Текстот е објавен на 31 октомври 2024 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.517.
До неодамна, државната поддршка кон спортот се реализираше преку ваучерски систем, на начин што приватна компанија можеше да издвои средства за поддршка кон клуб, федерација или индивидуалец, а за износот на донираните средства да ѝ се намали пресметаниот данок на добивка. Арно ама, антикорупционерите и ревизорите утврдија постоење ризик за договарање, со цел дел од донираните средства да бидат вратени назад на компанијата. Поради тоа, се извршија законски измени со кои се укина овој модел и се воведе директно буџетско субвенционирање на спортот. Воедно, обвинителството изврши истрага и поднесе обвинение против 12 лица, кои се товарат за малверзации тешки 5 милиони евра. Во меѓувреме, дојде до промена на судечкиот совет, па судењето започна од почеток. Инаку, „Фокус“ го обезбеди обвинителниот предлог, каде што се наведени субјектите на кои им биле доделени спортски ваучери без почитување процедури и критериуми.
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
На крајот на април годинава, додека цела држава беше во изборен период, Јавното обвинителство поднесе обвинение против 12 лица за „злоупотреба на службена положба“ и „несовесно работење“, бидејќи, според обвинителството, направиле малверзации при доделувањето спортски ваучери на спортски клубови и федерации во периодот 2020- 2022 година, тешки 5 милиони евра.
„Постапувајќи по поднесената иницијатива од ДКСК, надлежниот јавен обвинител поднел обвинителен предлог против 12 лица за кривични дела – злоупотреба на службена положба и несовесно работење. За осомничените до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување мерки на претпазливост“, соопштија тогаш од ЈО.
Претходно, Антикорупциската комисија утврди дека финансирањето на спортските субјекти преку ваучери резултира со нетранспарентност и неотчетност, што создава „реален ризик за директно или посредно договарање меѓу спортска федерација или клуб како имател на ваучерот и даночниот обврзник, односно компанија што учествувала во финансирањето, а за сметка на тоа била ослободена од данок на добивка“.
По барање на ДКСК, постапуваше и Државниот завод за ревизија, кој констатираше дека Агенцијата за млади и спорт не воспоставила внатрешни контроли за законско користење на средствата што се трансферираат кон спортските федерации, како и дека не биле предвидени критериуми за избор на членовите во Централната комисија задолжена за распределбата на спортските ваучери.
Поради овие и ред други аномалии, антикорупционерите побараа и кривична одговорност за тогашниот прв човек на АМС, Наумче Мојсовски, како и за членовите на Централната комисија, чиј прв претседател бил Даниел Димевски, поранешен владин советник за спорт и се уште актуелен претседател на Македонскиот олимписки комитет.
Во меѓувреме, Собранието усвои законски измени, кои предвидуваат исплатите за поддршка на спортот да ги врши директно државата, што претставува своевидно признание за дефектноста на претходниот ваучерски систем, чиј автор и реализатор, како што навел во сопствената биографија, е токму првиот човек на МОК – Димевски, кој, патем речено, му беше советник за спорт на експремиерот Зоран Заев.
Покрај Мојсовски и Димевски, на обвинителна клупа седна и првиот директор на Агенцијата за млади и спорт по доаѓањето на СДСМ на власт во 2017 година, Дарко Каевски, кој подоцна беше републички пратеник и партиски портпарол. Што се однесува до останатите обвинети, тие биле членови на комисијата што ги доделувала ваучерите, која прво била сместена во АМС, а подоцна била преселена во владата.
Во рамки на овој предмет, досега се одржаа неколку рочишта. Притоа, сите обвинети ги отфрлуваат обвинувањата, но поголем дел од нив молчат во јавноста. Единствено, жестоко реагираше Димевски, кој дури поднесе кривична пријава кон надлежната обвинителка Лидија Раичевиќ. Во меѓувреме, „Фокус“ го обезбеди обвинението, каде што се наведени субјектите што добиле ваучери во спорна постапка.
ПОВЕЌЕ БОДОВИ, А ПОМАЛКУ ПАРИ?!
Впрочем, случајот за доделување спортски ваучери се води по скратена постапка, бидејќи се запретени пониски затворски казни, што значи дека се поднесува обвинителен предлог, кој не оди на оценка, туку директно се закажува главна расправа. Што содржи обвинителниот предлог, кој практично ги товари Каевски и Мојсовски дека овозможиле или дозволиле Димевски и други членови на Комисијата да постапуваат погрешно и несовесно?
Според обвинението, во текот на 2020 година, на спортскиот клуб ФК Струга Трим Лум му бил одобрен ваучер на износ од 4,9 милиони денари, и покрај тоа што немал решение за вршење дејност спорт издадено на датумот што самиот клуб го навел – 16 јануари 2020 година. Односно, обвинителството тврди дека решението за вршење дејност спорт било издадено еден ден подоцна.
Исто така, обвинителниот предлог содржи уште еден сличен случај. Се работи за спортскиот клуб ФК Беласица АД Струмица, која добила ваучер од 1,9 милиони денари, откако и биле доделени 40 бода, без оглед што реално имала 35 бода. Згора на тоа, решението за дејност спорт им било со истиот датум кога аплицирале за ваучер?!
Потоа, спортскиот клуб ФК Питу Гули од Прилеп добил ваучер од 1,1 милион денари, иако имал 40 бода. Зошто тоа, според Јавното обвинителството, е сомнително? Истовремено, клуб со повеќе бодови, т.е. со 70 бодови, добил ваучер со половина од таа сума, или точно 550 илјади денари. Станува збор за клубот „Деспина“, исто така од Прилеп.
Понатаму, ЈО наведува и дека спортскиот клуб ФК Шкендија од Тетово имал 193 бода и добил ваучер од 11,7 милиони денари. Арно ама, овој клуб во барањето за ваучер навел дека има 250 деца, без да приложи некаков доказ за тоа. За споредба, женскиот фудбалски клуб Каменица Саса имал 175 бодови, а добил неколкукратно помал ваучер од 1,1 милион денари, со тоа што не бил исполнет условот за 2 физиотерапевти.
Дополнително, во обвинителниот предлог се наведува дека спортскиот клуб Кожуф од Гевгелија добил ваучер од 2,4 милиони денари со 70 бода. За разлика од тоа, спортскиот клуб ГФК од Кочани имал ист број на бодови, односно и овој клуб имал 70 бодови, но добил помал ваучер, чија вредност изнесувала 1,6 милиони денари. Ова не е единствен ваков случај…
Имено, спортскиот клуб „Македонија Ѓорче Петров 1932 со 175 бода добил ваучер во износ од 7,9 милиони денари, додека спортскиот клуб Академија Пандев Струмица, исто така со 175 бода, добил повисок износ од 9,8 милиони денари. Според обвинението, погрешно бил внесен збирот за 249 спортисти наместо 239, колку што клубот имал реално.
Воедно, спортскиот клуб Тиверија од Струмица добил 190 бода и ваучер од 1,5 милион денари без исполнет критериум – медиумска застапеност на сениорската екипа. Спортскиот клуб ГФК Лихнидос Охрид, пак, добил 53 бода и ваучер од 1,3 милиони денари, без да се изврши проверка во барањето, од кое еден дел воопшто го немало?! Спортскиот клуб Шкупи од Скопје добил ваучер од 2,4 милиони денари, и тоа со погрешен податок во барањето за бројот на мажи и жени итн.
ВАУЧЕРИ БЕЗ БОДОВИ И ПОТПИСИ
Инаку, со обвинителниот предлог се опфатени и повеќе кошаркарски клубови. Па, за КК Крива Паланка пишува дека добил ваучер од 1,6 милиони денари без комплетно барање и без потпис. Исто така, без потпис, ваучер од 13,9 милиони денари добил и КК Работнички Скопје, кој немал ниту датум на барањето, ниту, пак, поединечен и вкупен број бодови.
Во таа насока, и за женскиот кошаркарски клуб Бадел 1862 стои дека добил ваучер од 2,5 милиони денари без датум на барањето, без поединечен и вкупен број бодови и без потпис, но и без почитување на критериумите за човечки ресурси во делот на спортските психолози.
Слично на тоа, и КК Куманово 2009 добил ваучер од 11,9 милиони денари, без вкупен број и поединечен број бодови, што е и услов за добивање решение за дејност спорт. Без бодови и потписи во барањето, ваучер добил и КК Ангели Скопје, кој изнесувал 1,7 милиони денари.
На оваа листа се наоѓа и КК МЗТ Аеродром Скопје, кој добил ваучер од 15,8 милиони денари без бодови и без потписи од никого. Во обвинителниот предлог се споменува и клуб со превртен назив – МЗТ Скопје Аеродром, во контекст на тоа дека добил ваучер од 4,9 милиони денари со 98 бодови, колку што имал и КК Гостивар, но тој добил ваучер од 9,9 милиони денари.
Уште еден од редот на кошаркарски клубови што добил ваучер без потписи и поединечен и вкупен број бодови е КК Пелистер Битола, чија вредност била 7,9 милиони денари. Индикативна ситуација е со ЖК Гостивар, кој имал 95 бода и добил ваучер од 1,2 милиони денари. Со ист број бодови, клубот Куманово добил 11,9 милиони денари?!
Покрај клубови, во обвинението споменати се и национални федерации. Така, Ракометната федерација добила ваучер од 22,8 милиони денари, но без бодови. И Кошаркарската федерација добила ваучер од 16,6 милиони денари без избрани бодови, а Одбојкарската федерација добила ваучер од 11,8 милиони денари без да биде наведен вкупен број бодови, додека во делот на спортски психолози пишувало 0.
Интересен е и примерот со Националната џудо-федерација, која добила ваучер од 2,3 милиони денари врз основа на пресметани 240 бода, додека вкупниот збир бодови во барањето бил 632. Без детално утврдени бодови, и Федерација за боречки вештини добила ваучер од 2,5 милиони денари, при што за збир на мажи била наведена бројка од 28, а реалниот збир бил 84.
Во иста ситуација, т.е. без одреден број на бодови, Скијачката федерација добила ваучер од 2,5 милиони денари, а со погрешно утврден број на бодови Кајакарската федерација добила ваучер од 2,2 милиони денари. Наместо 190, требало да бидат пресметани 160 бодови. Стрелачката федерација, пак, добила ваучер од 1,9 милион денари без утврден критериум за човечки ресурси итн.
ЗАКУПОТ НА КАЛЕ И ЈАНЕ САНДАНСКИ
Уште додека траеше (пред)истражната постапка, која резултираше со обвинение, „Фокус“ пишуваше за индициите за злоупотреби при доделувањето спортски ваучери. За појаснување, овој систем предвидуваше приватна компанија да оствари право на даночно ослободување, така што издвојува средства за поддршка кон спортска федерација или клуб, а за износот на донираните средства и се намалува пресметаниот данок на добивка.
Арно ама, антикорупционерите сметаа дека постои ризик за договарање, со цел дел од донираните средства да бидат вратени назад на компанијата. По нивно барање, ДЗР изврши ревизија во 2021 година, кога по основа на даночно ослободување, со цел поддршка на спортот, државата се откажала од наплата на 10 милиони денари данок на добивка, распределени на 46 национални спортски федерации, 664 спортски клубови, како и 174 индивидуални спортисти.
Меѓу другото, ревизорите извршиле анализа на листата на субјекти што го оствариле ова право, при што утврдиле „нелогичности во определувањето на бројот на спортисти по поедини спортски дисциплини на кој им се одобрени средства со ваучер, како и висината на одобрени средства, при што во одделни дисциплини, определениот број активни спортисти е диспропорционално висок во однос и на активните спортисти во таа спортска дисциплина, како и во однос на други спортски дисциплини со подолга традиција“.
Како резултат на констатираните состојби се извршија законски измени, со што се укинаа спортските ваучери според моделот на даночно ослободување. Поточно, се промени начинот на реализација, така што државата директно ќе ги исплаќа средствата на спортските субјекти со право на спортски ваучер. За таа цел, Собранието изгласа нов Закон за спорт во февруари годинава без ниту еден глас против.
Освен со законски измени, тоа резултираше и со истрага од страна на Обвинителството, во чии рамки, како што веќе пишувавме, се испитувал и закупот на дел од СРЦ „Кале“ и издавање дел од овој простор на подзакуп од страна на споменатиот Димевски, актуелен претседател на МОК и еден од обвинетите за злоупотреби при доделување спортски ваучери. Сепак, тој сегмент не беше опфатен со обвинението.
Врз основа на документацијата што ја обезбедивме, компанијата „ТУРД Олимпик“ на Димевски прво го зела под закуп паркингот, но и базенот под Кале, кој сега е руина, но на тој простор има вцртана маркичка за изградба на голем спортски објект. За информација, договорот за закуп изнесувал 600 евра месечно, но Димевски не ги плаќал ниту овие средства, бидејќи пребивал стар, судски потврден долг од ЈП за стопанисување со спортски објекти кон негова фирма.
Откако реагираа опозицијата и ДКСК, кои обвинија дека договорот е штетен, набргу потоа Димевски и јавното претпријатие го раскинуваат. Но, претпријатието склучило нов договор за истиот имот, плус дополнителен простор, со друга фирма („Г3-Фуд“), на износ од илјада евра месечно. Меѓутоа, двете страни прават договор за цесија со Димевски, со цел повторно да се заобиколи обврската за плаќање закуп.
На крајот, во сторијата ставивме акцент и на закупот на спортската сала „Јане Сандански“ од страна на МОК, што на Комитетот му овозможува екстра приходи преку комерцијална дејност. Како што објавивме, МОК постојано го зголемува буџетот, така што само лани изнесувал над 1,4 милиони евра. Притоа, остварува дополнителни приливи преку стопанисување со салата, која ја закупил на цели 26 години за само 50.000 евра?!
РАИЧЕВИЌ ГО ОБВИНИ ДИМЕВСКИ, ПА ТОЈ И ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА!
Актуелниот претседател на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, кој е еден од обвинетите за злоупотреби при доделувањето спортски ваучери тешки 5 милиони евра, поднел кривична пријава против обвинителката во овој случај – Лидија Раичевиќ.
– Значи, Централната комисија, на која јас бев нејзиниот прв претседател, ниту е надзорен орган, ниту смее да биде, ниту има овластувања. Меѓутоа, обвинителката свесно направи параван, магла, наместо да се гони тоа што треба да се гони, се гони нешто сосема друго, со единствена цел да се сокрие вистинскиот криминал…
Сметам дека заврши времето на недопирливи во оваа држава, вклучително и обвинителите. Имаме еден јавен обвинител, кој служи затворска казна. Мислам дека е време системот сериозно да се позанимава и во своите редови да не дозволи вакви несериозни обвинители, авантуристички и водени од ниски лични побуди да прават штета во сите сегменти на општеството, вклучително и во спортот.
Затоа сум јас тука, не зборувам само во мое лично име, зборувам во име на многу спортисти и многу субјекти коишто се засегнати и ќе инсистирам до крај да се истера оваа работа на чистина. Со големо задоволство учествувам во овој процес – изјави Димевски.
Обвинителката Раичевиќ, пак, рече со дигнитет го отфрла таквиот напад од страна на обвинетиот и праша што би се случувало доколку секој обвинет се брани со кривични кон обвинителот?
– Јас сум обвинител во име на државата, јас сум обвинител во име на институцијата, замислете што ќе се случи ако сите обвинети ги обвинуваат, им поднесуваат кривични пријави на обвинителите. Секој што е чесен, што е доблесен, што има одговорност, интелектуален капацитет, треба да почека дека доколку има докази дека е сторено кривично дело, судот тоа ќе го каже.
А, мојот начин на работење и мојата исправност дали е по закон, ја следи и јавноста, институцијата, јас не обвинувам сама, зад мене стои институцијата Јавно обвинителство. Така што, таков фронтален напад од страна на обвинети јас со дигнитет го отфрлам и сметам дека треба да се преземат мерки вакви настапи да нема во иднина затоа што ќе дојдете во ситуација да нема обвинители што ќе поднесуваат смели и храбри обвиненија затоа што некој го прекршил законот…
Над 5 милиони евра е штетата што е во обвинението. Се разбира, тој износ вештото лице што ќе биде сослушано ќе го потврди во своето искажување, можеби ќе го коригира, ако за тоа навистина има други докази, но моменталната состојба до степен на тврдење за стореното кривично дело е над 5 милиони евра – изјави Раичевиќ.
Покрај Димевски, како и ексдиректорите на АМС Дарко Каевски и Наумче Мојсоски, во овој случај се уште повеќе членови на комисиите за доделување на спортски ваучери – Огнен Стојановски, Ѓорѓи Тасев, Наташа Смилевска, Бејтула Емини, Дриљон Леши, Мијази Елмазов, Иван Миновски, Даниел Каров и Сашо Поповски.