(АРХИВА) „Ќе те фрлам од прозорец“ – обвинувања за местење предмети, мобинг, закани и притисоци во Вишото скопско обвинителство!

За неколку дена, ревизијата на републичкото јавно обвинителство ќе покаже дали во Вишото скопско обвинителство, каде што шефува Мустафа Хајрулахи, се местеле предмети и дали имало обвинители што постапувале нестручно, како и дали се точни обвинувањата за мобинг, закани и притисоци. Од друга страна, пак, Хајрулахи го обвини републичкиот Коцевски дека тој вршел притисок за предмет што се однесува на „Бонусите во СЈО“.

by fokus

Текстот е објавен во неделникот ,,Фокус” на 24 октомври 2024 година, во број 1516.

Пишувала: Валентина ВУРМО

Јавниот „напад“ на шефот на вишото скопско обвинителство Мустафа Хајрулахи врз републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски му дојде како „кец на десетка“, на премиерот Христијан Мицкоски, кој во изминатиот период јавно му се закануваше на Коцевски дека ќе го замени со „свој човек“.

Премиерот, како што рече, бил шокиран од новата ситуација, па побара објаснување од Коцевски.

Имено, Хајрулахи го обвини републичкиот обвинител дека му вршел притисок при одлучувањето за предметот што се однесува на „Бонусите во СЈО“, а кривичната пријава за овој случај ја има поднесено токму партијата на премиерот, ВМРО-ДПМНЕ.

Републичкиот ги отфрли обвинувањата како лага, односно дека воопшто не сугерирал како да се постапува по случајот. Вели дека „болката“ на шефот на вишото обвинителство е што во тек е ревизија на работата на вишите скопски обвинители, и тоа за предмети за кои имало дојава дека потфрлиле во работата. Поточно се откажале од жалба или обвинение, а не смееле да го сторат тоа.

Исто така, како причина за надзорот се наведуваат и пријавите за мобинг, закани и притисоци, кои во изминатиот период ги пријавиле неколку вработени во Обвинителството против шефот Хајрулахи.

Ревизијата е при крај, па за неколку дена, картите ќе се отворат и ќе биде познато дали и чиј напад служел како одбрана.

„БОНУСИТЕ НА СЈО“ КАКО ИЗГОВОР

Обвинувањата за притисок од републичкиот Коцевски на вишиот обвинител Хајрулахи стасаа и до Советот на јавните обвинители. Хајрулахи, како што појасни, доставил белешки до советот за содржината од разговорот што ја имал со Коцевски.

– Содржината на разговорот беше меѓу другото и за предметот кој моментално се наоѓа по жалба во Вишото јавно обвинителство, а тоа е познатиот предмет „Бонусите на СЈО“. Обвинителот инсистираше по секоја цена, предметот да не биде одлучен кај нас, по жалбата што е доставена од страна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, рече Хајрулахи.

Тој претходно обвини дека републичкиот обвинител наводно му посочил да внимава при донесувањето на одлуката за овој предмет, односно да не им се дава својство на оштетен на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Коцевски, пак, ги отфрли ваквите обвинувања.

– Ги отфрлам неоснованите тврдења за наводно мешање во предмет, во кој повеќе од еден месец постапувало Вишото јавно обвинителство Скопје за кои тврдења до овој момент не е презентиран ниту еден доказ.

Лажните тврдења за наводни притисоци почнаа веднаш по почнувањето на контролата во Вишото обвинителство, што само ми потврдува дека ја преземам исправната работа и од тоа немам намера да отстапам.

Конкретниот предмет што се наведува воопшто не е предмет на контрола и се споменува само за да се издејствува политички притисок и да ме натера да се повлечам. Но, тоа во ниту еден момент нема да се случи, вели Коцевски.

Инаку, неодамна, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција одлучи дека обвинителите од СЈО не треба кривично да одговараат за бонусите што ги земале во СЈО, бидејќи не го прекршиле законот, односно нивната шефица Катица Јанева, која е потписникот.

Сепак, ваквата одлука не ѝ се допадна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, па поднеле жалба до Вишото обвинителство во Скопје.

Како што веќе пишуваше „Фокус“, она што не е јасно, е од каде политичката партија се најде за повикана или мотивирана да поднесе жалба, кога таа не е оштетена странка во предметот, па со тоа и немаат право на жалба.

Ова јасно е предвидено во член 288, став 2, од ЗКП, каде што стои:

„Решението за отфрлање на кривичната пријава му се доставува на оштетениот со поука дека може во рок од 8 дена да поднесе жалба до непосредно повисокиот јавен обвинител“.

Партијата, во овој случај, се јавува како пријавител, односно подносители на кривичната пријава, но немаат својство на оштетени. Во вакви случаи, пријавителите само се известуваат за одлуката на обвинителството.

Во случај, пак, кога пријавителите, без да бидат и оштетени, поднесувале жалби, според досегашната пракса на вишите обвинителства, како што не брифираат виши обвинители, во старт биле отфрлани и воопшто не биле разгледувани.

Но, сега ситуацијата е поинаква, бидејќи предметот веќе еден месец е во работа на вишиот обвинител Јован Цветановски, како што откри неговиот шеф.

ПАРТИСКА ВМЕШАНОСТ ВО ОБВИНИТЕЛСКАТА ПРЕСМЕТКА

„Фокус“ побара одговор од ВМРО-ДПМНЕ, во кое својство ја поднеле жалбата до Обвинителството, но оттаму не добивме одговор. Сепак, мотивите стануваат појасни доколку се погледне владината програма, во која владејачката партија им се закани на обвинителите од СЈО, дека ќе им направат ревизија на работата.

„Ќе биде поведена постапка за ревизија и испитување на законитоста на целокупното работење на Специјалното јавно обвинителство, при што посебно внимание ќе се посвети на загрозување на човековите права направени во постапките на СЈО, прекршување на процесните закони при постапувањето на СЈО, расчистување на утврдените злоупотреби на исплатата на финансиските средства кон обвинителите, истражителите и советниците и нивно враќање во буџетот, како и испитување на непотизмот, партизацијата и кронизмот при вработувањата во СЈО“.

Од Обвинителството за „Фокус“ појаснија зошто пријавата за „бонусите“ била отфрлена од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Од таму образложуваат дека, постапувајќи во предметот, прибавиле обемна документација и ги декласифицирало ревизорските извештаи и правилниците што беа донесени од страна на тогашната јавна обвинителка Катица Јанева.

– Во предметот беше извршено и детално економско-финансиско вештачење, а од вештиот наод и од целокупните материјални докази произлезе дека тогашното Специјално јавно обвинителство, за целокупното работење, вклучително и за финансиските активности, изготвувало извештаи, што согласно законот биле разгледувани од Советот на јавните обвинители и од Собранието.

Не се констатирани отстапувања меѓу обезбедените парични средства предвидени во финансиските планови што биле одобрени со Буџетот на ова обвинителство и реализираните парични средства во тековното работење во анализираниот период“, одговорија од Обвинителството.

Воедно, додаваат и дека не било сторено кривично дело.

– Од севкупната постапка произлезе дека дејствијата преземени од јавниот обвинител на ова обвинителство, во врска со носењето правилници за додатоци на платите и одлуките за почитување на принципот на тајност во врска со материјалите од незаконското следење на комуникациите, како и исплатата на додатоци на плати и надоместоци по основ на наведените акти, не претставуваат дејствие на извршување на пријавените кривични дела, ниту на други кривични дела што се гонат по службена должност. Согласно сите утврдени факти, донесено е решение за отфрлање на кривичната пријава, велат од таму.

За исплатата на бонусите во СЈО уште во 2019 година, Обвинителството за организиран криминал и корупција на чело со тогашната шефица Вилма Русковска отвори предистрага. Според ревизорскиот извештај, кој беше нарачан од Русковска, првичните информации беа дека се спорни 4,6 милиони евра.

Државниот завод за ревизија за платите немаше никаква забелешка, но забележале дека законските додатоци за доверливост, ризик и посебни услови за работа, наместо 35 проценти од плата, биле унифицирани за сите обвинители и тие месечно за ризикот добивале по 70.000 денари плус на основната плата.

Дека Јанева имала право да дели средства надвор од месечната плата, потврдува и Законот за СЈО. Во член 14, став 3, пишува:

„Јавниот обвинител и јавните обвинители во Јавното обвинителство имаат право на додаток за посебните услови за работа, додаток за постоење висок ризик и додаток за доверливост“.

Со овој член, законодавецот буквално ѝ ги одврзал рацете на Јанева, односно не ја ограничил во кој износ да се движат дополнителните додатоци.

СО ОБВИНИТЕЛСКИ АМИН ПРОПАДНАЛ СЛУЧАЈ

Според републичкиот обвинител Коцевски, вистинската причина за неговиот напад е ревизијата што ја вршат во Вишото обвинителство.

– Контролата во Вишото јавно обвинителство Скопје ја опфаќа работата на сите јавни обвинители во тоа обвинителство, а обвинителите што чесно и одговорно си ја вршеле работата немаат ниту реакции, ниту стравувања, бидејќи знаат дека контролата се спроведува согласно закон, вели Коцевски.

Тој појаснува дека имал обврска, првпат по повеќе од четири години да изврши надзор над работата на Вишото јавно обвинителство Скопје.

– До мене дојдоа информации и пресуди од Врховниот суд, кои укажуваат на можно нестручно работење на одредени јавни обвинители, како и пријави за закани, притисоци и недолично однесување кон вработени во обвинителството. Овие пријави се доставени и до Советот на јавните обвинители, наводите се документирани и имам обврска да ги проверам, вели републичкиот обвинител.

Како што дознава „Фокус“ од доброупатени извори, еден од „спорните“ предмети од кои се откажало Вишото обвинителство, со што никогаш не дошло до судење, се однесува на обвинувања за речиси милионска штета во евра.

„Фокус“ имаше увид во предметот, кој е јавно објавен на сајтот на Врховниот суд. Предметот стигнал до највисокиот суд бидејќи републичката јавна обвинителката Лиле Стефанова поднела Барање за заштита на законитоста (БЗЗ).

Врховниот суд го уважил БЗЗ-то и констатирал дека предметот немало да пропадне доколку вишиот јавен обвинител не се откажал од жалбата.

Станува збор за тендер од 2018 година, доделен од владата за одржување хигиена, вреден 840.000 евра, а кој го добила компанијата „Серта“.

По поднесувањето на обвинението, поради сомнеж дека компанијата дала лажни податоци за да го добие тендерот, предметот воопшто не стигнува до судење, бидејќи Советот за оценка на обвинението во Кривичниот суд го одбил обвинението со образложение дека нема доволно докази.

На ваквата одлука, Обвинителството поднело жалба, но Вишото обвинителство се откажало од неа, со што постапувањето по предметот запрело.

Но, обвинителката Стефанова летово поднела БЗЗ по што Врховниот суд носи одлука со која констатира дека и Советот за оценка, но и вишиот обвинител згрешиле.

За Советот посочиле дека не смееле во таа фаза од постапката да ги анализираат доказите, а истакнуваат дека нивната грешка можел да ја санира вишиот јавен обвинител.

„По наоѓање на овој суд, со ваквото постапување, Советот за оценка на обвинителен акт ги пречекорил своите овластувања, бидејќи Советот не е овлaстен да цени дали фактите и околностите на кои се заснова обвинениетo пружаат сигурен доказ дека обвинетите го сториле делото што им се става на товар, нешто што ќе се цени во контрадикторна постапка на расправа од страна на судечки совет.

Воедно, овој суд укажува и на тоа дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба”, се наведува во одлуката на Врховниот суд.

Но, ова сега не значи дека на обвинетите во предметот ќе им се суди, туку само е констатирана грешката на правосудните органи што постапувале.

Според Законот за кривичната постапка, која предвидува дека кога барање за заштита на законитоста е подигнато на штета на осудениот, а судот ќе најде дека е основано, само ќе утврди дека постои повреда на законот, не засегајќи притоа во правосилната одлука“, појаснува Врховен.

ЗАКАНИ ЗА „ФРЛАЊЕ ОД ПРОЗОРЕЦ“

Според сознанијата на „Фокус“, со ревизијата на Вишото обвинителство се опфатени и неколку предмети што ги отвори СЈО, а Вишото обвинителство, застапувајќи го предметот пред Апелација, се откажа од жалбите.

Има предмети во кои беше обвинет поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, но и новинарот Драган Павловиќ-Латас, кои на крајот добија ослободителни пресуди. И случајно или не, по нив постапуваше еден виш обвинител.

Дел од обвинувањата против шефот Хајрулахи се и дека наводно местел предмети да се паднат во работа кај одредени обвинители. Пријавите за мобинг, закани и притисоци, пак, ги поднеле најмалку пет вработени од Вишо, и тоа на повеќе адреси.

Според нашите неофицијални сознанија, дел од вработените добивале закани дека ќе бидат избркани од работа, а една од вработените наводно добила закана дека „ќе биде фрлена од прозорец“. Првите пријави биле поднесени уште во текот на летото, но наводно имало и притисоци да ги повлечат и јавно да се извинат за кажаното.

За овие обвинувања побаравме изјава од шефот на Вишото обвинителство, но до затварањето на неделникот тој не одговори на нашето прашање.

Коцевски, пак, најави дека до крајот на месецов ќе заврши ревизијата по што ќе ја информира јавноста со сите детали.

Затоа очекувам нападите кон мене да продолжат со уште поголем интензитет, особено од страна на лицата кои со вакви обвинителски одлуки се спасиле од кривичен прогон додека граѓаните очекувале правда, вели Коцевски.

ДАЛИ МИЦКОСКИ ЌЕ ГО СМЕНИ КОЦЕСКИ?

Коцевски порача дека, и покрај притисоците во изминатиот период, тој самиот нема да се повлече од функцијата. Партиските информации од ВМРО-ДПМНЕ, пак, говорат дека премиерот Мицкоски не отстапува од идејата да постави републички јавен обвинител по свој вкус.

Додека премиерот го држи на око, веќе се плетат приказни кој би дошол на неговото место. Се прогнозира во партиските, но и во обвинителските кругови. Засега, се издвојуваат две имиња, и тоа на обвинителката Лидија Раичевиќ и на обвинителот Јован Цветановски.

Сепак, можно е да се појават и други имиња, особено по најавата на премиерот дека „тефтерчето“ од времето на Никола Груевски го надградиле и прошириле, односно дека ќе постават свои луѓе, доколку актуелните ја испуштат шансата.

Обвинителката Раичевиќ, која пред своето име ја има титулата доктор, со својата 30-годишна обвинителска кариера е лик познат во јавноста. Таа му беше противкандидат на Коцевски и на последниот избор, а и во 2017 година се пријави за истата позиција.

Обвинителката беше и деградирана од Советот на јавните обвинители, кои не ја реизбраа во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција по што беше вратена во скопското обвинителство.

Ваквиот потег се сметаше за реваншизам кон обвинителката, бидејќи во рацете го имаше случајот „Банки“, а под истрага за перење пари беа неколкумина моќници.

Другото име, пак, што се спомнува, е она на вишиот јавен обвинител во Скопје, Цветановски, кој постапува по предметот „Бонусите на СЈО“.

Неговата обвинителска кариера почнува во 2009 година. Тој и беше заменик на обвинителката Гордана Гешкоска, во скопското обвинителство, а во 2016 година беше избран за виш обвинител, каде што сѐ уште работи.

За јавноста е препознатлив од предметот „Поткуп“, во кој му се судеше на Зоран Заев, а обвинителот го застапуваше во втор степен, а во изминатиот период пред Апелација застапуваше и неколку предмети од СЈО.

Бараше ослободителна пресуда за екс директорот на УБК, Сашо Мијалков во „Тортура“, а побара и укинување на првостепената пресуда за „Талир 2“, односно за седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

До неодамна на обвинителот Цветановски му „висеше“ дисциплинската постапка за постапувањето при упадот во Собранието, на 27 април 2017 година.

Но, пред еден месец, Советот на јавните обвинители ја запре дисциплинската постапка против него и обвинителите Златко Биковски и Гордана Гешкоска.

Членовите едногласно одлучија дека предлогот за поведување на дисциплинската постапка бил ненавремен, односно државниот обвинител го пробил рокот.

Имено, пред неколку години, дисциплинската комисија одлучи обвинителите да бидат казнети со 6 месеци пониска плата за 30 проценти. Тогаш обвинителите се жалеа пред Советот на јавните обвинители и во 2019 година им беа прифатени жалбите и постапката беше вратена на повторно одлучување.

Дисциплинската комисија повторно донесе иста одлука, на која се жалеа и обвинителите, но и тогашниот републички јавен обвинител Љубомир Јовески, кој бараше построга казна.

За предолгото траење на постапката, пак, од Советот се оправдаа дека подолг период не можеле да обезбедат кворум.

Како и да е, сега на обвинителот Цветановски му е тргната оваа пречка, бидејќи истата постапка досега беше образложение за досегашното неунапредување на Биковски.

Она што е сигурно дека републичкиот обвинител Коцевски реши да го прекине молкот и жестоко да возврати на нападите. Сега останува да се види дали политичката моќ, по којзнае кој пат, ќе биде посилна од обвинителската.

Поврзани новости