(АРХИВА) Ќе стане ли Кичеец новиот Нинџа?!

by fokus

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“, во број 1252,  на 4 октомври 2019 година.

Пишувала: Валентина ВУРМО

Пред да го склопи целосниот мозаик за аферата „Рекет“, обвинителката Вилма Русковска реши да го расцепка случајот на повеќе делови, од кои за само еден дел засега е извесно дека ќе заврши со обвинение. И покрај многуте обвинувања за рекетирани бизнисмени, засега улогата на жртва ја има само бизнисменот Орце Камчев, а во неговата стапица паднаа тројцата осомничени Бојан Јовановски, Зоран Милески-Кичеец и екс специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

За околу еден месец се очекува обвинението да биде напишано, а веќе пред Нова година осомничените да седнат на обвинителна клупа. Обвинението го диктира Камчев, бидејќи нема поместување од неговото првично тврдење дека осомничените Кичеец и Боки 13 му побарале 8 милиони евра за со амин на Јанева да го спасат од кривичен прогон за случајот „Империја“. Тој наводно им исплатил 1,5 милион евра, а обвинителството успеало да докаже каде завршил еден дел од парите.

Осомничените и нивните бранители засега не ја откриваат одбраната, поради што вистинските изненадувања се очекуваат во судница. А таму може да се очекува сѐ. Од признанија на вина и спасување со условни казни, па дури и до преквалификација на кривичните дела и менување одредени статуси.

АДВОКАТОТ НА КИЧЕЕЦ: НЕ СМЕ НАПРАВИЛЕ СПОГОДБА СО ОБВИНИТЕЛСТВОТО

Најдоцна до средината на ноември, обвинителката Вилма Русковска се очекува да го напише обвинителниот акт за случајот „Рекет“. Откако осомничените беа информирани дека истрагата е завршена, сега тие имаат рок од 15 дена да достават свои докази и да предложат сведоци. По истекот на овој рок, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција има максимум 30 дена да донесе обвинителска одлука, односно дали тука ќе запре, или ќе донесе одлука за подигање обвинение.

Очигледно е дека Русковска нема да застане на половина пат, туку веќе ја крои содржината. „Фокус“ ги контактираше адвокатите на обвинетите, но тие сѐ уште не ја откриваат својата тактика. Велат дека ги разгледуваат доказите што ги добиле, а целосна слика ќе имаат откако ќе ги видат сите.

Она што прво им падна во очи на бранителите е што меѓу доказите не го добија записникот од исказот на осомничениот Кичеец. Добиле абер од обвинителката Русковска, доколку сакаат, записниците да си ги споделат меѓу себе. Ваквиот совет е неприфатлив за адвокатот Дељо Кадиев, кој ја застапува Јанева.

– Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција оди на практикување поинакви стандарди од досегашните. Не е во ред да не го добиеме исказот од сведочењето на останатите осомничени, бидејќи законот јасно предвидува дека обвинителството е должно сите докази да ги даде на одбраната, а како прв е наведен исказот од осомничен, реагира адвокатот Кадиев.

Кичеец досега двапати беше повикан да даде исказ. Првиот пат, иако се задржал три часа, се бранел со молчење, но по неколку дена се вратил уште еднаш и прозборел. Набргу потоа, пак, беше пуштен во домашен притвор.

И тогаш почнаа да се плетат шпекулации дека наводно Кичеец решил да соработува со обвинителството. Неговиот адвокат Александар Новаковски за „Фокус“ појаснува дека неговиот клиент е осомничен и не направил никаква спогодба со обвинителството. Сепак, вели дека е можно да се очекуваат изненадувања од осомничените во судница.

– Немаме направено спогодба со обвинителството. Ниту ни била понудена, ниту, пак, сме барале. Сепак, на главната расправа, доколку дојде до судење, може да се очекуваат изненадувања. Тогаш осомничените ќе се изјаснуваат за вина, и можеби некој од нив ќе признае. Ние засега не размислуваме во таа насока, вели адвокатот Новаковски.

ЌЕ ШОКИРА ЛИ КИЧЕЕЦ ВО СУДНИЦА?

Адвокатот Кадиев вели дека обвинителката Рускоска ваквата пракса ја имала и за случајот „27 април“, каде што беше застапник на обвинението. И тогаш од адвокатите на останатите осомничени го сокрила записникот на осомничениот Александар Василевски Нинџа, поради што во судница неговото сведочење беше доживеано како голем шок.

Тој се сметаше за соработник на обвинителството, бидејќи со својот исказ го поткрепи обвинението, односно во детали раскажа како се организирал упадот во Собранието. Како „награда“, од предвидени најмалку 10 години затвор, Нинџа доби најниска затворска казна, под законскиот минимум, од останатите осомничени, односно беше осуден на 8 години.

Адвокатите и тогаш реагираа дека има нееднаквост на оружјата, ама нивните забелешки не ги есапеше ниту обвинителството, ниту судот.

– По завршувањето на истрагата за „27 април“ добивме селектирани докази. Не ги добивме записниците од исказите на Нинџа и на уште двајца од осомничените, браќата Михаил и Стефан Младеновски. Затоа вистински шок беше исказот на Нинџа, бидејќи за првпат го слушнавме во судница. Тоа, според мене, е кршење на ЗКП и зборува за нееднаквоста на оружјата. Ваквата повреда со сигурност би била утврдена од Судот за човекови права во Стразбур, вели адвокатката Павлина Зефиќ.

Според важечкиот Закон за кривична постапка се важи она што обвинетиот или сведокот ќе го каже во судница, а не она што го сведочел за време на истрагата. Сепак, според адвокатите, и покрај тоа, треба да ги добијат сите докази што ги има прибрано обвинителството, за квалитетно да ја спремат одбраната.

Доколку го имав записникот од исказот на Василевски, сигурно одбраната ќе ни се движеше во друга насока, вели Зефиќ.

Бидејќи обвинителката го крие исказот на Кичеец исто како и оној на Нинџа, во јавноста веќе се шпекулира дека и овој осомничен е спремен за соработка.

Кичеец инаку низ годините важи за близок соработник на Камчев, поради што и тешко се прифати предавството од страна на бизнисменот.

Од овој осомничен може да се очекува и признание на вина, бидејќи на тој начин би можел да издејствува дури и условна казна. Поточно, Кичеец се гони за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“ според член 359 став 7, за што му се заканува затворска казна од 1 до 10 години. Во случај да признае вина, од доказите ќе се повлечат сите оние кои се против него, а ќе се разгледува само висината на казната. Во таков случај не се исклучува можноста да добие дури и условна казна, доколку предвид се земат сите олеснителни околности, односно ако биде осуден на 2 години, казната може да му се услови со 4 години.

ФРЧКОСКА: ПОСТОИ ЗАКОНСКА МОЖНОСТ ЗА ПРИЗНАНИЕ, НО НЕ РАЗМИСЛУВАМЕ ВО ТАА НАСОКА

 На признание за вина засега не размислува ниту поранешната шефица на СЈО, Јанева. Нејзината адвокатка Ирена Фрчкоска вели дека денес треба да ја посетат Јанева во истражниот затвор „Скопје“ и да ја договорат стратегијата за одбрана.

– Јанева сѐ уште нема дадено исказ. Ќе ја посетиме и ќе се договориме како ќе постапиме. Го завршивме увидот и сега ни тече рокот за поднесување наши докази. Постои законска можност за признание на вина, но досега не сме размислувале во таа насока, ни изјави Фрчкоска.

Јанева е осомничена за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, за што ѝ се заканува затворска казна од најмалку три години затвор.

Доколку Јанева реши да соработува со обвинителството или да признае вина, судот може да и одреди затворска казна и под законскиот минимум, па доколку добие две години, да се условат за 4 години условен затвор.

Едно од очекуваните сценарија е Јанева да ја насочи сета вина кон Боки 13, и да посочи дека била злоупотребена од него, како што впрочем и се бранеше пред јавноста пред да биде уапсена.

За жал, подолг временски период до мене допираат гласови, не дека само лицето Бојан Јовановски, туку и многу други без да знам го злоупотребуваат моето име и презиме за различни цели, изјави Јанева, откако јавноста дозна за аферата „Рекет“.

Нема да изненади и доколку во судница таа и понатаму се држи до оправдувањето дека комуницирала со Камчев преку посредникот Боки 13 бидејќи сакала да го врбува бизнисменот за сведок во истрагата за „Империја“. Сепак, оваа одбрана е тенка, бидејќи Камчев заедно со екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, се првоосомничени, па затоа е невозможно едниот од нив да го смени статусот во сведок. Тоа се случува, но кога некој од последно осомничените сведочи против првите во пирамидата, за нели, да се фатат големите ѕверки.

Просторот за признание се стеснува кога е во прашање осомничениот Боки 13, бидејќи во неговиот случај нема многу да му помогне. За разлика од останатите двајца осомничени, Јовановски се гони за две кривични дела, и тоа „Примање награда за противзаконито влијание“, за што е предвидена затворска казна од 1 до 10 години, и за „Перење пари и други приноси од казниво дело“, за што исто така е предвидена затворска казна од 1 до 10 години.

Адвокатот на Јовановски, Сашко Дуковски, остана недостапен за „Фокус“, па затоа не успеавме да дознаеме во која насока ќе се движи неговата одбрана. Неговиот клиент, до затворањето на овој број од неделникот, сѐ уште немаше дадено исказ во обвинителството.

УШТЕ ЕДЕН БИЗНИСМЕН ПРИЈАВИЛ РЕКЕТ ОД 2 МИЛИОНИ ЕВРА

Засега останува нејасно зошто обвинителката Русковска ја затвори истрагата, фокусирајќи се само на случајот „Империја“ и на бизнисменот Камчев. Како што неофицијално дознава „Фокус“, уште еден бизнисмен осомничен во случај на СЈО пријавил дека му биле барани дури 2 милиони евра, за да запре кривичниот прогон против него. Сепак, ваков случај потешко се докажува, бидејќи станува збор за обид, односно парите никогаш не биле дадени.

Исказ во обвинителството дал уште еден од осомничените во „Поштенски банки“, бизнисменот Томе Главчев. За Главчев СЈО бараше притвор, но судијата на претходна постапка Сеад Реџепагиќ, не прифати.

Иако СЈО на стартот на истрагата диктираше строгост, бидејќи инсистираше на притвор, за што и поднесе жалба, набргу шефицата Јанева омекнува, па по два-три месеца дава позитивно мислење за враќање на пасошот на Главчев.

Што кажал Главчев пред обвинителката Русковска, засега се чува во тајност, но се шпекулира дека и тој пријавил рекет.

Случајно или не, осомничениот Главчев и обвинителката Јанева, индиректно ги врзува и еден стан. По неполн месец од отворањето на истрагата за „Поштенска банка“, на 2 ноември 2018 година, по барање на СЈО, Кривичниот суд го замрзнува имотот на осомничениот Ратко Димитровски и Главчев, освен еден стан. Со мерките на судот се забранува отуѓување и располагање, а дејствијата се преземени, со оглед на тоа што постои oпасност истиот имот да биде отуѓен до правосилно завршување на постапката, информираа тогаш од СЈО.

Иако самото обвинителство алармираше дека имотот е замрзнат за случајно да не се продаде, сепак, еден од становите во сопственост на осомничениот Главчев, односно на неговата компанија „Бенттон“, наводно со амин на обвинителката Јанева, останува нечепнат, односно не се бара негово замрзнување.

Овој стан на 31 октомври 2018 година добива нов сопственик, и тоа не кој било, туку го купува актуелниот директор на МЕПСО, Сашо Василевски, за кого велат дека во тој период бил близок пријател со Јанева.

Според имотниот лист што го поседува „Фокус“, станот кој веќе бил ставен под хипотека е во Скопје, со големина од 109 квадратни метри.

Василевски, новиот стан го пријавил во анкетниот лист, каде што посочил дека го купил за 80.000 евра.

Сепак, како што неофицијално дознаваме, Русковска не крева раце и од овие сведочења, но поради роковите што течат за притворите, решила да подготви обвинение за делот за кој е уверена дека има цврсти докази во рака. Останатите продолжува да ги истражува и за подоцна не се исклучува можноста да се припојат во еден судски предмет.

ЌЕ СЕ ПОЈАВИЛ ЛИ КАМЧЕВ ВО СУДНИЦА ИЛИ ЌЕ СЕ ЗАСОЛНИ ВО БУГАРИЈА?

Во судница како главен сведок, пак, се очекува да се појави бизнисменот Камчев, кој пријави дека во два наврати им дал 1,5 милион евра на Кичеец и на Боки 13, а за возврат требало да издејствуваат против него да запре кривичниот прогон за случајот „Империја“. Тој обезбеди и видео и аудиоснимки, од кои мал дел виде и јавноста. Овие снимки се во траење од 2 часа и триесетина минути, а осомничените и нивните адвокати неодамна направија увид во нив. Адвокатите ќе ги оспоруваат снимките, бидејќи се обезбедени незаконски, односно без налог на суд, а од судечкиот совет ќе зависи дали ќе бидат прифатени како доказ.

Од стартот на обелоденувањето на аферата „Рекет“, во јавноста, но и онаа стручната, се појави дилемата дали Камчев треба да ја задржи улогата на сведок, која му ја одреди обвинителката Русковска или треба да стане осомничен.

Дилемата произлегува од фактот што, како за примање, исто така се одговара и за давање поткуп, но, сепак, постои законска можност давателот да се спаси од прогон. Она што е неспорно, е дека Камчев случајот го пријавил навреме, односно пред да биде откриен, уште на 2 мај, поради и што обвинителството му дава статус на сведок.

Но, она што треба обвинителката Русковска со сигурност да го утврди, е дали парите му биле побарани, или, пак, самиот ги понудил!

Засега обвинителството му верува на исказот на сведокот Камчев, во кој изјавил дека милионските суми му биле побарани, а не понудени од негова страна.

Во еден момент се создава дури и впечатокот дека бизнисменот можеби ги „мести“ осомничените, бидејќи, освен што ги снима, што може да биде и за негова сигурност, вториот дел од исплатата, 1 милион евра им ги предава на спорен датум, односно 20 февруари. Зошто мотивите на Камчев се сомнителни? На 30 јануари, Врховниот суд носи начелно правно мислење според кое се запираат сите истраги на СЈО, покренати или преземени по 30 јуни 2016 година. Или во превод, дури 20 дена пред исплатата нему, или барем на неговите адвокати им било јасно дека истрагата за „Империја“ е стопирана, па можел барем да го почека натамошниот развој, односно последиците што ќе ги произведе мислењето на Врховниот суд. Или, сепак, можеби сакал да се осигури дека засекогаш ќе се спаси од случајот, па сакал да го одигра сценариото докрај.

Како и да е, кон април веќе се премислува, па најпрвин пријавува кај премиерот Зоран Заев, а потоа и во обвинителството.

Покрај спорниот датум, тука има и еден психолошки момент, бидејќи парите ги предава видно расположен, оставајќи впечаток дека прави одлична бизнис-зделка, а не дека останува зијан за еден милион, а згора на сѐ, „изнудувачите“ ги чести со брендирана торба, која чини неколку илјади евра. Демек, сѐ да биде на ниво.

Бидејќи наводно и Камчев не бил на чисто дали докрај ќе ја задржи улогата на сведок, се шпекулираше дека планира бегство во Бугарија, поради што се повлекува од бизнисите што ги има во Македонија.

Според податоците од Централниот регистар, Камчев во мај годинава се повлекол од раководната функција во приватната здравствена установа „Аџибадем Систина“. На 17 мај тој го известил Централниот регистар дека ја напушта директорската позиција и дека на негово место доаѓа Ѓун Ѓунсој од турските партнери во Истанбул.

Само три недели претходно, во Централниот регистар биле заведени и измени во сопственичката структура, односно во фирмата „Орка холдинг“, која се јавува како еден од сопствениците на болницата, станува малцински партнер. Претходно, Камчев се повлече и од раководните позиции во „Орка холдинг“. Тој се повлекол од директорското место и од позицијата извршен член во одборот директори, а останува единствено неизвршен член на одборот.

Во меѓувреме, името на Камчев го нема ни во управувачкиот одбор на ЗК „Пелагонија“.

Набргу сите карти ќе се откријат во судница. Тогаш ќе се види и стратегијата на обвинителката Русковска, но и на осомничените. Кој ќе се извлече, а кој ќе го изеде стапот за сите.

 

 

Поврзани новости