја.
Исто така, неопходно е итно механичко чистење, отстранување на конгломератите што се наталожени на дното на акумулацијата багериране.
Во оваа акумулација, во која процесот на еутрофикација е во тек, во услови на висока температура, недоволни концентрации и недостиг од кислород во долните слоеви на вода, што е посебно изразено во лето, се создаваат производи резултат на редукција, како манган и сулфур, чие влијание на квалитетот на водата е негативен. Еден од начините (и најсоодветен) за подобрување на квалитетот на оваа вода е аерација. Доколку е можно, препорачливо е и снабдување на акумулацијата со свежа вода.
На самото место е направен увид на реката Отовица, која претставува главен извор на вода за акумулацијата Младост. Во речното корито не беше забележан проток на вода, имаше само мало количество стоечка вода, чија површина беше покриена со растението Lemna sp., кое е карактеристично за води со високо ниво на трофичност, и од која се ширеше непријатна миризба од распадот на органската материја (сл. 3 а, б).
Исто така беше забележан цврст отпад (платични шишиња и сл.), како и растителен отпад (паднати дрвја, гранки, лисја). Препорачуваме механичко чистење на речното корито од отпадот, за да се овозможи непречен проток на речната вода“, се вели во препораката од тимот професори што го вршеа испитувањето.
СТОТИНА ТОНИ МАТЕРИЈА
Во езерото Младост, во моментов има околу 120 тони помалку растителна маса и алги во распаѓање, кои се измешани со остатоци од фекално потекло.
Првите 60 тони ги собраа граѓанските волонтери на иницијатива на Здружението на спортски риболовци „Бабуна“, а останатите 60 тони ги извлекоа две цистерни на биогасната електрана во Сарамзалино, која е сопственост на „Фероинвест“, на велешкиот бизнисмен Кочо Анѓушев.
Волонтерите од ЕД „Вила Зора“, ОО на Црвен крст Велес, кајакарски клуб „Бабуна“, „Клуб 28“ и ЗГ „Акцијаши ветерани“ велат дека материјата мириса на измет кога ќе се промеша.
– Во иницијативата собравме над 110 тони од материјата што плива на површината на водата. Меѓутоа, тоа е само мал дел од него. Се проценува дека има уште над 300 тони материја на површината, која ќе пробаме да ја собереме во следниот период доколку дозволат најпрво временските услови, а потоа и доколку се обезбедат финансиски средства за пренос на собраниот материјал до биогасната централа во Сарамзалино.
Состојбата со езерото е алармантна и може да се класифицира и како еколошка катастрофа, што покажа и Извештајот за извршени физички хемиски, микробиолошки, фитопланктонски и зоопланктонски анализи на водата во акумулација Младост на јавната научна установа Хидробиолошки завод во Охрид, каде што се дадени препораки за санација.
Меѓу првите препораки е и механичко отстранување на наслагите од површината. Во водата има многу мало количество кислород и голема концентрација на фекалии. Со тоа се загрозени флората и фауната во езерото.
Поради тоа апелираме до сите инволвирани институции да ги преземат потребните мерки за спречување на понатамошното загадување и да се пронајдат механизми за побрзо решавање на проблемот со езерото – истакна за „Фокус“, Олгица Наумоска од еколошкото друштво „Вила Зора“.
КАКО ПРЕТХОДНО ВОДАТА БЕШЕ БЕЗБЕДНА?!
Два месеца, половина од езерото беше покриено со непозната мрсна и пенлива материја, која има корени како дебели конци. За еколозите ова е глетка, која во своето дејствување не ја забележале неколку децении, а за надлежните институции тоа е ефект од природни процеси и водата за капење е здравствено безбедна.
Резултатите од испитувањата на квалитетот на водата на езерото, кое за потребите на Општина Велес го вршеше лабораторијата „Фуд Лаб ДОО“ од Скопје, како и на Центарот за јавно здравје дека водата може да се користи за капење и дека нема да влијае врз здравјето на граѓаните, паднаа во вода по вонредната контрола што ја направија експертите од ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид на барање на ЈПВ „Лисиче“ од Велес.
Акредитираната лабoраторија „Фуд лаб“ од Скопје, која ја испитувала водата на четири плажи, и Центарот за јавно здравје Велес (ЦЈЗ) за две плажи. „Фуд лаб“ примероците на вода за испитување ги зелa на 11 јули, додека Хидробиолошкиот завод од Охрид, испитувањата ги правеше на 4 јули.
Единствено, кај површинската вода на ресторанот „Бела вода“, според микробиолошките индикатори, регистрирано е присуство на цревни ентероколити и ешерихија коли со вредности, кои ги надминуваат границите за добра вода, додека за хемиска анализа покажала дека е во прва класа, како и другите води од трите други плажи.
Брод „Панини“, Градска плажа и плажата „Романтик“ имаат идентични резултати, водата според хемиската анализа е во прва класа, а микробиолошката анализа покажала дека водата e одлична.
Центарот за јавно здравје Велес ја испитувал водата од две плажи, плажата „Романтик“ и Градска плажа, каде што испитувањата покажале дека водата е микробиолошки одлична, а, според физичко-хемиските својства, може да се користи за капење и за рекреација. Примероците биле земени на 28 јуни.
Д-р Снежана Петрова од Центарот за јавно здравје, уште пред еден месец кажа дека материјата што плива по езерото не е опасна и штетна, освен што е грда слика и треба да се отстрани.
– Тоа се отпадоци од алгите, од трските. Езерото Младост не е природно езеро и не се самопрочистува, тоа е акумулација. Треба да помогне човечкиот фактор, со чистење на крајбрежјето во водениот појас, така ќе се ослободи површината на езерото. Не се фекалии, тоа се органски материи остатоци од алгите, трските, нивниот цвет. Човекот треба да помогне со нивно отстранување – рече д-р Петрова за порталот „СДК.мк“.
ВОНРЕДЕН ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР
Државниот инспекторат за животна средина изврши вонреден надзор над правни субјекти во околината на езерото по доставувањето на лабораториските анализи за квалитетот на водата од Општина Велес.
Надзорот опфати правни субјекти во околината на езерото, како и на ЈКП Дервен, кој управува со Регионалниот колектор за фекална канализација за населените места Кумарино, Сојаклари, Отовица и Сателитска населба на езерото Младост, а кој е изграден за да ги одведе комуналните отпадни води и да го заштити езерото од загадување.
Инспекторката Билјана Шуркова-Манаскова од Велес утврдила дека фекалната канализација во селото Сојаклари не е предадена на управување на ЈКП Дервен од страна на општината. Се претпоставува дека канализацијата на селото е приклучена на колекторот, а од с. Сојаклари се евидентирани 56 корисници на кои им се врши наплата само за вода (водоводот е предаден на управување на ЈКП Дервен), не и за канализација.
„Од населбата Отовица, која е најблизу до езерото, во базата на податоци се евидентирани 229 индивидуални објекти/корисници. Од нив, за канализација плаќаат само 65 корисници. ДИЖС побара да се објасни причината за оваа значителна разлика. Беше одговорено дека канализација има дел од Отовица и таа е предадена на управување на ЈКП Дервен. Дел од објектите се директно приклучени на колекторот, но значителен дел не се, а ЈКП Дервен нема сознанија каде и како се одведуваат нивните фекални отпадни води.
Во населбата Отовица, објектите од десната страна на пристапниот пат се приклучени на колекторот. Објектите од левата страна не се приклучени поради тоа што колекторот е на повисока кота од објектите, но нивното приклучување е изводливо во поединечни случаи. Дел од објектите најверојатно имаат септички јами, но не е исклучена и можноста за директно одведување на отпадните води заради близина на коритото во кое повремено тече Отовичка Река.
Индивидуалните објекти од левата страна на пристапниот пат кон Отовица не се приклучени на колекторот, а кај дел од објектите колекторот поминува непосредно пред парцелите и не е проблем нивното приклучување на системот. Дел од овие објекти не може да се приклучат, најверојатно сите имаат септички јами, а се наоѓаат на 200 метри од езерото“, се вели во извештајот на инспекторката.
Сателитската населба во езерото Младост со индивидуалните објекти е приклучена на Регионалниот колектор, приклучените корисници се евидентирани во базата на податоци на ЈКП и услугата за одведување на отпадните води се наплаќа.
Од пристапот на езеро Младост над регионалниот пат има изведено фекален колектор, кој е изграден за одведување на отпадните води од објектите над регионалниот пат (т.н. мал колектор), но овој колектор не е предаден на управување на ЈКП Дервен. Оваа фекална канализација се приклучува на Регионалниот колектор за езерото Младост. Во овој колектор се прифаќаат отпадните води од Екокампот, од хотелите „Панини“ и „Глориус“.
ДИЖС го задолжи ЈКП Дервен да спроведе чистење на Регионалниот колектор за фекална канализација за населените места Кумарино, Сојаклари, Отовица и Сателитска населба на езеро Младост, на потегот „Бела вода“ – хотел „Романтик“, а потоа да изврши стручен преглед за функционалноста на системот и да се изготви Стручен писмен извештај дали фекалната канализација/колекторот има влијание врз квалитетот на водата во езерото Младост.
Во врска со спроведените инспекциски надзори кај правните субјекти, кои вршат дејност во околината на езерото, се констатира дека сите субјекти (со исклучок на објектот во градба на ВЕЛМОНД) се приклучени на Регионалниот колектор на езерото Младост, со кој управува ЈКП Дервен, за што се плаќаат услуги преку сметките за комунални услуги.
ЛЕВИЦА БАРА ИТНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ: МОРА ДА ИМА ОДГОВОРНОСТ!
Советникот на Левица и долгогодишен екоактивист и планинар, Игор Смилев смета дека мора да има и одговорност за настанатата ситуација за која еколозите предупредуваат десетина години наназад уште од времето кога Советот на Општина Велес донесе одлука да го урбанизира половина од крајбрежјето со давање одобренија за градби на хотели и викенд-населби.
– Треба седница на која треба да се пропише ургентна шок терапија за Младост, тотална забрана за капење, наводнување и риболов, лоцирање по име и презиме на одговорните лица и субјекти, кривични пријави за тие што го загрозија јавното здравје, сокривајќи ја вистината и кои лиферуваа фалсификувани извештаи и без скрупули го лажеа Велес и велешани.
Згора на тоа, дел од новоизградените објекти на езерото, при градежните активности, ги скршиле цевките од колекторот на езерото Младост без да знае јавноста, па се поставувале нови преку ноќ.
Јавното комунално претпријатие ЈКП Дервен неовластено наплаќало на дел од хотелите за фекална канализација, иако не стопанисувало со малиот колектор за третман на отпадните води, кој се наоѓа над асфалтниот пат на езерото.
Од 229 куќи во населбата Отовица (најблиску до езерото), само 65 плаќале за канализација, а останатите не биле приклучени на регионалниот колектор и останува непознаница каде одат фекалните води од овие субјекти. До лани градоначалникот Марко Колев и ЈКП Дервен нѐ убедуваа дека само 4 субјекти од Отовица и цело езеро не се приклучени на главниот колектор. Сега се испостави дека речиси над 60 отсто не биле приклучени – истакна Смилев.
Поради алармантната состојба на езерото, советничката група на партијата Левица побара свикување итна седница на Советот на Општина Велес.
фото: Олгица Наумовска