(АРХИВА) Ќе се открие ли вистината за исчезнатиот Самоил – Дрогата ќе ја платите со пари или крв!

По повеќе од една година бегство, Александар Трпковски, еден од осомничените за грабнувањето на Самоил Костадиновски, внук на сопругата на поранешниот министер, Љубе Бошкоски, беше фатен на граничниот премин Табановце. Според неговото сведоштво дадено во поткастот „Претрес“, тој сам се предал и во емисијата тврди дека нема поврзаност со грабнувањето на Самоил. Дента имал секојдневни обврски, а во цел случај тврди дека го вметнал таткото на Самоил, со моќта на поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и Љубе Бошковски. Исто така уверува дека ниту тој, ниту Самоил работеле со хероин иако обвинителството имаше поинаква верзија поткрепена со докази. Трпковски сега се наоѓа во притвор во Шутка.

by Fokus

Текстот е објавен на 14 април 2024 година во неделникот „Фокус“ со број 1488

Пресудата за двајцата обвинети за грабнувањето на младиот Самоил Костадиновски и по повеќе од една година не донесе одговори што се случи со младото момче, за кого не се знае дали е жив или мртов. Додека него го нема, секој има различна верзија што се случило. Обвинителството пред судот излезе со официјалната верзија дека Самоил бил грабнат во близина на хотелот „Најс“ во Припор, за да биде присилен да плати за 4 килограми хероин земен од Хрватска. Главниот осомничен за грабнувањето е во бегство, а има и неколку непознати лица. Осудените тврдат дека се невини, а едниот од нив дека му бил другар на Самоил. Таткото, пак, се сомнева дека е грабнат за пари, па дури и дека е убиен и фрлен.

 Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Убиството на малата Данка Илиќ од Србија го крена целиот регион на нозе. Откако српската полиција ги уапси убијците, кои признаа дека прво ја удриле со службено возило, па ја задавиле и ја фрлиле на депонија, со денови не може да се најде нејзиното тело. Се пребаруваат депонии, канали, куќи, дворови во околината на Бор, но телото на двегодишната Данка сѐ уште не може да се најде.

Зачудува фактот што иако убијците се уапсени и кажаа милион локации каде што ја фрлиле, па телото го преместувале, никој не може да најде трага. Малата Данка исчезна на 26 март и досега не е најдено ни парче облека од неа.

Слична судбина имаат родителите и блиските на дваесет и шестгодишниот Самоил Костадиновски од Скопје, кој исчезна пред една година, на 3 март 2023 година, кој е внук од брат на сопругата на поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски.

Неговиот брат, на 4 март пријавил во полиција дека брат му е исчезнат, дека не се вратил дома и дека телефонот му е исклучен. Иако исчезнатите лица ги бараа и полицијата, и семејствата, полицијата во случајот на Самоил никогаш не соопшти дека го барала на одредена локација.

Но, Самоил повеќе од една година не е ниту меѓу живите, ниту меѓу мртвите, а според неофицијални сознанија на „Фокус“, пред грабнувањето кажувал дека бил нервозен и во хаос. Дека дал многу пари, но се надева дека ќе се среди.

Неодамна беше изречена пресуда за неговото грабнување, но јавноста повторно не доби одговор што се случило со него. Осудени се две лица на релативно ниски казни, но случајот е далеку од решен, со оглед на тоа што главниот осомничен за грабнувањето, Александар Трпковски- Амфас, е во бегство, а има уште и неколку непознати лица што учествувале во овој чин.

Постапката против Амфас е запрена додека по него се трага со меѓународна потерница. Обвинителот што го води овој случај, Дејан Петрески не открива детали за тоа дали има нови моменти во потрагата по Самоил, бидејќи сѐ уште се работи и уверува дека кога ќе може, секој напредок во истрагата ќе биде соопштен јавно.

Со оваа пресуда, дел од работите поврзани со овој случај станаа официјални, откако влегоа во обвинителниот акт, а судијката ги прогласи за виновни дваесет и седумгодишниот Виктор Миланоски и триесет и едногодишниот Саша Челикиќ, и двајцата од Скопје.

Јасно е дека младиот Самоил, заедно со други лица, учествувал во зделка за дрога. Се работи за 4 килограми хероин, кој бил земен, но не бил платен.

Притоа, Стефан Спасовски посредувал во купувањето на хероинот во Хрватска, а Самоил требало да ја плати дрогата вредна речиси 70 илјади евра на средба во хотелот „Русија“.

Во обвинителниот акт не пишува кога и како била земена дрогата и кога се случила средбата во хотелот. Но, од она што е опишано во него, за двајцата осудени, може да се заклучи дека Самоил бил грабнат за да го присилат да ја плати дрогата.

ЗДЕЛКА СО ХЕРОИН

Па така, на 3 март минатата година, Миланоски и Трпковски, заедно со други лица со непознат идентитет, го грабнале Самоил во близина на хотелот „Најс“ во скопската населба Припор. Го грабнале и му се заканиле дека ќе го убијат, а целта им била него, неговиот брат Мартин Костадиновски и Стефан Спасовски (веќе споменат како посредник) да ги натераат да го платат хероинот.

Хероинот, според обвинението, требало да биде платен на средба во хотелот „Русија“ на која бил Самоил, извесен Никола Шојлев, кој се јавува како сведок во постапката и Стефан Спасовски. Самоил, всушност, требало да ја плати дрогата преку Спасовски, но не ја платил и не ги предал парите.

Возилото „волво“, црвен караван, со кое бил грабнат Самоил, го обезбедил обвинетиот Саша Челикиќ. Тој, еден ден пред грабнувањето, го побарал возилото на услуга од Крсто Додев и му го однел на Миланоски следниот ден околу 8.30 часот наутро.

Тогаш, всушност, почнала патеката на исчезнувањето на Самоил по која му се губи секаква трага. Миланоски го оставил Челикиќ во близина на Министерството за економија, а додека возел со Самоил, се договориле сами да се најдат кај хотелот „Најс“ околу 9.30 часот.

Но, наместо сам, Миланоски таму дошол со Трпковски (моментално е во бегство), кој го управувал „волвото“. Трпковски кај напуштениот хотел излегол од возилото, и по кратка средба со Самоил, заедно влегле во црвениот караван.

Трпковски го управувал возилото, а Самоил седел на задното седиште. Се упатиле во правец кон населбата Сопиште, преку местото Теферич, место кое не е многу населено. Оттаму продолжиле кон населбата Кисела Вода, потоа кон Пржино и Водно.

– Од таму се упатиле кон Водно и Козле, што се гледа од видеоснимките од безбедносни камери по што на Самоил му се губи секаква трага – рече обвинителот Петрески во завршните зборови.

Значи, Самоил бил последно регистриран на безбедносните камери некаде на Водно, а потоа бил однесен на непознато место, спротивно на неговата волја.

„Фокус“ го праша обвинителот Петрески каде последно бил лоциран телефонот на Самоил преку базните станици, што воопшто не е споменато во обвинението, но Петрески не сакаше да каже. Тој напомена дека, иако ова не е споменато во обвинението, сепак тоа е дел од постапката, која сѐ уште се води.

Неколку дена по грабнувањето, односно на 7 март околу 11 часот, братот на Самоил, Мартин Костадиновски, на неговиот телефонски број преку Ватсап, од број што припаѓа на серверот на Гугл, добил порака со содржина:

„Стоката што ја украдовте, ќе ја платите или со пари, или со крв, сите вие што сте биле во дослух, во договор, ние долгови не простуваме“. Пораката била напишана на хрватски јазик.

Братот на Самоил, пак, им пишал: „Дај ми доказ за Самоил дека е жив“. Сепак, не добил одговор.

ПОРАКИ ОД ХРВАТСКА

Освен братот на Самоил, иста порака во исто време примил и Стефан Спасовски, кој посредувал во купувањето на хероинот во Хрватска. Една минута подоцна му стигнала и нова порака, која гласи: „Ќе добиете инструкции наскоро“.

Три дена подоцна, односно на 10 март минатата година, на Спасовски му стигнала нова порака: „Имате рок од 48 часа да извршите уплата од 4 биткоини на следната адреса. Откако ќе извршите уплата и ќе видиме дека сте платиле, ќе ја добиете адресата, точното место и локацијата на која се наоѓа вашиот човек… Нема место за преговори“.

Потоа следувала адреса специјално креирана од лица со непознат идентитет за вршење уплата на бараните биткоини во парична вредност од околу 68 илјади долари на денот на прием на пораката.

Црвениот караван, автомобилот во кој Самоил бил последно виден, а бил кај Миланоски, веднаш по неговото апсење било запалено кај местото „Три круши“ во Драчево.

Сопственикот на возилото, кој требало да го добие следниот ден, односно да му го вратат дента кога беше грабнат Самоил, го барал возилото назад. Но, Челикиќ му кажал дека автомобилот отишол „јабана“. Ова е верзијата што обвинителот Петрески тврди дека ја има докажано, која судот ја прифати и ги осуди Миланоски и Челикиќ.

Миланоски е осуден за грабнување на пет години и десет месеци затвор, додека Челикиќ на две години и два месеца затвор за помагање при грабнување. Казните се релативно ниски, со оглед на тоа што за кривичното дело грабнување предвидена е затворска казна од најмалку четири години. Обвинителот првично е задоволен од пресудата.

– Во овој момент можам да кажам дека има одредено задоволство затоа што по 1.855 минути, тоа е некаде 30-тина часа на одржаните 11 рочишта на кои обвинителството ги презентираше и изведуваше многубројните материјални и вербални докази со кои на крајот, надвор од секое разумно сомневање докажа дека обвинетите го сториле кривичното дело – рече обвинителот Петрески по изрекувањето на пресудата.

Но, во завршните зборови, двајцата обвинети имаа друга верзија. Миланоски тврдеше дека откако Самоил се качил во автомобилот „волво“ по неколку улици се симнал.

– Самоил беше мој другар и пријател, се дружевме, сум бил кај него дома. Такви другари можам да избројам на една рака. Ситуацијата ме погоди многу, пред сѐ, тоа што се води како исчезнат и лошиот однос на неговото семејство кон мене и моите блиски и обидот на татко му да ме претстави како најголем криминалец, а и тој самиот има лежено затвор 12 години во Германија за продажба на хероин.

Се молам секој ден да се појави Самоил, сакам да ви кажам дека сум многу свесен дека целата ситуација, дека целта е под политички притисок да бидам осуден јас, односно да се заврши предметот – рече Миланоски.

„ДАЛИ МОЖЕБИ СЕ КРИЕ

Неколку дена пред пресудата, пак, сестрата на Миланоски, Моника Стојановска испрати писмо до медиумите во кое тврди дека нејзиниот брат бил другар со Самоил, додека Челикиќ не го ни познавал.

„Тврдиме дека ова е хајка против обвинетите и дека судството и обвинителството имаат огромен политички притисок за тие да бидат осудени по секоја цена. Велат дека молчењето е злато, но можно ли е да се остане нем и глув на сите клевети?

Обвинети се на база на приказни смислени од локални мафии без никакви докази. Тврдиме дека едноставно првообвинетиот Виктор Милановски се нашол во погрешно време и на погрешно место. Тој е последниот со кој Самоил бил виден пред да исчезне. Ако воопшто е исчезнат?!

Отворено е и прашањето дали можеби се крие некаде поради нерасчистени долгови за наркотични средства?!“, пишува таа во писмото.

Според неа, Челикиќ изјавил дека тој само му дал автомобил на користење на Миланоски, како и во многу други наврати, бидејќи бил во бизнис со препродажба на автомобили и дека не гледа ништо лошо во тоа да позајмиш автомобил на другар.

„Но, обвинителството поради тоа го става како соучесник во ова дело. И покрај доказите што се обезбедени како видеоматеријал дека второобвинетиот во критичното време бил во Соборниот храм, на литургија, тој остана во притвор цели четири месеци.

За цело време, јавниот обвинител со закани сакаше да извлече признание за дело што не го направил. Ако неправдата стане закон, отпорот е наша морална должност.

Бараме фер судење, без притисоци и ослободителна пресуда – бидејќи лицата се невини, не се вмешани во ништо, а осудителна пресуда под политички притисоци не е правда“, пишува Стојановска во отвореното писмо до медиумите.

Случајот силно одекна во јавноста, кога на 4 март, семејството на Самоил, кој е внук на поранешниот министер за внатрешни работи Бошкоски, откри дека е киднапиран.

Најгласен беше таткото на Самоил, Љупчо Костадиновски, кој тврдеше дека освен овие две лица, кои се уапсени за исчезнувањето на неговиот син, вмешана била поголема криминална група. Како што раскажува, според неговите сознанија, станувало збор за голема машинерија, за организирана група од околу 50 лица, кои продавале разна дрога по дискотеки во земјава.

– Ние, самите, семејството, постојано истражуваме и трагаме. Од она до кое досега дојдовме, се работи за голема група, за тргување со наркотици. И токму поради тоа што веќе два месеца нема ништо ново, мојот син не е пронајден, се сомневаме дека оваа група има свои луѓе вработени во МВР, кои ја штитат.

Според нашите претпоставки, Самоил можеби имал некаква соработка со тие лица, од групата што го киднапираше, но тоа не можеме да го тврдиме со сигурност. Сепак, тој е мое дете, семеен човек, има сопруга и дете, второто дете е на пат, треба да се роди за помалку од два месеца.

Син ми се занимаваше со купување и продажба на стари возила. Ги купуваше, ги средуваше, па ги препродаваше. Снаа ми оди на работа, во текот на ден, тој го чуваше детето, беше посветен на фамилијата.

Пред да се случи киднапирањето, тој продаде џип во Бугарија за 76.000 евра. Знам дека од продажбата прво зеде 36.000 евра, а другите 40.000 ги зеде една недела пред да биде киднапиран. Според моите претпоставки, киднаперите знаеле дека тој има пари во тој период, затоа и бил намамен да дојде на средба со нив – тврдеше таткото.

ИМАЛ ПАРИ ПРЕД ДА ГО ГРАБНАТ

Сите сознанија до кои дошол, им ги кажал и на надлежните служби, со цел да помогне во истрагата.

– Размислувам дека можеби киднаперите некаде го кријат син ми. Но, исто така, размислувам дека можеби и му направиле нешто, дека му задале фатален удар, значи да се живее со ова е навистина претешко, ја бараме вистината.

Сите дома останавме без здравје, апелираме надлежните служби сериозно да се посветат на решавање на случајот во најкраток рок! Ние самите трагаме, разговаравме со повеќе луѓе, разговаравме и со еден сведок, значи сите се плашат да зборуваат, овде се работи за голема група, која очигледно е моќна – зборуваше таткото, два месеца по исчезнувањето на Самоил.

Пред пресудата, една година по она што им се случи, тој изрази сомнеж дека син му е убиен и фрлен.

– Помина една година и еден месец, а сѐ уште не знаеме каде е нашето дете, нашиот Самоил каде се наоѓа до овој момент. Ние се сомневаме дека Самоил, бидејќи носеше со себе пари, оваа криминална група го има убиено и негде фрлено. Зашто истите тие се нуделе на Албанците, дека биле спремни да убиваат, да киднапираат – рече тој.

Додека се изрекуваше пресудата за двајцата обвинети, очигледна беше тензијата меѓу членовите на семејствата од двете страни. Меѓу семејството на исчезнатиот Самоил и меѓу семејствата на осудените. За едните, казната беше прениска, за другите превисока. И за едните и за другите, институциите се корумпирани.

– Не сме задоволни од пресудата, мислиме дека судот е корумпиран и оти е потплатено сѐ. Некој еден велосипед или дрва да украде, или со пиштол да го фатат, поголема казна ќе добие, не може еден човечки живот да вреди колку овие минимални казни, значи тоа е подмитено, поткупено сѐ.

Не веруваме во судот и ќе се жалиме да добијат повисока казна. Тоа е смешно пред државата и пред јавноста. За 27 април добија повисоки казни, а никој не убија, овде син ми го нема, исчезнат е убиен. Тие работеле за полицијата, за ентеше, за организиран криминал, сѐ е подмитено – велеше таткото по пресудата.

По грабнувањето на Самоил, беше пукано и кон него и беше ранет, но не се откри кој стои и позади тој напад.

Инаку, пред дванаесет години се случи сличен случај на грабнување, а телото на младиот Ангел од Велес и до ден денеска неговото тело не е најдено. Во 2012 година, таткото и синот Петар и Борис Нацеви добија заедно 18 години затвор за грабнувањето на Ангел Стојанов-Опашот.

Судот ги прогласи за виновни таткото и синот затоа што тој се заканувал дека ќе стори нови кривични дела против нив и нивниот имот. Тие тврдеа дека Стојанов ја малтретирал нивната ќерка, односно сестра и им го запалил автомобилот.

Полицијата има и поднесено кривична пријава за опожарување на автомобилот на Нацеви, но процесот никогаш не почна. Стојанов, откако бил претепан со мотки, бил ставен во багажникот од автомобилот на Нацеви. Потоа го однеле кај вливот на Бабуна во Вардар по што е оставен на непознато место.

КОЈ ПУКАШЕ КОН ТАТКОТО НА САМОИЛ?

Во јули минатата година, четири месеци по грабнувањето на Самоил Костадиновски, во скопската населба Лисиче пукано беше кон неговиот татко Љупчо Костадиновски.

Во него пукало непознато лице, кој со мотор се движел во близина на семејната куќа во Лисиче. Таткото на исчезнатиот Самоил, непосредно пред пукањето, бил пред пицеријата во близина на куќата, каде што живеел.

Тој има рана на раката, но институциите сѐ уште немаат најдено кој пукаше кон таткото на исчезнатото момче.

Поврзани новости