АРХИВА Како преку Ѓоргија, Гоце и Даниел, ВМРО ја пополни финансиската дупка?

by Фокус

Текстот е објавен на 27 јуни 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 977.

Во рамки на судскиот предмет „Плацеви на Водно“, во кој поранешниот премиер Никола Груевски е обвинет дека со партиски пари стекнал плац на Водно, денеска стана збор и за финансирањето на партијата. Во таа насока, некогашните партиски функционери – Горадна Јанкулоска, Мартин Протуѓер и Влатко Чингоски сведочеа како партијата се финансирала и како се располагало со парите, а дури беше кажано дека некои донатори пари му давале лично на Груевски. За време на десетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, Фокус редовно ја третираше темата за сомнително финансирање на партијата и нејзините изборни кампањи, а еден од овие текстови се однесува за кампањата за поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Пишувала
Мери ЈОРДАНОВСКА

Падот на цената на рекламите кај телевизиите Сител и Канал 5 – досега најголемите донатори на владејачката партија, донесе неколку новини на македонската политичко-медиумска сцена. Како прво, ВМРО-ДПМНЕ си остана чиста финансиски, нема финансиски дупки што се однесува до таканаречените должничко-доверителни односи кон медиумите… И како второ, двете национални телевизии, на хартија, исто така, се чисти – ги намалија цените на рекламите и сега сѐ во ред. Нема попусти, образот е обелен.

Но, дали обелувањето е привидно или обоено во розово, чисто колку да се замачкаат очите на јавноста, која секако нема да се заморува и да чита финансиски извештаи со имиња на илјадници донатори? Доколку добро се разгледаат извештаите што владејачката партија ги достави до надлежните институции, повторно се јавуваат добропознатите дупки – овојпат тоа не е кај медиумите, туку кај донациите – дел од нив давани надвор од законскиот рок, а дел од лица полни со кредити, кои, сепак, решиле да одвојат по 5 илјади евра за партијата… И сето ова, со една цел – партијата да биде чиста и да биде должна точно до денар колку што треба да земе од буџетот!

КАКО ВМРО-ДПМНЕ ЗА ДВА ДЕНА СОБРА НАД 280.000 ЕВРА?!

Колку и наизглед да изгледаше чист финансискиот извештај на владејачката партија за двојните избори, Транспарентност-Македонија откри дека старата шема никогаш не излегува од мода. Според податоците од Транспарентност, а и од официјалните документи на владејачката партија, околу 260.000 евра остануваат да висат во воздух, а, сепак, остануваат незабележани од Државната изборна комисија, Антикорупциската комисија, ревизорите… Можеби не се 3,3 милиони евра како што беше за изборите во 2011 година, но феноменот на масовно донирање во рок од два дена ја оддава тајната на финансирањето на кампањите.

Да почнеме со ред. За кампањата на Ѓорге Иванов, партијата достави три финансиски извештаи. Ако се соберат бројките, произлегува дека за кампањата на Иванов биле собрани 486.662 евра, а вкупните расходи изнесуваат 773.035 евра. Тоа значи дека партијата била во минус за околу 285.000 евра! Изборите завршуваат, а во постизборниот период не се случува ништо – си стои минусот од 285.000 евра.

И така е сѐ до 26 мај, кога ВМРО-ДПМНЕ го предава конечниот финансиски извештај до институциите. И, внимавајте, во финалниот извештај ваков минус нема. За само два дена (од 21 до 23 мај), како што стои во извештајот, на сметката за претседателските избори легнуваат 260.000 евра, а расходите во постизборниот период изнесувале 110.000 евра. Со ова, минусот на партијата се намалува на околу 130 илјади евра – до децимала точна сума колку што ВМРО-ДПМНЕ треба да земе од буџетот (15 денари од освоен глас)!

Вакво „штимање“ на финансиските трансфери не се забележани во повеќе од дведецениската изборна историја во државата, а се оригинален придонес за изборни финансиски „штимања“ и во меѓународни рамки“, се вели во извештајот на Транспарентност – Македонија.

Дека нешто навистина не штима, доволно е да се погледнат сумите. До 21 мај, физичките лица за кампањата на Иванов донирале по 10.000 денари, некои по 15.000, а некои и по 30.000 денари. Поголемите суми, како оние од 60 илјади или 80 илјади денари, се исклучоци.

Но, од 21 мај до 23 мај, кога веќе станало очигледно дека партијата е во подебел минус, сумите вртоглаво рипаат! Одеднаш, физичките лица почнале да донираат масовно, кој по 50.000 илјади денари, кој по 60.000 денари. Или попрецизно, 123 физички лица одвоиле од својот буџет околу 50.000 денари за кампањата на Иванов во постизборниот период. Точно 56 лица, пак, дале по 60.000 денари само во периодот од 21 до 23 мај годинава.

За да биде ситуацијата уште потрагикомична, на листата донатори можат да се видат лица кои во еден ден, дури по 3-4 пати оделе до банка на 21 мај годинава и си донирале по 1.000 евра. Колку за пример, извесен Тони Мартиноски, дури 4 пати донирал по 1.000 евра на 21 мај. Мисо Николов до банка одел трипати во еден ден, а Боби Бојчевски (инаку претседател на Општински комитет Бутел од ВМРО-ДПМНЕ) четирипати!

За да биде ситуацијата уште почудна, најголемите „донатори“ на овој или на оној начин се поврзани со Општина Илинден. Од нив, можеме да издвоиме тројца, кои од својот сопствен џеб решиле да донираат за претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ од 250 до 300 илјади денари, и тоа откако завршија изборите. Како поинаку да се сфати ова, освен како начин да се покрие дебелиот минус?

МОРАВ ДА ДОНИРАМ, МИ ПОБАРАА!

Марјан Милошевски Илинден е името што е запишано како еден од најголемите донатори за ВМРО-ДПМНЕ во постизборниот период, кога минусот на владејачката партија е малку повисок од она што требало. Ова лице донирало 250.000 денари или над 4 илјади евра. Името на овој донатор се поклопува со името на претседателот на Советот на Општина Илинден, Марјан Милошевски. Ако се погледне неговиот имотен лист, може да се види дека тој не пријавил дека има пари на неговата сметка. Пријавен му е единствено станот од родителите, земјиште и две возила. На сметката на неговата сопруга, пак, има 380.000 денари.

Како Милошевски успеал да издвои од својот буџет 4 илјади евра, останува нејасно, бидејќи во Државната комисија за спречување на корупцијата не му се пријавени пари на трансакциска сметка.

„Можев да си дозволам да дадам толку пари. Сега не можам точно да ви го кажам датумот кога ги донирав, но си уплатив преку банка“, ни изјави Милошевски.

Со донација од 250.000 денари се јавува и Драган Дејановски. Неговото име се совпаѓа со името на поранешниот директор на ЈКП Илинден. Ако се погледне неговата имотна состојба, може да се види дека Дејановски поседува огромен број ливади, земјоделски земјишта, шуми и пасишта во Крива Паланка и дел во Скопје. Но, тој воедно има и кредит од 2.500 евра, а на трансакциската сметка има 20.000 денари. На денарските штедни и платежни картички има 2.000 денари и орочен депозит од 1.400 евра. Сето ова собрано (надвор од вредностите на земјиштата) не ја достигнува сумата од 250.000 денари, колку што тој донирал за кампањата на Иванов!

Кога се обидовме да разговараме со Дејановски, тој прво ни крена слушалка, но кога го прашавме колку пари донирал за претседателските избори, ни рече дека ништо не нѐ слуша и ја спушти слушалката. Се обидовме да го добиеме уште неколкупати, но повеќе не ни креваше.

Стигнуваме до третиот најголем донатор во постизборниот период. Стојадин Ѓорѓиевски донирал 300.000 денари или 4,8 илјади евра за кампањата на Иванов по завршувањето на изборите. Ѓорѓиевски е член на Советот во Општина Илинден. Неговиот имотен лист пријавен во Антикорупциската комисија покажува дека тој од личен имот поседува земјиште, стан и возило, а на својата девизна штедна книшка има 972 евра. За партијата тој донирал петпати повеќе од она што го имал заштедено.

Јас сум член долго време и воедно сум советник. Тоа е, се остваруваат приходи, има и проекти. Ветено беше, ќе донирам. Така беше договорено со партијата“, ни изјави Ѓорѓиевски.

На прашањето зошто донирал откако завршиле изворите, тој ни рече:

„Искрено, мислев дека ќе ме заборават, ама не ме заборавија. Ми се јавија да ми кажат да донирам тогаш и морав. Нешто пријатели ми помогнаа и тоа е“.

ДОНАТОРИТЕ УПЛАЌАЛЕ НА ЗАТВОРЕНА СМЕТКА?

Ситуацијата со вонредните парламентарни избори е уште поалармантна кога станува збор за чудните пресметки на ВМРО-ДПМНЕ. Тргнувајќи од податоците до кои дојде Транспарентност – Македонија, „Фокус“ ги проверуваше донациите на владејачката партија.

Две клучни прашања произлегуваат од она што може да се види од извештаите.

-Зошто ВМРО-ДПМНЕ собирале донации од физички лица и по испраќањето на финалниот финансиски извештај до надлежните институции, кога веќе сметката требала да биде затворена?

-Зошто во конечниот финансиски извештај, на некои лица кои донирале за партијата, не им се пишани презимињата? Колку за пример, „Гоце“, „Даниел“, „Ѓоргија“ си донирале и до 1.000 евра, но не се знае ниту кои се, ниту, пак, дали постојат?

Ако се разгледаат извештаите, ќе се види дека ВМРО-ДПМНЕ за изборната кампања за предвремените парламентарни избори првично поднела 2 извештаи,  на 17 и на 28 април. Во првиот извештај стои дека ДПМНЕ од членарина има приход од 850 илјади евра. Бидејќи расходите во првиот извештај се 714 илјади евра, состојбата во првиот извештај е во позитива од околу 135 илјади евра. Истата оваа сума (135 илјади евра) е прикажана како приход во вториот периодичен извештај, со истиот основ – членарина. Расходите, пак, известени во вториот извештај се искачиле до 728 илјади евра, со што минусот достигнува 593 илјади евра. И тоа е состојбата заклучно со крајот на изборите – ВМРО-ДПМНЕ била во долг од половина милион евра кога изборите завршиле.

Иако конечниот финансиски извештај е потпишан на 20 мај, тој е примен во Антикорупциската комисија на 22 мај. Но, токму во тој еден ден кога извештајот „патувал“ од партијата до комисијата, 107 лица донирале за ВМРО-ДПМНЕ, што, според Транспарентност Македонија, претставува флагрантно кршење на Изборниот законик бидејќи на 21 мај сметката наменета за избори е веќе затворена!

Инаку, за само два дена, на 20 и на 21 мај, на сметката се впишани спектакуларни 445 илјади евра на име – донации!

Ова торпедирање на Изборниот законик и на надлежните институции може да се опише како легендарно во домашната и во меѓународната практика“, се вели во извештајот на Транспарентност.

Според официјалните податоци на ДИК, на вонредните парламентарни избори победи ДПМНЕ со освоени 481 илјада и 615 гласови. Според одредбите на Изборниот законик, на партијата ѝ следува надомест од 15 денари по освоен глас. Така, износот што државата треба да му го исплати на ДПМНЕ изнесува точно 7 милиони, 224 илјади и 225 денари! Точно толку изнесува минусот известен во конечниот финансиски извештај за парламентарните избори, нешто што за Транспарентност Македонија е „финансиско „штимање“ од епски пропорции“!

Транспарентност Македонија прашува како во 2 дена се собираат толкави средства еден месец по изборната  победа? Може ли да се испита од кога тоа ДПМНЕ собира 850 илјади евра од членарини?

Годишните финансиски извештаи на партијата, ниту ревизорските извештаи спроведени од ДЗР, не покажуваат ваков финансиски капацитет на ДПМНЕ. Партијата треба да ги покаже банкарските изводи – паричните уплатници од симпатизерите и нивниот трансфер (850 илјади евра) на изборната сметка – со кои ќе се констатираат овие финансиски трансакции. Во спротивно, констатацијата за перење пари станува неминовна. Произлегува сериозно сомневање дека ДПМНЕ се наоѓа во законски деликатна состојба на потенцијално перење пари“, се вели во месечниот извештај на Транспарентност – Македонија.

Од оваа организација го повикуваат ДИК, Антикорупциската комисија, Јавниот обвинител и Државниот завод за ревизија да ги расчистат „овие непријатни сомневања за финансиското работење на владејачката партија“.

Илија Димовски, организаторот на изборната кампања, како што може да се види и од фотографијата, повторно не одговараше на нашите повици и на смс-пораките што му ги пративме со цел да добиеме објаснување околу финансирањето на партијата за време на изборите.

ПЕТПАТИ ПОВЕЌЕ ЗА ВЛАСТА ОТКОЛКУ ЗА ОПОЗИЦИЈАТА

Финансиските нејаснотии се само дел од она што остана да виси по завршувањето на изворите. Друго прашање кое исто вреди да се споменува во секој изборен процес се рекламите, за кои се трошат најголемиот дел од парите. Па, така, точно 30 часа реклами од ВМРО-ДПМНЕ течеле на телевизија Сител за време на дваесетдневната кампања, покажува извештајот што телевизијата го доставила до Антикорупциската комисија. На веб-страницата на ДКСК го нема извештајот од Сител за претседателските избори. Овие 30 часа ВМРО-ДПМНЕ ќе го чинат (со оглед на тоа што сѐ уште не се исплатени) околу 130.000 евра.

И сето тоа е во ред, бидејќи нели, станува збор за пазарно општество, па секој си плаќа колку што може. А власта може. Опозицијата не може да си дозволи толку, па откупиле рекламен простор на Сител од 25 минути.

Да сумираме – на овие избори цената по секунда за рекламен простор на Сител е само 73 денари по секунда! Е порано не беше така! Ама кога цените беа високи, тогаш мораше да се даваат попусти за сѐ да биде чисто.

Но, тоа не е сѐ. Стигнуваме до моментот за тоа колку време биле одвоени на вестите од Сител за владејачката партија – она неплатеното политичко информирање. Е тука се доаѓа до прашањето за еднаквиот третман на политичките партии и претседателските кандидати и зошто некои македонски граѓани сѐ уште не знаат како изгледа Стево Пендаровски, а за Ѓорге Иванов можат да ги набројат сите вратоврски што ги сменил за време на кампањата.

Па, така, ако се разгледа извештајот на Советот за радиодифузија, може да се видат следните податоци: само на вестите на Сител, 3 часа и 42 минути биле отстапени за директни обраќања на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ. Точно 131 обраќања од ВМРО-ДПМНЕ се емитувале на ТВ Сител за изборната кампања. Од друга страна, за претставниците на СДСМ биле отстапени речиси 5 пати помалку обраќања – само 28, односно 12 минути!

Недвосмислено, ставот на информативната редакција на ТВ Сител во текот на целиот изборен процес беше во полза на програмскиот концепт на владејачката партија, а експлицитно против изборниот настап на опозициската коалиција“, заклучува Советот за радиодифузија.

Според финалниот извештај на СРД, коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ, вкупно, за своите кандидати за пратеници и за кандидатот за претседател Ѓорге Иванов, закупила 50 часа 58 минути и 22 секунди. Коалицијата ГРОМ, за изборните спотови во кои е вклучено и изборното претставување на Зоран Поповски како претседателски кандидат закупила 12 часа 33 минути и 33 секунди. СДСМ и Коалицијата, за своите пратенички кандидати и за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, закупиле  2 часа 43 минути и 21 секунда платено политичко рекламирање.

СИТЕ ПАРТИИ ЗАЕДНО НЕ МОЖАТ ДА СЕ ОБРАТАТ ТОЛКУ КОЛКУ ШТО МОЖЕ ВМРО-ДПМНЕ

Телевизијата Канал 5 годинава одела со пониски цени од ТВ Сител. Секунда реклама на оваа телевизија чинела околу 69 денари, па со оглед на ниската цена, телевизијата не давала попуст. Токму затоа, владејачката партија се опуштила, па си откупила дури 40 часа рекламен простор за предвремените парламентарни избори. Или со други зборови, секој ден на Канал 5 се одвојувале по два часа за реклами на ВМРО-ДПМНЕ. За рекламите на Иванов,пак, откупени биле 19 часа, односно секој ден од кампањата по еден час. За сето ова, ВМРО-ДПМНЕ на телевизијата треба да ѝ плати вкупно околу 230 илјади евра.

СДСМ,пак, дали поради немање средства или,пак,затоа што владејачката партија го закупила просторот за рекламирање, на телевизијата Канал 5 била застапена видно помалку. Па,така, за Стево Пендаровски била платена реклама од вкупно 2,4 часа, а за предвремените парламентарни избори само 55 минути.

Но, кој колку може ќе си плати, тоа е барем девизата во едно нормално пазарно општество, но што е со емитувањето на телевизиските прилози за вестите? Тие не се плаќаат од страна на партиите, тоа телевизиите го прават по сопствена волја за да ги информираат граѓаните, па оттаму суштинското прашање е зошто на една партија ѝ се дава повеќе простор отколку на друга?!

Во случајов, според извештајот на СРД, Канал 5 одвоила доволно простор за сите политички субјекти – во првиот круг за претседателските избори Иванов бил застапен со 57 минути, Пендаровски со 38, кандидатот на ДПА Илјаз Халими со 20 и кандидатот на ГРОМ Зоран Поповски со 23. Но, тука доаѓаме до директните обраќања кои биле пренесувани на вестите. И тука е разликата. Телевизија Канал 5 пренеле 61 обраќање од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ со времетраење од 1 час и 16 минути, а за СДСМ отстапиле само 11 минути за 17 обраќања. За ГРОМ биле отстапени 27 обраќања со 12 минути, за ДУИ 13 минути (22 обраќања), а за ДПА 8 минути (19 обраќања). Или, со други зборови, за ВМРО-ДПМНЕ биле пренесени повеќе обраќања од сите други партии заедно!

ТВ Канал 5 изборниот настап на Стево Пендаровски го коментираше експлицитно негативно, било врамен во поширокиот негативен контекст за предизборните политики на СДСМ и Коалицијата, било посебно, преку редакциските коментари од 16 април, со наслов: „Пендаровски: Граѓаните што гласаат за Иванов се стока“, и од 24 април, со наслов: „Зошто Пендаровски отиде на Косово да го моли Тачи?“, како и со прилогот од 25 април, насловен: „Пендаровски од Приштина со навреди за Македонија“, се вели во финалниот извештај на Советот за радиодифузија.

„НА ТИ ГО – ДАЈ МИ ГО“

Зошто ги одвојуваме само Сител и Канал 5 за да ја претставиме актуелната состојба политичко-медиумска состојба? Затоа што ако се вратиме 3 години наназад лесно ќе можеме да се види како таа политичко-медиумска соработка се продлабочувала, за на крај, за овие избори, да заврши чиста како солза.

Па,така, интересен беше фактот што за предвремените парламентарни избори во 2011 година коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ остана должник на едно чудо медиуми – околу1,6 милиони евра беше долгот на Канал 5 телевизија додека околу 750 илјади евра побаруваше Сител телевизија. Или, телевизиите, кои тогаш беа раководени од коалициските партнери на премиерот Никола Груевски останаа покуси за 2,4 милиони евра!

Сето ова пред Антикорупциската комисија беше исто како да не било. Немало ништо незаконско! Груевски тогаш  јавно призна дека имаат долгови, но наведе дека ќе ги решат овие финансиски проблеми. Фактот дека законот е дециден го игнорираа сите. Имено, сите парични изборни трансакции исклучиво треба да се одвиваат преку посебната изборна жиро-сметка, која, пак, требаше да биде затворена.

Ако сметките кон телевизиите биле подмирени, остана да види прашањето како ВМРО-ДПМНЕ туку-така нашла донации од 2,4 милиони вера! Кои се тие добротвори!? Ако долговите барем делумно останале, дали медиумите повеле судски спор за да го наплатат побарувањето пред тоа да застари? Или, ако најголемите спонзори – Сител и Канал 5, им го отпишале долгот, тогаш тоа треба да се смета како дополнителна донација. Во таков случај, треба да се провери дали овие суми, нели околу 2,4 милиони евра влегуваат во дозволените законски рамки.

Да потсетиме, донација на правно лице тогаш можеше да биде максимум до 5 отсто од вкупниот приход остварен претходната година, во случајов во 2010! Па, сега, пресметајте колкав вкупен приход треба да имал, на пример, Канал 5 за донацијата од 1,6 милион да е 5 отсто! Сега, со измените во Изборниот законик, донацијата на едно правно лице може да биде до 50.000 евра.

Овој случај се забошоти како да не бил, 2011 година не постои, остана само победата на ВМРО-ДПМНЕ.

Годинава, некои лекции се научија, но проблемите останаа – молкот на институциите во однос на финансиските извештаи и дупките што редовно се јавуваат, и секако, медиумите под капа на власта кои секогаш се тука за работите да станат розови… или обелени, како сакате!


Во Вечер и на Радио слободна Македонија фрчат попусти

Во Вечер и на Радио Слободна Македонија, според јавно објавените извештаи, реклами објавувало само ВМРО-ДПМНЕ. И си добиле попуст. Па, така, рекламите за изборите во дневниот весник „Вечер“, според ценовникот, треба да ја чинат владејачката партија околу 50.000 евра. Но, тука е попустот што решило да го даде раководството, па сега партијата ќе треба да плати околу 35.000 евра.

И Радио слободна Македонија ѝ дало попуст на владејачката партија, единствената што се рекламирала кај нив. Попустот е дури 50 отсто од реалната сума што медиумот претходно ја утврдил.

Долга е листата на медиуми-донатори за владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Тука, освен Вечер и Радио слободна Македонија, можат да се видат и многу локални медиуми. ТВ Кисс Тетово, ТВ Кочани, ТВ Здравкин Велес, ТВ Тера Битола, ТВ Менада Тетово, ТВ Орбис, ТВ Ирис Штип се само дел од медиумите кои решиле да ѝ дадат попуст за рекламирање на владејачката партија.

За СДСМ, пак, како донатори се јавуваат само неколку медиуми – Слободен печат, ТВ Телма, ТВ 24 вести, Амазон и Канал Вис.


Што вели Изборниот законик?

Член 75

Радиодифузерите, односно Јавниот радиодифузен сервис и трговските радиодифузни друштва што одлучиле да ги покриваат изборите се должни тоа да го прават на правичен, избалансиран и непристрасен начин во својата вкупна програма.

Член 75-а

Радиодифузерите ќе обезбедат избалансирано покривање на изборите во сите облици на изборно медиумско претставување на следниов начин:

а) за избор на претседател на Републиката, во согласност со принципот на еднаквост за сите кандидати за претседател и во првиот и во вториот круг од изборите;

б) за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, во согласност со принципот на пропорционалност според бројот на потврдени листи на кандидати за пратеници.

Член 85

Учесникот во изборната кампања е должен веднаш, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на завршување на изборната кампања за прв, односно втор круг да поднесе вкупен финансиски извештај за изборната кампања.

Поврзани новости