Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 18 јануари 2019 година, во број 1215
По бегството на екс премиерот Никола Груевски и отворањето на капијата од затворот „Шутка“ за да излезат Сашо Мијалков и Орце Камчев, сета доверба и репутација што СЈО ја градеше, се сруши како кула од карти. На ваква разврска не се надевале ниту дел од обвинителите, кои не очекувале дека ќе се прават компромиси. За тоа зошто Катица Јанева прво го улови пленот, а потоа и го ослободи, засега само се шпекулира. Сепак, повеќе од јасно е дека доколку СЈО повторно го смени курсот, веќе ќе нема враќање назад. Наместо криминалци зад решетки, ќе добиеме скапо платен театар за народот!
Пишува: Валентина ВУРМО
Кога од притвор излегоа Сашо Мијалков, Орце Камчев, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, атмосферата во СЈО била траорна. Речиси и да немало обвинител што се согласувал со ваквиот потег, но од друга страна, пак, и никој не смеел да се спротивстави на одлуката на шефицата Катица Јанева, која на судот му даде зелено светло за отворање на капијата од истражниот затвор „Скопје“.
Причините и мотивите за ваквиот потег најдобро ги знае Јанева, како што во голема тајност го држела и апсењето на екс директорот на УБК, Мијалков. Пред да се влезе во „Мериот“, само мал круг луѓе, од кои само еден обвинител, знаеле дека ќе се апси „братучедот“, информација која ја затекна и власта, бидејќи со неговото ставање зад решетки им се разниша потребното мнозинство за изгласување на уставните измени.
Затоа е несфатливо, како тогаш Јанева, без воопшто да се грижи за математиката на премиерот Зоран Заев, се впушти во најголемиот лов, а потоа потклекна и реши да ѝ удоволи на власта?!
Во отсуство на вистинските мотиви можеме само да шпекулираме, но повеќе од сигурно е дека ваквиот потег ја разниша довербата во СЈО, дури и кај оние луѓе кои најмногу се крстеа и залагаа за опстојувањето на оваа институција.
Еден од сомнежите беше и дека со овие притвори СЈО сака да ја амортизира штетата што се направи со бегството на екс премиерот Никола Груевски, но по нивното ослободување, односно испраќање во домашен притвор, чашата се преполни.
МИТРОВСКИ: ОСТАВКАТА НА ЈАНЕВА Е НУЖНА!
За бегството на Груевски, вината се бара во три институции и тоа во СЈО, МВР и во судот. Според истрагата на Обвинителството за организиран криминал сѐ уште не може прстот на вина со сигурност да се впери во некоја од институциите, а засега не е откриена ниту логистиката што Груевски ја имал за да излезе од државата.
Но за разлика од бегството, работата со притворите, особено на Мијалков и Камчев, е кристално јасна. СЈО е тоа кое наеднаш предлага мерката притвор да се замени со куќен притвор. А, притисоци, како што дознаваме, имало од сите страни. Од влијателни луѓе во правосудството, до странски моќници. Кој и дали ја скршил Јанева, можеме само да претпоставуваме.
Адвокатот Јанаки Митровски вели дека сѐ уште дава поддршка на институцијата СЈО, но има големи забелешки за обвинителката Јанева.
– На СЈО сѐ уште му давам поддршка и имам почит за дел од обвинителите со кои сум работел по предмети, но факт е дека и во случајот со Груевски и со притворите, извршната власт изврши политичко влијание. Ве молам, уште во септември Груевски испразнил 200.000 евра. УЈП по службена должност ја мониторира секоја трансакција над 10.000 евра. Протече и информација дека финансиското разузнавање го известило СЈО за ова, но од таму изостана реакција во смисла на барање мерка притвор во услови кога постои јасна индиција за бегство. Сумирано, евидентен е дилот да се пушти да избега, дециден е Митровски.
Тој вели и дека идентичен притисок е извршен и со укинувањето на притворите.
– Внимавајте, СЈО бара притвор поради опасност од бегство повикувајќи се на белешка од УБК, за само еден месец подоцна да бара замена на мерката притвор. Зар испарија и белешката и опасноста од бегство? И тоа баш во периодот кога требаше да се гласаат уставните измени. Ќе се согласите дека е премногу случајно за да биде случајно. Објаснувањето на Јанева дека притворените уверливо ветиле дека нема да бегаат и дека укинувањето на притворот е добро за владеењето на правото, е комична, и за мене како правник навредлива. Сметам дека колешката доби доволно простор и факт е дека не се снаоѓа најдобро. Нејзината оставка во услови на два големи пропусти и дозволување власта политички да влијае, е нужна, вели адвокатот Митровски.
Јанакиески и Божиновски заминаа во притвор веднаш по бегството на Груевски, ситуација која Јанакиески најубаво ја опиша од судница: „Не можевте по магарето, па удривте по самарот“.
Но, набргу СЈО покажа дека може да удри и по „магарето“, па во притвор најпрвин го стави Камчев, еден од најмоќните бизнисмени во државата, а потоа и Мијалков. Сериозната опасност од бегство и влијание врз сведоци наеднаш исчезна, па обвинителството омекна и иако истрагата за „Империја“ сѐ уште не е завршена, реши куќниот притвор да им го додели како новогодишен подарок.
На Камчев, покрај куќниот притвор му е забрането да комуницира со одредени лица и да користи средства за комуникација, како мобилен телефон, но за Мијалков овие забрани не важат. Судијката Весна Димишкова го одби ваквото барање на СЈО, зашто не навеле со кои точно лица да му се забрани комуникацијата. Иако барањето беше испратено на корекција, од СЈО целосно го повлекоа, поради што сега екс директорот на УБК може да комуницира со кого сака, со што пак се доведува во опасност истрагата за „Империја“, бидејќи може да влијае врз луѓе кои се согласиле да соработуваат со обвинителството. Сѐ ќе беше поинаку доколку притворот потраеше додека заврши истрагата, но очигледно е дека на некој му се брзало.
И СЈО Е СВЕСНО ДЕКА КАМЧЕВ И МИЈАЛКОВ МОЖАТ ДА ИЗБЕГААТ
Со пуштањето во домашен притвор на двајцата можеби и најмоќни луѓе во државата се зголеми опасноста и од нивно бегство. За овој факт се свесни и од обвинителството, од каде што самите забележале дека опасноста ја зголемува нивната имотна состојба и релациите со други држави.
Токму затоа на Камчев му се одземени двата пасоша, и македонскиот и бугарскиот.
„Осомничениот покрај македонското поседува државјанство и на Р. Бугарија каде што тој и неговото семејство поседуваат недвижен имот на свое име и каде што имаат пријавено живеалиште, воедно осомничениот е сопственик и на повеќе правни лица надвор од Р. Македонија, а кои околности упатуваат дека осомничениот лесно може да се даде во бегство“, наведува Апелацискиот суд.
СЈО признава дека сѐ уште постои основан страв дека и осомничениот Мијалков може да избега имајќи го предвид фактот дека имал пријавено живеалиште во Чешка, тој и неговото семејство поседувале поголем број недвижен имот во и надвор од Македонија, тој поседувал голем број акции во правни лица во Македонија, како и поранешната функција како директор на УБК. Сепак, и покрај сите овие укажувања, СЈО даде зелено светло за куќен притвор.
По сите овие турбуленции кои ја разнишаа довербата во СЈО, иднината на оваа институција е уште понеизвесна ако се има предвид дека по три години од формирањето на Специјалното јавно обвинителство, политичарите повторно ќе ги кршат копјата.
Во моментот кога работната група во Министерството за правда, но и самото СЈО, изготвија законски решенија, да не останат покуси, предлог-закон за СЈО, по свој вкус, подготвувале и неколкумина пратеници. Ним не им е многу важно дали СЈО ќе продолжи како независна самостојна институција или ќе се приклучи како посебно одделение во редовното обвинителство, туку ги засегаат само „бомбите“, односно материјалите од незаконското прислушување.
Наместо како досега, да се користат како докази во судската постапка, тие предлагаат да завршат во ѓубре. Токму така. Сѐ што слушнале обвинителите, да се прават дека не слушнале.
Креаторите на ова законско решение сѐ уште се чуваат во тајност, односно министерката за правда, Рената Дескоска, откри дека постојат, но реши да не ги посочи со прст.
Од СДСМ велат дека предлагачите сигурно не се од нивните редови, бидејќи тие и понатаму ќе се залагале СЈО да продолжи да работи со истиот интензитет и надлежности како и досега. Мувата од капата ја ишкаат и од ДУИ, бидејќи на прашањето испратено до вицепремиерот Бујар Османи дали пратеници од ДУИ имаат изготвено предлог-закон за СЈО, ни одговори: „Не. Ќе има предлог на владата до Собранието.“
Како што неофицијално дознаваме, најверојатно законот се подготвувал во кујната на ВМРО-ДПМНЕ. Наводно истата идеја сакале да ја протнат и пратеници од ДУИ, но се повлекле.
Од ВМРО-ДПМНЕ не одговорија на прашањето на „Фокус“, дали тие се обидуваат да го „зауздаат“ СЈО.
Идејата на политичарите била бомбите да се забранат за користење во иднина, и како индиција и како доказ, со што директно би се загрозиле, односно во вода би пропаднале, триесетина истраги и стотина предистраги.
Иако на прва секој ќе помисли дека ова законско решение нема шанса да помине, сепак фактот што за законот рака треба да кренат 80 пратеници, би значело дека има простор за уценување, односно на крајот да се дојде до компромисно, а не до најдобро правно законско решение.
„БОМБИТЕ“ НЕ МОЖАТ ДА СЕ ЗАБРАНАТ!
Адвокатот Митровски смирува дека ниедно законско решение не може да ги забрани бомбите.
– Каков било закон да се донесе, бомбите може да се користат како докази бидејки судот во Стразбур со низа свои пресуди се има произнесено дека кој било доказ, макар и прибавен на илегален начин, може да се користи во постапка доколку се работи за јавен интерес – имено откривање и процесуирање на кривични дела. Имајте на ум дека праксата на Стразбур за нас не само што е облигаторна, бидејки сме потписници на Конвенцијата, туку и има супремација над домицилните решенија, дециден е Митровски.
Ова е како треба да биде, но бидејќи сме Македонија, Митровски предупредува дека се може да се очекува.
– Но, ова е Македонија и не би било првпат да одиме контра меѓународно правните норми, сетете се само на амнестијата на воените злосторства, што е изричито забрането и со закон и со меѓународни конвенции. Оттука, тоа е реално сценарио бидејќи е очекувано дека ќе има условувања од страна на гонетите. Доколку ова помине, ќе се изгуби смислата на постоењето на СЈО, бидејки нашите судии судат по диктат на извршната власт пред правните норми, предупредува адвокатот Митровски.
И од Коалицијата сите за правично судење, од каде што редовно ги мониторираат судските рочишта по предметите на СЈО, сметаат дека „бомбите“ не можат да се забранат.
– Во однос на „бомбите“ како докази во постапката битно е да се има предвид дека стандардите за докажување, односно оцената на доказите, вклучувајќи ја и оцената на нивната законитост е во исклучителна надлежност на судот, а не и во надлежност на законодавецот. Во прилог на тоа говори и начелото на слободна оценка на доказите согласно член 16 од ЗКП, како и дадените овластувања на судот да одлучува за законитоста на доказите и нивното користење во постапката, наспроти отсуството на закон или било каков пропис кој ја регулира оваа материја, појаснуваат од Коалицијата.
Од таму предупредуваат дека поради сето тоа битно е законодавецот да постапува со крајно внимание со што не би се нарушила независноста на судството во поглед на оцената на доказите.
– Останува да се види предлогот на законското решение и дали со него ќе се овозможат услови за СЈО и понатаму да постапува по делата од неговата надлежност, додаваат од Коалицијата.
ЈАНЕВА ИМАЛА АМБИЦИЈА ДА БИДЕ РЕПУБЛИЧКИ ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ?
Според законското решение кое е предлог на СЈО, тие и понатаму треба да ја задржат независноста, а се предлага само републичкиот јавен обвинител да може на специјалниот да му дава само општи упатства за заштита на човековите права, интересот на државата, но не и за конкретни предмети.
Според предлогот на работната група на Министерството за правда, СЈО треба да биде посебно одделение, но под капа на републичкото јавно обвинителство.
На ваков став се и од Коалицијата сите за правично судење.
– Сметаме дека СЈО треба да опстои како обвинителство, кое согласно Уставот на РМ, треба хиерархиски да се подведе под Јавното обвинителство на Република Македонија кое би функционирало со своевидна независност и со внимателно одбрани механизми на контрола над истото за да не се повтори праксата на уште еден „Судски совет“ на РМ како тело за кое не е предвидено да одговара никому во државата, велат од Коалицијата.
Слично гледиште има и шефицата на Одделението за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска.
– Нацрт-законот во некои делови е спротивен на Уставот. Не може да постојат во системот паралелно две обвинителства, без да се смени Уставот. Околу ингеренциите што се даваат на специјалниот обвинител, недозволиво е да има толкава моќ во еден човек, без можност некој да врши контрола. Можеби Јанева нема да ја злоупотреби моќта, но не се знае кој може во иднина да седне на нејзиното место. Мора да има некаква контрола од републичкото обвинителство, вели Вилма Русковска, шеф на ОЈО за гонење организиран криминал.
Неофицијални извори, пак, тврдат дека во еден период и самата Катица Јанева имала амбиција да се приклучи на Републичкото јавно обвинителство, но не со својот тим, туку самостојно, како шеф на обвинителството. Наводно, Јанева сакала да конкурира на конкурсот на кој победи Љубомир Јовески, а шпекулацијата оди дотаму што со идејата на колегиум ги шокирала обвинителите од нејзиниот тим, кои би биле оставени сами на себе. Но, наводно, Јанева подоцна се откажала од идејата, а на шефовската фотелја седна обвинителот Јовески.
Според новиот законски предлог, освен прислушувањето, како досега, СЈО ќе може да гони кривични дела што ги извршиле претседателот на државата, поставените амбасадори и други претставници на државата во странство и именувани лица од претседателот на државата, избрани или именувани функционери во и од Собранието, во и од Владата, во судовите, јавното обвинителство, Судскиот совет, Советот на јавните обвинители, избраните градоначалници на единици на локалната самоуправа и Град Скопје и одговорни лица во политичките партии против изборите и гласањето; животната средина и природата; културното наследство и природните реткости; јавните финансии, платниот промет и стопанството.
СЈО ќе може да гони дела што ги сториле вооружените сили; дела против службената должност и јавниот ред, како и кривичните дела неовластено одавање информации и податоци за сведоците, соработниците на правдата, жртвите што се јавуваат во својство на сведоци и нивните блиски лица од Законот за заштита на сведоците и кривично дело давање лажен исказ, спречување докажување, незаконито влијание врз сведоци, присилба према правосуден работник, спречување службено лице во вршење службено дејствие, ако овие дела се сторени во врска со постапки што ги води специјалното јавно обвинителство.
Законското решение од пратениците, пак, сѐ уште не е официјализирано, иако уште сега предизвика паника, со барањето за забрана на бомбите.
НАМАЛУВАЊЕТО НА КАЗНИТЕ ЌЕ ГО УНИШТИ СЈО
Но, се чини дека уште поголема закана за СЈО, односно за сето она што досега го сработиле, од новиот законски текст, е доколку се протнат планираните измени на членот 353 став 5, односно намалување на казната предвидена за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување при јавните набавки“, од Кривичниот Законик.
Пратеници од владејачкото мнозинство неодамна поднесоа предлог за намалување на казната од овој член, со што од кривичен прогон би се спасиле голем број поранешни функционери обвинети и осомничени од СЈО. Затоа овој потег во јавноста се протолкува како втора амнестија, со која би им се удоволило на дел од одметнатите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за да гласаат за уставните измени, но поради поголемиот притисок од јавноста, измените беа повлечени.
Со нив се планираше да се намали најниската предвидена казна, односно од најмалку пет години затвор, таа да се намали на четири години. Иако на прва изгледа дека една година не менува ништо, сепак, во суштина значи многу, бидејќи на тој начин би застариле поголемиот број кривични дела за кои се гонат екс функционерите. Голем дел од криминалот е сторен во 2011 и во 2012 година, што би значело дека тие дела застаруваат наскоро, односно за осум години би настанала апсолутна застареност, поради што би морало да запре и прогонот.
Сепак, можноста за оваа измена е сѐ уште отворена, бидејќи министерката за правда Рената Дескоска најави дека е можно да се интервенира во Кривичниот Законик, и тоа баш во делот на висината на предвидените казни. Таа не одговори конкретно дали тоа ќе се однесува точно на членот 353 став 5, но рече дека предвидените казни за голем број кривични дела биле многу високи, одмерени од една репресивна власт, па затоа било време да се намалат.
На овој начин би се спасила екс министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска, бидејќи кривичното дело за кое се гони за случајот „Тендери“, би застарело оваа година.
Многу кривични дела би застареле и за Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Сашо Мијалков, Горан Грујевски, Тони Јакимовски, Владимир Пешевски, а од прогон би се спасил и Антонио Милошоски, кој засега е само осомничен во истрагата за „Моќник“. Би пропаднал и предметот „Траекторија“, односно изградбата на автопатиштата, каде што е утврдена штета од неверојатни 100 милиони евра.
Намалување на казната веќе беше направено кај членот 275-в од законот што се однесува на злоупотреба на постапката за јавен повик и доделување на договор за јавна набавка. По оваа измена од затвор може да се спаси бизнисменот Сеад Кочан и Василије Авировиќ, син на пратеничката Владанка Авировиќ, кои добија првостепена пресуда за случајот „Труст“.
Со предложените законски измени се отвори можност Апелацискиот суд да ја ублажи казната за Авировиќ, односно тој ќе може да добие можност за условна казна. Исто така, доколку Апелација го врати предметот од почеток, се заканува и застарување.
Сума сумарум, поради ваквите политички нагодувања, целокупната работа на СЈО за миг би можела да падне во вода, и сѐ да се претвори во скапо платен театар за народот.
Но, едно е сигурно, дека оваа цена нема да бидат должни да ја плаќаат неколкумина исклучителни обвинители, истражители и стручни соработници, кои се дадоа со срце и душа, водејќи се само од правото и правдата. Токму затоа не може да се премолчи фактот дека СЈО излезе од колосек. Време е да се врати на вистинскиот пат, водејќи се од правото и никако поинаку!
ЛУПЕВСКА: СЈО НЕ ЈА ИСПОЛНИ ЗАДАЧАТА НА ОТЧЕТНОСТ!
СЈО во последно време не го бие убав глас и меѓу новинарите, бидејќи обвинителството е затворено за јавноста, иако се залагаше за транспарентност.
– За жал, според мене СЈО е нетранспарентно и многу ретко се случува да добиеме изјава, а камоли брифинг за одредена тема. За разлика од редовното Обвинителство, кое и во времето на Зврлевски или кој било претходен обвинител излегувало во пресрет на новинарите за одговор на нивните прашања, било официјално или неофицијално. Како уредник на „Телма“ неколкупати сум и укажала на обвинителката Катица Јанева дека СЈО е нетранспарентно, но за жал, укажувањата не вродија со плод. СЈО особено беше нетранспарентно во отчетот за тоа како ги трошат средствата од буџетот кои им се доделени во делот на плати, хонорари и ангажирање на експерти. Сметам дека СЈО не ја исполни задачата на отчетност и транспарентност кон јавноста, вели уредничката Снежана Лупевска од „Телма“.
ДОВЕРБАТА ВО СЈО НАМАЛЕНА
Опаѓа довербата на граѓаните во СЈО. Ова го покажа последната анкета на Телма и МЦМС, спроведена во ноември 2018 година. Институцијата, која од формирањето беше на врвот и можеби една од институциите со најголема доверба досега, сега доби недовeрба од 53,5 проценти од испитаниците, наспроти 41 процент што ѝ дадоа доверба.
Претходните анкети, пред година дена, покажуваа дека довербата на граѓаните во СЈО била 63 проценти, а против 28 проценти од испитаниците.
ФУНКЦИОНЕРИ НА ДУИ НЕ ЗБОРУВАЛЕ ЗА КРИМИНАЛ ПО ТЕЛЕФОН, ТУКУ ПЕЕЛЕ!
Евидентно е дека иако беа дел од власта, функционерите од ДУИ се на некој начин „поштедени“ од СЈО. Освен еден судски предмет против нивен функционер, осомничени се и лидерот Али Ахмети, во истрагата за „Попис“ и Бујар Османи во „Пациент“, но засега нема индиции за откривање на некој посериозен криминал во нивните редови. Како што неофицијално информираа извори од СЈО, овие функционери како да знаеле дека се прислушува, па затоа биле многу внимателни во разговорите. Односно имало ситуации кога некој соговорник ќе почнел разговор „што не е за по телефон“, соговорникот од ДУИ почнувал да пее, а набргу и разговорот завршувал. Сепак, дали било сѐ така, останува само да им веруваме на „слушателите“ од СЈО.