(АРХИВА) Како пропадна „Поштенска банка“, предмет „тежок“ 8 милиони евра?!

Неодамна пропадна уште еден од случаите на СЈО, „Поштенска банка“. Првичната штета на предметот му ја нанесоа измените на Кривичниот законик, а потоа го дотолчи повлекувањето на жалбата од страна на Вишото скопско обвинителство. Ова е еден од предметите што го чешлаше републичкото јавно обвинителство. Првичните информации се дека имало нестручно постапување, но останува уште со прст да се посочи виновникот!

by fokus

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“, во број 1521, на 27 ноември 2024 година.

Пишувала: Валентина ВУРМО

Дали во Вишото скопско обвинителство се работело професионално и одговорно или се замижувало при постапувањето за одредени предмети?

Овој одговор наскоро треба да го дадат од Републичкото јавно обвинителство, бидејќи заврши ревизијата што изминатиот месец му се вршеше на пониското обвинителство.

Предмет на проверка беа неколку предмети за кои имало укажување за можно нестручно работење на одредени јавни обвинители.

Еден од предметите кој бил ставен под лупа е и „Поштенска банка“, а кој беше отворен од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО).

Оваа информација лично ја откри доскорашниот шеф на вишото обвинителство, Мустафа Хајрулахи, кој ја оспоруваше ревизијата бидејќи во неа учествувала и обвинителката Лиле Стефанова, која беше дел од СЈО.

Како што дознава „Фокус“, пак, ова е еден од предметите за кои ревизијата покажала сомнежи за нестручно постапување од страна на Вишото обвинителство.

Се проверувало како овој предмет бил заведен во Вишото обвинителство, односно како добил бројче, како бил распределен на обвинител за работа, како и дали била исправна одлуката жалбата да биде повлечена и со кои аргументи е сторено истото.

Инаку, она што е познато за случајот е дека тој пропадна откако вишиот обвинител ја повлече жалбата поради што и запре кривичниот прогон против обвинетите. Дали токму овој потег бил погрешен, ќе покаже ревизијата.

Она што го привлекува вниманието кон овој случај не е само фактот што беше отворен од СЈО, за чии предмети имаше висок јавен интерес, туку и неговата „тежина“ во евра, односно претпоставената штета изнесува 8 милиони евра.

ПОЧЕТОКОТ НА ПАДОТ

Кога СЈО уште во 2018 го презентираше овој случај, соопшти дека станува збор за финансиска истрага, која опфаќа повеќе поврзани настани со кои се сториле кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Перење пари“.

Дејствијата се случувале во периодот од 2001 до 2010 година, кога била прибавена имотна корист од околу 5 милиони евра. Меѓутоа, по проширувањето на истрагата во 2019 година, сумата се зголеми на испрани 8 милиони евра.

Случајот се однесува на преземање на Поштенска банка, а обвинетите се товареа дека зеле кредит од банки, кои ги враќале со пари од новокупената банка во која имале акции, а потоа се ослободиле од акциите со тоа што ги дале како гаранција за земени кредити од Еуростандард банка.

Кредитите не ги вратиле и така ги загубиле акциите. Беа обвинети деветмина, меѓу кои Коле Смилевски, бизнисмените Томе Главчев од Гевгелија и Ратко Димитровски од Кочани.

Но, она што е важно, е како вака голем предмет пропадна, без обвинителството да ја докажува својата теза во судница, а обвинетите да добијат можност да се одбранат?

Почетокот на падот почнува од скандалозните законски измени на Кривичниот законик, од минатата година, кога беше намалена затворската казна за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“.

По овие измени, обвинителот Бурим Рустеми се откажува од кривично гонење на поголем дел од обвинетите, бидејќи кривичните дела, со новата пресметка, застареле во 2014 година.

Но, обвинителот не се откажа од прогонот на тројца од обвинетите, бизнисмените Главчев и Димитровски, како и за Зоран Шуклев.

За нив направи преквалификација на делото, па наместо со искористување на службената положба, навел дека делото го сториле со „пречекорување на границите на своите службени овластувања и неизвршување на својата службена должност“. Па, поради тоа бара и да продолжи да им се суди и за кривичното дело „Перење пари“.

Сепак, овој предмет прв го запира Кривичниот суд, односно судијката Ленка Давиткова летово носи решение со кое се запира кривичната постапка и против преостанатите тројца обвинети. Според судијката, бидејќи злоупотребата е застарена, нема основ обвинетите да се гонат и за „Перење пари“.

Давиткова, во образложението, навела дека на судот не му е јасно од кои причини обвинителот извршил прецизирање на обвинителниот акт, па наместо со искористување на службената положба, навел дека делото го сториле со „пречекорување на границите на своите службени овластувања и неизвршување на својата службена должност“.

„За судот е нејасно во случај кога недостасува предикативното кривично дело кое е застарено, јавниот обвинител согласно последните измени на КЗ да изврши измена, односно прецизирање на обвинителниот акт за предикативното кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ само во една точка од диспозитивот на обвинението“, се наведува во решението на Кривичниот суд.

Судијката појаснува дека во случај, кога отсуствува предикативното дело, кое е неопходно за постоење на кривичното дело „Перење пари“, судот цени дека во конкретниот случај постојат други околности што го исклучуваат кривичното гонење, како што впрочем постапил обвинителот кон сите останати лица за кои се откажал од кривичното гонење и судот ја запрел постапката.

ПОВЛЕКУВАЊЕТО НА ВИШИОТ ОБВИНИТЕЛ

Незадоволен од ваквото решение на Кривичниот суд, обвинителот Рустеми поднел жалба до Апелација.

„Извршеното прецизирање е направено во контекст на фактичката состојба во поднесеното обвинение и согласно измените на КЗ, со наведување на конкретните дејствија и тоа каде е сторено дејствието на пречекорување и неизвршување.

Примената на принципот поблаг закон не би се однесувал за конкретната ситуација затоа што прецизираните дејствија на извршување не се декриминализирани и целосно одговараат на дејствијата на извршување на обвинетите во поднесеното обвинение, потенцирал Рустеми во својата жалба.

Апелација, пак, по понесената жалба од обвинителот, пред еден месец носи решение со кое жалбата ја отфрла како недозволена. Ова е така бидејќи вишиот јавен обвинител Јован Цветановски, кој постапувал по случајот, се откажал од жалбата. Поради тоа, второстепениот суд воопшто не се впуштил во оценка бидејќи вишиот обвинител се откажал.

Токму ваквиот потег на вишиот обвинител бил испитуван со ревизијата, за да се види дали постапил стручно или со откажувањето придонел предметот да пропадне.

Доколку ревизијата и официјално потврди дека со повлекувањето вишиот обвинител сторил грешка, која придонела за пропаст на предметот, сепак тоа нема да ја смени фактичката состојба, односно не значи дека повторно предметот би се вратил во живот.

Во ваков случај, законот ги штити обвинетите. Доколку одлуката е во нивна корист, само се констатира грешка кај правосудните органи, а доколку е во штета, тогаш се повторува постапката.

Инаку, слична преквалификација, поради измените на КЗ, беше направена и во предметот „Трезор“ на СЈО, па наместо за дејствието искористување на службената положба, на обвинетите, меѓу кои и екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, им се судеше за пречекорување на границите на своите службени овластувања.

Овој предмет падна на Апелација, односно обвинетите добија ослободителна пресуда, но не поради погрешна преквалификација, туку судот констатираше дека недостасувал клучен доказ, вештачење.

И ЈАНЕВА СЕ ПАЗАРЕШЕ СО „ПОШТЕНСКА БАНКА“

Предметот „Поштенска банка“ важеше за еден од покомплицираните предмети, кој заедно со случајот „Империја“ придонесоа шефицата на СЈО, Катица Јанева, да заврши зад решетки.

Само тогашниот план за уништување на предметот имаше поинаков тек или сценарио. Обвинителите Стефанова и Рустеми сведочеа во „Рекет“ дека Јанева барала од нив овие два предмети да завршат со спогодби. Обвинетите да платат, но да се спасат од затвор.

Според сведочењата, на состанок Јанева им наложила на обвинителите да достават писмени извештаи за штетата што била направена во двата предмета по што ќе се направи спогодба со осомничените. Односно, осомничените да ги вратат парите, а тие да не одат во затвор!

Тогаш обвинителите се шокирале од барањето, но нивното мислење Јанева не го есапела, па ги избркала од канцеларија.

Обвинителите ги изготвиле писмените извештаи, но, покрај штетата, ги навеле и затворските казни што треба да се изречат доколку се направи спогодба.

Не е спорно дека Јанева можела да направи спогодби со осомничените и воопшто и да не дојде до судење, но обвинителите тврдеа дека во никој случај обвинетите не можеле да се извлечат без да одат во затвор, доколку бидат прогласени за виновни, поради тежината на кривичните дела што им се ставале на товар.

Според обвинението за „Поштенска банка“, дејствијата на обвинетите почнале на почетокот на 2001 година, кога Смилевски, во тој период како директор на штедилница во државна сопственост, со Главчев и Димитровски договорил на кој начин, при трансформација на штедилницата во банка, како основачи да се јават и нивните фирми.

Двајцата, со своите фирми, подигнале краткорочни кредити од комерцијални банки, кои потоа требало да ги вратат со кредити од новата банка.

Обвинителството тврдеше дека двајцата бизнисмени го прекршиле Законот за банки, кој предвидува дека банката не може да одобри кредит што директно или индиректно ќе се искористи за купување акции во истата банка.

Меѓутоа, тие добиле акции во трансформираната банка и со тоа противзаконски станале основачи.

Според обвинителството, двајцата бизнисмени ги искористиле своите позиции и овозможиле друштвата што добиле кредити воопшто да не го враќаат долгот кон банката.

Во сложената финансиска шема што ја презентираа тогаш од Обвинителството, се споменуваат и дејствија на почетокот на 2005 година, кога двајцата бизнисмени се ослободиле од акциите во Поштенска банка.

За таа цел тие подигнале кредити од 2,3 милиони евра и 1,6 милиони евра од Еуростандард банка, а како гаранција ги дале акциите што ги поседуваат нивните фирми. Кредитите не биле вратени и Еуростандард банка станала сопственик на заложените акции.

ЌЕ ИМА ЛИ ОДГОВОРНОСТ?

Како и да е, овој замрсен финансиски случај никогаш нема да добие судска завршница со пресуда. Треба да се почека дали можеби вишиот обвинител што постапувал, ќе понесе некаква одговорност.

Инаку, републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски привремено го суспендираше шефот на скопското вишо јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи, односно го оддалечи од неговата шефовска функција.

Но, причината за тоа не е ревизорскиот извештај, за кој допрва ќе се знае дали ќе повлече последици, туку поради кривична пријава поднесена од неколку вработени во Вишото обвинителство.

Тие, уште пред неколку месеци, ги алармирале институциите за лошата атмосфера во која работат, жалејќи се на мобинг од шефот Хајрулахи. Нивните претставки поднесени до републичкиот обвинител и до Советот на јавните обвинители прераснаа во кривична пријава, со која сега се занимава штипското обвинителство.

Но, освен за неговото однесување кон вработените, истрагата против Хајрулахи се проширила и на неговата работа. Како што дознаваме, произлегле сомнежи за местење предмети кај одредени обвинители, или прецизно речено „одбрани“ предмети што стигнувале, наводно ги давал на еден „избран“ обвинител.

Тука се совпаѓа и ревизијата, која треба да покаже дали вишото обвинителство кревало раце и се откажувало од жалби или обвиненија за кои не смеело да го стори тоа. Наводно, на овој начин пропаднале неколку предмети, обвинети се спасиле од судење и потенцијален затвор, а државата останала оштетена.

Хајрулахи, пак, тврди дека тој е жртва во случајот, бидејќи републичкиот Коцевски му вршел притисок. Според него, целта е да се влијае врз предмети што се работат во Вишото обвинителство.

Како што неофицијално дознаваме, се истражува како голем број предмети шефот ги распоредил во рацете на еден обвинител, а за дел има сомнеж во врска со стручноста и професионалноста во постапувањето.

„Фокус“ има информации за кој обвинител станува збор, но нема да го објавиме неговиот идентитет сѐ додека обвинителството не соопшти дека истрагата ја проширува и на него.

Инаку, кога Советот на јавните обвинители одлучуваше за суспензијата на Хајрулахи, само членот на Советот Кети Петкова беше против. Таа сметаше дека одлуката треба да се преиначи бидејќи според неа Коцевски со решението за суспендирање на Хајрулахи го крши Законот за јавното обвинителство и задира директно во правата и самостојноста на јавните обвинители.

Сосема случајно или не, Петкова пред да стане член на Советот, беше адвокатка и беше ангажирана токму во случајот „Поштенска банка“ од еден од обвинетите.

И ГРУЕВСКИ, ГЕОРГИЕВСКИ И ЃОРЧЕВ СЕ СПАСИЈА СО ЗАСТАРУВАЊЕ

Кога СЈО ја отвори истрагата во 2018 година, како осомничени за „Злоупотреба на службената положба и овластување“ ги споменаа и поранешните високи функционери, односно екс премиерот Љупчо Георгиевски, вице премиерот Марјан Ѓорчев и Никола Груевски, како тогашен министер за финансии во владата на Георгиевски.

Меѓутоа, како што тогаш појаснија од СЈО, тие не се гонат поради застарување на делото.

Поврзани новости