(АРХИВА): Како Пелистер и Марковски Компани „војуваат“ за богатите тендери на РЕК Битола?

by Фокус

Текстот е објавен на 14.04.2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1123

Центарот за граѓански комуникации, кој врши мониторинг на трошењето на јавните пари, објави дека во 2016 година склучени биле 605 договори за јавна набавка без објавување оглас, чија вкупна вредност изнесува 34,8 милиони евра. Поточно, најголемиот договор во 4 очи минатата година го склучил АД ЕЛЕМ со битолски Пелистер за ископ на јаглен и јаловина за потребите на РЕК Битола во износ од скоро 5,8 милиони евра. Притоа, во најголемите нетранспарентни договори има уште два што ги склучила државната компанија за производство на електрична енергија поврзани со ископ и транспорт на јаглен од рудниците во рамки на РЕК Битола, но овојпат со Марковски Компани за набавка на механизација, во вкупна вредност од 1.750.000 евра. Фокус неодамна пишуваше за подемот Марковски Компани и за битката што ја води токму со Пелистер за високите тендери на РЕК Битола.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Откако минатата недела обелодени дека ексразузнавачот и член нa партиското раководство на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Мијалков, влегол во бизнисот со нафта, опозицијата продолжува да реди компании блиски до се уште владејачката партија, која очигледно го користи овој период на политичка криза да се позиционира во најатрактивните бизнис сектори, но и да профитира на грбот на граѓаните. Всушност, СДСМ овојпат упати на милионските тендери од АД ЕЛЕМ за потребите на најголемиот производител на струја во државата – РЕК Битола, кои долги години наназад ги добиваат неколку компании во прилично контроверзни постапки.

Но, ако досега во фокусот беше врз „Пелистер“, „Силекс“, „Гранит“, „Трансмет“ и други компании кои ги добиваа тешките тендери главно за ископ на јаглен и за ангажирање механизација, овојпат вниманието на јавноста се сврте кон друга помалку експонирана фирма – „Марковски Компани“. Откривајќи тазе договор што оваа битолска компанија го склучила со акционерското друштво за производство на електрична енергија тежок 5 милиони евра, од партијата на Зоран Заев ја портретираа оваа „Марковски Компани“ како блиска до Мијалков, прв братучед на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Иако од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлија таквите обвинувања, сепак, оваа битолска фирма заслужува соодветно внимание, дотолку повеќе што податоците говорат оти доживува драматичен подем во последните неколку години, за што несомнено влијае соработката со РЕК Битола. Згора на тоа, многу компании во неофицијални разговори досега се жалеа дека „Марковски Компани“ им зема многу тендери пред нос, иако поседува послаби кадровски и технички ресурси, што влече дополнителен интерес кон неа.

СО ТЕНДЕРИТЕ РАСТЕ И ДОБИВКАТА

Според податоците од Централниот регистар, „Марковски Компани“ е основана во 2002 година, со паричен влог од 2.500 евра. Сопственик на оваа компанија, чија основна дејност е изградба на објекти од нискоградба, е битолчанецот Борче Марковски, кој воедно е и управител на друштвото. Марковски неодамна се врати во земјава по неколкугодишен престој во Србија, а минатата година беше избран за почесен конзул на Белорусија во Македонија. По тој повод, се случи едно од ретките појавувања на Марковски во јавноста, кога порача дека ќе даде максимален придонес за зајакнување на билатералната соработка меѓу двете држави.

Инаку, „Марковски Компани“ почнува да добива тендери во 2012 година, кога стартува и подемот на компанијата. Финансиските извештаи на друштвото за последните неколку години покажуваат дека компанијата во 2011 година остварила приходи од 2.722.500 евра и имала 61 вработени. Но, веќе во следната година, кога фирмата почнува да добива јавни средства, остварува двојно повеќе приходи (4,2 милиони евра), но и вработува речиси двојно повеќе луѓе (104). Автоматски, тоа резултира и со зголемување на добивката, која во 2011 година изнесува околу 947.000 евра, додека во 2012 година достигнала 1,26 милиони евра.

Ваквиот нагорен тренд на друштвото продолжува и во следните неколку години. Имено, „Марковски Компани“ во 2013 година остварува приходи од речиси 11 ипол милиони евра и профит од над 5 милиони евра, а во 2014 година вкупните приливи изнесуваат речиси 14 милиони евра, а профитот безмалку 7 ипол милиони евра. Тоа е врвот во работењето на друштвото, кое во 2014 година брои 203 вработени, по што во следните години бележи благ пад. Поточно, во 2015 година остварува приходи од нецели 8 милиони евра и профит од 2,8 милиони евра, а минатата 2016 година реализира приходи од 4 ипол милиони евра и профит од 332.000 евра. Бројот на вработените, пак, заклучно со минатата година, изнесува 190.

Оттука произлегува дека компанијата имала најплоден период во 2014 година, кога акумулирала рекордно ниво на таканаречени тековни средства, во кои спаѓа претежно готовина, во висина од над 7 ипол милиони евра. Меѓутоа, тековните средства минатата година паднале на 3 ипол милиони евра, што се должи на инвестициските циклуси во кои влегува компанијата. Во поткрепа на тоа, доколку во 2011 година во ставката нетековни средства, кои ги опфаќаат земјиштето, механизацијата и друг вид на капитал кој повратна вредност дава по извесно време, изнесувала нешто над еден милион евра, во изминатава 2016 година овие средства достигнале ниво од над 8 ипол милиони евра.

АСТРОНОМСКИ ТЕНДЕРИ ВО ЧЕТИРИ ОЧИ

Она што е специфично за „Марковски Компани“, речиси сите тендери ги добила од едно место, односно од АД ЕЛЕМ. Според податоците од Бирото за јавни набавки, во периодот од 2012 година досега, компанијата, самостојно или како носител на група понудувачи, склучила четириесетина договори за јавна набавка во вкупна вредност од над 55 милиони евра. Отприлика, тоа значи дека во просек добивала над 10 милиони евра годишно од акционерското друштво, што е повеќе од просечното ниво на приходи во последните 5 години, кои се движат околу 8 ипол милиони евра, што говори дека „Марковски Компани“ дел од договорите со АД ЕЛЕМ ги склучила во конзорциуми со други компании, каде заминале дел од парите.

Истовремено, симптоматично е и тоа што најголемите договори што компанијата ги склучила со АД ЕЛЕМ, кои важат за едни од највисоките договори воопшто склучени на ваков начин, не биле во отворена постапка, туку по пат со преговарање без претходно објавување оглас. По правило, овие договори се склучуваат со образложение дека нема доволно време да се спроведе тендер и мора итно да се склучи договорот, па наместо да биде објавен јавен оглас за сите компании да знаат за набавката, договорниот орган го користи законското право да повика на преговори неколку компании од листата на дузина квалификувани понудувачи.

Во таква постапка со преговарање без претходно објавување оглас е склучен и највисокиот договор меѓу АД ЕЛЕМ и „Марковски Компани“ на крајот на 2013 година за користење помошна механизација за потребите на подружница РЕК Битола во период од една година, во износ од околу 14 ипол милиони евра. Исто така, во постапка со преговарање ЕЛЕМ и „Марковски Компани“ склучиле договор и во 2012 година за ангажирање градежна механизација во износ од над 7 ипол милиони евра, со образложение дека не постои доволно конкуренција. Арно ама, ако на претходниот тендер имало двајца понудувачи, односно две понуди, за оваа зделка биле доставени дури пет понуди.

Во секој случај, двете страни склучиле и други високи договори во различен вид на постапка. Центарот за граѓански комуникации, кој врши мониторинг на трошењето на јавните пари, во анализата за највисоките 100 договори во периодот од 2010 до 2014 година ја сместува „Марковски Компани“ во Топ-10 компании, која инкасирала 17 милиони евра врз основа на три договори. Во анализата за периодот 2015-2016 година, пак, ЦГК издвојува 4 договори меѓу АД ЕЛЕМ и битолската компанија, кои влегуваат во топ-100 договори во овој период. Се работи за четири тендери за ремонтни активности и помошна механизација во вкупна вредност од 13 ипол милиони евра.

ВОЈНА СО КОНКУРЕНЦИЈАТА

Документацијата од Комисијата за жалби по јавни набавки, пак, покажува дека оваа битолска компанија во подем е во постојан судир со еден долгогодишен економски гигант од градот на конзулите – „Пелистер“, која, исто така, соработува исклучиво со АД ЕЛЕМ. Оваа градежна компанија која функционира уште од времето на поранешна СФРЈ ја управува битолскиот бизнисмен Силјан Мицевски, кој е поранешен градоначалник на Битола од редовите на СДСМ. Сепак, во меѓувреме тој се оддалечува од оваа партија и, како што открија и „бомбите“, има добри односи и тесна соработка со владејачката структура на ВМРО-ДПМНЕ.

Дека овие две компании се во своевиден конфликт кога станува збор за тендерите на АД ЕЛЕМ за РЕК Битола, покажува и фактот дека тие се обидуваат да ги урнат одлуките на акционерското друштво кога тоа склучува договор со другата компанија. Во таа насока, „Марковски Компани“ во 2014 година поднела жалба против одлуката на ЕЛЕМ да склучи договор со „Пелистер“ за ископ на јаглен и јаловина во рудникот Брод – Гнеотино, во вредност од дури 47,3 милиони евра. На овој астрономски тендер се јавиле три заинтересирани страни, меѓу кои и „Марковски Компани“, меѓутоа АД ЕЛЕМ како договорен орган не му дозволил да учествува на електронската аукција, бидејќи не ги исполнувал условите за соодветна референтна листа и за техничка опременост.

Иако „Марковски Компани“ побарала да биде земена во предвид, меѓудругото и поради тоа што имала подобра понуда од избраниот понудувач, сепак, Комисијата за жалби по јавни набавки ја оценила жалбата како неоснована и овој тендер го добил „Пелистер“, заедно со „Трансмет“. Сепак, „Марковски Компани“ продолжила да ги оспорува договорите што ЕЛЕМ ги склучувал со „Пелистер“, така што комисијата усвоила една од жалбите. Од таму се жалеле дека истата година ЕЛЕМ не ги повикал на преговори во постапка без објавување оглас поради итност, на тендер за помошна механизација, и покрај тоа што неколку години претходно компанијата успешно ја вршела оваа услуга.

Воедно, „Марковски Компани“ во жалбата навела дека договорниот орган свесно го поделил договорот на неколку помали договори, со цел да го спроведе во четири очи, наместо да примени отворена постапка, на која, според жалителот, би се јавиле повеќе компании, што ги продуцирала поголема и пониска цена. За разлика од претходниот случај, овојпат комисијата ја усвоила жалбата на компанијата, откако утврдила дека ЕЛЕМ спровел една иста постапка по два различни основи – итност и дополнителни работи. Затоа, предметот бил вратен на повторно одлучување.

ОДБРАНИ КОМПАНИИ НА ПРЕГОВОРИ

Но, двете компании биле и во обратна ситуација пред надлежната комисија што одлучува во однос на регуларноста и законитоста на јавните набавки. Само годинава, „Пелистер“ обжажил неколку одлуки на АД ЕЛЕМ да склучи договори со „Марковски Компани“ за ископ на јаглен и јаловина. Во едниот случај, надлежната комисија ја одбила жалбата, оценувајќи ја како неоснована, додека во другиот случај ја уважила жалбата и ја вратила постапката на повторно одлучување.

Во однос на едниот договор, „Пелистер“ се жалел дека не бил поканет да достави понуда и дека постојат материјални докази оти понудите на повиканите понудувачи не ги задоволиле дефинираните технички спецификации и барања во тендерската документација. Жалителот истакнал дека повиканите понудувачи, на чело со избраната „Марковски Компани“, доставиле неприфатлива понуда. Сепак, комисијата не ја уважила жалбата, бидејќи, како што образложила во решението, договорниот орган немал обврска да ги покани сите квалификувани понудувачи во ваква постапка.

Од друга страна, комисијата ја уважила другата жалба на „Пелистер“ истата година во врска со договор меѓу АД ЕЛЕМ и „Марковски Компани“. Жалителот елаборирал неколку аргументи, но комисијата не го прифатила ниту аргументот дека АД ЕЛЕМ не смеел да пренесе надлежност за спроведување на тендерот од страна на комисијата во рамки на подружницата РЕК Битола, ниту дека спровел несоодветен технички дијалог. Наместо тоа, ја поништила постапката врз основа на тоа дека тендерската документација за доделување договор за јавна набавка не била во согласност со Законот за јавните набавки и, според комисијата, тоа довело или можело да доведе до дискриминација на економските оператори или ограничување на пазарната конкуренција.

Кога и компаниите што инкасирале најмногу пари од високите тендери што ги спроведува АД ЕЛЕМ за потребите на РЕК Битола обвинуваат за незаконско спроведување на постапките, независно што тоа го прават кога ќе извисат, а дел од нивните наводи ги потврдува и надлежната државна комисија, сето тоа е повеќе од доволен индикатор дека овие тендери се кројат на начин за да ги добие однапред одбрана компанија. А, еден од моделите како тоа да се постигне дефинитивно е изборот на постапката, со оглед дека постапката со преговарање му дозволува на договорниот орган да ја елиминира реалната конкуренција на фаворитот и да му одбере фирми спаринг-партнери колку да се задоволи формата.

ОД ЗАДОВОЛНИ ДО ОСОМНИЧЕНИ

И покрај тоа што од АД ЕЛЕМ уверуваат дека сите јавни набавки се спроведени во законска постапка, сепак, таквите навидум категорични тврдења ги поби Специјалното јавно обвинителство, кое отвори истрага под назив Труст за незаконски спроведен тендер од акционерското друштво во државна сопственост. Станува збор за договор за ископ на јаловина во износ од 17 милиони евра, кој ЕЛЕМ во 2011 година го склучил со конзорциум од три компании, од кои две се добро познатите „Силекс“ и „Трансмет“, а третата е „Вато“ од скопско Студеничани.

Како што соопшти СЈО, конзорциумот го добил тендерот, повторно во постапка со преговарање без претходно објавување оглас, откако пријавил лажни податоци за механизацијата за да ги исполни условите. И покрај тоа, Комисијата за јавни набавки и стручната комисија оцениле дека конзорциумот ги исполнува условите и го добил тендерот, што 5 години подоцна резултира со отворена истрага, определен притвор, но и бегство на првосомничениот Сеад Кочан.

Иницијален момент за оваа истрага всушност се прислушуваните разговори кои опозицијата ги достави до СЈО. Дел од објавените разговори на оваа тема открија дека Груевски дава сугестии како да се распределат средствата преку тендери на АД ЕЛЕМ, при што поранешниот премиер нагласува сите да бидат задоволни, особено тие што им се битни. Тогаш, можеби биле задоволени сите амбиции и апетити, меѓутоа сега се поставува прашањето кој ќе биде следниот на листата на осомничени и обвинети?

 

Недостапни за коментар
МАРКОВСКИ НЕ ОДГОВОРИ НА НАШИТЕ ПРАШАЊА, МИЦЕВСКИ ОДБИ ДА ДАДЕ ИЗЈАВА

До „Марковски компани“ по официјален пат испративме неколку прашања, меѓу кои дали е точно дека сопственикот и управителот Борче Марковски е близок пријател со Сашо Мијалков, но до затворањето на овој број од неделникот не добивме никакви одговори.

И управителот на „Пелистер“ Силјан Мицевски одби да коментира околу тендерите на АД ЕЛЕМ, за кои често води битка со „Марковски Компани“ пред Комисијата за жалби по јавни набавки, при што последниот тендер успеа да го урне и да ја врати постапката од почеток.

Според неофицијални информации, тие се во исклучително лоши односи од проста причина што претендираат да ги добијат високите тендери на АД ЕЛЕМ, кој пак најчесто не ги спроведува во отворена постапка, на која секој би можел да учествува, туку поради наводна итност – спроведување постапки со преговори, на кои има слобода да покани кого сака.

 

Меѓупартиски обвинувања
НОВ МИЛИОНСКИ ДОГОВОР ВО ВРЕМЕ НА ПОЛИТИЧКА КРИЗА

Васко Ковачевски од опозицискиот СДСМ обзнани дека „Марковски Компани“, која, според него, е блиска до Сашо Мијалков, во март годинава склучила договор со АД ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина во износ од 5 милиони евра.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со блокадата на собранието овозможувуваат да продолжат бизнисите на Никола Груевски, а спречуваат да се формира нова реформска влада која ќе се грижи за потребите на граѓаните – рече Ковачевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, му возвратија дека ниту Мијалков, ниту ВМРО-ДПМНЕ имаат каква било поврзаност со договорот на РЕК Битола или со фирмата која што го добила тендерот.

Со пласирање на ваквите лаги, Ковачевски нема да му помогне на Зоран Заев да го протурка на мала врата распродавањето на највисоките државни и национални интереси – реагираа од ДПМНЕ.

Со реакција се огласи и АД ЕЛЕМ, од каде истакнаа дека сите постапки за склучување на договор со јавна набавка се спроведени по законски пат.

Поврзани новости