Текстот е објавен на 03 мај 2024 година во неделникот Фокус со број 1.491.
Во текот на вчерашниот ден, Основното јавно обвинителство поднесе Обвинителен предлог против поранешната организациска директорка на Клиниката за Токсикологија – Бесија Иљази поради злоупотреба на службена положба.
Како што информираат од Обвинителство, Иљази ги пречекорила своите службени овластувања со намера да овозможи противправна имотна корист за 17 лица.
„Постапувајќи спротивно на Законот за спречување корупција и судир на интереси, Изборниот законик и Законот за здравствена заштита во мај годинава склучувала договори за дело со лицата за нивно работно ангажирање на Клиниката, по што ретроактивно издавала платни налози со кои им исплаќала месечен надомест за нивен претходен наводен работен ангажман. На списокот додавала и лица со кои воопшто не бил склучен договор за дело и на кои исто така им се исплаќал надомест за наводно извршени работи. На овој начин буџетот на Клиниката бил оштетен за сума од 659.781 денар, а истовремено на ангажираните лица им била овозможена противправна имотна корист“ – истакнуваат од Јавното обвинителство.
Иљази од функцијата економска директорка на Клиниката за Токсикологија беше разрешена во јуни годинава откако министерот за здравство Арбен Таравари разреши неколку економски директори на скопските Клиники. „Фокус“ на оваа тема пишуваше уште на почетокот на мај. Целиот текст во прилог:
Низ годините се таложеа бројни проблеми, но сето тоа остана зад ѕидовите на болницата. Очигледно, работите дојдоа нож до коска, па и вработените внатре не можат повеќе да ги издржат бројните притисоци. Новата економска директорка ја дотурка клиниката до огромни долгови, не зборува македонски и не потпишува клучни документи неопходни за тековното работење. Никој не знае какво образование има, а пострашно е што таму работат 11 лица без соодветно образование.
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
„Скопската Клиника за токсикологија како посебна здравствена организација е формирана речиси пред цели 50 години, поточно во далечната 1975 година со поделбата на дотогашната Интерна клиника.
Во почетокот на своето функционирање има само 4 болнички кревети, за денес да прерасне во модерна здравствена институција, која е единствена во Македонија во областа на Клиничката токсикологија.
Клиниката овозможува 24-часовна здравствена заштита, на сите затруени пациенти во Република Македонија, а воедно работи и како Интернистички ургентен центар, во кој се третираат и згрижуваат најтешките итни интернистички пациенти од Скопје и градовите во внатрешноста на државата.
Здравствената заштита ја извршуваат 14 лекари специјалисти и 2 специјализанти. На Клиниката работат и двајца професори по предметот интерна медицина, еден научен соработник и 3 асистенти, кои се задолжени за наставната дејност во рамките на Медицинскиот факултет.
Во моментов, Клиниката има 6 доктори на медицински науки, 2 докторанди, три магистри по медицински науки и два магистранди, потенцијал со кој се развива научната мисла во областа на клиничката токсикологија“.
Ова отприлика може да се прочита кога ќе се отвори официјалната страница на клиниката, каде што во детали е објаснето како треба да функционира работењето, со што сѐ располагаат и каква здравствена заштита им пружаат на пациентите. Тоа сѐ е убаво кога ќе се прочита. Сѐ како би требало да изгледа во идеални услови.
Како и по традиција кај нас, фалбите се неизоставен дел од секоја област во државата, но, сепак, реалната слика е сосема друга. Во последните години, скопска Токсикологија на граѓаните единствено им беше позната кога околу новогодишните и велигденските празници, актуелниот директор ќе се појавеше и ќе кажеше колку затруени има од алкохол, колку од нив се малолетници и дека тоа што се случува, особено со децата е страшно.
Така барем им беше позната клиниката на народот. Во меѓувреме, сѐ што се случуваше внатре се чуваше под тепих. Низ годините се таложеа бројни проблеми, дел од надредените малтретираа одредени лекари и медицински персонал, но сето тоа остана зад ѕидовите на болницата.
Но, очигледно работите дојдоа нож до коска, па и вработените внатре повеќе не можат да ги издржат бројните притисоци и скандали што се случуваат. Тие се пред дилема – или да ги спречат, или да си ги спакуваат куферите!
БРОЈНИ ПРОБЛЕМИ ЈА ТРЕСАТ ТОКСИКОЛОГИЈА
Колку и да бевме сигурни дека Клиниката за токсикологија крие големи тајни, сепак тоа што излезе од таму се застрашувачки податоци. Не само што се засегнати стручњаците на клиниката, уште повеќе се засегнати пациентите што се лекуваат таму.
Скандалот на Токсикологија изби откако вработени се пожалија на непрофесионалното работење на економската директорка Бесија Иљази и обвинија дека го саботира вработувањето на стручен кадар, а фаворизира враќање на работа на лица со истечени договори на дело, поради што и токсиколошката лабораторија два месеца не вршела валидација на издадените резултати за пациентите.
А, тоа што ги шокираше сите е дека во болницата 11 лица работеле на црно со пациенти и давале здравствени услуги, за кои немале соодветно образование, за што потврди и Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
При вонредниот инспекциски надзор на ДСЗИ, констатирано е дека пет медицински сестри, тројца болничари, двајца биолози и еден лаборант работеле без договор на дело, а дел од нив биле и без соодветно образование.
„Лицата со истечен договор на дело, по насоки на организацискиот директор, сѐ уште доаѓаат на работа во работна облека, но не им се даваат работни задачи од 1.4.2024 година. По насока од медицинскиот директор, вработените со истечен договор не се ставени на распоред за работа по оддел од 1.4.2024 година и кажано им е дека се ослободени од обврски.
Издадено е решение за да се преземат следните мерки – здравствени услуги на Клиниката да се укажуваат од здравствени работници и соработници што имаат важечки договори, здравствени услуги да се укажуваат од здравствени работници кои имаат соодветно образование, согласно законот.
Медицинскиот и организацискиот директор да ги извршуваат непречено обврските од самостојна, а особено заедничка надлежност“, истакна Рената Младеновска, директорка на ДСЗИ.
Тоа што е уште поалармантно во целата приказна е што за случувањата на клиниката, единствено последиците ќе ги сноси медицинскиот директор Даниел Петровски, како што претходно најави министерот за здравство, Илир Демири, кој најави негово разрешување од функцијата.
Но, очигледно проблемот не е медицинскиот директор, туку, според писмото и одржаната прес-конференција на вработени од Клиниката, како и доктори со долгогодишно искуство, главната алка што не функционира е новата економска директорка Иљази, која на оваа функција доаѓа со назначувањето на Демири за ресорен министер.
„Фокус“ поразговара со дел од вработените на клиниката, кои тврдат дека работата е отидена нож до коска, а прстот го вперуваат во организациската директорка, која, според нив, не дозволува да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, а упорно турка да се вработат 18 лица на кои им истекле договорите на дело на 31 декември 2023 година. Тие кажаа дека Иљази не знае македонски јазик и не може да се разберат со неа.
Еден од докторите со најдолго работно искуство на клиниката, раководител на Одделението за интензивна нега, како и поранешен директор на Токсикологија, Нико Беќаровски истакна дека на тие 18 лица на кои им се истечени договорите, иако немаат никаква обврска, доаѓаат на работа, облекуваат мантил и одат на визита.
„Ние работиме со пациенти на кои им е битна приватноста и доверливоста. Навистина не е пријатно да зборувам на визита за пациентот пред лица на кои не им е тука местото, објасни поранешниот директор на клиниката.
Тој заедно со уште пет други лекари пред десетина дека одржаа прес-конференција, на која јавно ги соопштија сите проблеми со кои се соочуваат.
Доктор Беќаровски истакна дека немаат притисок од економската директорка, но не може и да имаат кога таа воопшто не комуницира на македонски јазик, а на работа доаѓа со својот татко, како да ѝ е лично обезбедување.
„Последниот состанок беше пред две и пол недели. Таа не знае македонски, јас пробав да комуницирам на англиски јазик, и не знам дали ме разбра. Сите разговори ѝ ги преведува друго лице, кое е меѓу тие 18 лица за кои таа инсистира да се вработат“, рече д-р Беќаровски.
Тој уште на почетокот кажа дека сите лица присутни на прес-конференцијата се реномирани доктори со над 25 години стаж, дека не се активни членови на ниту една политичка партија и затоа одбиваат да бидат вклучени во какви било политички конотации.
„Во моментов не функционира токсиколошката лабораторија, докторите се снаоѓаат со тестови и со еден лаборант и тие им се за нивна внатрешна употреба чисто да знаат за какво труење станува збор“, раскажуваат вработените.
МИСТЕРИОЗНО ОБРАЗОВАНИЕ НА ФАМОЗНАТА ДИРЕКТОРКА
Но, која е фамозната економска директорка Бесија Иљази? Таа на директорското столче седна на 14 февруари, на ден пред формирање на техничката влада.
Вработените преку писмо реагираат дека таа била поставена на оваа функција, иако не ги исполнува условите пропишани со закон за директори и оттогаш се случува деорганизација наместо организација. Тие уште додаваат дека со нејзиното доаѓање на клиниката, таа за овие три месеци го зголемила долгот за два милиони денари и не потпишува клучни документи, кои се неопходни за работа на болницата.
Поточно, од нејзиното назначување за помалку од два месеца, долгот на клиниката го зголеми за приближно два милиона денари, со дневно работно време од 4 часа и 30 минути, поточно на работа доаѓа во 10 часот, а работното време ѝ завршува во 14.30 часот.
Исто така, клиниката нема спроведено постапка за осигурување на имот, осигурување на скапата медицинска опрема и осигурување од лекарска грешка, бидејќи в.д. директорката не сака да потпише затоа што не е прифатен нејзиниот брокер за осигурување и моментално Клиниката два месеца не е осигурена, иако за тоа сме со закон обврзани.
Поради одбивање да потпише согласност за договор на дело за двајца дипломирани биолози, токсиколошката лабораторија веќе два месеца не врши валидација на издадените резултати“, се вели во писмото.
Тоа што е чудно е што за сите останува мистерија образованието што го има Иљази, тоа не го кажуваат ниту во Министерството за здравство, ниту го кажува ресорниот министер, а ниту, пак, има некакви соодветни податоци за нејзиното образование. Демири само истакна дека имала високо образование и толку.
Таа дури и одржа средба со новинарите, но таму зборуваше само на албански јазик, при што имаше реакции од македонските медиуми, на кои таа дрско им одговори дека нема намера да одговара на македонски. Тие веднаш ја напуштија прес-конференцијата.
Единствено што се знае е дека таа на оваа позиција е назначена од актуелниот министер за здравство, кој доаѓа од партијата Алијанса за Албанците од крилото на Зијадин Села.
ПЕТ МЕДИЦИНСКИ ДИРЕКТОРИ ЗА СЕДУМ ГОДИНИ
Во периодот од 2017 година наваму, поточно од владеењето на СДСМ и нивните коалициски партнери, на скопската Клиника за токсикологија се сменија дури пет медицински директори. Како што ќе се одиграше политичкиот пазар, така на директорската фотелја седнуваше нов директор.
По доаѓањето на „сдсмовците“ на власт, на челното место на клиниката беше поставен доктор Нико Беќаровски, кој никогаш не подлегна на никакви притисоци за време на неговото двегодишно директорување.
Веднаш по неговата смена, поради политичките пазари, со болницата управуваше доктор Нагип Зумбери, кој доаѓа од редовите на БЕСА, а во тој период, тој се најде на ова место благодарение на пазарот направен за обезбедувањето двотретинско мнозинство за уставните промени по Договорот од Преспа за промена на името во Република Северна Македонија.
Само една година подоцна, во 2020 година, за време на ковид-пандемијата, оваа функција ја презема доктор Ридван Бајрами, кој на јавноста ѝ стана познат кога работеше повеќе од 30 часа во градската болница „8 Септември“, кога се случи несреќата кај Ласкарци.
Но, и тој беше сменет од функцијата, кога СДСМ повторно коалицираше со Алијанса за Албанците, а за министер беше поставен Фатмир Меџити. Тука веќе настана голем проблем, со назначувањето на нивни кадар на токсиколошката клиника.
На чело на клиниката беше поставен Генц Селмани, кој е лекар по семејна медицина. Тој беше поставен за в.д. директор за следните шест месеци.
Селмани инаку има приватна ординација по општа медицина. За разлика од претходните директори на клиниката, тој не раководеше со интернистичкиот ургентен центар.
Сепак, неговата кариера не траеше долго, поточно сѐ додека не дојде до препукувања во Алијанса за Албанците, па се поделија на две крила, а нов министер стана Демири. Тој е со намера да го разреши и актуелниот директор, а, според него, економската директорка нема никаков прекршок.
И ПОРАНО ЕКОНОМСКИ ДИРЕКТОРИ ПРАВЕА СКАНДАЛИ
Не е првпат Клиниката за токсикологија да има проблеми со поставените економски директори. Уште пред неколку години, „Фокус“ објави скандал за организацискиот директор Никола Ташев, кој од функцијата беше сменет дури во 2017 година, а беше поставен во време на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој неколку години беше менаџер на Клиниката за инфективни болести, а повеќе од една година управуваше со финансиите на Клиниката за токсикологија.
Тогаш објавивме дека неговиот мандат одамна е истечен и тој одреден период функционираше како незаконски овластен потписник на сите документи.
Неговото име тогаш протече во јавноста откако неколку лекари од клиниката се пожалија дека се под постојани притисоци и закани од него, а кога дошол на клиниката, им ја зел канцеларијата на дежурните и си ја присвоил за себе.
Дури еден од лекарите, Нестор Поповски јавно обвини дека Ташев го избркал како партал од Стручниот колегиум без никаква причина.
Во 2006 година, откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, скопскиот Клинички центар беше поделен на 32 клиники, кои имаат 56 директори и 142 члена на управните одбори. До тоа дојде, откако „вмровците“ инспирирани од менаџирањето на банките, одлучија истиот систем да го применат во јавното здравство, така што болниците добија по двајца директори, еден стручен и еден економски директор.
Според системот на врзани потписи, тие требаше да направат ефикасни реформи во здравството, а во исто време да ја зголемат контролата на работењето.
Со текот на времето, проектот во јавните здравствени установи пропадна, а економските директори останаа да управуваат само на скопските клиники. Пред да стапат на функција, за нивните шестмесечни курсеви беа потрошени 200.000 долари.
Празните ветувања дека економските директори ќе бидат сменети почна уште во времето кога министер за здравство стана Таравари.
Оттогаш се сменија неколку министри, дојде 2024 година, СДСМ веќе седма година се на власт, но економските директори, освен што ги дотераа болниците до 100 милиони евра долг, ништо друго не се смени.
ПОСЛЕДНА ШАНСА Е СЕПТЕМВРИ
Повеќето медиуми, пред една недела објавија дека доктор Нико Беќаровски ќе си оди од Клиниката за токсикологија, откако тој претходно објави индиректен статус на својот приватен фејсбук-профил.
„Фокус“ поразговара со докторот на оваа тема, кој истакна дека до септември ќе даде уште една шанса да се сменат работите во болницата, во спротивно ќе си оди.