(АРХИВА) Ќе дозволи ли Мицкоски да „никнат“ 5 хациенди на плацовите на Груевски и на Мијалков на Водно?

Пет парцели на Водно наскоро се очекува да бидат огласени за продажба, откако беа конфискувани од екс премиерот Никола Груевски и од неговиот братучед Сашо Мијалков. Доколку државата ги продаде, ќе го освежи буџетот за 8 милиони вера, но и ќе дозволи да „никнат“ куќи во срцето на Водно, предел кој во минатото важеше за заштитен. Засега нема најави дека државата ќе се откаже од продажбата и ќе ѝ дозволи на Општина Центар да ги тргне маркичките за куќи со огромна површина.

by fokus

Текстот е објавен во неделникот ,,Фокус” на 22 јануари 2025 година, во број 1529.

Пишувала: Валентина ВУРМО

Ќе дозволи ли државата на Водно, во делот кој важеше за заштитено зеленило, да „изникнат“ пет хациенди? Ова прашање се поставува откако е сѐ поизвесно дека наскоро на продажба ќе се најдат конфискуваните плацови од братучедите Никола Груевски и Сашо Мијалков, кои им беа одземени по правосилноста на пресудите за „Плацови на Водно“ и за случајот „Империја“.

Проценката на нивната вредност е направена, по што следниот чекор е наскоро Агенцијата за управување со одземен имот, земјиштата да ги огласи за продажба. Доколку имотот биде продаден, државниот буџет ќе се освежи за околу 8 милиони евра, но тоа ќе значи и дека во иднина на два рида на Водно, кој засега е недопрен и во чија близина нема објекти, ќе бидат изградени четири куќи со огромна површина и плус уште една покрај резиденцијата на сопругата на покојниот претседател Борис Трајковски.

Но, тоа би значело и дека на еден начин ќе се легализираат скандалозните детални урбанистички планови, кои пред една деценија беа наменски скроени по желба и мерка на поранешниот премиер Груевски. Тој имаше желба да изгради куќа во срцето на Водно и далеку од сите да ужива во неверојатен поглед.
Општина Центар ги прави последните напори, земјиштата да се вратат во првобитната состојба, да останат недопрени од бетонизација, но тоа можат да го сторат само со добиена согласност од државата.

ЦЕНТАР БАРА ЗЕМЈИШТАТА ДА ОСТАНАТ ШУМА

Поточно, веќе со месеци, во Општина Центар, преку надворешна планерска фирма, се работи на изготвување нов урбанистички план. Идејата била да се укинат маркичките за градба на овие парцели и да се отстапат за зеленило, поради што се обратиле до Агенцијата за управување со одземен имот.
Од таму, пак, добиле официјален допис дека бараат и во новиот ДУП да останат истите урбанистички параметри што важеле и во периодот кога плацовите биле одземени од осудените поранешни функционери. Односно, маркичките да останат и земјиштата да одат на продажба, со што ќе се приватизираат.

Од Општина Центар постапуваат внимателно и не се осмелуваат на своја рака да донесат одлука во новиот ДУП да ги тргнат маркичките. Имаат таква можност, кога за тоа има јавен интерес, но мора да добијат согласност од сопственикот, во случајов државата. Доколку самите ја донесат одлуката, градоначалникот ризикува во иднина кривично да одговара за милионска штета на буџетот.

– Постапката за изработка на ДУП Градска четврт Ј 07 – Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара, Општина Центар – Скопје е во фаза „Кај општини и институции за мислење“, што значи дека изработена е работна верзија на планот, на која надлежните комунални претпријатија, институции и Град Скопје даваат мислење на предложеното решение, ни одговорија од Општина Центар.

„Фокус“ побара одговор од владата, односно прашавме, дали досега се разговарало на оваа тема и дали можеби се размислува да не се продаваат плацовите, за да останат шума?

– Досега не е разговарано по ова прашање. Кога ќе се отвори оваа тема, ќе се постапи во согласност со законските прописи, ни одговорија кусо од владата.

ИМОТОТ ДОСТИГНА ВРЕДНОСТ ОД 8 МИЛИОНИ ЕВРА

Едно од земјиштата, на кое е предвидено да се изгради една куќа, беше одземено од поранешниот директор на УБК, а е со површина од 4.514 квадратни метри, во месноста Горно Курило. Всушност, парцелата е составена од градежно неизградено земјиште од 3.880 квадратни метри, на кое е предвидена маркичка за куќа и шума со површина од 634 квадратни метри.

Проценката на овој имот е направена уште кон крајот на 2023 година, при што беше утврдена вредност од 2.059.000 евра. Тоа земјиште беше во сопственост на фамозната офшор-компанија „Ексико“, за која во случајот „Империја“ се разоткри дека била во сопственост на Мијалков.

Поранешниот премиер Груевски на Водно имаше вкупно четири парцели, кои му беа конфискувани. Вкупната проценка на сите е 5,8 милиони евра, а три се наоѓаат во заштитеното подрачје.
Станува збор за поголема парцела од 11.000 квадратни метри, во месноста Шербетница, поделена на три дела, со три маркички за куќи. И уште еден плац, од 2.700 квадратни метри, на кој, исто така, има маркичка за хациенда, но тој се наоѓа на почетокот на Водно, покрај резиденцијата на Вилма Трајковска.

Трите земјишта во Шербетница, поточно на зафатот над Панорама, Груевски тајно ги купил во 2013 година. Зделката го чинела 1,3 милиони евра, кои, според пресудата, ги зел од партиската каса на ВМРО-ДПМНЕ, собрани преку донации. За да ја скрие сопственоста, пак, плацовите ги купува преку фирма на неговиот кум Ристо Новачевски.

По објавата на „бомбите“, кои го откриваат како сопственик, плацовите ги „продаваат“ на „Орка холдинг“ на Камчеви, а потоа тој ги продава на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.

Самсоненко водеше и правна битка за земјиштето, тврдејќи дека не е фиктивен сопственик, туку дека во 2019 година го купил за 1,8 милиони евра, а планот му било таму да изгради куќа. Но, судот не му поверува, туку ја потврди тезата на обвинителката Лиле Стефанова дека продажбата била фиктивна, со цел да не се дознае вистинскиот сопственик.
Она што паѓа в очи е дека низ годините на овој имот вртоглаво му се зголемила вредноста, бидејќи од 1,3 милиони евра во 2013 година, сега е проценет на 4 милиони евра.

ДУПОВИ МЕНУВАНИ ПО ЖЕЛБА НА ГРУЕВСКИ

Но, она што во следниот период ќе биде клучно, е дали државата ќе дозволи на овие парцели да се изградат огромни хациенди, или ќе го заштитат земјиштето, со тоа што ќе ги тргнат маркичките и ќе остане во државна сопственост? Дополнителен аргумент е што овие маркички биле ставени по желба на тогашниот премиер Груевски, а претходно биле шума.

Поточно, наменски во ова подрачје биле сменети деталните урбанистички планови, за да им се удоволи на тогашните властодршци. Промените почнуваат во 2011 година, кога се договара измена на Главниот урбанистички план (ГУП) и Деталниот урбанистички план (ДУП), бидејќи земјиштата биле заведени како зелен појас, односно шума, а не како градежни парцели.

Ова на прес-конференција во 2015 година прецизно го објаснуваше тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев. Тој, пак, прецизните детали ги имаше од „бомбите“, односно од нелегално прислушуваните разговори.

– Во првиот ДУП стои заштитено зеленило без никакви маркички за парцели. Во вториот ДУП што сакаа на сила да го носат, предвиделе три огромни маркички за куќи. Се работи за катастарските парцели 1926/4 и 1926/5, со вкупна површина од над 11.000 квадратни метри, појаснуваше Заев.

Опозицијата тогаш поднесе и кривична пријава. Таа опфаќаше повеќе осомничени, меѓу кои и поранешните градоначалници Коце Трајановски и Владимир Тодоровиќ.

„Груевски, Јанакиески, Трајановски, Тодоровиќ, Новачевски и другите се здружиле уште од 2011 година и преку злоупотреба на службената положба и перење пари сакале да ги скријат трагите на купувањето на имотот на Груевски. Откако Груевски ги купил плацовите на Водно, кои биле надвор од градежна зона во месноста Шербетница и во Горно Курило, со помош на министрите и градоначалниците почнале постапка за промена на генералните и деталните урбанистички планови за овие места“, пишуваше во кривичната пријава.

Од СДСМ тогаш обвинуваа дека промените во плановите биле завршени во јули 2014 година, со што, со дејствијата на Јанакиески, Тодоровиќ и Трајановски била поместена градежната линија за посочените парцели.

За нарачката на Груевски сведочеше и една од „бомбите“, од која можеше да се слушне како Груевски бара од Јанакиески промена на деталните урбанистички планови.

„Ова ми е итно пред да се избере новиот состав (на советници во Општина Центар)“… „Да го распределат земјиштето на повеќе парчиња, бидејќи е големо“… „Го начекав (плацот) за џабалак“.

Од СДСМ тогаш ги презентираа некогашните и новодонесените ДУП-ови. За плацот кај резиденцијата на Трајковска, според првиот ДУП, намената била за „спорт и рекреација“, а со промената добил намена за „семејно домување со посебен режим“. Големиот плац, пак, над Панорама добил пренамена од заштитено зеленило во градежно земјиште.
Претпоставките се дека Груевски сакал да гради куќа, која ќе има приватност и ќе биде затскриена од другите објекти.

Груевски: Таму знаеш што може да се направи? Може, за да не се гледаат одоздола да се дигне малку потпорен ѕид, да се напуни со земја и ќе гледаат у ѕид. Тоа ми текна.
Јанакиески: Така да. Ќе проверам уште еднаш.
Груевски: Едно 6-7 метри дигаш потпорен ѕид и они одоздола гледаат у ѕидот.

ПРЕЧКА ЗА ПРОДАЖБАТА НА СТАНОВИТЕ НА БЕГАЛЕЦОТ

Се очекува наскоро на продажба да бидат огласени и петте одземени станови од Груевски, за кои проценката беше направена уште минатата есен.
Вкупната вредност на апартманите е 1,9 милиони евра, а три се наоѓаат во луксузниот комплекс „Панорама“ на Водно. Затоа и е голем интересот на јавноста за тоа кој ќе биде новиот сопственик и по која цена ќе успее да се наметне како нов газда.

Еден од становите се наоѓа на сутерен, а два од овие луксузни апартмани се наоѓаат на поткровјето на комплексот. Сите се со вкупна површина од 750 квадратни метри.
Апартманите се луксузно опремени, а од огромните балкони, со површина на просечен стан, Груевски требало да има неверојатна глетка кон цело Скопје.

Еден од апартманите е со големина од 155 квадратни метри, со посебни делови од зградата во површина од 95 квадрати, вториот е со големина од 199 квадрати, со балкон од 48 квадратни метри, а третиот е речиси со идентична големина, односно од 200 квадратни метри и идентичен балкон од 48 квадрати.

Нови сопственици треба да добијат и двата стана на Груевски во Кисела Вода. Тој, пред да избега, живееше во дуплекс, односно два споени стана со површина од над 140 квадратни метри. Но, имал уште два стана на истиот кат, со вкупна површина од 100 квадратни метри, а во вредност од 100.000 евра. Едниот го користел како библиотека, а другиот како работна соба.

И ЗЕМЈИШТА ВО КРУШЕВО ЌЕ ДОБИЈАТ НОВ ГАЗДА

Државата за продажба ќе треба да ги огласи и двете земјишта во елитната населба „Вршник“ во Крушево. Таму Груевски наводно планирал да гради викендичка.

Оваа викенд-населба се наоѓа веднаш под крстот во Крушево, во близина на манастирот „Св. Преображение“, или познат како манастирот на Тоше.

Продажбата на вкупно 21 парцела се вршела во периодот од 2012 до 2015 година, а шпекулациите се дека соседи на Груевски му се уште неколкумина функционери од тогашната власт.
Дека требало да се населат важни станари, може да се заклучи и брзината со која се реализирала изградбата на инфраструктурата, за која финансиски помагала и тогашната влада.
Поточно, според нашите сознанија, за да се направи пристапен пат, државата потпомогнала со околу 1,5 милион евра, а под изговор дека се гради пат за ски-центарот Мусица.

Па, така, со полн елан, во 2013 година, механизацијата излегла на терен, а лично во надзор бил и тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, за што сведочат фотографии и новинарски написи од летото 2013 година.

По неполни две години од неговата посета веќе завршиле инфраструктурните зафати, со изградена атмосферска и фекална канализација, како и со асфалтирање на улиците и поплочување на тротоарите.
Но, иако сите услови за градба биле овозможени, Груевски не ја реализира својата замисла за изградба на викендичка. Односно, токму во тој период, опозицијата почна да ги пука „бомбите“, па очигледно не бил поволен период за градба.

НЕМА ДА МОЖЕ ДА ГО КУПИ ИМОТОТ НА БРАТУЧЕДОТ

Она што, сепак, е значајно, е дека имотот на Груевски, кога и тоа да се случи, ќе се продава според новиот Закон за управување со одземен имот, донесен во март годинава.
Тоа значи дека на јавната аукција нема да можат да се пријават членови на неговото семејство, како што тоа се случи при продажбата на имотот на неговиот братучед Мијалков.

Дел од имотот на поранешниот директор на УБК купи неговиот син, па поради тоа и се алармираше дека се неопходни законски измени за имотот да не се врати кај стариот сопственик.

Со новините, кога имотот на Груевски ќе биде огласен, како купувач нема да може да се јави ниту неговиот братучед Мијалков. Поточно, според најновите законски измени, како купувач или закупувачи не можат да се јават ниту брачниот или вонбрачниот другар, роднина во прва линија или до четврти степен во странична линија на осуденото лице.

,,Како купувачи не можат да се јават ниту правни лица или одговорни лица или бранителот или правниот застапник на правното лице во кое осуденото лице од кое е конфискуван или одземен имотот се наоѓа како сопственик на најмалку 25 отсто од сите акции или, пак, се наоѓа на раководна позиција во тоа правно лице“, е предвидено во новиот закон.

Според стариот закон, пак, кој беше во сила кога се продаваше имотот на Мијалков, на огласот единствено немаше право да се јави осудениот.
Па, така, фирмата на Јордан Мијалков, „Бест веј инвестмент“ ги купи трите луксузни стана на Водно, кои беа одземени од неговиот татко во случајот „Империја“.

Овие станови се наоѓаат на Водно, на улицата Славејко Арсов, во непосредна близина на куќата на Мијалков, која, исто така, беше конфискувана, но тој си ја врати тапијата откако за неа уплати еден милион евра.

ИМОТОТ НА МИЈАЛКОВ ПРОЦЕНЕТ НА НАД 21 МИЛИОН ЕВРА

Имотот се продаде за вкупна цена од 332.276 евра, па гледајќи ја сумата што легна на државната сметка, може да се заклучи дека продажбата поминала без големо наддавање, бидејќи била извршена речиси според вредноста на проценетите апартмани.

Па, така, двата стана со површина од по 73 квадратни метри, од Бирото за вештачење беа проценети на вредност од по 101.500 евра, третиот со површина од 78 квадратни метри на 106.800 евра и гаражата од 30 квадрати за 20.400 евра.

Тие што учествувале на аукцијата, морале да наддаваат, односно не може да се оди под цената што го одредило Бирото за судски вештачења.
Нашата пресметка покажува дека имотот бил проценет на 330.200 евра, а бил продаден за само 2.000 евра повеќе.
Па, од тука се и забелешките дека апартманите се проценети на многу ниска вредност, бидејќи за еден квадрат е барано 1.370 евра, а пазарната вредност на таа локација е до вртоглави 3.000 евра за квадрат.

Од Агенцијата за управување со одземен имот наскоро најавуваат оглас за продажба и на останатиот имот на Мијалков, 20 стана и 8 гаражни места на Водно, на улицата Славејко Арсов, два апартмана во хотел „Панорама резиденс“, два апартмана во хотелот „Парк“ во Охрид, градежно земјиште во Радња, Центар и во Богородица, како и деловен простор на улицата 11 Октомври во Скопје.
Проценката на овој имот е направена, а вкупната вредност е над 21 милион евра.

– Вкупниот проценет недвижен имот изготвен од Министерството за правда – Биро за процени е во износ од 21.450.000 евра, што значи дека во Буџетот на државата ќе се префрлат најмалку во тој износ, велат од Агенцијата за управување со одземен имот.

СИТЕ ПЕТ КУЌИ СЕ СО ОГРОМНА КВАДРАТУРА

Од Општина Центар добивме појаснување за работната верзија на урбанистичкиот план. Во него на овие парцели се предвидени маркички за куќи со голема површина. Еве ги деталите:

На ГП 10.06 (составена од КП 1309/16 и 1309/13) со површина од 4515м2, предвидена е градба со намена А1 – домување во куќи со површина за градба од 1314м2, вкупна развиена површина за градба од 5257м2, процент на изграденост од 29%, коефициент на искористеност 1.16, катност П+2+Пк и максимална висина до венец на градба Н=10.2м.

На ГП 42.42 (составена од делови од КП 1926/4 и 1926/5) со површина од 4295м2, предвидена е градба со намена А1 – домување во куќи со површина за градба од 1325м2, вкупна развиена површина за градба од 5300м2, процент на изграденост од 31%, коефициент на искористеност 1.23, катност П+2+Пк и максимална висина до венец на градба Н=10.2м.

На ГП 42.43 (составена од дел од 1926/5) со површина од 1379м2, предвидена е градба со намена А1 – домување во куќи со површина за градба од 903м2, вкупна развиена површина за градба од 3614м2, процент на изграденост од 66%, коефициент на искористеност 2.62, катност П+2+Пк и максимална висина до венец на градба Н=10.2м.

На ГП 42.44 (составена од дел од 1926/5) со површина од 2735м2, предвидена е градба со намена А1 – домување во куќи со површина за градба од 1325м2, вкупна развиена површина за градба од 5300м2, процент на изграденост од 48%, коефициент на искористеност 1.94, катност П+2+Пк и максимална висина до венец на градба Н=10.2м.

На ГП 42.45 (составена од дел од 1926/13 и 1926/14) со површина од 1862м2, предвидена е градба со намена А1 – домување во куќи со површина за градба од 643м2, вкупна развиена површина за градба од 2571м2, процент на изграденост од 35%, коефициент на искористеност 1.38, катност П+2+Пк и максимална висина до венец на градба Н=10.2м.

РЕЧИСИ ЕДНА ГОДИНА НЕ СЕ ПРОДАВА КОНФИСКУВАН ИМОТ

Речиси една година, или поточно, од февруари минатата година, не е објавен ниту еден оглас за продажба на конфискуван имот од страна на Агенцијата за управување со одземен имот.
Првично пречка беа изборите, кои се случија на пролет, а потоа поради законски измени, се чекаше избор на нови членови на Управниот одбор.

Откако членовите беа избрани на владина седница на 29 октомври, се исправи нова пречка.
Според појаснувањето што го добивме од Агенцијата, и овојпат се чека реакција од владата, односно да го усвојат новиот статут по што ќе требало да се донесат правилници.

Поврзани новости