(АРХИВА) Како се градеше владиниот тим?

Мицкоски регрутираше соработници од ЕСМ, потценети вмровци во време на Груевски и лути противници на Ахмети.

by Фокус

Текстот е објавен на 04 јули 2024 година во неделникот Фокус со број 1.500.

Ако своевремено Груевски во партијата и во владата се опкружи со луѓе со кои претходно соработувал во Министерството за финансии, Мицкоски се опкружи со некогашни соработници од АД ЕСМ (ЕЛЕМ), каде, на пример, соработувал со Димитриеска-Кочоска, Томовски, Лимани… Сепак, најголемиот круг на негови соработници се кадри со корени во ВМРО-ДПМНЕ, како што се министрите Николоски, Мисајловски, Муцунски, Трипуновски, чиј заеднички именител е тоа што беа во втор план во време на Груевски, кога други луѓе го имаа главниот збор. Воедно, Мицкоски регрутираше и пријатели, како што е Тошковски, кој своевремено бил дел од Министерството за транспорт и врски заедно со секретарот Јанушев. На крајот, Мицкоски и неговите партнери од ВЛЕН ги врзува силна антиДУИ линија, а шаренило на Илинденска и даваат министрите на ЗНАМ, чиј најинтересен експонент е Минчев, кој порано бил генсек на СДСМ.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Портокаловата кравата со која се појави Христијан Мицкоски во јавноста веднаш откако беше избран за премиер, кога фрли лопата при удирање на камен-телемник за изградба на нов објект, привлече големо внимание, од причина што потсети од едно минато време.

Станува збор за периодот 2005-2006 година, кога Никола Груевски го ребрендираше ВМРО-ДПМНЕ, заменувајќи ја традиционално црвената со портокалова бојна, со цел да ја симболизира тогашната т.н. портокалова револуција во Украина.

Со портоколавата боја тогаш во Украина се означија масовните протести по кои дојде до промена на власта. Во Македонија, исто така, дојде до политички промени, но не по пат на улични демонстрации, туку преку избори и коалициски договор.

Тоа што следуваше следните речиси 2 децении е добро познато. Рушењето на проруски или антизападни влади во Украина преку т.н. портокалови револуции, меѓу другото, предизвика воена инвазија на Русија врз Украина, која се уште трае и не се знае кога и како ќе заврши.

Што се однесува до Македонија, Груевски преку еден вид на мека портокалова револуција дојде на власт, но откако се зацврсти ја врати традиционалната црвена боја, и така редеше победа по победа десетина години, се додека не беше урнат по шарената револуција и постизборниот политички инжинеринг.

Сега, случајно или не, и Мицкоски како тазе премиер се појавува со портокалова кравата, поради што многумина се запрашаа дали сака да асоцира на претходното доаѓање на ВМРО-ДПМНЕ на власт или пак испраќа порака за континуитет со владеењето на Груевски, иако, за волја на вистината, тие подолг период немаат идеални односи?

Не знам на вас што ве потстува (краватата), но мене ме потсетува на свеќичките на последниот роденден на мојот син и тоа е убава меморија. Портокаловата е една од моите омилени бои и оваа вратоврска ја добив како подарок од еден мој пријател. Утрово спонтано ја облеков без никаква порака. Очекувам убави денови – рече Мицкоски.

Покрај портокаловата боја, меѓу Мицкоски и Груевски може да се утврдат уште неколку заеднички точки, а една од нив е начинот на кој го градат тимот на соработници. И двајцата застанаа на чело на ВМРО-ДПМНЕ како луѓе од страна или од сенка, а потоа црпеа кадри од партиската база и структура, со тоа што тие главно не беа во прв план кај нивните претходници.

Како што е познато, Груевски стана партиски лидер со поддршка на неговиот претходник Георгиевски, кој до ден денес тврди дека ако не се замешал ќе победел Марјан Ѓорчев. Во една преписка, тоа не го негираше и Груевски, но посочи дека презел грогирана партија, и тоа по долги убедувања од страна на Георгиевски, кој сметал дека тој е правото решение.

Притоа, Груевски во партијата и во владата лансираше соработници од Министерството за финансии, додека со него управуваше во владата на Георгиевски, како и познаници и пријатели од студентските денови и за време на кариерата како банкар и брокер. Нешто слично е и со Мицкоски, кој повлече многу луѓе со кои претходно соработувал како директор на АД ЕСМ или поранешен ЕЛЕМ, додека вметна и одредени непартиски експертски решенија.

„ПАРТИЈАШИ“ ВО ВТОР ПЛАН

По заминувањето на Георгиевски и доаѓањето на Груевски на чело на ВМРО-ДПМНЕ, првично партиските органи беа комбинација од кадри блиски до двајцата блиски соработници. Арно ама, откако кулминираше нивниот конфликт, по кој Георгиевски основаше нова партија – ВМРО-НП, Груевски почна самостојно да гради тим во ВМРО-ДПМНЕ, кој потоа беше основа и за идната влада по изборите во 2006 година.

Па, тој во партиското раководство, пратеничката група и во извршната власт форсираше вмровски кадри, кои беа дел од системот и за време на Георгиевски, но не како водечки политичари, туку беа некаде во пониските ешалони, па дури и на маргините. Рака на срце, повеќето од нив беа релативно млади за да бидат на врвни позиции во периодот 1998-2002.

Во таа насока, големо значење добија Влатко Ѓорчев, Антонијо Милошоски, Зоран Коњановски, Александар Спасеновски, Васко Наумовски и други, од кои само дел беа во извршната власт, а оние што беа се задржаа релативно кратко. Имено, главните позиции на Илинденска беа резервирани за други блиски соработници на Груевски, кои со тек на време ги интегрираше и во партијата.

Така, долгогодишна министерка за внатрешни работи беше Гордана Јанкулоска, со која Груевски соработувал како министер за финансии во владата на Георгиевски. Како што рече Груевски во една прилика, лично ја интервјуирал Јанкулоска при вработување, а, како што е познато, претходно била дел од Демократска алтернатива на Васил Тупурковски.

Гордана Јанкулоска ја паметам од нејзиното прво вработување кога некаде во 2000 или 2001 година како министер за финансии лично ја интервјуирав за вработување, за потоа во текот на нашата 15-16 годишна речиси непрекината соработка никогаш да не сме имале несогласувања или било какви расправии по било кое прашање“, напиша Груевски, откако Јанкулоска рече дека не ги чита неговите писанија, т.е. лектири на Фејсбук.

Како и да е, од министерскиот кабинет тој подоцна повлече уште неколку кадри, од кои најзначаен е Зоран Ставрески, кој бил потсекретар во финансии додека министерувал Груевски. Додека ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција во 2002-2006, тој заминува во Светска банка, но по победата во 2006 година се враќа во земјава и станува близок сорабник на Груевски, па дури и му е кум на вториот брак.

За потсетување, тој доби голема моќ за време 10-годишната „преродба“, а за неговото факторизираше битен настан е политичката елиминација на Трајко Славевски (во време на СДСМ сличен судир имаше меѓу Кочо Анѓушев и Драган Тевдовски). После тоа, Ставрески покрај вицепремиер станува и министер за финансии и главен играч во економско-финанскиот сегмент. Сепак, „бомбите“ покажаа дека односите меѓу кумот и кумашинот биле лоши.

Исто така, кај Груевски се забележуваше тенденција да инсталира на битни позиции познаници и пријатели. Така беше со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски, со кого Груевски се знае уште од студентските денови додека студирал во Прилеп. А, колку знаат да бидат силни овие студентски другарства покажува и информацијата од студентски денови во Скопје се знаеле и Зоран Заев и неговиот октроиран наследник Димитар Ковачевски.

Практично, така беше составен најблискиот круг на соработници на Груевски, каде многу влијателен фактор беше и неговиот прв братучед Сашо Мијалков, кој раководеше со Управата за безбедност и контраразузнавање и имаше битно влијание во кадровската политика. На пример, за негови, условно кажано, луѓе се сметаа министрите Никола Тодоров (образование и здравство) и Диме Спасов (труд и социјала), градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски

Дополнително, во првата влада на Груевски негов партнер стана ДПА на Мендух Тачи, кој беше во исклучително закрвени односи со ДУИ на Али Ахмети, а се уште се свежи сеќавањата на изборната „касапаана“ во 2008 година, кога меѓу двете партии имаше и пресметки со огнено оружје, па дури и жртви. Така беше на почеток, но подоцна работите се сменија, па ВМРО и ДУИ станаа добри партнери.

ЕЛЕМ КАКО ФИНАНСИИ

Во тој поглед, каква е ситуацијата со Мицкоски? И тој по преземањето на ВМРО-ДПМНЕ на високи позиции постави кадри со вмровска историја и педигре, кои никогаш не беа во првиот круг на соработници на Груевски. Впрочем, ниту Мицкоски не беше во тој круг, кој го сочинуваа, како што веќе наведовме, Јанкулоска, Јанакиевски, Ставрески, Мијалков, а подоцна тука влезе Тодоров и други лица.

Еден од нив е Александар Николоски, кој во време на Груевски беше пратеник и член на Извршниот комитет со прекини, а по доаѓањето на Мицкоски стана партиски потпретседател и сега вицепремиер во владата и министер за транспорт и врски. Од сите соработници на Мицкоски, тој најмногу се наметна со неговата агилност и проактивност. Според суштинската тежина и формалната позиција, може да каже каже дека Николоски сега е она што беше Ставревски порано.

Потоа, сличен е примерот со Владо Мисајловски, кој не е многу присутен во медиумите, но важи за добар работник на терен. Во време на Груевски, тој немал висока партиска функција. Беше државен секретар во МНР и директор на ЈП за државни патишта, а по повлекувањето на Јанакиески еден кус период стана и министер за транспорт и врски. По доаѓањето на Мицкоски, пак, стана партиски потпретседател и сега министер за одбрана.

Понатаму, третиот партиски потпретседател и нов министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски, исто така имаше споредна улога за време на владеењето на Груевски. Откако почна да настапува како политички коментатор, набргу потоа тој стана заменик-министер за информатичко општество и администрација. Со доаѓањето на Мицкоски, тој напредуваше во партијата, а потоа во владата.

Во овој контекст може да се наведе уште еден нов министер. Тоа е министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, кој стана дел од поширокото партиско раководство со доаѓањето на Мицкоски. Во време на Груевски, беше пратеник во еден мандат и потоа исчезна од пошироката јавност, бидејќи извршуваше функција во не толку атрактивна институција.

За разлика од нив, четвртиот партиски потпретседател Гордана Димитриеска-Кочоска, која стана министерка за финансии, не потекнува од партиската база, туку Мицкоски ја етаблира во ВМРО-ДПМНЕ откако двајцата соработувале во АД ЕСМ. Поточно, додека Мицкоски беше геенрален директор, таа беше директор за финансии. Во оваа констелација, таа е она што беше Јанкулоска во време на Груевски.

Дека ЕСМ е значаен регрутен центар во кадровската политика на Мицкоски потврдуваат уште неколку случаи. И новиот директор на владината Служба за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, бил управител на ЕСМ Турс додека Мицкоски е генерален директор. Но, тој истовремено важи и за долгогодишен член и активист на ВМРО, иако немал висока партиска функција.

Исто така, дел од владата стана уште еден поранешен функционер на ЕЛЕМ, но не како кадар на ВМРО, туку на ВЛЕН. Тоа е министерот за социјала, демографија и млади Фатмир Лимани, кој е поранешен заменик-директор на ЕЛЕМ како кадар на ДУИ, вклучително и во периодот кога Мицкоски бил генерален директор. Од тука потекнува познанството меѓу нив двајца, чии патишта подоцна се вкрстија.

Треба да се посочи дека Лимани е во роднинска врска со сопругата на Ахмети, меѓутоа и се налути на ДУИ откако не го кандидираше за градоначалник на Кичево. Затоа, истрча самостојно и освои респектабилна бројка на гласови, која за малку ќе помогнеше градоначалник да стане кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг, бидејќи Лимани се обиде индиректно да ги насочи гласовите кон него. Сепак, таа операција не успеа.

Инаку, Лимани и другите владини функционери од ВЛЕН ги обединува една силна антиДУИ линија, која се темели на долгогодишен антиДУИ активизам на министерот за здравство Арбен Таравари и други луѓе што произлегуваат од ДПА и АА. Но, оваа линија уште повеќе ја изострува фактот што во овој фронт има поранешни интегративци кои влегле во конфликт со Ахмети и се отцепиле, како што е вицепремиерот Изет Меџити.

БЛИСКИ ПРИЈАТЕЛИ

И при екипирањето на новиот владин тим, може да се види дека Мицкоски за одредени позици избирал и добри познаници, како од базата на ВМРО-ДПМНЕ така и надвор од неа. Тоа може да се каже за новиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски и за владиниот генерален секетар Игор Јанушев. Сите тие важат за блиски пријатели и соработници.

Откако Груевски го постави Мицкоски за генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Јанушев му стана потсекретар. Потоа, кога Мицкоски стана партиски лидер, Јанушев стана генерален секретар и пратеник. По парламентарните избори во 2020 година, тој се повлече од партиската позиција поради резултатот како носител на пратеничката листа во „тројката“.

Меѓутоа, товар на неговиот грб беше и судскиот процес за набавка на кинеските автобуси, што се случува додека тој е раководител на сектор во Министерството за транспорт и врски, а министер е Јанакиески. На крајот, излезе чист од цела работа, откако апелација му ја укина првостепената судска пресуда со која беше осуден на условна 2-годишна затворска казна.

Истовремено, дел од министерството за транспорт и врски е и Тошковски, кој по лидерската промена во ВМРО-ДПМНЕ ја води комисијата за правни прашања и работеше на изработка на новиот партиски статут. Патем, Тошковски и Јанушев се познаници и пријатели кои доаѓаат од Велес, а двајцата воедно се пријатели и соработници со Мицкоски уште пред тој да стане партиски лидер.

Ако тие имале допир со ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски промовираше и експертски решенија кои немале никаков контакт со партијата, нешто слично кога своевремено Груевски на високи позиции и во партијата и во владата ги поставуваше Владимир Пешевски (вицепремиер за економија), Иво Ивановски (министер за информатичко општество и администрација), Никола Поповски (министер за надворешни работи)…

Сега, за таков пандан може да се смета министерката на новоформираното Министерство за енергетика Сања Божиновска, која има импресивна биографија во делот на образованието, но и професионалната кариера, со оглед дека работела како енергетски консулант и водела реномирани компании за трговија со струја. Сепак, не потекнува од ВМРО-ДПМНЕ, туку Мицкоски неодамна ја инкорпорира во партиското раководство, како подготовка за нејзино именување на министерска позиција.

Дополнително шаренило на Владата и даваат министрите на ЗНАМ, лева партија која се создаде на антиСДСМ основа. Нејзин најинтересен експонент на Илинденска е Горан Минчев, поранешен генсек на СДСМ и  близок соработник на Бранко Црвенковски. Вториот министер од ЗНАМ е министерот за правда Игор Филков, кој досега немал искуство во високата политика, туку доаѓа од реалниот сектор.

Освен човек на Црвенковски, во Владата може да се сретне и некогашен близок соработник на неговиот најголем ривал Георгиевски. Се работи за министерката за образование Весна Јаневска, која беше в.д. претседател на ВМРО-НП, која ја формираше Георгиевски откако ја загуби битката со Груевски во ВМРО-ДПМНЕ. Подоцна, Јаневска се префрли во ДПМНЕ, а уште голема тежина доби со доаѓањето на Мицкоски.

Конечно, во владата има уште неколку имиња со специфичен пат до Илинденска. Меѓу нив  е министерот за дититална трансформација Стефан Андоновски, кој до неодамна работел во приватниот сектор, но доби простор за делување со доаѓањето на Мицкоски. Тој е син на поранешниот директор на УБК Љубчо Андоновски, кој важи за близок пријател на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Со оглед на сето тоа може да се заклучи дека и Мицкоски се опкружува со некогашни блиски соработници во други институции, како и со пријатели во кои очигледно има доверба. Притоа, доверба им даде и на вмровски кадри кои дотогаш биле потценети, но времето покажува дека не ги изостанува ниту водечките луѓе од ерата на Груевски, имајќи во предвид дека некои од нив стануваат заменици министри и влијателни директори. Всушност, сега тие стануваат втората постава.

 

ЗОШТО МИЦКОСКИ ВО БИОГРАФИЈАТА НЕ ГО НАВЕЛ УДЕЛОТ ВО „ЕНЕРГОТЕК“?

Ако своевремено поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во официјалната биографија во избегнуваше фактот дека работел во Балканска банка, може да се забележи дека и актуелни владини функционери не навеле одредени работи од нивното минато.

Во таа смисла, министерката за за енергетика Сања Божиновска не навела дека поседувала бугарско државјанство иако се уште трае постапката за отпуст, министерката за образование Весна Јаневска не навела дека беше в.д. претседател на ВМРО-Народна, додека премиерот Христијан Мицкоски не навел дека поседувал удел во компанијата „Енерготек“, носител на концесија за мали хидроцентрали.

„Премиерот Мицкоски во континуитет покажува исклучително високо ниво на транспарентност за неговото професионално искуство и активностите што ги има презамено во минатото. Едно е биографиjа, а друго е каде некогаш имал удел или работел.

Во биографијата што ја испрати до Собранието тој го наведува својот работен ангажман во компанијата „Фонко“, бидејќи станува збор за негова прва значајна професионална улога. Во „Фонко“ работел најпрво како инжинер за климатизација, а потоа како одговорен проектант на аистеми за климатизација и вентилација.

Последната понуда во таа компанија е да биде директор на преставништвото на компанијата во Полска, но одлуката на Мицкоски е да се вклучи во академската средина и да биде дел од наставниот кадар на Машинскиот факултет, станувајќи асистент на проф-др Емилија Ветаџоковска, заминувајќи си од „Фонко“.

Додека „Фонко Хидро“ е компанијата која ја основал заедно со еден од сопствениците на „Фонко“ во 2010 година. Основна дејност на компанијата била проектирање, инжинеринг и изведба на енергетски објекти. Компанијата целосно ја напушта и уделот го продава првата година откако станал претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Одлуката, пак, да не се спомене друга компанија е резултат на фактот што тоа не е воопшто релевантно за конкретната функција што тој ја извршува. Овие податоци во континуитет се непроменети, проверени, објавени и доставени до сите институции кои се валидирани. Благодариме за вашиот придонес кон разјаснување и дообјаснување на фактите кои се во полза на премиерот“, гласи одговорот што го добивме од Владата.

 

ЈАНУШЕВ ИМА ФИРМА ВО БУГАРИЈА, ДКСК ВРШИ ПРОВЕРКА НА АНКЕТНИОТ ЛИСТ

Игор Јанушев, генерален секретар на Владата, поседува компанија во Бугарија заедно со уште двајца партнери. Станува збор за друштвото „Флугбан Транс“, основано во 2015 година со седиште во Ќустендил.

Прашавме со каква цел е основана оваа компанија, со што таа се занимава, дали остварува значајни деловни активности во изминатиот период, како и дали сопственичкиот удел е пријавен во анкетниот лист што Јанушев го доставил до Антикорупциската комисија како пратеник?

Воедно, не интересираше и каков е ставот на Владата во врска со делувањето на јавни функционери во бизнис секторот во Бугарија, бидејќи своевремено актуелната власт, во улога на опозиција, го проблематизираше тоа што тогашниот премиер Зоран Заев и членови на неговото семејство поседуваат фирми во Бугарија?

Генералниот секретар, како што и самиот го потврди тоа во повеќе наврати, е содружник во компанија основана пред 10 години во Бугарија. Игор Јанушев ги пријавил сите негови сопственички удели во соодветните анкетни листови и е отворен за соработка со надлежните институции за секоја дополнителна проверка. Јанушев нема никаков приход остварен од таа компанија.

Владата го поддржува легитимното делување на јавните функционери во приватниот сектор, но секогаш инсистира на строго почитување на законот и на начелата на целосна транспарентност.

Во врска со критиките на опозицијата за компаниите во Бугарија, треба да се има предвид дека принципите на правото и транспарентноста важат за сите, без оглед на политичката припадност.

Корелацијата со Зоран Заев е нерeална затоа што семејството на Зоран Заев и тој самиот експанзијата на бизнисите ја доживува под сомнителни околности во период додека Заев беше премиер“, стои во одговорот што го добивме.

Се обративме и до Антикорупциската комисија, од каде пак ни одговорија дека оформен е предмет за проверка на податоците од анкетниот лист на Јанушев и постапувањето е во тек. По утврдување на фактичката состојба, додаваат од таму, ќе биде донесена одлука на јавна седница.

 

ЗГАСНАЛА КОМПАНИЈАТА НА ТОМОВСКИ КОЈА СОРАБОТУВАШЕ СО ЕЛЕМ

Директор на владината Служба за општи и заеднички работи стана Ивица Томовски, чие име пред неколку години беше споменувано од тогашната власт во смисла дека неговата „Сити Логистик“ соработувала со АД ЕСМ (ЕЛЕМ) за чистење на деловни простории, а набргу потоа тој станал управител на ЕЛЕМ Турс.

Во меѓувреме, оваа компанија се преименувала, сменила сопственик и згаснала, но на пазарот функционира друга компанија со сличен назив. Сепак, од Владата велат дека Томовски не е управител и нема никаква лична инволвираност во таа компанија.

Поврзани новости