Кога се работи за специјалниот јавен обвинител, треба да се биде внимателен. Како, во овој исклучително важен и тежок момент за државата, да се гледа на жената што е избрана да го земе сиот товар од неколку криминално-државни тони, потежок дури и од Самоиловиот споменик на плоштад.
Да се биде потсмешлив, да се молчи, да се чека, да се биде циничен или реален, да се анализира, мотивира или да се предвидува. Што и да избере новинарот може да згреши. Можеби треба да се определиме за цинизмот зашто така себеси барем повеќе ќе се почитуваме, па нема да зборуваме за еластичната, проѕирна тантела околу нејзиното не баш стројно тело. Секако, секако не дека сите треба да бидеме манекенки, но минимум стил и интегритет треба да задржиме во однос на задачата што ни е доделена.
Основната одлика на цинизмот, пак, е да ја знае разликата меѓу идеолошката маска и реалноста, но сѐ уште не гледа причина да ја отфрли маската. Така што и нашата позиција е шах-мат.
Но, каква е оваа слика на жената, која своето бујно деколте го поставува на маса пред очите на новинарката и пред целата македонска и поширока јавност. Ако треба, можела цела ноќ да не спие и да мисли каква ќе биде првата слика што ќе ја остави во јавноста, особено знаејќи ја најпознатата обвинителка, притоа и најомразената, Карла дел Понте. Таа беше позната по тоа што својата чанта „луј витон“, во која ги носеше спорните списи во кои беа заложени многу глави, а други се спремаа да бидат ставени на трупец, ја ставаше пред себе на биро во секоја ситуација. Но, нејзе, тие што требаше, веќе сѐ ѝ простуваа. Што и да зборуваа за неа, знаеја дека си ја става главата во торба, никој не обрнуваше внимание на нејзината скапа брендирана торба. Тоа е цената на луксузот што легнуваше не нејзино конто и за која цехот сама си го плаќаше без пардон.
Но, Кејти или Катица, како и да ѝ се допаѓа да ја викаме, не доаѓа на сцената во една прекрасна ситуација за сите нас, кога многу од нашите глави не се на трупец, туку наредени на гимнастичка штица, не за да бидат отсечени, туку им се заканува тапа моторна пила со која ќе биде отфикарена и оваа држава.
Очигледно, нејзините ноќи не биле непреспани, штом пред микрофон си ја тера својата песна со помошта од меѓународниот фактор. Некој безобразен би ѝ плеснал в лице дека во него и само се крстиме, па не мора уште и таа, не потпирајќи се на себе и само на себе, да не ни го премолчи очигледното.
Во својот прв настап Катица направи многу грешки, кои не се само од естетска природа. Луксузот да биде немарна, нормално си има свој данок. Стара приказна е дека дури и на водителките на вести им се кажува да се облекуваат така што да не го свртуваат вниманието од тоа што го зборуваат, освен ако не е тоа намерата на уредникот или на некој над него. На многу водителки им висат коси со екстензии, црвените усти им се лепливи, а не е поарно ни останатото. Иако, во Македонија не постои жена што ќе прифати дека на 50 години нема потреба да ги изложува своите гради, освен ако не сака допрва да се мажи или да покаже дека жената без облини не може да биде добра домаќинка. Дури и ако се работи за прва дама на обвинителството.
Сега е доцна. Ние што пишуваме на оваа тема можеме да се чувствуваме уште поголеми будали од тие што од себе прават будали. И ако Катица суди правилно и ги пикне во нереновираниот дел од затворот во Идризово сите што сега се шепурат по државава и перат пари и мозок, можеби еден ден ќе направи список на сите кои овој ден ја гледаа во тантелната, еластична свила со која ги обмотала рацете до над лактот, и така насмеана ќе нѐ убеди дека облеката не го чини човекот, ниту зборува нешто за него.
Во меѓувреме, концентрација наместо деконцентрација, малку повеќе амбиција и помалку додворување на меѓународниот фактор. Знаеме дека без него не можеме, но ако почесто го спомнува, тогаш многумина ќе се прашаат што ќе ни е таа. Дали е само формата, а ние се надеваме на поквалитетна содржина, ако се прашаме, таа ќе биде виновна што сме се прашале.
Нека не спие Катица деновиве. За да може Македонија мирно да спие во наредните години. Зашто инаку дрскост ќе се смета дека се фатила за нешто што само некогаш ѝ дошло на сон. А кога се разбудила од сонот, тој кошмар ѝ се видел. Па, станала, си го ставила првиот ѓердан што ѝ дошол до рака, тамам за судење ситни прекршоци и заминала во гевгелискиот суд.
О.Д.