Текстот е објавен на 12 август 2021 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1349.
Зоран Милевски-Кичеец деновиве повторно стана актуелен во јавноста, откако се дозна дека се нагодил за 6-месечна затворска казна за предизвикување на сообраќајна несреќа во време кога бил привремено пуштен на слобода поради здравствени причини, иако одлежува активна затворска казна врз основа на правосилна пресуда во случајот познат како „Рекет“. Како што неодамна пишуваше Фокус, во меѓувреме постојано излегуваат аудио-снимки каде еден од соговорниците е токму Кичеец, кои, меѓу другото, откриваат обиди за влијание врз судски процес, во чии рамки, според документацијата што ја поседуваме, негови пријатели добија поблага преквалификација. Дел од снимките, пак, никогаш не добија публицитет, но неофицијалните информации говорат дека ја завршиле својата работа во одредени бизнис-разврски.
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Повеќе од една година откако Зоран Милевски – Кичеец доби тригодишна затворска казна во случајот „Рекет“, не престануваат да излегуваат аудио-снимки во кои еден од соговорниците е токму Кичеец, поради што безмалку и нема дилеми кој е нивниот креатор, па и главен дистрибутер. Но, ако дел од овие „бомби“ беа експресно пренесувани од медиумите, друг дел останаа да „висат“ само јутјуб.
Сепак, најголем дел од снимките направени од Кичеец, веројатно никогаш нема да добијат било каков публицитет, бидејќи едноставно тие ја постигнале целта на друг начин. Имено, нашите сознанија говорат дека вакви снимки им станале достапни само на одредени лица, со што тие извршиле влијание врз нивното однесување, а индиректно влијаеле и врз одредени, пред се, деловни разврски.
Очигледно, разнесувањето на овие материјали е излезено надвор од контрола на една структура. Дека Кичеец создавал и поседувал вакви разговори потврди самиот тој кога во обвинителството достави УСБ-стик со разговори, кои требаше да го „исперат“ од одреден товар што му се ставаше на грб. Меѓутоа, дел од снимките каде се слушаше неговиот глас тој негираше дека ги направил.
Како што дознава „Фокус“, Кичеец одбил на надлежните да им ги даде шифрите за отклучување на два телефонски апарата што му биле запленети. На тој начин, тие телефони никогаш не се вештачени од страна на надлежниот сектор во МВР, а наводно била побарана и помош од странство. Па, останува нејасно дали овие телефони служеле како средства за снимање (или користел друга технологија), како и дали во нив се архивирани снимани разговори?
БОКИ, ДИМИШКОВ, МИЦКОСКИ
Непосредно пред објавувањето на првостепените пресуди во случајот „Рекет“ на средината на ланската 2020 година, во јавноста беа објавени серија разговори меѓу Кичеец и Бојан Јовановски-Боки 13, кои всушност се наоѓаа и на УСБ-то што Кичеец го доставил до обвинителството. Дел од овие разговори беа презентирани и во судница, но јавноста беше исклучена.
Сепак, тие подоцна протекоа на интернет. Во нив можеше да се слушне како Кичеец главно вели дека искрено сакал да му помогне на Орце Камчев, кој тогаш беше во притвор за предметот „Империја“. Од друга страна, Боки 13 говори за проектот што му го предложил на Камчев да го финансира итн.
Меѓутоа, многу поголемо внимание привлекоа разговорите меѓу Кичеец и адвокатот Васил Димишков, инаку брат на судијката Весна Димишкова, која впрочем го прифати барањето на СЈО Камчев да оди во притвор. Накусо, Кичеец бара помош од Димишков за Камчев, но, според разговорите, адвокатот бара неколку милиони евра за да ја изведе операцијата.
Речиси истовремено, односно неколку дена подоцна, на нов јутјуб профил беа објавени разговори меѓу Кичеец и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Двајцата разговараат за политичката ситуација, особено во Охрид, од каде Кичеец потекнува и каде вршел изборен инжинеринг преку структурата на охридските Египјани. Тогаш, Кичеец ги потврди средбите, но тврдеше дека не го снимал разговорот…
ЗГРАДИ НАМЕСТО ЦЕНТРАЛИ
Ако се анализира содржината на снимките и контекстот во кој се објавени, јасно произлегува дека нивната цел беше да прикажат дека Јовановски и Јанева вршеле изнуда, додека Кичеец само од човечки и пријателски мотиви сакал да му помогне на тогашниот пријател Камчев. Воедно, Кичеец му наштетува и на Мицкоски, од што најмногу поентираше СДСМ.
Меѓутоа, разгворите што веднаш потоа излегоа меѓу Кичеец и црногорскиот бизнисмен Миодраг Давидовиќ – Дака не му одеа во прилог ниту на Кичеец ниту на СДСМ, туку се чини дека од нив најмногу профитираше ВМРО-ДПМНЕ, со оглед дека во разговорите се споменуваа премиерот Зоран Заев и тогашниот владин генерален секретар Драги Рашковски, против кого во меѓувреме е покрената истрага за набавка на софтвер.
Поточно, Дака вели дека му дал пари на Милески во 2016 година, а воедно говори дека откако ќе биде склопена одредена зделка треба да даде недвижности од 2.000 квадрати. Но, тој изразува револт и кон Милевски и кон македонската Влада, бидејќи за 3 години работите не мрднале од мртва точка, особено со, како што потенцира, бизнисот со хидроцентрали и со ветерници во Штип.
Додека плановите на Давидовиќ за производство на струја до денес тапкаат во место, извесен период по објавување на снимките успеа да комплетира еден друг проект поврзан со земјиште од над 5.000 на пропаднатата тетовска фабрика „Шик Јелак“, што тој го купи во рамки на стечајната постапка преку офшор фирма од Панама. Неодамна, тетовскиот совет донесе урбанистички план кој предвидува изградба на 27 станбени згради и 4 трговски единици на овој простор во сопственост на Дака.
МИЈАЛКОВ, СТОЛЕ, ИКЕЦ
Дотука, се работи за „бомби“ кои добиваа соодветен медиумски третман и обработка. Арно ама, во меѓувреме на интернет, поточно на два посебни анонимни јутјуб-профили, еден на македонски и еден на албански јазик, беа објавени и десетина нови разговори, во кои, исто така, главна улога има Кичеец. Меѓутоа, тие досега не ги пренел ниту еден медиум.
Во еден од овие разговори, Кичеец разговара со неговиот кум Влатко Мијалков, кој му кажува дека кога Милевски имал проблеми со неговиот брат Сашо Мијалков одбил да заземе страна. Воочливо е тоа што помладиот Мијалков говори како никогаш не примил мито (ниту шише виски, како што вели), како живее во стан и користи слични наративи, додека истовремено потенцира дека никогаш не би одел против неговиот брат, што и да се случи.
На крајот од разговорот, Милевски му вели на Мијалков дека ќе оди да се сретне со другарот Столе од Битола. Тоа е Стојан Чифлигароски, сопственик на битолската компанија „СВ-Инвест“, која по политичките промени почна да добива тендери за работа во РЕК Битола, поради што опозицијата ја обвинуваше за блискост до власта. Неодамна, против оваа компанија беше отворена стечајна постапка која се уште е во тек, па нејзината судбина е неизвесна.
Покрај тоа, дел од снимките откриваат дека Кичеец зборува и со други бизнисмени за трети бизнисмени и сл. Меѓу другото, тој со еден од соговорниците зборува дека Илија Тозија – Икец „забегал“ и „сакал нешто да глуми“. Инаку, Тозија порано беше управител на дел од фирмите на Мијалкови, но неодамна излезе од таму и беше физички нападнат од се уште непознати лица. Оттогаш, Икец се врати во потесниот круг на ВМРО-ДПМНЕ…
ПИШТОЛ, НОЖ, ПАЛКИ…
Дополнително, на овој канал беше објавена една кратка „бомба“, која отктрива дека Кичеец и неколку негови пријатели разговараат за еден добро познат инцидент од 2013 година. Односно, се работи за настанот во скопскиот ноќен клуб Деспина, кога неколку лица извршија напад со нож, пиштол и палки, за што подетално се зборува во неколку подолги раговори објавени на две недели подоцна на друг јутјуб-профил.
Во однос на тоа, Кичеец и еден од напаѓачите разговараат за околностите во кои се случил настанот, за исказите дадени пред надлежните органи, па дури се споменуваат и обиди за преговори меѓу двете страни за надминување на недоразбирањата итн. Токму овој случај беше дел од еден друг протечен разговор меѓу екс шефот на разузнавањето Мијалков и веќе разрешената судијка во скопскиот кривичен суд Софија Лаличиќ.
Поточно, Мијалков и Лаличиќ анализираат по чиј налог надлежна обвинителка одлучила да го повлече барањето за притвор за осомничените за обид за убиство. Дури, Лаличиќ вели дека не може да се плаќаат 40.000 евра за „другарите на Кичеец да не одат во притвор“, кои, патем, тој ги чекал пред суд. Воедно, таа споменува дека преку актуелен градоначалник на ДУИ на една скопска општина било договорено напаѓачите да се вратат од бегство преку див премин кај Србија…
Како што е познато, Министерството за внатрешни работи до скопското Јавно обвинителство кон крајот на 2013 година поднесе кривична пријава против лица со иницијали Ц.Д. (33), К.Д. (31) Д.Т. (27) и Р.В. (27), заради основано сомневање дека во мај истата година во ноќното кабаре „Деспина“ во раните утрински часови, прво предизвикале тепачка, а потоа Ц.Д. се обидел да го убие З.К. со прекар „вампир“ (34) од Скопје, познат насилник и изнудувач. Каков е епилогот од оваа кривична пријава?
ПРЕКВАЛИФИКАЦИЈА НА ДЕЛО
По однос на оваа кривична пријава, обвинителството поднесе обвинение во 2014 година за обид за убиство и учество во тепачка. Арно ама, првостепенета судската пресуда што ја обезбедивме открива дека во текот на постапката Кривичниот суд извршил преквалификација на делото во „нанесување на тешки телесни повреди“, така што на крајот Ц.Д. добил една година затвор, неговиот брат Х.Д. две години затвор, исто како и Д.Т., а Р.В. пак добил 7 месеци зад решетки.
„Обвинетите заедно и по претходен договор му нанеле тешка повреда на оштетениот. Додека тој седел на една од барските маси, четворицата обвинети со фантомки влегле во кабарето и веднаш се упатиле кон оштетениот З.К.,при што обвинетиот Ц.Д.со рачка од пиштол го удрил по главата, а од пиштолот бил испукан еден куршум. Кога оштетениот падна во несвест, обвинетиот К.Д. со сечивен дел од механичко средство 3 пати го удрил во стомакот, по што сите обвинети го удирале со палки“, стои во неправосилната пресуда.
Треба да се истакне дека одбраната тврдела дека обвинетиот Ц.Д. бил нападнат од оштетениот З.К. со пиштол кога при борба бил испукан куршум во воздих (кој патем никогаш не е пронајден), по што сите обвинети и подоцна осудени си заминале. Од друга страна, оштетениот З.К. прво во исказот во претходна постапка прстот го вперил кон обвинетите, но подоцна ретерирал во исказот што го дал за време на доказната постапка и главниот претрес.
„Исказите кои оштетениот ги дал во претходна постапка биле непосредно по негово будење од кома и тогаш добивал сериозни лекарства чија основна цел била да ја забават функцијата на мозокот, а исказот го дал веројатно како резултат на прераскажувања. Со текот на времето, му се враќал мисловниот процес и заклучил дека не бил сигурен дека обвинетите го нападнале“,се наведува во пресудата, која не е правосилна бидејќи Апелација го враќа случајот на повторно разгледување поради недоспедност во исказите.
РАЗДЕЛБА НА СТАРИТЕ ПАРТНЕРИ
Додека дел од снимките фрлаат нова светлина врз вакви правни настани, според нашите информации, други снимки од домашната аудио-архива на Кичеец никогаш не беа ставени на увид на пошироката јавноста. Таков е случајот со записот од средба меѓу Кичеец и неколку луѓе, меѓу кои и бизнисменот Цветан Панделески, кој е партнер со Камчев и Мијалкови во повеќе акционерски друштво. Како оваа средба, регистрирана од Кичеец, растури долгогодишно партнерство?
Без да знае дека е сниман, Панделески на овој состанок зборува негативно за неговиот долгогодишен партнер Камчев, при што упатува одредени предлози кои подразбираат негова елиминација од одредени заеднички фирми. Меѓутоа, заплетот настанува кога непознат курир им доставува примероци од овој разговор и на Панделески и на Камчев, и тоа непосредно пред годинава да се одржи Собранието на акционери на „ЗК Пелагонија“, каде двајцата се доминантни акционери.
Така се разгорува конфликт меѓу долгогодишните партнери, кој првично го добива Камчев, кој после овие „бомби“ успева да истурка свој човек во органите на управување на земјоделскиот комбинат. Арно ама, јасно е дека тие заедно не можат да продолжат, па генералниот план за поделба предвидувал Панделески да го задржи „ЗК Пелагонија“ заедно со „Здравје Радово“, а на Камчев да му остане „Жито Полог“, „Стопанска Банка Битола“, „Скопско Поле“. Како трет партнер, Мијалков, требало да ги продаде акциите и потоа стане целосен сопственик на „Мериот“.
Иако заминувањето во притвор на Камчев и Мијалков ги поремети овие планови, сепак, тој делумно почна да се спроведува. Официјалните податоци од надлежните органи покажуваат дека некогашната „Искра ММ“, подоцна преименувана во „Комплекс Александрија“, прво премина од заедничката „ЗК Пелагонија“ во сопственост на посебни фирми на Панделески и Камчев. Периодов, пак, нов газда на ова друштво стана градежната „Саник“, која автоматски доби големо земјиште покрај Вардар, со маркици за изградба на станбено-деловен комлекс.
ПРОТЕКУВАЊЕ НА СНИМКИТЕ
Како се случи снимките на Кичеец да излезат од контрола и да стигнат до повеќе центри, кои, зависно од потребите, ги обелоденуваат јавно или ги доставува само кон одредени лица? Бездруго, нема дилеми Кичеец сам објави дел од снимките што ги направил, независно дали тоа било со цел да го прикажат во позитивно светло, или пак, во обид да издејствува одредени привилегии во период кога се соочуваше во судски прогон.
Меѓутоа, исто така нема дилеми дека беа објавени снимки што не само што не му одат во прилог, туку и му прават штета на Кичеец, кој се разобличи како снимач на кумот, пријателите и други блиски лица. Одредени информации говорат дека тој направил неколку бекап копии од домашната архива, кои ги дал на блиски лица во периодот кога заминал во притвор. Оттука, претпоставките се дека снимките протекуваат од овие лица.
Особено се интригантни тврдењата дека еден од, условно, пријателите на Кичеец сакал да се ослободи од снимките пред да замине во странство, па го однел телефонот на форматирање во една скопска мобилара. Според овие тврдења, во оваа мобилара се симнати разговорите и потоа се понудени и предадени на повеќе адреси. Застапниците на ова тврдење појаснуваат дека на ист начин се протечени дел од снимките за експремиерот Никола Груевски, како што, според нив, била онаа од Сејшелите.
Токму во време на Груевски се случи најмасовното прислушување, и тоа преку злоупотреба на државните системи. На крајот, тоа нему му се врати како бумеранг и му се удри од глава, бидејќи записите завршија кај „другата страна“. По се изгледа, сега истото му се случи и на Кичеец, кој документирал се и сешто за да му се најде во одреден момент, меѓутоа снимките завршија насекаде.
Додека „одлежува“ затворска казна
КИЧЕЕЦ СЕ РЕЛАКСИРА ПОКРАЈ ОХРИДСКО ЕЗЕРО
Кон крајот на минатата 2020 година, Зоран Милевски – Кичеец замина да го одлежи она што му остана од 3 годишната затворска казна за неговата улога во „Рекет“, кога ќе се одземе времето поминато во домашен притвор. Со оглед дека тој првата затворска казна ја одлежува во затвор од отворен тип во Струга, речиси веднаш доби законско право да излегува преку ден доколку е работно ангажиран.
Периодов, дел од медиумите објавија фотографија како тој може да се забележи во кафуле покрај Охридското езеро, кое е дел од хотелот „Горица“. Станува збор за кафулето „Егоист“, кој неформално се поврзува со него, меѓутоа неговото име во Централниот регистар никаде не фигурира.
Како што веќе пишуваше „Фокус“, тој во објектот Горица своевремено поседуваше апартмани, меѓутоа податоците од Катастарот на недвижности покажуваат дека тој веќе нема таква сопственост. Сепак, член на неговото семејство е сопственик на земјиште во кругот на хотелот, каде се наоѓа споменатото кафуле.
По се изгледа, тој формално има склучено работен однос со правниот субјект, кој му овозможува преку ден да излезе од затворот во Струга. Преку посредник, се обидовме да стапиме во контакт со Кичеец, по што добивме порака дека ќе размисли дали смее да дава изјави додека одлежува затворска казна. До затворањето на весникот, изостана дополнителна реакција.