АРХИВА: Каква е врската на Томе Аџиев и Антонијо Милошоски со здруженијата на возачите?

by Фокус

Текстот е објавен на 17.04.2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1019

Поранешниот адвокат Аџиев бил претседател на Управниот одбор на здружението на возачите од Битола сѐ до изборот за лустратор, кога се повлекува. Меѓутоа, набргу потоа станува содружник во компанијата за технички преглед на возила, основана токму од ова здружение. Таткото на пратеникот Милошоски, пак, беше секретар на кичевското здружение на возачите, а неговиот брат сѐ уште е застапник на Сојузот на здруженијата на возачите. И против двајцата се водеа судски процеси, кои засега завршуваат во нивна корист. По обелоденувањето на телефонскиот разговор од страна на опозицијата, во кој се слуша како Милошоски му предочува на Аџиев да посвети внимание на барање за лустрација на кичевскиот судија Билески, се поставува прашањето дали сето тоа е поврзано едно со друго?

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Покрај пресметката со неистомислениците, противниците и непријателите, етикетирајќи ги како кодоши и соработници на службите, во многу случаи врз основа на произволно третирање на полуписмени полициски пусулчиња, лустрацијата веројатно има уште една цел – елиминација на неподобни актуелни јавни функционери и ослободување функција за свои луѓе, на кои, нели, ќе може да се смета ако притреба.

Меѓу другото, тоа го потврди еден од последните објавени разговори од страна на опозицијата, кој, според опозиционерите, се води меѓу првиот лустратор Томе Аџиев и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и ексминистер за надворешни работи Антонијо Милошоски. Според овој разговор, Милошоски му најавува на Аџиев дека приватно лице ќе побара лустрација на кичевски судија, кој веројатно ѝ правел проблеми на власта или им пречел на моќни кичевски структури и лоби групи.

Она што остана незабележано при објавувањето на оваа битолска „бомба“, е изјавата од лидерот на опозицискиот ЛДП, Горан Милевски, кој се обиде да најде заеднички именител меѓу Аџиев и Милошоски во здруженијата на возачите. Како што рече тој, мора да се испита како првиот лустратор станал дел од битолското здружение на возачите, истовремено потсетувајќи дека и таткото на Милошоски е во кичевското здружение на возачите, додека неговиот брат е во централата во Скопје.

Во последните години јавноста дозна за многу внатрешни конфликти и судири во здруженијата на возачи по градовите низ државата, при што некаде старите раководства си ја задржаа доминацијата, а некаде се случи превласт, на елегантен начин или насила, сеедно. Такви приказни бездруго се раскажуваа и се плетеа за битолското и за кичевското здружение на возачи.

АДВОКАТ И ЛУСТРАТОР ВО ЗДРУЖЕНИЕТО НА ВОЗАЧИТЕ

Поради тоа што, како здружение на граѓани не може да работи профитабилно, битолското здружение на возачи мора да основа фирма-ќерка за да врши технички преглед на моторни возила по овластување од МВР. Така, тоа се јавува како основач на друштвото со ограничена одговорност за центар на возила и за технички испитувања „Еуротест Битола“.

Документацијата од Централниот регистар со која располагаме открива дека Аџиев е еден од содружниците во оваа компанија, основана кон средината на 2009 година. Според неговиот анкетен лист доставен до Антикорупциската комисија, Аџиев го стекнал сопственичкиот удел во 2010 година. Нашите сознанија, пак, говорат дека тој претходно бил претседател на Управниот одбор на Здружението на возачите, функција која морал да ја напушти со стапувањето на јавна должност.

Притоа, интересно е што една година по формирањето на Комисијата за верификација на фактите, тој станува содружник во компанијата формирана од здружението на граѓани, каде што претходно претседавал со УО. Паралелно со тоа, тој речиси цело време е претседател на лустрациската комисија, иако првото законско решение стриктно предвидуваше претседателот да ротира на секои 6 месеци. Тој претседателствуваше со овој орган додека непрекинато се редеа спорните лустрации.

Освен него, како содружници во компанијата прво се јавуваат уште шестмина, меѓу кои внимание привлекува Неда Бончановска, која е сопруга на Слободан Бончановски, поранешен раководител на секторот за финансии, а сега секретар на Општина Битола, предводена од градоначалникот Владимир Талески. Арно ама, податоците покажуваат дека така било само одреден период по формирањето на компанијата, бидејќи денешната тековна состојба посочува оти бројот на содружници се зголемил на дури 23 лица, што е за 16 повеќе од првичните.

Фирмата „Еуротест Битола“ е основана со вкупна главнина од околу 37.000 евра, во кои здружението како основач учествува со непаричен влог од 5.000 евра. Останатиот дел е паричен влог, а во него со 28.200 евра учествува секретарката на здружението Снежана Бошевска, која истовремено е управител на компанијата. Значи, секретарка на здружението учествува со паричен влог пет пати повеќе од вредноста што во фирмата ја вложило здружението, што мора да се признае дека не е мала сума, макар и за сопруга на успешен бизнисмен.

Останатиот дел го пополнуваат другите содружници, главно со сума од по 500 евра, колку што внеле Аџиев и Банчовановска. Отпосле, новите содружници внесуваат главно суми од по минимални 100 евра, што некои го толкуваат како обид со многу содружници да се затскрие трагата кој всушност стои зад оваа компанија, која патем има и две подружници. Станува збор за управување со две технички станици, од кои едната е лоцирана во Нова Битола, додека другата е понастрана, на патот за селото Кравари.

ЗДРУЖЕНИЕ ИЛИ КОМПАНИЈА?

За разлика од битолското здружение на возачите, каде што внатрешните превирања минаа без гласност во јавноста, „Фокус“ досега неколкупати пишуваше за судирите за превласт во кичевското здружение на возачите. Таму, главна улога имаше таткото на пратеникот Милошоски – Милош Милошоски, чиј избор за секретар на кичевското здружение на возачите пред неколку години предизвика револт кај дел од вработените во здружението, кои правдата ја бараа на суд.

На почетокот, Милошоски во 2007 година станал претседател на Управниот одбор на кичевското здружение, за потоа да биде избран за секретар, при што треба да се има предвид дека УО го бира секретарот. Еден од предметите против него се темелеше на тоа дека по незаконски пат бил избран на оваа позиција зашто не бил објавен конкурс, додека не го исполнувал условот од Законот за безбедност во сообраќајот да има четиригодишно високо образование.

Притоа, на негова адреса стасаа обвинувања дека ја оштетил касата на здружението и дека трошел произволно и неповолно, а паралелно бркал луѓе од работа, настрана што имало и такви со 25-годишен работен стаж. Поради тоа, набрканите Ленче Страшеноска, Спасе Србиноски и Зоре Којчески ја известуваат Управата за јавни приходи, која врши проверка на работата на компанијата основана од кичевското здружение на возачите – „Брекон ДОО“, каде што таткото на Милошоски, пак, беше еден од сопствениците со влог од 20.000 евра. Типично, останатите содружници и овде вложиле по стотина евра.

По проверките на надлежните институции, ова друштво згаснува, меѓутоа додека постоеше, го обележаа низа скандали. Прво, во 2010 година здружението на возачите склучува договор со компанијата што ја основа – практично само со себе – за закуп на деловен простор и опрема на здружението за период од цели 10 години. Второ, во 2011 година е склучен договор со кој „Брекон“ повлекува пари од кичевското здружение врз основа на заем од 308 илјади евра, со грејс период од една година, по што парите треба да се вратат на 60 месечни рати со годишна камата од 5 отсто.

Па, половина година по потпишувањето на договорот за заем, во септември 2011 година, „Брекон“ потпишува нов договор со фирма од Свети Николе, „Роксин“ за изградба на станица за технички преглед за моторни возила во скопска Кисела Вода, тежок 224 илјади евра. На некој начин, здружението преку своја компанија го сели, поточно го шири бизнисот и во Скопје, изнајдувајќи модел како да располага со парите надвор од здружението, во кое се заробени.

Познавачите ова го оценуваат како еден вид приватизација, бидејќи здружение на граѓани, според Законот за здруженија и фондации, не може да се приватизира, но може да се пренесе неговата непарична вредност. А, како што може да се види, возможно е да се испумпаат парите од една на друга адреса, за да може да се располага со нив и да се дели профит.

КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ БЕЗ ПОЗИТИВНА СУДСКА РАЗРЕШНИЦА

Во тој период, Милошоски се повлекува од сопствеништвото во „Брекон“, а податоците покажуваат дека моментално не е застапник во кичевското здружение на возачите, туку таа функција ја врши Ненад Смилевски, вработен во Општина Кичево. Сепак, во меѓувреме, токму истата 2011 година за застапник на Сојузот на здруженијата на возачите, каде што се здружени локалните здруженија на возачите, назначен е неговиот друг син – Александар Милошоски, кој до ден денес ја врши оваа функција.

Неговото назначување буквално исцрта линија на поделба меѓу локалните здруженија на возачите. Поточно, Милошоски бил назначен на местото на веќе споменатата Башевска од битолското здружение, кое, заедно со велешкото, тетовското, прилепското, струмичкото и други здруженија бараа судска ревизија на оваа одлука, наспроти струшкото, кочанското, охридското и други здруженија, на чело со, се разбира кичевското, кои се јавија во улога на противници на ваквото барање.

Кон назначувањето на Милошоски претходеле промени во органите на возачката централа во Скопје со избор на нов Извршен одбор и избор на Диме Точков за претседател, кој доаѓа од кавадаречкото здружение на возачите, каде што, исто така, изби афера за преземање на здружението преку преврат. Потоа, Точков закажува нова седница на собранието, на која се менува статутот и називот на субјектот.

Како и да е, и покрај противењата, Централниот регистар ги усвојувања барањата за промени и Милошоски станува застапник на друштвото. Но, набргу потоа тој беше едно од раководните лица против кои беше поднесена кривична пријава. Според пријавата, парите од Фондот за развој до здружението, наместо за изградба, реконструкција и адаптација на станици, или, пак, за набавка на опрема и возила, завршиле во приватни џебови. Станува збор за над 140.000 евра.

Противниците на семејството Милошоски обвинуваат дека Антонијо ја злоупотребува неговата позиција и контакти за да врши притисок врз институциите за неговото семејство да го задржи влијанието во овој бизнис. Неговиот татко Милош за „Фокус“ пред неколку години велеше дека проверките на институциите покажале дека нема ништо незаконско и сите напади ги оцени како хајка против него од страна на луѓе што имаат спротивни интереси.

Во секој случај, сите судски предмети против него паднаа на домашните редовни судови, иако за некои од нив тоа се случи по вторпат, откако тужителите во еден случај во првостепена постапка го добија случајот, но апелација го враќаше на повторно одлучување. Како што информираат тие, случајот за вработувањето на Милош Милошоски паднал во Стразбур, додека чекаат епилог од луѓето, кои, според нив, незаконски биле избркани од работа.

ЛУСТРИРАН СУДИЈА ПО НАРАЧКА ПРЕД ПЕНЗИЈА

Како што може да се види, семејството Милошоски се соочувало со доста кривични пријави, а првиот лустратор Аџиев и таткото и братот на ексминистерот и актуелен пратеник Милошоски биле или сѐ уште се дел од возачките здруженија. Оттука, се поставува прашањето дали тоа е линкот меѓу нив двајца за да си дозволат слободно да разговараат, да предочуваат и да сугерираат, и уште поважно – дали лустрираниот кичевски судија им создал некои лични, семејни или бизнис-проблеми?

Се работи за веќе пензионираниот кичевски судија Драган Билески, кој во времето кога бил лустриран во 2010 година бил заменик-претседател на кичевскиот основен суд. Чудно, но вистино, тој беше лустриран наводно по барање на трето лице, како што се одвива разговорот, откако претходно добил потврда од државните органи дека не бил соработник на тајните служби од идеолошки причини и следствено на тоа – може да извршува јавна функција.

Ако се знае дека Билески бил лустриран само половина година пред да замине во пензија, неминовно се наметнува прашањето дали целта била само да се оцрни или етикетира, поради тоа што не бил под контрола на власта, поради блискост до опозицијата или, пак, од педагошки причини, како поука до другите помлади судии во Кичево? Или, пак, се работи за некаква одмазда?

Напротив, тој водел еден имотен спор во кој бил вклучен Милош Милошоски и пресудил во негова корист. Друго, Билески донел уште една одлука која може да се толкува во корист на семејството Милошоски. Во таа насока, тој одобрил финансиска контрола во „Пуцко петрол“ во сопственост на градоначалникот на Пласница, Исмаил Јахоски, со кого семејството Милошоски водеше спор за општинската зграда.

Затоа, единствено нешто што би можеле да му го забележат е тоа што неговиот син, кој работи како адвокат, ги застапувал луѓето избркани од кичевското здружение на возачите. Но, од семејството Билески не веруваат дека лустрацијата е нарачана поради лична одмазда, бидејќи тие немале никаква кавга со семејството Милошоски. Што би можело да биде, од таму велат дека може само да претпоставуваат, но не можат да најдат ниту една конкретна причина, дотолку повеќе што само дел од предметите против Милошоски се воделе во кичевскиот суд, а друг дел во Гостивар.

Кога сѐ ќе се собере и одземе, Аџиев продолжува со спорните лустрации, семејството Милошоски ги добива сите судски предмети, а лустриран е кичевски судија по нарачка. Дали, сепак, некаде далеку во заднина сѐ се врти околу здруженијата на возачите?

 

Томе Аџиев, прв лустратор
ЗЕЛ КРЕДИТ, ПОДИГА КУЌА

Претседателот на лустрациската комисија, Томе Аџиев не одговори на нашите барања да се произнесе околу прозивките за неговото членување во битолското здружение на возачите.

Покрај тоа, тој е мета на обвинувања дека една третина од лустрираните доаѓаат од неговата родна Битола, како и дека го зголемил својот имот во последните години.

Анкетниот лист што го поднел до антикорупционерите покажува дека минатата 2014 година подигнал кредит од 20.000 евра и навел куќа во изградба истата година, без да ја наведе сумата.

Според фотографиите што пристигнаа до нашата редакција, оваа двокатна куќа, лоцирана на периферија во градот, е во завршна фаза.

 

Горан Милевски, пратеник и лидер на ЛДП
КОЈ НАВИСТИНА СТОИ ЗАД БИТОЛСКОТО ЗДРУЖЕНИЕ НА ВОЗАЧИТЕ?

Пратеникот и лидер на опозицискиот ЛДП, Горан Милевски, пред неколку дена се обрати пред битолчани со барање да се испита целиот криминал во Битола и да се разобличат сите корумпирани службеници.

Дури тогаш ќе се дознае како првиот банкар во општината вртоглаво го зголеми својот имот. Како неговата сопругата станала една од сопствениците на Здружението на возачите од Битола. И внимавајте, кој сѐ е сопственик на тоа здружение. Меѓу другите и лично првиот лустратор Томе Аџиев, оној ист човек кој без приговор лустрира невини граѓани, новинари, писатели, судии и професори по телефонска наредба од Антонијо Милошоски. Сега ви е јасна врската помеѓу него и Милошоски – рече Милевски.

Тој се сомнева дека со големиот број содружници во компанијата основана од битолското здружение на возачите се прави вештачки привид за разводнување на капиталот, а впрочем, вистинската цел е затскривање на вистинските сопственици на друштвото.

 

Слободан Банчовановски, секретар на Општина Битола
СИТЕ ПРОВЕРКИ ПОКАЖАА ДЕКА СÉ Е ЧИСТО ВО ЕУРОТЕСТ!

Слободан Банчовановски, поранешен раководител на секторот за финансии, а денес секретар на Општина Битола, во изјава за „Фокус“ вели дека сите инспекциски контроли и проверки во битолското здружение на возачите и неговата компанија „Еуротест“, каде што содружник е неговата сопруга, покажале дека нема ништо спорно и незаконско.

Неколку вработени во компанијата која беа избркани поради големи пропусти прво анонимно бараа контроли, потоа не се ни затскриваа. Сите контроли покажаа дека се е чисто – тврди Банчовановски.

Тој ги отфрла обвинувањата дека го зголемил својот имот и зад нив гледа обид да се оцрнат успесите на Општина Битола.

Поврзани новости