(АРХИВА) Камчев му ги зема лекарите на Минчо Јорданов

by Fokus

Текстот е објавен на 16 јуни, 2022 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1393…

Болницата со успешна историја зад себе, во моментот се наоѓа во алармантна состојба со недостиг од кадар, нарушени меѓучовечки односи, раскаран персонал, потпишани договори од илјадници евра за дел од лекарите и медицинскиот персонал што сакаат предвреме да го напуштат „бродот“. Најмногу понуди досега дошле од приватната болница „Аџибадем-Систина“, односно од бизнисменот Орце Камчев, кој, според нашите извори, ја повлекол речиси целата екипа на уролози од „Ремедика“. Тука се и шпекулациите дека постојат преговори за продажба на болницата, и тоа со двајца поранешни функционери

 Пишува: Ирена МУЛАЧКА

 „Ремедика“ е првата општа болница во Македонија основана на Денот на здравјето на 7 април во далечната 2005 година. Повеќе од 17 години, болничкиот објект е лоциран во мирниот дел на Скопје, во подножјето на парк-шумата Гази Баба.

Се простира на површина од 5.200 квадратни метри, на три ката, опкружена со паркови и зеленило, далеку од сообраќајниот метеж, а на само три километри од центарот на градот. Сметувањето е во 15 луксузни апартмани, двокреветни соби и 10 кревети за интензивна нега“.

Овој опис е само дел од сето она што може да се прочита на официјалната веб-страница на приватната болница, каде на долго и на широко е објаснето каков луксузен третман добиваат пациентите, чиј прв избор на лекување ќе биде оваа болница.

Исто така, во самиот опис не се изоставени и сите награди што ги добила „Ремедика“, поточно во што сѐ е прва во државата и какви сѐ стандарди низ годините поставила во приватниот здравствен сектор. Како и во сите приватни болници, така и во „Ремедика“, прво треба „дебело“ да платиш за да го добиеш луксузот и здравствените услуги што ги нуди приватната установа.

Многу познати докторски имиња со години се укотвија таму, а еден од нив е и торакалниот хирург Андреја Арсовски, кој претходно беше прв човек на Клиничкиот центар, пред да биде поделен на 32 скопски клиники, како и заменик-министер за здравство во 2004 година.

Тој се води како главен медицински директор на болницата, и тоа само две години по нејзиното основање, поточно од 2007 година.

Како него има уште неколку лекари-специјалисти од различни области, кои повеќе од десет години се дел од лекарскиот тим на болницата.

Но, лека-полека, познатите доктори почнале да добиваат нови попримамливи понуди, па дали тоа значи дека тука ќе заврши и нивната долгогодишна кариера во оваа приватна здравствена установа?

Останува да покаже времето!

ЛЕКАРИТЕ НАГЛО СИ ОДАТ ОД „РЕМЕДИКА“

 Не е тајна дека болницата е само еден дел од бизнис-империјата на познатиот бизнисмен и во еден период прогласен за еден од најбогатите Македонци, според „Форбс“, Минчо Јорданов. Поточно, години наназад со болницата  управува неговата сопруга Елица Јорданова, која фигурира како генерална директорка, што може да се прочита и на официјалната веб-страница.

Од друга страна, документите од Централниот регистар покажуваат дека како сопственик на болницата се јавува фирмата „Макмедикон консалтинг“, која директно и индиректно е поврзана со мрежа компании, од кои со дел управува Јорданова, додека со дел нивната ќерка Наташа. Тука можат да се забележат и неколку непознати имиња, кои многу години фигурираат во фирмите на Јорданов.

Неговата сопруга, како главен менаџер на приватната здравствена установа, има сѐ во свои раце – од тоа што и како ќе се случува во болницата, кои ќе бидат вработени, па сѐ до тоа какви договори ќе бидат потпишани. Нејзиниот збор е пресуден.

Сепак, во последниот период, болницата од една успешна историја позади себе, во моментов се наоѓа во алармантна состојба, со недостиг од кадар, нарушени меѓучовечки односи, раскаран персонал, потпишани договори од илјадници евра за дел од лекарите и медицинскиот персонал што сакаат предвреме да го напуштат бродот, кој наводно тоне.

Според нашите информации, ваквата состојба не е од сега, туку почнала пред шест месеци, поточно од пред Нова година, кога дел од лекарите еден по еден почнале да преговараат со други болници за да заминат таму на работа. Последниот период работата се интензивирала, а понудите на лекарите на маса сѐ повеќе почнале да пристигаат. Некои од нив одреден период размислувале, додека, пак, други експресно ги донеле одлуките.

Нормално, дека најмногу понуди дошле од приватната болница „Аџибадем-Систина“, односно од бизнисменот Орце Камчев, кој според нашите извори ја повлекол речиси целата екипа на уролози од „Ремедика“ на чело со доктор Александар Мицковски, хирург-уролог, кој повторно се враќа во старото гнездо, од каде што претходно дошол на работа во болницата на Јорданов.

Сѐ повеќе доктори си одат, а сѐ повеќе и размислуваат да си одат. Не знаеме што точно се случува и со какви проблеми се соочува болницата, но се гледа дека нешто не е во ред. Многу голем проблем преставуваат и нарушените меѓучовечки односи меѓу вработените, што дополнително ја влошува целата атмосфера. Како ќе се продолжи понатаму и што ќе се случува, не знае никој. Едни меѓу други сите зборуваат“, објаснуваат за „Фокус“, лекари од болницата.

Според нашите информации, „Систина“ работи турбо, со полна пареа, а Камчев поединечно преговарал со дел од лекарите вработени во „Ремедика“ и им давал понуди што не се одбивале.

Јавна тајна е дека лекарите во приватните болници се многу повеќе платени од тие во јавното здравство, но, сепак, секоја болница си ја знае сметката, па според тоа одлучува – колку може да го одврзе ќесето?

Нашите извори уште тврдат дека бизнисменот лично преговарал, а со некои дури и по двапати се сретнале за да ја финишираат спогодбата.

Тоа не се случува за првпат. Пред речиси две години, во периодот кога ковид-пандемијата беше на самиот врв, а дел од лекарите и медицинскиот персонал беа налутени и фрустрирани од лошите услови во кои работат, се спакуваа и си заминаа во „Систина“.

Но, пред тоа следуваше долг период на убедување, со тоа што некои од нив чувствуваа грижа на совест, мислејќи дека во најтешките моменти во јавното здравство, тие се откажуваат од борбата со ковид 19 и ги оставаат своите колеги на цедило. Сепак, и тоа не траеше долго.

Паричните понуди и новите нормални услови за работа беа попримамливи за дел од лекарите да ги завршат своите долгогодишни кариери во јавните здравствени установи.

Но, и раководството на „Аџибадем-Систина“ не седеше мирно. Па така, од самата болница во тој период преку соопштение известија дека отвораат нова педијатриска болница во која им се потребни лекари-педијатри  и медицински сестри. Тоа значеше дека голем дел ќе завршат таму.

Во време кога корона-кризата беше во полн ек, тој го отвори и инфективното одделение, па успеа да  повлече и едни од најдобрите инфектолози. Тогаш, кај себе ја зеде и раководителката на инфективниот оддел во Градската болница „8 Септември“, Патрисија Каламарис, како и неколку лекари од скопската Клиника за инфективни болести.

ЌЕ СЕ ПРОДАВА ЛИ БОЛНИЦАТА НА ЈОРДАНОВИ?

Сепак, тоа што некои од лекарите и медицинските сестри се условени и не можат да го напуштат работното место во приватната болница е обврзувачкиот договор, кој некои од нив веќе го потпишале, а со кој мора да останат на работа неколку години.

Поточно, сѐ во зависност од тоа на колку години е потпишан договорот и на која сума.

Тоа значи дека ако еден лекар потпишал дека се обврзува да остане на работа во следните пет години, тој потпишува договор, а во него е наведена сума да речеме на пример, од над 20.000 евра и повеќе, што треба да ја исплати на болницата, во случај ако реши порано да си замине од работното место. На тој начин, со ваквите договори, болницата си ја обезбедува иднината и ги врзува и лекарите.

Според нашите информации, тие договори не се отсега, туку постеле одамна во болницата, но не ги потпишувале сите.

Овие договори не се нешто ново, туку постојат отсекогаш. Многумина ги имаат потпишано, ама многу како мене и не. Тоа значи дека се потпишуваат таму каде што ќе им успее. Значи, не поминува кај секој. И сега еден од тие што треба да си заминат веќе има потпишано таков договор и таму каде што ќе оди на работа, ем ќе мора да му исплатат тоа што има потпишано, ем поголема плата“, објаснува лекар од болницата.

Според нашите информации, ваквите потпишани договори им направиле големи проблеми на медицинските сестри што сакале да си заминат, со оглед на тоа што требало да ја вратат сумата на која е потпишан договорот.

Дел, пак, од медицинскиот персонал во „Ремедика“ напуштиле уште пред неколку месеци и заминале на работа во Германија, не можејќи повеќе да ги издржат притисоците и мобингот со кои се соочувале од некои од поставените раководители на одделенија.

Кој би седел и би работел во таква лоша атмосфера. Да ги тргнеме парите настрана, сепак, не се издржува да одиш во три смени и да си под постојан мобинг. Се префрлив и на друго одделение и на крај немав избор, напуштив и дојдов да работам во Германија.

Тука супер се снајдов, односнот кон вработените е супер и секој ти ја цени работата. Плус добро си платен за тоа што работиш“, раскажува за „Фокус“, медицицинска сестра.

Тоа што е мошне актуелно во последниот период се и разните шпекулации дека постојат преговори за продажба на приватната болница „Ремедика“, а дека купувачите се двајца познати политичари, поточно поранешни функционери.

Дали тоа е точно или се само муабети во јавноста, ќе покаже времето, сепак внатре во болницата се запознаени со тие гласини и тврдат дека преговорите засега не се одвиваат според замислениот план.

Оттука се поставува прашањето – дали и приватната болница ќе заврши со продажба?

Во претходниот период, актуелно беше дека Јорданов ја продава деловно-административната зграда на „Бетон“, компанијата со која раководи во скопската населба Капиштец. Исто така, лани како што пишуваа медиумите, акционерите дадоа зелено светло за продажба на хотелот „Аура“ во Охрид и на недоградениот хотел на „Бетон“ во Скопје. Кои се причините за продажбите, никој не открива.

Како и да е, редно време е да прекине борбата за лекарите во приватното здравство на сметка на јавното, кое секојдневно сѐ повеќе тоне. Во целата ситуација, секој гледа да извлече поголема понуда и да направи подобра бизнис-зделка, а никој не гледа на пациентите, кои се жртви во целата приказна. Факт е дека на подруг начин мора да бидат поставени работите, но досегашната пракса покажува дека бизнисот ја игра секогаш главната улога во Македонија.

Рамка1:

КАКО ЦРКВАТА ЗАВРШИ ВО РАЦЕТЕ НА „РЕМЕДИКА“?

 Сопругата на Минчо Јорданов, пред одреден период стана актуелна откако црквата „Св. Константин и Елена“ во центарот на Скопје отиде во рацете на приватната болница „Ремедика“. На тој начин, градежната компанија „Бетон“ си го наплати долгот од 4,4 милиони евра, кој фондацијата и МПЦ го имаа кон градежната компанија.

Си купувам црква и ќе си палам свеќи за здравје“. Вака директорката Јорданова ја искоментира последната „инвестиција“ „Ремедика“ да ги преземе долговите од „Бетон“ за црквата „Св. Константин и Елена“.

Црквата беше идеја и желба на поранешниот премиер Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Уште пред да се издаде дозволата за градба беа задушени протестите на граѓаните во 2009 година, кои сметаа дека таму не треба да се гради црква.

Изградбата почна во 2012 година, но запре откако почнаа да се таложат долговите. Откако земјиштето се префрли на име на МПЦ, со потпис на г.г. Стефан се формира фондацијата „Св. Цар Константин“, а како основачки влог е ставено земјиштето. Во декември 2014 година, пари за изградба на црквата се собираа на донаторски конференции. Донираа политичари, бизнисмени и владици.

Рамка2:

ОД „РЕМЕДИКА“ НЕ ОДГОВОРИЈА НА ПРАШАЊАТА НА „ФОКУС“

„Фокус“ испрати неколку прашања на двата официјални имејла на приватната здравствена установа „Ремедика“, од каде што побаравме да ни ги објаснат случувањата во болницата, зошто толку лекари си заминуваат, имаат ли доволно кадар и какви договори потпишувал дел од медицинскиот персонал? Но, до затворањето на весникот од таму не добивме одговори.

 

 

 

 

 

 

.

 

Поврзани новости